Македонски Shqip English

м-р Весна Трајановска

ПРОБЛЕМСКИ ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ВКРСТЕНОТО ИСПРАШУВАЊЕ

Секој систем на кривична правда има свои недостатоци и слабости. Во домашнава практика проблемите најчесто се надминуваат со анализа на искуствата од странските законодавства и со инкорпонирање туѓи решенија во законодавството. Во еден глобален свет правните системи се` повеќе се сретнуваат со истите проблеми и се пронаоѓаат слични решенија. Како резултат на тоа, системите се приближуваат едни кон  други. Оваа појава не го одмина ни казненото процесно право. Имено, анализата на развојот на правните системи укажува на фактот дека инквизиторните системи повеќе позајмиле од акузаторниот систем, а помалку тоа било обратно. Причината секако произлегува од практичната  успешност на акузаторниот модел, но и од неговата конзистентност со заштитата на човековите права. Поради тоа преуредувањето на доказната постапка оди кон  напуштање на судскиот патернализам со префрлување на товарот на докажување врз странките, односно со зголемување на странечката автономија . Тоа значи дека изведувањето на доказите за сослушување на сведоците и вештаците треба да се преуреди на начин што сведоците и вештаците ќе се испитуваат вкрстено, по примерот на англо-американските модели.

Вкрстеното испрашување е можност, односно шанса да ги испитаме оние кои сведочеле против нас, вклучувајќ и го и нашиот противник, т.е. другата страна во случајот. Тоа претставува најдобар начин за имплементирање на принципот на контрадикторност во кој главниот збор ќе го имаат странките, а судот ќе се ограничи на непристрасен одлучувач за фактите. Ова нешто секој може да го замисли како атрибут на начелото на правото на правично или фер судење.

Во овој труд ќе укажеме на основната вредност на вкрстеното испитување. При тоа не мислиме само на стадиумот во постапката во кој се испитуваат сведоците или пак на начинот на кој адвокатите ќе ги испитуваат сведоците од другата страна, туку на имплементирање на целиот систем на една чиста, контрадикторна постапка во која главниот збор ќе го имаат странките, а судот ќе се ограничи на непристрасен одлучувач за фактите и на катализатор и контролор на една фер борба на спротивставените странки.

Воедно, ќе посочиме на можните проблеми во остварувањето  на ова право според концептот на новата реформа на казнената постапка содржана во новиот Закон за кривична постапка.

Акузаторната теорија смета дека до вистината и до правдата најдобро ќе се дојде ако иницијативата во изнаоѓањето и во презентирањето на доказите им се препушти на странките, а доказите ги оценува непристрасен суд.[1] Секоја странка ја подготвува презентацијата на својата аргументација, а цел на судењето е соочување на двете аргументации. Според тоа, доказите се испитуваат во текот на судењето и вистината би требало да се открие при соочувањето. Сведоците ги презентираат своите искази на рочиште, а нив ги испитуваат двете странки во постапката. Усните докази доминираат над материјалните докази. Се смета дека непосредноста на усното изведување и соочување претставува најприкладен начин да се открие вистината и да се утврди вината, бидејќи со тоа му се овозможува на оној кој ги утврдува фактите да ја цени веродостојноста на усниот исказ така што ќе го набљудува држењето и доследноста на сведокот. Важноста што им се придава на усните искази, на постапката и на текот на судењето му дава специфичност на овој систем. Имено, со цел да се обезбеди веродостојност на сведочењето, другата страна има право да го испита сведокот и да ја тестира аргументацијата на спротивната странка. Во ваквите постапки странките ги изложуваат сведоците и вештаците на т.н. вкрстено испитување.

Сведоците одговараат на прашањата и тоа прво на прашањата што ги поставува страната која ги повикала, а потоа и на прашањата од спротивната страна. Како последица на тоа сведоците обично не сведочат за нешто што го слушнале од некого. Затоа, доказите по слушање, по правило, се недозволени, бидејќи таквото сведочење не може да се тестира.

 

Вкрстеното испрашување во новиот ЗКП

Според новиот ЗКП вкрстеното испрашување е есенцијален дел од постапката и како таков е ограничен со одредени принципи и правила. Тоа е камен- темелник за изведувањето на доказите. Ако вкрстеното испрашување е успешно, тоа може да биде добитна карта во постапката, но ако вкрстеното испрашување не е успешно, тоа може да го сруши и најакиот предмет. Новиот концепт на главната расправа претпоставува активна улога на странките. Од нив се бара не само знаење, туку и искуство, умешност, остроумност, прецизност и уверливост во подготовката и во презентирањето на доказите пред судот. Особено е важно да се нагласи дека вкрстеното испитување бара почитување на правилата за дозволеност и релевантност на доказите, без оглед за која странка во постапката станува збор.[2]

 Меѓутоа, од континентална гледна точка, вкрстеното испрашување и понатаму останува чуден институт. Денес вкрстеното испрашување има добиено меѓународна димензија и полека се вовлеквуа во правната традиција на континеталното право, ставајќи нови предизвици пред адвокатите на локално ниво во своите национални граници. Вкрстеното испрашување е процесна ситуација во која се предизвикуваат спротивните докази и/или сведоците од спротивната страна, со цел да се ослабат,  да се уништат, или да се редуцира нивниот убедлив ефект.

Цел на вкрстено испрашување во себе содржи две компоненти: Унапредување на аргументацијата на своја страна, односно да се извлечат и да се потенцираат оние факти кои ни одат во прилог и Поткопување на аргументацијата на спротивната страна, односно оспорување, разводнување и дефокусирање на исказот на сведоците кои го дале за време на директното испрашување.

Пред да се започне со успешно вкрстено испрашување мора да се подготви она што е најдобро за истотото. Потребно е во целост да се запознаеме со сите докази и факти за конкретниот случај. Пред се` адвокатот треба да се запознае со материјалите доставени од спротивната странка, да се сретне со обвинетиот и со сите други релевантни сведоци, и конечно, за целиот случај тој треба да дебатира со останатите колеги и истражители. Имено, адвокатот мора да ги разгледа сите расположливи информации во потрага по недостатоци во она што се обидува да го презентира и да го докаже другата страна во случајот, се анализираат стандардите потребни за успешна подготовка на вкрстеното испитување, се утврдуваат елементите на секое обвинение наведени во обвинителниот акт и можната одбрана, (кое покасно ќе прерасне во контролен список при оценка на расположливите докази и при утврдување на потребата од примена на правото, истражните задачи, консултацијата со вешти лица и сл.) како и анализата на основните прашања на теоријата за случај и стратегијата, како план со кој адвокатот ќе ја презентира таквата анализа во доказната постапка. Поаѓајки од фактот дека теоријата на случај, според стручната литература, преставува анализа или објаснување на фактите, доказите и правните постапки, стратегијата е секако план за убедливо презентирање на таквата анализа, со цел тоа да го прифати судот.

Главното системско прашање е во промената на нагласената улога на судијата во доказната постапка,  односно во инквизиторната максима која се состои од управување со главната расправа, испитување на обвинетиот, изведување докази, одлучување за доказните предлози на странките, читање на записниците за поранешните искази на обвинетиот, сведокот и вештакот и сл.” и тој модел да се замени со елементите на акузаторниот тип кои процесната иницијатива и надзорот врз товарот на докажувањето би ги преместиле во рацете на странките и би ги спровеле во согласност со начелото на контрадикторност. На судот му се остава можност на крајот и самиот да поставува прашања, да изведува други докази и слично, во случај кога судијата смета дека тоа е неопходно и оди во насока да обезбеди фер и правично судење. Ова би значело дека системската промена на доказната постапка не може автоматски да ги исфрли сите досегашни инквизиторни елементи, туку само да ги редуцира на прифатлива мерка.

Главната расправа, по ново, започнува со држење воведни говори. Воведните зборови се значајни за вкрстеното испитување, бидејќи во своите говори странките може да појаснат кои решавачки факти имаат намера да ги докажат, да ги изложат доказите што ќе ги изведуваат и да ги определат правните прашања по кои ќе расправаат.

Во однос на начинот на испитувањето, при изведувањето на доказите на главната расправа пред судот ќе биде дозволено директно, вкрстено и дополнително испитување. Директното испитување го врши странката која го повикува сведокот како доказ. Вкрстеното испитување го врши спротивната страна. Дополнителното испитување го врши повторно страната која го повикува сведокот и прашањата кои се поставуваат при ова испитување се ограничени на прашањата поставени во текот на испитувањето на спротивната страна. На крај, по за­вр­шу­ва­ње­то на ис­пи­ту­ва­ње­то на стран­ки­те, пре­тсе­да­те­лот и чле­но­ви­те на со­ве­тот мо­жат да му по­ста­ву­ва­ат пра­ша­ња на све­до­кот, од­нос­но на ве­шта­кот.[3]

Све­до­кот го ис­пи­ту­ва стран­ка­та ко­ја го пред­ло­жи­ла. Пра­ша­ња­та за све­до­кот на спро­тив­на­та стран­ка се огра­ни­че­ни и се од­не­су­ва­ат на пра­ша­ња­та кои прет­ход­но би­ле по­ста­ве­ни во те­кот на ис­пи­ту­ва­ње­то на све­до­кот од стран­ка­та ко­ја го пред­ло­жи­ла. Пра­ша­ња­та на по­втор­но­то ис­пи­ту­ва­ње на све­до­кот од стран­ка­та ко­ја го пред­ло­жи­ла се огра­ни­че­ни и се од­не­су­ва­ат на пра­ша­ња­та по­ста­ве­ни во те­кот на ис­пи­ту­ва­ње­то на све­до­кот од спро­тив­на­та стран­ка. Пра­ша­ња­та што на­ве­ду­ва­ат на од­го­вор не мо­жат да се по­ста­ву­ва­ат во те­кот на ди­рект­но­то ис­пи­ту­ва­ње, освен во слу­ча­и­те ко­га има по­тре­ба да се по­јас­нат из­ја­ви­те на све­до­кот. По пра­ви­ло, пра­ша­њата што на­ве­ду­ва­ат на од­го­вор се доз­во­ле­ни са­мо во те­кот на вкр­сте­но­то ис­пи­ту­ва­ње.

Од ова се гледа видно изменетата и редуцирана улога на судот. Но, судот сепак ги задржува раководната, контролната и гарантната функција. За сметка на редуцираната улога на судот во процесот на изведувањето на доказите се забележува процес на зголемена улога на странките во процесот на докажувањето. Тоа значи дека странките се должни да го подготвуваат и да ги поднесуваат доказите до судот врз начелото на рамноправност. Но, рамнотежата помеѓу обвинението и одбраната, во голема мера, ќе зависи од претпоставките создадени во претходната постапка за квалитетно прибавување на доказите. Поставените „бариери” помеѓу истрагата и главниот претрес наложуваат нов процес на градење на квалитет на усниот доказ преку вкрстeното испрашување на главниот претрес. Се чини дека истражното начело (или начелото на материјална вистина) на некој начин се корегира со начелото на контрадикторност. Можноста за презентирање на усно прибавените докази во текот на претходната постапка е сведена на најмала можна мера и само во исклучителни ситуации. Веднаш се поставува прашањето дали ваквата концепција на изведување на доказите претставува доволна гаранција за утврдување на вистината, затоа што вистината ќе се утврдува преку силата и преку бројноста на приложените докази. Се забележува тенденција којашто повторно носи опасност од строг формализам во судските постапки, а кој може да биде опасен во процесот на утврдување на вистината.

Со новиот концепт се инсистира целокупниот доказен материјал да се изведе на главниот претрес организиран како контрадикторна расправа. Имено, влијанието на претходната постапка е максимално неутрализирано со тоа што се поставуваат определени „бариери" за влијанието на истрагата врз главниот претрес. Така, претседателот на советот има ограничен пристап до материјалите собрани во истрагата, со кои инаку располага тужителот. Списот што се доставува на располагање до судот содржи записници само за неповторливите дејствија, како што се извршените увиди или други дејствија кои не може да се повторат на главниот претрес. Доказите пред судот, по правило, се изведуваат одново, а исказите дадени во претходната постапка може да се користат само за потсетување на обвинетиот и за оцена на веродостојноста на исказот, но сами по себе не може да бидат доказ врз кој ќе се заснова осудата.

Не треба да се заборави и фактот дека и подготвувањето на главната расправа сега во голема мера ќе зависи од странките кои сами ги предлагаат доказите што ќе се изведат пред судот.[4] Не само што судот, по службена должност, нема да изведува докази, туку судот може да го санкционира ненавременото предлагање докази за судењето.

Обвинителството, според новиот систем на кривична постапка, има особено изменета улога. Од него се очекува да биде раководен орган во текот на истражната постапка во однос на другите органи со истражни овластувања, а во текот на постапката да биде активна странка чија главна обврска е да ја докаже вината. Обвинителството има товар на докажување на вината и обврска да пронајде, да предложи и да изведе докази со кои вината на обвинетиот се докажува надвор од секакво разумно сомнение. Од аспект на професионалната етика за обвинителите е особено важно тие да го претстават случајот со цел да му помогнат да судот да донесе правична пресуда, а не презентирањето на случајот да го насочат кон донесување осудителна пресуда.[5]

Во функција на докажување на вината обвинителството прибира материјални докази, разговара со потенцијалните сведоци, презема вештачење во текот на истражната постапка, предлага одржување доказно рочиште, ако оцени дека за тоа се исполнети условите што ги предвидува ЗКП и дека доказот е од особена важност за „тезата на обвинувањето„.

Активната улога што се очекува од обвинителството претпоставува остручување на обвинителите за испитување на лицата во текот на главната расправа. Ова е особено важно, бидејќи во досегашниот систем испитувањето за потребите на обвинителството, во најголема мера, го вршеше судот.

Одбраната мора да биде одлично подготвена, сигурна и со силни аргументи да надвладее над тезата, односно над аргументацијата на обвинителството, да ги оспорува тврдењата на обвинителството, да ги дискредитира сведоците на обвинителството во текот на вкрстеното испитување, да пронаоѓа и да предлага докази со кои ќе ја поткрепи „тезата на одбраната„.

Одбраната мора да направи проценка дали ќе пристапи кон признание за вина, дали ќе предложи, односно ќе прифати иницијатива за вклучување во постапката за спогодување со јавниот обвинител, односно дали обвинетиот ќе се јави во улога на сведок во сопствениот случај.

Одбраната ќе мора навреме, успешно и ефикасно да презема истражни дејствија во корист на одбраната, да се подготвува за спротивставување на аргументите во случајот што го презентирало обвинителството.

Почитувајќи ја професионалната етика бранителот мора да се воздржи од презентирање лажни/невистинити докази, односно од оспорување на вистинитите докази што ги изнел обвинителот.[6]

Од бранителот ќе се очекува успешно спроведување, првин на директното, а потоа и на вкрстеното испитување. Особено ќе биде важно адвокатот да ги „лови„ грешките на обвинителството, да ја искористува несигурноста на сведоците на обвинителството, со помош на техничките советници да ја намали доказната вредност на вештачењето што не му оди во прилог на обвинетиот, да истакнува усни приговори кога ќе мисли дека е поставено недозволено прашање, или дека од сведокот се бара мислење, место перцепција и сл.

Судот првпат ќе се запознае со случајот во текот на главната расправа, со оглед на неконтрадикторната истражна постапка. Во неа тој е пасивен арбитер кој ќе го следи изведувањето на доказите што странките ги предложиле, а тој ги одобрил, ќе се грижи за коректно водење на постапката, за ред и дисциплина во судницата, за почитување на угледот и на достоинството на учесниците во постапката.

Судот повеќе нема обврска да предлага и да изведува докази, при што ЗКП предвидува само една можност - кога по завршување на доказната постапка, а по предлог од странките или по службена должност судот може да нареди супер- вештачење, со цел отстранување на противречностите во наодите и мислењата на вештите или стручните лица дадени во текот на доказната постапка. Овој исклучок е предвиден со цел да се остранат воочените противречности во наодите на вештите и стручните лица, а не и во исказите на сведоците.

            Сите наведени аспекти што ја дефинираат улогата на судот можат да се вбројат во следниве функции на судот:

Контролна - се грижи за законито поднесување и изведување на доказите, одлучува за дозволени и недозволени прашања и приговори на странките;

Раководна - прима предлози на докази од странките, одлучува за нивната доказна сила и раководи со процесот на нивното изведување;

Гарантна - се грижи за почитувањето на основните права и слободи како на обвинетиот, така и на сите други учесници во постапката.[7]

            Испитување на обвинетиот. По во­вед­ни­от го­вор на ту­жи­те­лот, пре­тсе­да­те­лот на со­ве­тот ќе го по­у­чи обвинетиот за пра­ва­та да мол­чи или да да­де свој исказ и ќе го со­ве­ту­ва вни­ма­тел­но да го сле­ди те­кот на глав­на­та рас­пра­ва. При тоа ќе му ука­же и де­ка мо­же да из­не­су­ва до­ка­зи во сво­ја од­бра­на, да им по­ста­ву­ва пра­ша­ња на со­об­ви­не­ти­те, на све­до­ци­те и ве­шта­ци­те и да ста­ва за­бе­ле­шки во пог­лед на нив­ни­те иска­зи. Одбраната е таа која е ставена пред избор да одлучи дали обвинетиот ќе се сослуша во ’сопствениот’ случај или не. Сепак, одлуката обвинетиот да сведочи треба да се донесе по внимателна проценка на одбраната во конретниот случај, како и  по оценка на предложените докази, на степенот на кривичната одговорност, бидејки мора да се има предвид опасноста што со себе ја носи вкрстеното испитување, кога нужно ќе бидат изнесени аспекти кои водат кон себеобвинување. Во спротивно, корисно би било обвинетиот да се јавува во улога на сведок во случаи кога одбраната има силни аргументи против поднесеното обвинение и кога ќе оцени дека преку испитување на обвинетиот ваквите аргументи најефикасно и најуспешно ќе се презентираат пред судот. Доколку обвинетиот одлучи да сведочи, за него важат истите правила како и за сведоците - по директното испитување следува вкрстеното испитување, а по потреба и дополнително испитување за дел од дадените одговори.

Голема гаранција за правото на обвинетиот,  во делот на главниот претрес, е  можноста тој да биде сослушан во почетокот на постапката, кога ќе му бидат презентирани гаранциите за почитување на сите негови права. Ако  сведочи во својот процес, тогаш  правилата за вкрстено испрашување  ќе важат како и за сведок и  сите техники и правила за градење на факти ќе се однесуваат како за сведок. Дилема која ќе биде предмет на посебна обработка  е прашањето за неговото сведочење од аспект на дуплирање на својството, односно  дали обвинетиот може да биде сведок, дали правото на одбрана  може да се спои  или да се претопи во едно со исказ на сведок , каква е нивната доказна сила и што значи овој процес од аспект на правично судење, како и од аспект за утврдување на  вистината?

Би можеле да заклучиме дека, во согласност со реформата на казненото право, во одредбите во делот на доказната постапка следат основните принципи и правци околу нагласената контрадикторност во казнената постапка, во нагласувањето на правилата за докажувањето и вкрстеното испрашување, во која ке се презентира новата и изменета улога на судот и на странките, како и видот и квалитетот на доказите во доказната постапка на Р. Македонија.

Самото вкрстено испрашување би било слично на руски рулет. Значи, без разлика колку и да имало претходно добра подготовка за истото, сепак се` уште еден дел од тоа е и среќа. Комплексноста на вкрстеното испрашување потекнува од комплексността на човечкото битие. Според психолозите, се смета дека секаде каде што е вмешан човечкиот фактор невозможно е да се оствари сигурната цел. Токму заради тоа за вкрстеното испрашување не може да се зборува апстрактно. Тоа е предизвик кој се појавува од предмет до предмет, или попрецизно, од сведок до сведок, така што секој сведок е единствен. Меѓутоа, фактот дека не постои универзално упаство за успешно вкрстено испрашување не значи дека не постојат основни правила кон кои треба да се придржуваме. Времето и практичното искуство се најверојатно најсилниот сојузник на бранителот во совладувањето на оваа вештина. Бранителите мораат да научат да се воздржуваат од употребата на вкрстеното испрашување во случаите кога тоа може да му наштети на предметот. На крај, битно е да се истакне дека усните искази во традицијата на акузаторниот систем битно не се разликуваат од усните искази во традицијата на инквизиторниот систем. Она што е поинаку е фактот дека тие се разликуваат по улогата на правосудните функции. Значи, додека во едниот случај странките се задолжени да прибираат докази, во другиот тоа е улога на судијата. Конечните резултати се секогаш исти, а истите се разликуваат само по методите што се користат во постигнувањето на целта. Во новиот Закон за кривична постапка на Република Македонија сведоци сме на појава на систем кој ги презема најдобрите карактеристики на двата система. Прибирањето на доказите повеќе не е исклучиво надлежност на судијата, а бранителите имаат обврска да ги пронајдат и да обезбедат најдобра можна одбрана за своите клиенти. На крај, непобитен е фактот  дека доказите изнесени усно се поосмислени и поимпресивни од ладните научни резултати. Ова значи дека сведоците, како жив доказ, можат со страст и со емоции да објаснат што навистина се случило и што забележале. Токму тие на секоја постапка и даваат човечки облик, па затоа е потребно правниците да се ослободат од некогашниот изворно инквизиторен систем и да ги совладаат вештините на застапување и на активно учествување во формирањето ефикасна и пред се` правична постапка. Во согласност со искуството од практиката, во делот на доказната постапка на главен претрес, доследно се почититува начелото на законито предлагање докази (со мали исклучоци) и процесот на утврдување на вистината, а по бројот на потврдени пресуди е на високо ниво.  Актуелниот нов Закон за кривична постапка на Република Македонија формално го усвојува механизмот на вкрстеното испрашување во неговата изворна форма, со што ги обврзува бранителите да се запознаат со неговата употреба и да бидат во состојба истото ефикасно да го употребуваат во одбрана на предметите пред судот во  Македонија. Во таа смисла, во Републикава мора да се напуштат некои традиционални контгинентални становишта и принципи преку претходни, добро осмислени практични обуки, за полесно владеење и вклопување во менталниот склоп на обвинителите, на судиите и на бранителите.

Вкрстеното испрашување, само по себе, е контроверзно и реално, за нас претставува голема непознаница, а со тоа и најголема авантура – ако може така да се каже, на постојната реформа. Поради тоа присутен е и одреден скептицизам во однос на примената на истото, кој претставува „меч со две острици“ и останува издржаната дилема вредна за извлекување на подоцнежни заклучоци и ставови, односно дали вкрстеното испрашување е дизајнирано да ја открие вистината или пак претставува најголема и најпонижувачка од сите видови користење на интелектуалната сила која има за  цел со лажливи факти да го збуни и да го дискредитира чесниот сведок. Сепак, иако оваа вештина може да биде силна, не е и магична, и не треба да преовлада против вистината.

Елементите на принципот на контрадикторност коишто овозможуваат определен степен на процесна контрола на странките, како и гаранциите за непристрасност на судот, секако придонесуваат за самата правичност со тоа што нудат потенцијал за еднаков натпревар на спротивставените странки пред непристрасниот одлучувач-судот. Меѓутоа, правата на обвинетиот притоа не се само средство што треба да придонесе за точноста на исходот, туку повеќе треба да обезбедат баланс во однос на предноста што државата ја има во расположливите ресурси. Спорно е, меѓутоа, во колкава мера една кривична постапка треба да биде контрадикторна за да може да се смета за правична. Би можело да се заклучи дека никој не се осмелува сериозно да префрли дека европските континентални кривични постапки не се сметаат за фер само поради тоа што не содржат таков степен на контрадикторност каков што, секако, среќаваме во англо-американските системи.

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

1.      Abdy J. T. Walker. B: The Institutes of Justinian, Cambridge University press, 1876

2.      М. Бабиќ „Кривично законодавство  во Босна и Херцеговина” советување-истражување,  МРКПК,год.16, број 1, 2009.

3.      I Г. Бужаровска, Г. Калајџиев „Реформа  на кривичната постапка” публикација, објавено во Збирка текстови, Twinning Projekt-одд. за борба против организиран криминал, икорупција-Јавно обвинителство” Охрид, 20.мај 2009. 

4.      II Г. Бужаровска, Б. Мисовски, „Забрзување и поедноставување на  кривичната постапка”  компаративно истражување, Зборник во чест на проф. П. Марина, Правен факултет, Скопје, 2007 година.

5.      О. Бачановиќ „Новините во положбата  на оштетениот во кривичната постапка“ истражување, објавено во МРКПК, год. 14, број 2, 2007 стр. 215-237

6.      С. Бејатовиќ „Нови законик о кривичном поступку  Р. Србије” истражување,  МРКПК, год. 14, број 2, 2007 стр. 37-48

7.      I V. Bayer, Krivicno procesno pravo-odbrana poglavja, knjiga prva, „Uvod u teoriju krivicnog procesnog prava“ priredio prof. d-r. D. Krapac, II neizmenjeno izdanje, MUP Republika Hrvatskа, Zagreb, 1997

8.      II V. Bayer: Jugoslovensko krivicno procesno pravo, knjiga prva, „Uvod u teoriju krivicnog procesnog prava“, osmo izdanje, Narodne novine, Zagreb, 1988

9.      III V. Bayer: Akuzatorni i inkvizitorni  elementi u nasem novom krivicnom postupku, Zbornik Pravnog fakulteta u Zagrebu, god.1954, br.1-2, str. 26 i sl.

10.  Р. Берерини – А. Џорџети – „Акузаторна главна расправа” публикација, објавено во Збирка текстови, Twinning Projekt - одд. за борба против организиран  криминал и корупција - Јавно обвинителство. Охрид, 20.мај 2009.

11.  Brougham, H. B: Political Philosophy, H. G. Bohn, 1853

12.  Burns, R. P. A theory of the trial, Princeton University Press, 1999

13.  Brants/Field, Discretion and accountability in prosecution: a comparative perspective on keeping crime out of court, во: Fenell/Jörg/Haring/Swart, Criminal Justice in Europe, 1995. 129.

14.  Bury, B. Cook, S. A. Edwards, S. Adcock, F. C. Charlesworth, M. P. Geoffrey, N. Hammond, L. Gadd, C. J. Boardman, J. Lewis, D. M. Walbank, F. M. Rawson, E. Crook, J. A. Lintott, A.W. Bowman, A., Whitby, M. Garnsey, P. Cameron, A.  Ward-Perkins B: Cambridge University Press, 2000.

15.  Bouloc, B. Stefani, G. & Levasseur, G. Procédure Pénale, 19th edition (2004), Dalloz: Paris, para 66.

16.  Bishoff, J. L. “Reforming the Criminal Procedure System in Latin America”, 9 Tex. Hisp. J. L. & Pol'y 27, at p.32.

17.  Beresford S. Child Witnesses and the International Criminal Justice System: Does the International Criminal Court Protect the Most  Vulnerable (Djeca svjedoci i me_unarodni krivi_nopravni sistem: da li Medjunarodni krivi_ni sud štiti najosjetljiviju populaciju), Journal of International Criminal Justice, 3 (2005), 721 at 733

 

18.  Cairns, J. W. Robinson, O. F. Critical studies in Ancient law, Hart publishing Oxford – Portland Oregon, 2004

19.  Cherry. R., Lectures of the growth of the criminal law in ancient communities, London,  1890

20.  Cicero, M. T. Crawford, J. W. American Philological Association: The fragmentary speeches, Oxford University press, 1994

21.  I Т. Витларов „Улогата на јавниот  обвинител во предистражната постапка“-компаративно истражување, МРКПК, год. 14, број 2, 2007 година.

22.  В. Вучковиќ; „Постапки пред Меѓународниот кривичен суд и човекови права”,  МРКПК, год.15,број 2-3, 2008.

23.  T. Vasiljevic: Sistem krivicnog procesnog prava SFRJ, trece izmenjeno i dopunjeno izdanje, Savremena administracija, Beograd, 1981

24.  M. Damaška, O miješanju inkvizitornih i akuzatornih procesnih formi, Hrvatski lijetopis za kazneno pravo i praksu, Br. 2, 1997.

25.  J. E. S. Fawcett, The Application of the European Covention on Human Rights,Second Ed. Oxford, 1987, p.154

26.  М. Грубач, Кривично процесно право, књига прва, Увод и процесни субјекти, Култура, Центар маркетинг, Београд,1995.

27.  G. Goodpasster, On the Theory of American Adversary Criminal Trial, 78 Journal of Criminal Law and   Criminology. 1987,

28.  Љ. Јовески „Меѓународна кривично правна помош” истражување, МРКПК, год. 14, број 2, 2007 .

29.  Иван. Е. Јовановиќ „Окривљени у инквизиционом поступку“, Београд, 1932, „Полиција”, бр.23-24, стр. 1204

30.  Ludvig von Bar, K. A History of the continental criminal procedure, Boston, 1916.

31.  А. Груевска, Д. Тумановски: „Независното судство во функција на заштитата  на правата и слободите на човекот” статија, објавено во МРКПК, год. 14, број 1, 2007.

32.  I  Г. Калајџиев  „Правци на развојот на казнената постапка  во Р. Македонија”-компаративно истражување, МРКПК, год. 14, број 2, 2007 година.

33.  II  Г. Калајџиев „Воведување на акузаторна  кривична постапка со

34.  вкрстено испитување” -компаративно истражување, МРКПК, год.

35.  16, број 2, 2009  година.

36.  III  Г. Калајџиев „Правична постапка“ - докторска десертација-

37.  Правен факултет-Скопје, 2004.

38.  IV Г. Калајџиев, Дали имаме правец за реформи во Р. Македонија?,” :Реформа во македонското судство, статија, Агтис, Прилеп, 2005 година

39.  V Г. Калајџиев „Процедурална правичност”, статија, МРКПК, год. 14, број 1, 2007.

40.  VI Г. Калајџиев, Правична постапка „Право на фер судење”–докторска дисертација,”-Правен факултет” Скопје, 2004.

 

41.  Г. Калајџиев,  Д. Тумановски,  Д. Илиќ  „Правично судење и еднаквоста на оружјето во новиот ЗКП“ статија,  МРКПК, год.16, број 1, 2009.

42.  Г. Калајџиев, Л. Раиќевиќ-Вучкова, З. Димитровски, Т. Витанов, В. Трајановска, „Преуредување на главниот претрес во Р. Македонија“,  компаративно истражување, МРКПК, год. 15, број 2-3, 2008.

43.  I Davor Krapac, Kazneno procesno pravo, Prva knjiga: Institucije, Narodne novine d.d. Zagreb. 2003.

44.  II Д. Крапац, В. Камбовски, Гордан Калајџиев, Гордана Бужаровска Нацрт-стратегија за рефомите во Македонија на Казненото право”, Скопје, мај 2007

45.  С С. Кнежевиќ „Заштита људских права окривљеног у кривичном поступку” 2007.

46.  А. Монтањи-„Доказна вредност при постапки кога едно обвинето лице кажува дека заедно со него учествувале повеќе сторители” публикација, објавено во Збирка текстови, Twinning Projekt-одд.за борба против организиран криминал и корупција-Јавно обвини-телство” Охрид, 20. мај 2009.

47.  I Н. Матовски, Книга-„Казнено процесно право”-општ дел, Правен факултет Скопје, 2003.

48.  Tomas  Margueritte: Вкрстено испитување: Некои  објаснувања  околу еден туѓ систем за континенталниот адвокат; Од Tomas  Margueritte разгледани од  Gary S. Glazer, судија во судскиот процес при Court of Common Pleas, First Judicial District of Pennsylvania, PA, USA i Bernard J. Goodheart поранешен судија vo Court of Common Pleas

49.  E. Mathias, The balance of powers between the police and the public prosecutor: European Criminal Procedures, 459.

50.  M. Nowak, international Covenant on Civil and Political Rights: CCPR Commentary, Kehl/ Strasbbourg, 1993, Art.14,No.20.

51.  I Л. Нанев; „Местото  и  улогата на судиите - поротници во КП пред судовите во Р. Македонија”,  МРКПК, год.15, број 2-3, 2008.

52.  II Л. Нанев; ”Европското  КП, КП на ЕЗ, КП на ЕУ”, МРКПК, год.15, број 2-3, 2008.

53.  Николић. Д: Фрагменти правне историје, Ниш, 1995.

54.  I Правото за правично и фер судење (the right to a fair trial/hearing )- чл.6. од Конвенцијата ). Преглед на основните задачи на членот 6. спрема текстот во: Pavišić, Kazneno pravo Vijeća Europe,  Zagreb, 2006, 82  -101

55.  Robinson, O. F. Fergus, T.D., Gordon, W.M: European Legal History, third edition, Oxford University Press

56.  II B. Pavišić, Pogled na prethodni postupak u europskom kaznenom pravu, „Suzbijanje kriminaliteta“, Beograd-Kragujevac 2004, 463-469 (со бројни библиографски напатствија).

57.  N. Padfield, Texts and materials on the criminal justice process, 2000, 142-44.

58.  Ф. Сниција – „Меѓународни инструменти за соработка со правосудството” публикација, објавено во Збирка текстови,Twinning Projekt-одд.за борба против организиран криминал и корупција-Јавно обвинителство” Охрид, 20.мај 2009.

59.  Marcus Stone; Cross-examination in criminal trials,third edition; Tottel Publishing, 2009

60.  Field, S. & West, A, “A Tale of Two Reforms: French Defense Rights and Police Powers in Transition”(Приказна за двете рефоР. Македонија и: права на одбраната во Франција и полициските  овластувања во транзиција), 6 Crim. L. F.

61.  C. J. Safferling, Towards an  International Criminal Procedure, Oxford University Press, Oxford, 2001.

62.  Stephen, J. F. A history of the criminal law in England, Volume I, Macmillan and Co London, 1883.

63.  Sandars, T. C: The Institutes of Justinian, Longmans, Green and Co. London, 1922.

64.  I J. B. Spencer, Introduction, во: M. Delmas-Marty & J. R. Spencer (ed.), European Criminal Procedures, Cambridge U.P. 2002, 20.

65.  II Spencer, JR, Hearsay Evidence in criminal proceedings, Oxford and Portland, Oregon, 2008.

66.  Ч. Ственаовиќ, В. Џурџиќ, Кривично процесно право-процесни субјекти - процесне радње, СКЦ- Ниш, 1998.

67.  Сулејманов, З: Кривично процесно право, Скопје, 2002.

68.  В. Трајановска,  Преуредување на главниот претрес во некои европски законодавства, компаративно истражување, МРКПК, год. 16, број 1, 2009.

69.  Thaman, S. C, “Spain Returns to Trial by Jury” (Španija se vraca sistemu porote u sudjenjima), 21 Hastings Int'l & Comp. L. Rev. 241.

70.  Е. Селваџи –„Европска конвенција  за заемна помош во кривични предмети” публикација, објавено во Збирка текстови, Twinning Projekt-одд. за борба против организиран криминал и корупција-Јавно обвинителство” Охрид, 20. Мај. 2009.

71.  Заклучоци од Работилницата на тема: „Стратегија за рефо Р. Македонија на казненото законодавство” 21.06.2007. Скопје, објавено во МРКПК, год. 14, број 1, 2007.

72.  Walker. B: Selected titles from the Digest, Cambridge University press, 1881.

 

ЛИТЕРАТУРА ОД   ИНТЕРНЕТ

1.      FRANCIS WELLMAN. ”The art of cross examination“–with the cross examination  of important witnesses in some celebratet cases”( Уметноста на вкрстеното иситување) . www.Trial Theater.com. 2009, MKD.doc.  527 KB.

2.      2. FRANCIS WELLMAN: “Autobiography of Seventy Years,” Hoa, FRANCIS WELLMAN.” The art of cross examination “– with the cross examination  of   important witnesses in some celebratet cases”-www.Trial Theater.com. 2009 , MKD.doc.  527 KB.

3.      David Paul Brown; “Golden Rules for the Examination of Witnesses’-‘Златни правила за испитување на сведоци”, Philadelphia Bar. http://www.Trial Theater.com /New York Bar/ 2009 . Книга. MKD .doc (527KB).

4.      Author(s): Calloway Brown Source: The Virginia Law Register, Vol. 4, No. 4 (Aug., 1898), pp. 277-278 Published by: Virginia Law Review Stable URL: http://www.jstor.org/stable/1099397 Accessed: 03/09/2009 12:46.

5.      Calloway Brown Source: The Virginia Law Register, Vol. 4, No. 4 (Aug., 1898), pp. 277-278: Virginia Law Review Stable “In Miller v. Miller”, 92 Va. 510: :http://www.jstor.org/ stable/1099397 Accessed: 03/09/2009 12:46.

6.      The Scope of a Cross-Examination -Author(s): Calloway Brown Source: The Virginia Law Register, Vol. 4, No. 4 (Aug. 1898), pp. 277-278 . Published by: Virginia Law Review Stable URL: http:// www.jstor.org/stable/1099397 Accessed: 03/09/2009 12:46, Statija, MKD.doc. 37 KB .str.122-124

7.      7. Tennessee Rule of Evidence 611(d), / Правилото за докази на Тенеси 611(д ) / the “adverse    witness rule,”-/и „противничкото правило за сведоци“/,February 27, 1997. http://www.Trial Theater.com /New York Bar/ 2009. Книга. MKD .doc (527KB).

8.      8. Karnavas,  G. Michael. Истражни   техники  на одбраната  и подготовка на теорија на случај. ”Теорија на случај.”- ОБСЕ НМС / Оддел за владеење на правото-обука  за инструктори . Скопје,1-3 Мај 2009. © Michael G. Karnavas, 2009.doc. 143 KB, 10.04. 2009 -16 pages.

9.      Karnavas,  G. Michael. „Вкрстено испитување-Теорија  и техники“. Материјал за обука изготвен од Мајкл Г. Карнавас -ОБСЕ НМС / Оддел за владеење на правото-обука  за инструктори. Скопје,22-24 Maj 2009. © Michael G. Karnavas 2009. doc. 234 KB, 15.05. 2009- 24 pages.

10.  Naula Mole  i Kristina Harby, Правото на правично судење-Водич за имплементација на член 6 од Европската конвенција за човекови права „Прирачници за човекови права, бр.3”, преведено од македонско здружение на млади правници, или на http:/www. human rigts.coe. int.

11.  Goguel, M.-A., “La preuve par témoignage : analyse comparée de la France et des Etats-Unis”, 24 november 2006, onhttp://m2bde. uparis10.fr/blogs /dpj/index.php/ post /2006 /11/24/La-preuve-par-temoignage-:-analyse-comparee-France-Etats-Unispar-Marie-Amelie-Goguel.

12.  „Represent yourself in court: how to prepare and try a wining case”- Paul Bergman & Sara J. Berman-Barrett-6th edition. Книга.- Internet. doc (229KB); http://books.google.com/books?id=w_0ZRjPwtDYC&pg=PA270&dq=Cross-examination#v=onepage&q=Cross-examination&f=false

13.  Section of Litigation - McElhaneys LIGATION James W. McElhaney-American Bar Association and James W. McElhaney 1995 god. Kniga.- INTERNET doc (228KB); http://books.google.com/books?id=Dan0gPMskr4C&printsec=frontcover&dq=Cross-examination&lr=&source=gbs_similarbooks_s&cad=1#v=onepage&q=Cross-examination&f=false

 


[1] Vidi: L. L. FULER. The Forms and Limits of Adjudication, 92 Harvard Law Review, 1978, стp. 383.

[2] Stone, оп. цит., стр. 2.

[3] Види: Г. КАЛАЈЏИЕВ и др., Преуредување на главниот претрес во Република Македонија, МРКПК, Бр. 2/3, 2009.

[4] Согласно со чл. 347 и 348, на главната расправа ќе се повикаат обвинетиот и неговиот бранител, тужителот и оштетениот,  нивните законски застапници и полномошници, како и толкувач. На главната расправа ќе се повикаат и сведоците, вештаците и техничките советници кои се предложени од тужителот во обвинителниот акт, односно обвинетиот во приговорот против обвинителниот акт или во посебен поднесок, освен оние што претседателот на советот ќе ги одбие како незаконити, нејасни или неважни. Тужителот и обвинетиот можат, на главната расправа, да ги повторат предлозите што претседателот на советот не ги усвоил. 

[5] Stone, оп. цит., стр. 3.

[6] Stone, оп. цит., стр. 3.

[7] Калајџиев/Раичевиќ-Вучкова/Димитровски/Витанов/Трајановска, Преуредување на главниот претрес во Република Македонија, оп.цит.