Македонски Shqip English

Мимоза Ангелеска

ДОГОВОР ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ

Вовед

Во наследното право на одредени законодавства, покрај законот и тестаментот, постои и трет правен основ за повикување на наследство–договорот за наследување. По својата правна сила тој претставува најсилен правен основ кој има приоритет пред тестаментот и законот. Во нашето наследно право, за разлика од други наследни права, договорот за наследување е забранет и ништовен речиси повеќе од седум децении. Место него беше воведен договорот за доживотна издршка кој од воведувањето па се` до денес е проследен со злоупотреби и дилеми.

За да дојде до наследување во конкретен случај, т.е.за да  дојде до пренос на имотот на физичко лице кое починало на неговите наследници потребно е да бидат исполнети некои основни претпоставки, односно услови, а тоа е да постои оставител, оставина и наследници. Едно лице, за да може да  се појави како наследник на оставината на определено лице (оставител), потребно е да постои правен основ врз кој тоа ќе стане правоприемник на имотот што останал во моментот на смртта на оставителот. Оттука, како четврта претпоставка за настанување на наследувањето се јавува правниот основ за наследување. Во минатото, а во некои земји и денес, како основ за повикување на наследство, покрај  законот и тестаментот, се јавува и договорот за наследување. По својата правна сила тој е посилен правен основ, за разлика од тестаментот и законот. Поради тоа има приоритет пред нив. Договорот за наследување, пред се` е двострано правно дело кое не може еднострано да се отповика, така што оставителот, се` до својата смрт, е должен да го почитува однапред договорениот распоред на својот имот.

Со оглед на специфичноста на договорот за наследување, како и од карактеристиките кои го одликуваат, во теоријата нема усогласени дефиниции со кои тој се определува.  Договорот за наследување, според  Владислав Ѓорѓевиќ "претставува двострано правно дело каде договарачите, двајцата или само еден од нив, го распоредуваат својот имот во случај на смрт".[1] Според мислењето на Оливер Антиќ и Зоран Балиновац "договорот за наследување претставува еднострано неотповикливo, двострано правно дело, кое правното дејство не го црпи само од волјата на оставителот, туку и од волјата на другата договорна страна".[2] Наташа Стојановиќ за договорот за наследување вели дека тој "претставува правен основ со кој договорните страни располагаат со својата оставина".[3] Имајќи ги предвид наведениве определувања се приклонувам кон мислењето на авторите според кои договорот за наследување  е договор со кој едно лице располага со целата или со дел од својата оставина во случај на смрт.

ПОЈАВА И ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ НА ДОГОВОРОТ ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ

Договорот за наследување, и покрај тоа што својата ,,вистинска ренесанса” ја имал во средниот век, датира уште од многу одамна. Имено, според едни историски сознанија овој договор своите корени ги влече уште од старото египетско и грчко право. Според други, договорот за наследување постоел во правото на древниот Вавилон и во него било дозволено да се располага со имотот за случај на смрт уште за време на живот.[4] Трета група автори смета дека ”коренот на настанувањето на договорот за наследување не е познат”.[5] Во раниот среден век постепено почнало да се практикува склучување на посебни договори (договори за наследување), или со наредба  на последна волја изразена во форма на тестамент, или во рамки на договор за отстапување на имот, договор за доживотна издршка, во брачен договор и слично. Во договорите за наследување биле внесувани "клаузули за договор за доживотна издршка" кои имале голема примена почнувајќи од раниот среден век -XIV и XVIII.[6]

     Современите договори за наследување водат директно потекло од пруското и од германското  средновековно право. Поголем дел од  современите наследни права го забрануваат договорот за наследување.

·         Договорот за наследување според Сојузниот закон за наследување од 1955 година

     Според Благоевиќ и Антиќ: "Темелите на новото современо наследно право, во поширокиот регион, во кој спаѓа и Република Македонија, беа поставени по завршувањето на Втората светска војна, односно со донесувањето на Законот за наследувањето, од 1955 година ("Службен лист на ФНРЈ" бр. 20/1955).[7] Принципите кои за прв пат на овие простори ги прокламира овој закон опстојуваа во  правните регулативи на поранешните југословенски републики, вклучувајќи ја тука и Република Македонија,

но опстојуваат и денес."[8] Законот за наследувањето од 1955 година се засноваше на следниве принципи:

-          единствено уредување на наследувањето;

-          рамноправност на граѓаните во наследувањето;

-          утврдување на законот и тестаментот како основи за повикување на наследство, со што се отфрли можноста за наследување врз основа на договор;

-          ретроактивно важење на законот за наследувањето;

-          оставинската постапка беше составен дел на законот за наследувањето.

            Во нашава земја, во одделни периоди, некои наследно-правни договори исто така биле познати за подоцна да бидат забранети, во зависност од општествено-економскиот и политичкиот развој на земјава, како и од ставот на општествената средина за дозволеноста и моралноста на секој од нив. Најпознат и најчесто практикуван договор во повоена Југославија, па и кај нас, бил договорот за наследување, кој со Законот за наследувањето од 1955 година е укинат.[9] Во почетокот правниот континуитет на договорот за наследување го прекинува судската практика преку своите одлуки. Подоцна, ваквата судска практика која не го прифаќаше договорот за наследување беше поткрепена и од страна на законодавецот и тоа со Сојузниот закон за наследувањето од 1955 година со кој  се озакони судската практика. Така,  начелото на забрана на договорот како основ за наследување и денес е присутно во сите наши републички и покраински закони за наследувањето.[10] Тргнувајќи од ова начело наследството во нашава земја се пренесува на наследниците на умреното лице исклучиво врз основа на закон и врз основа на тестамент. Во  член 6 од сојузниот Закон за наследувањето, од 1955 година, е наведено : ".. да се наследи може врз основа на закон и тестамент". [11]

  • Договорот за наследување според Законот за наследувањето од 1973

Со донесувањето на Уставните амандмани од 1971 година, нормативната надлежност за материјално–правните прашања од наследното право преминаа од федерацијата на републиките и покраините. Првиот македонски републички Закон за наследувањето е  донесен во 1973 година, во тогашна СР Македонија, а до неговото стапување во сила се применуваше сојузниот Закон за наследување, од 1995 година.[12]  Ваквата постапка се покажа како оправдана, со оглед на тоа што овој закон содржеше современи решенија кои во својата примена во практиката покажале многу позитивни резултати.[13] Со тоа беше напуштен принципот на единство во наследувањето и повторно беше востановен партикуларизмот во рамки на наследно-правниот режим.

  • Договорот за наследување според Законот за наследувањето од 1996 година

Законот за наследувањето, којшто Собранието на Република Македонија го донесе во септември 1996 година, е изграден врз истите начела на кои се засноваше и претходниот закон за наследувањето од 1973 година ("Службен весник на СРМ" бр.35/73, 27/78), односно врз Законот за наследувањето од 1995 година ("Службен лист на СФРЈ" бр.20/55, 12/65), чиј пречистен текст беше објавен во 1965 година ("Службен лист на СФРЈ бр.42/65"). Законот за наследувањето од 1996 година во Република Македонија  е во сила и денес.

Законот за наследувањето ("Службен весник на РМ" бр.47/96) во своето 15- годишно постоење е еден од ретките закони што воопшто не претрпел измени и дополнувања, што укажува на фактот дека се работи за закон кој одговара на општествено-економското уредување.  Сепак, откако се увидени неговите слабости, би требало да следат соодветни измени и дополнувања, особено ако се земат предвид реформите во наследно-правните прописи на голем број наследно–правни системи.

Во поглед на договорот за наследување  Законот за наследување од 1996 година пропишува ништовност (член 7). Договорот, како основа за повикување на наследство во кој двете договорни страни се спогодуваат дека онoј што ќе го надживее другиот станува негов наследник, со сите последици врзани со преносот на оставината што е уреден на ваков начин, не само што е исклучен како основа за повикување на наследство, туку на повеќе места во законот посебно се повлекува неговата ништовност.[14]

КАРАКТЕРИСТИКИ НА ДОГОВОРОТ ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ

Договорот за наследување претставува правно дело со кое договорните страни располагаат со својата оставина. Во случај кога договорните страни една со друга се именуваат за наследник,  постои взаемен договор за наследување. Ако само една договорна страна ја одредува другата за универзален сукцесор, тогаш постои едностран договор за наследување. Кога двете договорни страни именуваат за наследник трето лице, станува збор за двостран договор за наследување.[15] Според мислењето на проф. Антиќ "...без оглед за кој модалитет станува збор, овој правен основ правното дејство го црпи од волјата на оставителот, но и од другата договорна страна. Секој од договарачите е овластен слободно да располага со својот имот се до смртта ." Смртта на еден од договарачите претставува услов за стекнување на наследните права на другиот договарач. Меѓутоа, договорот за наследување најчесто се смета како алеаторен договор, така што страната која ќе надживее станува наследник на спротивната договорна страна (оставител)."[16]Овој договор е еден од основите за повикување на наследство. Во правните системи во кои е признат договорот за наследување, тој претставува најсилен правен основ  за повикување на наследство, но во поглед на применувањето во практиката доаѓа дури после тестаментот и законот. Договорот за наследување е правен основ кој може да настане единствено со согласност, со дадена изјава во која договорните страни ја изразуваат својата волја.  Специфично е тоа што оставителот не може со своја волја еднострано да ја одземе важноста, односно да го раскини ваквиот договор.

Договорот за наследување е двостран правен договор во кој договарачите, двајцата или само еден од нив, располагаат со  својата оставина во случај на смрт. Како правен акт договорот за наследување се јавува како начин на отстапување од наследните редови предвидени во законот и уредување на еден нов распоред за наследување сличен на распоредот кој може да се заснова со тестаментот. Кај некои од правата се` уште постои договорот за наследување како основ за повикување на наследство. Голема е разликата помеѓу кои лица можат да бидат склучени вакви договори (помеѓу сите лица или само меѓу брачните другари). Постои разлика и во поглед на способностите на договарачите (во однос на општата граѓанско -правна способност и тестаменталната способност),  во поглед на содржината на договорот, во поглед на можноста за одредување трети лица, а не само договарачите за наследувањe, во поглед на заедничката изјава на договарачите, во поглед на формата на договорот, во поглед на делот на оставината кој може да биде опфатен со договорот, во поглед на можноста за раскинување на договорот за време на живот на договарачите, како и во поглед на заедничките условни клаузули во случај на смрт на еден од договарачите.[17]

            Договорот за наследување го склучува полнолетно лице со потполна деловна способност, или лице со ограничена деловна способност, со согласност на законски застапник и надлежен орган. Како договорни страни кај договорот за наследување можат да се појават кои било лица, но во најголем број земји како страни на договорот се дозволувало да се појават исклучиво брачните другари.[18] Договор за наследување, како иден оставител, може да склучи по правило само лице кое е полнолетно и е со потполна деловна способност.

Отстапување од ова правило имаме кај лица со ограничена деловна способност, но во тој случај неопходна е согласност  од законски застапник и надлежен орган, но овој договор не може да се склучи преку полномошник. Договорот за наследување може да се склучи и во корист на  трето лице. Во ваков случај ваквиот договор нема никаква сличност со договорот склучен во корист на трети лица (inter vivos), помеѓу живи лица. Во првиот случај третото лице само го очекува своето наследно-правно овластување со отворање на наследството на договорниот оставител, за разлика од втората ситуација во која одредена престација, предмет на ваквиот договор, се извршува за време на живот на договорните страни. Договорниот наследник кај ваквиот договор практично ја прифаќа можноста за наследување на договорниот оставител. Со отворање на наследството тој може, како и секој друг наследник, да го прифати наследувањето со привилегијата на претходно потпишаниот договор за наследување или да се одрече од наследството.[19] Во поглед на формата, договорот за наследување е строго формален договор. За склучување на ваквиот договор потребно е да се исполнат соодветни услови. Во некои земји потребно  е присуство на нотар,  како и на  два сведока, а во некои земји овој договор се склучува во форма на јавна исправа.

Предметот кај договорот за наследување го определуваат договорните страни, а содржината на договорот може да се однесува на сиот имот што постои во времето на склучувањето, но со договорот може да биде опфатен и оној имот што допрва ќе биде стекнат.  Договорот за наследување за предмет може да ја има целата оставина или определен дел. Слободата на оставителот за располагање со својата оставина има  одредени ограничувања. Ограничувањата првенствено се однесуваат на нужниот дел, како и за заштита на нужните наследници. Според мислењето на Наташа Стојановиќ, во поглед на  дејството на договорот за наследување, "... доколку овој договор престане да важи, располагањата направени пред или откако ќе е склучен овој договор остануваат во сила".[20] Законот за наследување не дава право на кој било начин да се обезбеди наследно-правно овластување. Договорниот оставител со овој договор може да се обврзе дека нема да располага со одредени добра од оставината. Доколку го прекрши ова ветување обврзан е на договорниот наследник да му ја надомести штетата. Исто така и лицата во чија корист се одредени некои добра, се дополнителна гаранција во поглед на надоместување на штета.

            Овој договор, начелно, престанува да има дејство кога договорниот наследник умира пред оставителот. Договорниот наследник не може да се стекне со делот од оставината и во случај кога е неспособен или недостоен за наследување или доколку се одрече од наследство. Договорот за наследување во корист на трето лице договорните страни  може да го раскинат без согласност на бенифицијарот. За полноважност на ваквото раскинување на договорот потребно е истото да се направи во форма пропишана во договорот за наследување. Кај двостраните договори за наследување, како и за взаемните договори, во примена е правилото од кореспективен карактер коешто практично значи дека раскинувањето на договорот во поглед на располагањето со оставината од едната договорна страна го условува повлекувањето и престанокот на важноста на располагањето со оставината и на другата договорна страна.[21]

 

ДОГОВОРОТ ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во Законот за наследувањето на РМ е пропишано дека е ништовен договорот со кој некој ја остава својата оставина или нејзин дел на својот содоговарач или на трето лице (член 7). Покрај ова ништовен е и договорот за идно наследство или за легат (член 8 од Законот за наследување), како и договорот за содржината за тестаментот (член 10 од Законот за наследување).[22]

Ништовен е договорот за наследување кога е склучен во корист на едната страна или взаемно во корист на двете страни, или во корист на некое трето лице. Ваквиот договор е ништовен бидејќи и` противречи на слободата на располагањето во случај на смрт. Имајќи ја предвид неговата карактеристика на неотповикливост, оставителот, се` до својата смрт, начелно е врзан со договорениот распоред на својот имот. Во нашето наследно право договорот за наследување, бидејќи е ништовен, не произведува никакво правно дејство. Според тоа, не мора да се води спор за утврдување на неговата ништовност, а судот, ниту во некоја друга постапка, ќе го земе предвид. Изјавата за располагање со оставината, содржана во таков договор, не може да се смета по пат на конверзија (член 106 од ЗОО), ниту како изјава на последната волја содржана во тестамент. Ваквата ништовност на овој договор се однесува и во случај кога со него се определува легат. Одредбата за ништовност на договорот за наследување не се однесува на  наследно-правните договори, т.е. на договорите кои имаат карактер на правни дела меѓу живите (inter vivos), туку на определено наследно-правно дејство, како што се, на пример, договорот за отстапување на имотот за време на живот и договорот за доживотна издршка.[23]

 

  • Антиципирано одрекување од наследното право

Ако некое лице, уште додека оставителот бил жив, изјавило дека не сака да биде наследник на оставителот по неговата смрт, се поставува прашање дали на тоа лице му припаѓа наследното право? Антиципираното одрекување од наследното право, односно одрекувањето од наследтво кое не е отворено, нема никакво правно учество, тоа е ништовно, па не го спречува лицето кое однапред се откажало после оставителовата смрт да се стекне со наследно право. Лицето кое дало негативна наследничка изјава се смета дека никогаш не било наследник, се смета како тоа лице никогаш да не постоело. Во оваа смисла, во член 8, ст.1 од ЗН, е предвидено дека "откажувањето од наследство што не е отворено нема никакво правно дејство". Како резултат на тоа во нашето наследно право е пропишано дека е ништовен и договорот со кој некој го оттуѓува наследството на кое се надева, како и секој договор за наследство на трето лице кое е уште живо.[24] Ништовен ќе биде, исто така, и секој договор за  легат или за некоја друга корист на која се надева еден договарач од наследство кое уште не е отворено (член 8, ст. 2 од ЗН).[25] Во последните два договора за идно наследство или иден легат суштествено е тоа што како една од договорните страни, како оттуѓувач, се појавува лице кое очекува допрва да стане наследник, па во случајов се појавува како презумптивен наследник, што всушност го прави овој договор ништовен.[26]

 

ДОГОВОРОТ ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ ВО КОМПАРАТИВНОТО НАСЛЕДНО ПРАВО

  • Наследно-правните договори во Европа

Договорите за наследување, како резултат на правната традиција, најшироко се прифатени во германското право. Договорот за наследување во германското право е уреден во делот четврти од германскиот Граѓански законик (2274-2303). Германскиот Граѓански законик ги предвидува сите три облици на договорот за наследување: договорот за наследување во потесна смисла, договорниот легат и негативниот договор за наследување. Под влијание на германското право швајцарскиот Граѓански законик (Code civil suisse) од 1907 година, го предвидува договорот за наследување како правен основ. Австрискиот Општ граѓански законик (Allgemeins burgerliches Gesetzbuch-ABGB) – 1811 година- го предвидува договорот за наследување. Во австриското право договорот за наследување важи само помеѓу брачните другари кои со овој договор можат да располагаат само со ¾ од имотот, а за ¼ можат да состават тестамент.[27] Во Франција, според одредбите на Code Civil , договорното наследување е дозволено само помеѓу брачните другари. Договорното наследување во Франција претставува механизам со кој брачните другари меѓусебно можат да располагаат со својот расположлив дел во случај на смрт, по пат на отповиклив договор во практиката познат како “donation au dernier vivant”, односно како подарок во корист на преживеаниот брачен другар.[28]

  • Наследно-правните договори во Југославија

Сите наши републички и покраински закони за наследување содржат ист назив на поглавјата со кои се регулирани договорите кои имаат наследно-правни последици. Во сите закони глава четири носи наслов Наследно-правни договори, освен во законот за наследување на Црна Гора каде наследно-правните договори се наоѓаат во глава пет.

Ништовност на договорите за наследување е предвидена во следниве закони:

  • Закон за наследување на Република Србија, од 1995 година;[29]
  • Законот за наследување на Словенија, од 1976 година;[30]
  • Законот за наследување на Хрватска, од 2003 година;[31]
  • Законот за наследување на Црна Гора..[32]

 

(НЕ) ОПРАВДАНОСТ НА ЗАБРАНАТА НА ДОГОВОРОТ ЗА НАСЛЕДУВАЊЕ ВО НАШЕТО ПРАВО ДЕНЕС

Правниот континуитет на договорот за наследување на нашиве простори го прекинува Сојузниот закон за наследување, пропишувајќи ја неговата ништовност. Меѓутоа, дека не е така лесно да се раскрсти со ова правно дело ни укажува и дефиницијата на договорот за доживотна издршка, каде практично, но посредно, договорот за наследување егзистира во реалноста. Во областа на наследувањето останала негативната критика за договорот за наследување, која била актуелна уште со донесувањето на Сојузниот закон за наследувањето. Се зборува дека, во суштина, договорот за наследување е од шпекулативен карактер, дека неговата примена би довела до многубројни спорови меѓу наследниците и дека доведува до комплицирање на случаите за распределување на оставината. Прво изложено мислење е дека договорот за наследување, поради својот феудален карактер, е институт кој денес нема место во законодавството и во практиката. Овој податок, според правните експерти, е неприфатлив, а ваквиот став е поддржан со фактот што француското, австриското, германското и швајцарското право го имаат прифатено договорот за наследување како основ за повикување на наследство.[33]

Договорот за наследување е правен основ mortis causa, што укажува на тоа дека не смее да се запостави фактот дека на договорниот оставител  му останува слободата на располагање за време на живот на она што било предмет на договорот за наследување.

Ако на договорот за наследување му се припишува шпекулативниот карактер, па токму поради тоа овој договор се наоѓа на т.н. црна листа, тогаш зошто договорот за доживотна издршка, кој е со низа недостатоци, во практиката се применува со децении и тоа на штета на договорот за наследување. Според мислењето на Наташа Стојановиќ "кога договорот за наследување би бил дозволен правен основ, во тој случај, со негова примена би се заштитиле наследниците на договорниот оставител, би се заштитиле доверителите на договорниот оставител." [34]

Поради своите предности  договорот за наследување треба да биде признат како основ за наследување, така што, како дозволен правен основ на нашава територија може, во поголема мера, да се оствари слобода во уредувањето на правните односи спрема потребите и можностите на субјектите во правниот промет, а со тоа да се постигнe и поголем степен на правна сигурност. Непишано правило е дека кај нас распределувањето на оставината на одреден оставител редовно го следат спорови меѓу наследниците. Дали договорот за наследување во нашето право уште повеќе го комплицира распределувањето на оставина на одреден оставител или не, не може претходно да се знае. Одговорот може да води и кон двата правци, во зависност од конкретниот случај. На крајот на краиштата, ни другите договори со кои се распределува оставината   (на пр. договорот за доживотна издршка) не се беспрекорни во таа насока, но во реалноста не се доведува во прашање нивната егзистенција. Позната и оправдана е правничката констатација дека со договорот за наследување се ограничува слободата на располагање со добрата mortis causa, но  таа може, во значајна мера, да биде соодветно регулирана со пропишувањето на закони кои ќе се однесуваат на правата на договорните страни во договорот да предвидат можност за раскинување на договорот со еднострана изјава на волја на договорниот оставител да се раскине договорот врз основ на закон поради неизвршување на договорните обврски на договорниот наследник, или поради постоење на причини за исклучување од наследство или за лишување од нужен дел.[35]

 


[1]               Ѓорѓевиќ Ѓ. Владислав, Договори во наследното право, Наследно право, Институт за истражување на правото, Ниш, 1997, стр 369.

[2]               Antić Oliver, Ugovor o nasleđivanju i drugi zabranjeni nasledno–pravni ugovori u nasem pravu, Beograd, APF, 5/1986, str 512.

[3]               Stojanović Nataša, “Zašto je ugovor o nasleđivanju zabranjen u  našem pravu?“ Pravni život, Udruženje pravnika Srbije, Beograd, br.10/2003, str 163.

[4]               Во еден документ, кој датира од втората година на Набодинус, 535 година п.н.е., стои дека вдовицата Гуџуа го поделила имотот на нејзините синови, давајќи му најголем дел на најстариот син, под услов за време на нејзиниот живот да ја храни и облекува. За возврат, таа се обврзала дека нема ништо да оттуѓува од својот имот, ниту да го става во долгови. Види повеќе кај: George Aron Barton, Contracts in Assyrian and Babуlonian Literature Selected Transactions, With a Critical Introduction by Robert Francis Harper, D. Appleton Company, New York, 1904, str 256-276, цитирано според Ристов Ангел, Дали е потребен договорот за наследување во македонското наследно право? Скопје

[5]               Повеќе за ова види кај Ристов Ангел, Дали е потребен договорот за наследување во македонското наследно право? Јуридика 2011, стр.3.

[6]               Манчев Димитар, Договорот за доживотна издршка во теоријата и практиката на Република Македонија, Кавадарци, 1997 година, стр. 19.

[7]               Врз основа на член 71, точка 2 од Уставниот закон за основите за општествено и политичко уредување на ФНРЈ и сојузните органи на власта, се прогласува Законот за наследувањето, што го усвои Сојузната народна општина на Сојузниот собир од 23, април, 1955 година.

[8]               Antić, Blagoević, Ugovor o nasleđivanju i drugi zabranjeni nasledno–pravni ugovori u našem pravu, str. 514.

[9]                 Спировиќ Трпеновска, Наследно право, Скопје 2009, стр. 227;

[10]             Ibid, str. 514.;

[11]             Види кај Закон за наследување, (Службен лист на ФНРЈ, Пр.бр 9, 25 април 1955 година).

[12]             Исклучок од ова претставуваше наследното законодавство на Б и Х, кое предвидуваше посебни правила во поглед на наследувањето  на авторските права на оставителот, кои можеа да ги наследат  само тесен круг од законските наследници.

[13]              Видèћ Јелена “Наслећивање у Србији”...str.30, цитирано според Спировиќ Трпеновска, Мицковиќ, Ристов, Наследно право во Македонија, стр. 14.

[14]             Д-р  Хаџи Василев  Миле - Вардарски, Наследно право…, стр. 87.

[15]             Stojanović Nataša, “Zašтo je ugovor o nasleđivаnјu zabrajnen u našеm pravu?”..., str. 163.

[16]             Antić Oliver, Balinovac M. Zoran, Komentar zakona o naslеđиvanјu, Beograd, 1996, str. 477.

[17]             Blagoević T. Borislav, Nasledno pravo u Jugoslaviji, prava republika i pokrajina, Savremena administracija, Beograd, 1983, str. 304.

[18]             Хаџи Василев Миле - Вардарски, Наследно право…, стр. 282.

[19]             Stojanović Nataša, “Zasto je ugovor o nasleđivanјu zabranјen u našem pravu?” …., str. 166.

[20]             Ibidem.

[21]              Stojanović , “Zàšto je ugovor o nasleđivanјu zabranјen u našem pravu?”...,  str. 172.

[22]             Член 7, 8 и 10, Закон за наследувањето, (Службен весник на Република Македонија, стр 2708-бр.47);

[23]             Д-р Чавдар Кирил, Коментар на законот за наследувањето..., стр.22.

[24]             Службен весник на Република Македонија, стр 2708-бр.47, 12  септември, 1996 година, член 8, Закон за наследување.

[25]             Ibidem.

[26]             Stojanović, “Zašto je ugovor o nasleđivanju zabranjen u našem pravu?”..., str.172.

[27]          Спировиќ Трпеновска,  Мицковиќ,  Ристов, Наследувањето во Европа, стр 377.

[28]           Ibid, str 37.

[29]          Služben glasnik R.S, br 46/1995 god, clen 179, Zakon o nasleđivanju

[30]          R.Slovenija, Zakon o dedovanju (ZD).

[31]          Zakon o nasleđivanju, br. 01-081-030-922/2, Zagreb, 18.2003 g, clen 102.

[32]         Službeni list C.G, br.74/2008 godina od 5.12.2008 godina, Zakon za nasleđivanje.

[33]         Stojanović Naтaša, “Zašto je ugovor o nasleđivanju zabranjen u našem pravu?”..., str. 173.

[34]          Ibidem.

[35]             Stojanović Nataša, “Zašto je ugovor o nasleđivanju  zabranjen u našem pravu?”..., str.  174.