Македонски Shqip English

Гоце Коцевски

ДВЕ ГОДИНИ ОД ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Анализа на предизвиците со кои се соочува Законот во неговата примена

Во Јули 2012 год. се навршија две години од започнувањето со примената на Законот за бесплатна правна помош. Законот претсавува новина во македонскиот правен систем во однос на олеснувањето на пристапот до правдата за лицата чија материјална положба го отежнува остварувањето на нивните права. Временската рамка од две години дава можност да се направи осврт на досегашната примена, на резултатите кои се постигнати, како и на предизвиците со кои се соочува Законот. Во понатамошниот текст е содржана анализа на првите две години од примената, со посебен осврт на проблемите и предизвиците кои се појавија од стапувањето во сила на Законот. 

Појдовна точка во анализава е утврдувањето дали и во која мера досегашната примена на Законот овозможува остварување на целта поради која и е донесен[1], а тоа е овозможување еднаков пристап до институциите за сите граѓани преку овозможување ефективна правна помош врз основа на начелото на еднаков пристап до правдата. Со други зборови, предмет на оваа анализа е да се утврди дали Законот реално придонесува за олеснување на пристапот до правдата за граѓаните, или, како и со многу други законски текстови во РМ, е само мртво слово на хартија. Анализава е заснована  врз наодите од набљудувањето на примената на Законот за бесплатна правна помош, кое го спроведува Македонското здружение на млади правници со подршка на Фондацијата Отворено општество Македонија, на комуникацијата со засегантите страни од примената на Законот (овластените здруженија[2], адвокатите, корисниците на правото), како и на заклучоците и препораките содржани во анализата „Бајка или реалност„ – Бесплатната правна помош во Република Македонија[3].
 

1. Правото на еднаков пристап до правдата и македонскиот правен систем 

Законот го адресира проблемот со нееднаквиот пристап до правдата за граѓаните кои поради сиромаштија, правна неукост и неинформираност или припадност на ранлива категорија на граѓани не се во можност да поведуваат постапки за остварување и за заштита на своите права. Овој проблем е од уставно- правно значење затоа што се однесува на неможноста за остварување на правото на еднаквост од чл. 9 од Уставот на РМ. Со други зборови,  Законот за бесплатна правна помош (ЗБПП) не е ништо друго туку алатка за остварување на правото на еднаквост на граѓаните во однос на остварувањето на нивните права пред надлежните институции. Покрај правото на еднаквост, ЗБПП се однесува  и на остварувањето на правото на еднаков пристап до правдата. Иако ова право, како такво, не е предвидено со Уставот на РМ, сепак со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права[4] и ова право е дел од македонскиот правен систем и државата мора да создаде гаранции за негово почитување и остварување.

Иако во Конвенцијата ова право е предвидено само за осомничените и обвинетите во кривичните постапки, сепак јуриспруденцијата на Европскиот суд за човековите права, со поширокото толкување на чл. 6, воспостави обврска за државите во определени случаи да овозможат бесплатна правна помош за странките кои тоа не можат да си го дозволат.  Ова произлегува од пресудата на Европскиот суд во предметот Airey v. Ireland (Series A no. 32, 1979) во која утврди дека во определени околности ЕКЧП може да бара обезбедување правна помош за сиромашни странки во граѓански спорови (види Airey v. Ireland, para. 26). Согласно со чл. 6, ст. 1,  државите се обврзани да му гарантираат на секое лице ефективно право на пристап до суд во утврдувањето на граѓанските права и обврски. Државите можат да го изберат методот за обезбедување на ова право - преку поедноставување на постапките, преку обезбедување на правна помош во граѓански предмети или преку други начини. Судот потенцира дека покрај случаите во кои според домашното право бесплатната правна помош е задолжителна, истата треба да биде достапна и во предметите во кои има сложени правни и процедурални прашања.

Со цел остварување на споменатите права, а имајќи ја предвид автохтоната потреба на сиромашните граѓани од бесплатна правна помош,  во македонското право и пред  донесувањето на Законот за бесплатната правна помош постоеа механизми за олеснување на пристапот до правдата за сиромашните граѓаните кои не се во можност да ги сносат високите трошоци  на постапките. Вакви одредби беа предвидени во Законот за судски такси, Законот за парнична постапка и Законот за управна постапка. Карактеристично за овие одредби е тоа што предвидуваа целосно или делумно ослободување од плаќањето на судксите или управните такси, како и од останатите трошоци на постапката. За стекнување со правото за ослободување потребно е да се поднесе барање до надлежниот орган во кое ќе бидат приложени докази за материјалната положба на барателот. Сепак, невоедначесноста (различни постапки и услови) и долготрајноста (постапката за суштината на спорот се одолговлекува со постапката за ослободување од трошоците) ја доведуваат во прашање ефикасноста на овие одредби.
 

2. Потребата од бесплатна правна помош

Граѓаните и останатите лице кога имаат потреба од остварување на своите права поведуваат соодветни постапки пред надлежните органи (управа и суд). Исходот, односно успехот во овие  постапки зависи од познавањето на правото и од поднесувањето на трошоците кои се потребни за постапките. Со други зборови, непознавањето на правото, отсуството на квалитетен правен совет и застапник,  како и неможноста да се покријат трошоците што настануваат во рамки на постапката резултира со неуспех во соодветната постапка и со неостварување на правото поради кое и е поведена постапката. Овде се поставува прашањето дали можеме да зборуваме за еднаквост пред законите кога дел  од граѓаните можат да си ги дозволат споменатите трошоци за застапување од страна на искусни и квалиттени адвокати, додека на останатите им останува да се потпрат само на добрите намери на обвинителството и на судот? Обезбедувањето на еднаков пристап до правдата е еден од континуирано најприсутните и најтешки за дефинирање (опфат) предизвици во демократските системи. Секое општество во кое владеењето на правото е темелна вредност треба  да биде особено осетливо кон ова прашање. Правото на пристап до правдата гарантира дека секое лице има право на пристап до независен и непристрасен суд, односно до државен орган и можност, во фер и правнична постапка, да ги оствари своите права, односно да се одлучи за неговата слобода и имот. Клучни тешкотии и предизвици во остварувањето на ова право се високите судски и административни такси, високите трошоци  кои ги побарува самата постапка, високите трошоци за адвокатски услуги, рестриктивноста и сложеноста на постапките, недоволното спроведување и корупцијата.

Граѓаните на РМ имаат значителна потреба од донесување  квалитетен Закон за бесплатна правна помош, пред се` од причина што една третина живее во сиромаштија. Оваа третина од вкупното население живее и се издржува од минимални приходи кои не се во можност ниту да го прехранат домаќинството, а не пак да се предвидат за други намени. Овие граѓани, кога имаат законска можност да бараат остварување или заштита на некое свое право, се соочуваат со неможност да добијат квалитетен правен совет за решавање на правното прашање, кое најчесто се решава во сложена правна постапка, затоа што не се во можност да ја платат адвокатската награда и надоместок. Понатаму, овие граѓани се соочуваат и со неможност да ги платат судските такси, како и останатите трошоци на постапката кои е потребно да се платат однапред. Заради тоа тие не се ни одлучуваат да поведат постапка или ги прекинуваат веќе започнатите постапки за остварување на своите права. Ваквата финансиска бариера, која ги спречува овие граѓани да водат постакпи, става една третина од населението во РМ во нерамноправна и нееднаква положба во однос на останатите граѓани. Друг значителен фактор што ја наметнува потребата од Закон за бесплатна правна помош е правната неукост и правната отуѓеност на граѓаните. Лаички речено, значителен дел од граѓаните не знаат ниту како фунцкионира правниот систем во државава, не ги знаат своите права, ниту како да ги заштитат и каде да се обратат во случај на правен проблем. Овој проблем значително е раширен последниве години, со честите измени на законите кои се тешки за следење и за професионалците во правната професија. Проблемов може успешно да се адресира само преку ефикасен систем на претходна правна помош. Покрај споменатите два фактора, потреба од бесплатна правна помош имаат и специфични категории на граѓани кои поради нивната посебна положба се особено ранливи и не се во можност да имаат ефикасен пристап до правдата (семејно насилство, деца и малолетници, жртви на кривични дела, социјални случаи, бегалци, баратели на азил, странци и сл.).
 

3. Клучни наоди од примената на Законот за бесплатна правна помош

Законот за бесплатна правна помош беше донесен во 2009 год., а започна да се применува од јули 2012 год. Во продолжение на текстов се дадени клучните наоди од неговата досегашната примена.
 

1.      Мал број поднесени барања за бесплатна правна помош;

Во двегодишната примена на Законот воочлив е малиот број поднесени барања за бесплатна правна помош. Во првата година се поднесени само 118 барања, додека во втората година 154 барања[5]. Ова е мошне мала бројка, ако се земе предвид дека речиси една третина од населението во РМ живее под нивото на сиромаштија. Само за споредба, во Република Хрватска, држава со двојно повеќе население, во првата година од стапувањето во сила на тамошниот Закон биле поднесени 4.283 барања, додека во следната, 2010 година, бројот на барањата се удвојува на 8.755[6].  Во Република Бугарија, во првата година од примената на Законот за бесплатна правна помош, одобрена е правна помош во повеќе од 29.000 поединечни случаи[7]. Причините за малиот број поднесени барања можат да се бараат пред се`  во незначајната промоција на овој закон, особено спрема ранливите категории граѓани. Неговото објавување кај регистар на адвокати и на ВЕБ сајтот на Министерството и два пати годишното организирање на манифестацијата под назив “Денови на правен совет“[8] не е доволна промоција на правото на бесплатна правна помош. Покрај незначајната промоција, значаен фактор кој ги одвраќа граѓаните од поднесувањето барања за бесплатна правна помош е и ригидноста и преголемата строгост на условите[9] кои е потребно да се исполнат со цел да се стекне право на бесплатна правна помош. Особено ограничувачки услов е потребата барателот да не поседува имот чија вредност надминува 5 просечни плати, ако се земе предвид дека во РМ најголем дел од населението поседува каков-таков недвижен имот кој најчесто е резултат на наследство. Мошне поразително е и што бројката на поднесени барања воопшто нема тенденција на зголемување, туку токму спротивното, истата се намалува, а  тоа укажува на сериозните проблеми кои ја доведуваат во прашање применливоста на Законот. Со ваков тесен опфат на Законот тешко е да се претпостави дека тој е во можност да придонесе за остварување на еднаков пристап до институциите за граѓаните и останатите лица.

 2.      Поголем број одбиени од одобрени барања за бесплатна правна помош;

Карактеристично за примената на Законот е дека има повеќе донесени решенија со кои се одбиваат барањата, отколку дека се одобруваат. Досега се одобрени 93 барања, наспроти одбиените 133. Само за споредба, во Република Хрватска, во првата година од примената на тамошниот Закон се одобрени 2.940 барања, додека се одбиени  895. Овој сооднос е дополнителен индикатор за неоправданата престрогост во пропишувањето на условите кои барателите требаат да ги исполнат за да се стекнат со право на бесплатна правна помош. Законот, во пропишувањето на условите, го ограничува пристапот до бесплатна правна помош на три нивоа[10]. Првото ниво е условувањето на бесплатната правна помош со користење определен правен статус (корисници на социјална помош, најниска пензија, инвалидски додаток и детски додаток). Лицата кои не ги остваруваат овие права не можат да добијат бесплатна правна помош дури и да не поседуваат никаков имот, ниту доколку остваруваат каков било приход. Ова ја предизвикува парадоксалната ситуација во која лице кое исполнува услови за социјална помош има потреба од правна помош за да го оствари тоа право, а нема да му биде одобрена бесплатна правна помош со образложение дека не е корисник на социјална помош. Второто ниво со кое се ограничува пристапот до бесплатната правна помош е ограничувањето на вкупниот месечен приход кое го остварува домаќинството на половина од просечната месечна исплатена плата во РМ (11.000 ден). Со други зборови, претходно споменатите категории на граѓани мораат да го исполнат и овој дополнителен услов. Проблематично кај овој критериум е тоа што не ја зема предвид бројноста на домаќинството како критериум при ограничувањето на месечниот приход. Не е иста загрозеноста на издршката на домаќинства кои имаат повеќе од 8 членови, и на самец, без оглед што остваруваат идентичен месечен приход. Доколку сепак барателот ги исполнува претходните два услова, сепак  се соочува со третиот, кој се покажа како најограничувачки, а тоа е вкупниот имот на барателот да не надминува 5 просечни плати. Со други зборови, секој кој поседува каков било недвижен имот, не правејќи разлика дали се работи за некоја трошна куќа, мал стан, ливада, нема пристап до бесплатна правна помош. Се поставува прашањето дали околноста дека определено лице поседува недвижен имот е доволен индикатор дека на лицето не му е загрозенаа издршката и дека може само да ги сноси трошоците на постапката?
 

3.      Неконзистентна и невоедначена примена на Законот во однос на видовите правни прашања за кои може да се одобри бесплатна правна помош;

Во однос на примената на законските одредби забележана е неконзистентна и невоедначена примена. Ова особено се однесува на чл. 8 од Законот во кој се пропишани правните прашања за кои може да се одобри бесплатна правна помош. Контрадикторната одредба во која ст. 1 и ст. 2 си противречат, како и недоволното прецизирање на видовите правни прашања, предизвикува донесување различни одлуки за идентични фактички состојби. Мошне впечатливо правно прашње околу кое имаше различни толкувања е обезбедувањето правна помош во постапка за развод на брак. Иако изрично како такво не е наведено во чл. 8 ст. 2, сепак Министерството во два наврати има одобрено бесплатна правна помош во постапка за развод на брак, додека во останатите идентични барања има донесено решение со кое не се одобрува правна помош, со образложение дека ова правно прашање не е предвидено во чл. 8 од Законот. Неконзиснетноста е впечатлива и за правното прашање Заштита на деца и малолетници. Нејасниот опфат што се`  потпаѓа под оваа категорија доведе до неколку котрадикторни одлуки. На пример, одобрена е бесплатна правна помош во постапка за обезбедување издршка на малолетно дете, додека во друг случај е одбиено барање за правна помош за застапување во постапка за алиментација за малолетно дете.  Иако издршката и алиментацијата се термини кои означуваат идентично право, Министерството постапило неконзистентно. Ваков пристап има  и за правното прашање Заштита на жртви од казниви дела. Така, одобрена е бесплатна правна помош во неколку случаи во постапка за остварување имотно правно побарување како оштетен од кривично дело, додека во други две решенија со идетнични барања истите се одбиени. Ваквата практика во примената на овој закон е директна спротивност со очекувањата за постојаност и предвилдивост на правото и ја руши довербата кај барателите во  институциите на системот. 
 

 

 

4.      Постапката за остварување на правото на бесплатна  правна помош ги надминува законските рокови

Постапката за остварување на правото на бесплатна правна помош Законот ја предвидува како итна постапката,[11] односно органите кои постапуваат по барањата се должни истите да ги земат во работа водејќи сметка за итноста на постапката. За таа цел предвиден е рок од 12 дена од приемот на барањето во кој подрачното одделение на Министерството за правда е должно да го комплетира барањето со потребните податоци и да го препрати до Министерството на одлучување. Во прилог на забрзување на постапката предвиден е и рок од 3 дена во кој имателите на информациите релевантни за барањето се должни да одговорат на подрачното одделение[12]. По препраќањето на комплетираното барање до Министерството, истото е должно да донесе одлука во рок од 8 дена[13]. Со други зборови, Законот начелно предвидува брза постапка за остварување на правото на бесплатна правна помош. Сепак од спроведениот увид во донесените решенија се утврдува дека речиси и нема донесено решение во законскиот рок од 20 дена. Во просек, по барањата се одлучува во рок од 50 – 60 дена, што е далеку над законскиот максимум. Причините за ваквото одолговлекување можат да се идентификуваат во: неажурноста на подрачните одделенија во постапувањето, сложеноста на податоците кои се бараат, неажурноста на имателите на информации кои се должни да ги достват бараните информации за имотната состојба на барателот[14], како и во ажурноста на Министерството за правда. Со одолговлекувањето на постапките последиците ги чуствуваат барателите кои имаат потреба од брза и ефикасна правна помош во правен систем во кој остварувањето на правата зависи од преземање дејствија во законски определени рокови. Ваквото постапување ја прави законската можност за обезбедување правна помош во прашања од областа на работните односи и од пензиско, социјално, здраствено и инвалидско осигурување безпредметна и неприменлива. Остварувањето и заштитата на споменатите права е условено од поведувањето дејствија во кратки преклузивни рокови (8, 15 и 30 дена) кои, имајќи ја предвид практиката решенијата за бесплатна правна помош да се одобрувааат во просек 50-тина дена по поднесеното барање, со голема веројатност ќе бидат пропуштени и ќе се изгуби можноста за заштита на правата.
 

5.      Законот за бесплатна правна помош не е приспособен со Законот на парнична постапка и со Законот за општа управна постапка во однос на одредбите за трошоците на постаките

Законот предвидува дека бесплатната правна помош опфаќа два вида трошоци: (1)  трошоците на постапката што настанале по денот на одобрувањето на барањето за доделување бесплатна правна помош и (2) дејствијата за правна помош кои по денот на одобрувањето на правната помош сè уште не биле извршени. За дејствијата на правна помош не е спорно дека се опфатени со бесплатната правна помош затоа што Законот содржи одредби со кои се уредуваат давателите, видот на правните дејтсвија и постапката со која се исплатува наградата и надоместот на трошоците за преземените правни дејствија. Проблемот настанува со трошоците на постапката чии видови, наплата и последици од неплаќањето се уредени со посебни процесни закони со кои се уредуваат постапките на кои се однесуваат. Законот за бесплатна правна помош не предвидува никаков механизам на кој начин бесплатната правна помош може да ги надомести овие трошоци, ниту пак упатува на соодветните одредби од ЗПП т.е ЗОУП. Решението за одобрување на бесплатната правна помош не носи ослободување од плаќање на трошоците на постапката, бидејќи ослободувањата се уредени со процесните закони и со Законот за судски такси, а тие закони не содржат одредба која укажува на постоење на Закон за бесплатна правна помош. Со ова на сиромашните граѓани им се оставени две до три различни постапки (ЗБПП, ЗПП и ЗСТ), кои се уредени различно и кои поради фактот што предвидуваат различни критериуми можат да доведат до случај лицето на  кое му е одобрена бесплатна правна помош да биде одбиено во барањето за ослободување од судски такси и спротивното.  
 

6.      Претходната правна помош целосно е неприменлива во практиката

Една од новините кои ги предвидува Законот е и претходната правна помош како облик на бесплатната правна помош. Досега непозната за нашиот правен систем, претходната правна помош е предвидена во поголем дел од законите за бесплатна правна помош во европските земји и најчесто вклучува давање правни информации, практични совети за решавање едноставни правни прашања, иницијални совети за решавање сложени правни прашања, упатување до надлежен орган, советување и сл. Истата е мошне ефикасно средство за надминување на правната отуѓеност на граѓаните и за зголемување на правната едуцираност, особено поради фактот што во најголем дел од државите не е условена со строги критериуми, и начелно, сите имаат право на претходна правна помош. Во РМ е предвидено што опфаќа ППП, како 1. Општа правна информација; 2. Иницијален правен сосвет за правото на користење на правната помош; 3. Правна помош при комплетирањето на барањето за правна помош[15]. Проблемот настанува затоа што Законот предвидува идентична постапка како и за давање правна помош во судски  и во управни постапки. Ова значи дека, доколку определено лице има потреба од иницијален правен сосвет за правото на користење на правната помош, истото ќе треба најпрвин да поднесе барање до надлежното подрачно одделение, барањето да се процесуира, па доколку се одобри, лицето ќе се обрати до овластеното здружение да добие совет за постапката која штотуку ја поминал. Ваквата бесмисленост и нелогичност оправдано ги демотивира луѓето да не ја употребуваат законската можност, туку да се обидуваат на неформален начин да ја добијат бараната информација, за што здруженијата немаат можност да наплатат трошоци кои ги имаат заради вработување  правник со положен правосуден испит како услов да стекнат овластување за давање правна помош. Поради споменатово,  претходната правна помош, поради конфузната уреденост, е неприменлива, во очекување е на некои подобри времиња и не е во можност да придонесе за надминување на правната отуѓеност и неукост на македонските граѓани која е на мошне високо ниво.
 

7. Здруженијата немаат интерес да се стекнат со овластување за давање  претходна правна помош;

Законот овозможува претходната правна помош, покрај од подрачните одделенија на Министерството, да биде обезбедувана и од здруженија кои  исполнуваат определени услови и  имаат стекнато овластување за давање правна помош од Министерството за правда, а за дадената правна помош да им следува надомест на трошоците. Ова е новина која е за поздравување и на некој начин е вовед во деинституционализацијата на бесплатната правна помош, односно овозможува претходната правна помош да биде давана од стручни и искусни здруженија кои имаат најлесен пристап и комуникација со ранливите категории граѓани. Сепак, од стапувањето во сила на Законот само 4 здруженија се имаат стекнато со овластување за давање претходна правна помош, додека дополнителни 2 имаат поднесено барање, меѓутоа се одбиени. Карактеристично за стекнувањето со овластување за овие 6 здруженија е обезбедената подршка преку конкретен проект од поединечен донатор (ФООМ). Со други зборови, доколку не беше обезбедена таа подршка досега немаше да има ниту едно здружение запишано во регистарот при Министерсвото за правда. Непостоењето интерес кај здруженијата кои имаат долгодишно искуство и експертриза во давањето правни услуги за определени ранливи категории граѓани (жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе, корисници на наркотични средства, бегалци и сл.) е резултат на неквалитетните решенија во Закон кои се однесуваат на условите што здруженијата мораат да ги исполнат, на постапката за обезбедување на претходната правна помош и на забраната за рекламирање. Законот, како услов за стекнување со овластување, бара засновање работен однос со правник со положен правосуден испит и не дава можност за ангажирање правник на друг начин. Ова претсвува значителен финанскиски трошок на здруженијата кои, соочени со неизвесноста од надоместот на трошоците и бројката на предмети по кои би ги постапувале би се довеле до ризик од засновање работен однос со лицето. Поврзано со неизвесноста од наплатата на надоместоткот е и неприменливоста на претходната правна помош опишана во погорните параграфи. Долгата постапка и тесниот опфат ги демотивира граѓаните од добивања на бараната информација по овој Закон. Здруженијата исто така имаат забрана да се рекламираат како даватели на бесплатна правна помош без дефинирање што е реклама, а што промоција. Недозволеното рекламирање поведува укинување на овластувањето на здруженијата. Ова го отвара клучното прашњае, а тоа е како граѓаните ќе знаат дали и каде можат да се обратат за правна помош.

- - -

            Од споменатите наоди може да се заклучи дека Законот за бесплатна правна помош во неговата примена се соочува со сериозни предизвици и  тешкотии кои се резултат на нискиот номотехнички квалитет на законскиот текст, како и на отсуството на јасна слика каков облик на бесплатна правна помош и е потребен на Република Македонија. Доколку во догледно време не се пристапи кон  суштинска измена на Законот ќе дојде до континуирано намалување на бројот на поднесените барања за бесплатна правна помош, до намалување на бројот (интересот) на адвокатите кои се запишани во регистарот како даватели на бесплатната  правна помош, како и до намалување на интересот кај здруженијата за вклучување во системот на бесплатна правна помош. Паралелно со овој процес граѓаните кои немаат можност да си дозволат квалитетна правна помош ќе бидат приморани своите права да ги остваруваат врз основа на одредбите за  т.н „сиромашко право“ од Законот за парничната постапка, ослободувањето од плаќање на судски такси врз основа на Законот за судските такси, како и врз основа на останатите законски можности за ослободување од плаќање трошоци на постапката и покрај околноста што нивниот исход е неизвесен. Очекувано е и граѓаните во определени случаи да се откажат од спроведувањето на постапките и од остварување на нивните права поради неможност за пристап до квалитетна правна помош. Со ова  примената и оправданоста  на Законот за бесплатна правна помош ќе биде доведена во прашање, а паралелно ќе се зголеми и правната оттуѓеност на граѓаните која и во овој момент е значителна.  

Имајќи го предвид отсуството на каква било отвореност на Министерствата основано е да се очекува и можноста  да се поведе постапка за измена на Законот во која нема да бидат вклучени претставници на засегантите страни или тие само формално ќе бидат дел од работното тело. Ваквата практика ќе резултира со идентични проблеми какви што има и постоечкиот закон. Законот за бесплатна правна помош, покрај кориснците на правото, ги засега и адвокатите и здруженијата како даватели на претходна правна помош, судовите и органите на управата - како органи пред кои се водат постапките, како и службенците од подрачните одделенија на Министерството за правда кои постапуваат по барањата и службениците од органите кои се должни да ги достават бараните информации на подрачните одделенија. Секое идно законско решение во кое нема да бидат изразени и опфатени специфичните потреби на секоја од засегантите страни е однапред осудено на неуспех и претставува непотребно трошење време и средства. 

Мошне важно при постапката за измена на Законот е идниот законски текст да се заснова на квалитетни и издржани истражувања и анализи. Од суштествено значење за Законот е при неговата подготовка работното тело да има пристап до информаци за правните потреби на граѓаните, односно, со какви правни проблеми се соочуваат сиромашните граѓани, кое значење го имаат за лицата, како се решаваат. Мошне важно е и спроведувањето анализа на влијанието на регулативата, која е потребно да се спроведе внимателно и длабински. Потребно е да се анализира потребата од законски интервенци и синхронизаци со останатите закони. Исто така потребно е и спроведување и финансиска анализа на чинењето на Законот со цел да се планира ефикасен и штедлив систем на бесплатна правна помош.

Единствен начин за донесување квалитетен Закон за бесплатна правна помош е исклучиво преку транспарента и јавна постапка која би била раководена од Министерството за правда на РМ, а во која суштински би учествувале засегнатите страни преку свои претставници (адвокати, здруженија, судии -првостепен граѓански суд, вработени во подрачни одделенија, вработени во центрите за социјална работа).  Паралелно со постапката потребно е спроведување издржани и длабински анализи за правните потреби на граѓаните, за влијанието на регулативата (РИА анализа) при подготовката на измените на Законот, како и финансиска анализа за фискалните импликации на Законот.

Во однос на содржината на измените, а водејќи се од потребата за ефикасен национален систем за олеснување на пристапот до институциите, потребно е таа да се заснова врз следниве препораки за кои сметаме дека се од суштинско значење за донесување квалитетен и функционален Закон за бесплатна правна помош:

-          Поедностовување на постапката за обезбедување претходна правна помош и проширување на нејзиниот опфат на правно советување, како и составување писмена во управна постапка,

-          Клучен критериум при определувањето за кои видови правни прашања може да се одобри бесплатна правна помош да биде интересот на барателот за решавање на определено правно прашње,

-          Определување категории на лица кои во секој случај и по поедноставена постапка би имале право на бесплатна правна помош (жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе, заштита на деца и малолетници, лица без документи, бегалци, баратели на азил и корисници на правата од социјална заштита),

-          Олеснување на критериумите за лицата кои поради материјалната положба не се во состојба да ги остварат своите права со незасметување на минималниот станбен простор при процената на вредноста на имотот на барателите,

-          Овозможување на здруженијата да изберат дали правниците кои ќе даваат претходна правна помош ќе засноваат работен однос со здружението или ќе склучат договор за привремено вршење услуги,

-          Поедноставување на постапката и давање овластување на подрачните одделенија да одлучуваат по барањата за бесплатна правна помош,

-          Воспоставување брза и ефикасна постапка за правна заштита на одбиените баратели на бесплатна правна помош,

Бесплатната правна помош да ги опфаќа, покрај трошоците за правна помош, и останатите трошоци на постапката, како што се судските и административните такси, трошоците за обезбедување докази, наградите за вештаците, преведувачите и толкувачите. 

 


[1] Чл. 2 од Законот за бесплатна правна помош;

[2] Национален Ромски Центар – Куманово, РОМА С.О.С – Прилеп и Младински културен центар - Битола.

[4] Чл. 6 ст. 1 од Европската конвенција за човекови права.

[5] Извор – Годишен извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош, Министерство за правда, март 2012 год.

[6] Извор - Ocjena hrvatskog Zakona o besplatnoj pravnoj pomoći i njegove provedbe u praksi, Centra za ljudska prava, Zagreb 2010.

[8] Чл. 39 од ЗБПП;

[9] Понатаму во текстот;

[10] Чл. 12 и чл. 14 од ЗБПП.

[11] Чл. 2. ст. 2 од ЗБПП

[12] Чл. 21 од ЗБПП

[13] Чл. 22 од ЗБПП;

[14] Управата за јавни приходи, Централен регистар на Р.М, Центар за социјални работи, Агенција за катастар на недвижности итн.

[15] Чл. 6 од ЗБПП