Македонски Shqip English

За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2019 – 2020

Потребно e свикување на подготвителна седница или јавна расправа во Уставниот суд на која експертската јавност би имала можност да даде своја правна аргументација за Законот за спречување и заштита од дискриминација

Имајќи ја предвид важноста на прашањето по однос на поведената постапка за оценување на уставноста на Законот за спречување и заштита од дискриминација и важноста за авторитетна интерпретација на членот 75 од Уставот, имајќи ги предвид различните толкувања на овој член, без навлегување во авторитетот на Уставниот суд, сметаме дека е потребно свикување на подготвителна седница или јавна расправа во Уставниот суд на која експертската јавност би имала можност да даде своја правна аргументација.

Во Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста Уставниот суд наведува “јасно и недвосмислено произлегува дека оспорениот закон може да се доведе под сомнение по однос на член 75 став 3 од Уставот. Ова, од причина што станува збор за донесување, односно усвојување на Закон кој што повторно се разгледува од страна на законодавниот дом- Собранието, кој што бил вратен и Указот на истиот не бил потпишан од претседателот на Републиката. Во тој случај, согласно член 75 став 3 од Уставот, е неопходно законот да се усвои со апсолутно мнозинство, односно со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи најмалку 61 пратеник треба да гласа за законот за истиот да биде усвоен. “ (Решение У.бр 115/19 на Уставен суд http://ustavensud.mk/?p=18839)

Согласно член 75, Уставот не пропишува механизам за забрана односно пречка за претседателот за потпише указ. Членот 75 од Уставот не го уредува прашањето за потребното мнозинство за донесување на некој закон, туку прашањето за прогласување односно промулгација на законите. Потребното мнозинство за донесување на закони се уредува со резидуалната норма од Амандман X (просто мнозинство) и одделните членови од Уставот во кои се пропишува некое посебно мнозинство (апсолутно или квалификувано). Ставот 3 на член 75 од Уставот, во таа смисла, не пропишува дека некој закон што се донесува со просто мнозинство, мора да се усвои со апсолутно мнозинство кога се усвојува по втор пат откако претседателот на Републиката претходно одбил да го потпише указот, туку само тоа дека ако при повторното разгледување се усвои со апсолутно мнозинство, тогаш претседателот е должен да ги потпише указот за негово прогласување.

Доколку Собранието го усвоило Законот со потребното мнозинство во случајот мнозинство гласови од присутните пратеници и тоа е во согласност со Амандман X од Уставот. Имено амандманот X предвидува дека Собранието може да одлучува само ако се присутни мнозинство од вкупниот број на пратеници и одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни пратеници а најмалку со една третина од вкупниот број на пратеници, што во случајов е неспорно исполнето.

Тоа што Законот не бил усвоен со апсолутно мнозинство (во случајов 61 „за“), само значи дека претседателот не бил должен да го потпише указот, но не и дека нема право да го потпише ако е донесен со потребното мнозинство (просто). Одредбата од член 75 став 3 од Уставот не поставува таква забрана на претседателот. Имено, претседателот би бил обврзан да го потпише указот за Законот откако бил изгласан со апсолутно мнозинство, дури и ако не сакал да го потпише. Но, доколку сакал, би можел да го потпише указот за Законот иако тој бил изгласан со обично мнозинство.

Не можеме да му го забраниме уставното право на Собранието да донесува закони со мнозинство од вкупниот број на присутни пратеници а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Не можеме ниту на претседателот да му го ускратиме правото да одлучува за потпишување на указот. На Собранието останува дали ќе обезбеди апсолутно мнозинство при враќање на законот за да потпишувањето стане обврска на претседателот.

Reakcija-za-Ustaven-sud.pdf (294 KB)