Македонски Shqip English

Мила Исаковска

СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ И ПОЛИТИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ

Слободата на изразување и здружување претставува една од најсуштинските основи на едно демократско општество и еден од основните услови за неговиот напредок[1]. Правото на слобода на изразување во Уставот на Република Македонија е вклучено во рамки на изразот “јавно изразување на мисла”[2] кое кореспондира со член 10 од ЕКЧП[3] чиј опфат подетално е објаснет во став 1. Конвенцијата вклучува право да се има мислење, како и да се примаат и да се пренесуваат информации и идеи[4]. Уставот зазема поопшт пристап во заштитата на ова право во рамки на член 110, алинеја 3[5], а на подетален начин го објаснува неговиот опфат и неговото гарантирање со членовите 16, 17 и 18[6].

ЕКЧП во став 2 од член 10 ги вклучува околностите кога слободата на изразување би можела да биде ограничена. Иако овие ограничувања се формулирани поопширно отколку на пример кај други права и слободи, во практиката ЕСЧП[7] зазема пристап со кој исклучоците на слободата на изразување “мора да бидат тесно толкувани и неопходноста за какви било ограничувања мора да биде убедително утврдена.”[8] Од друга страна, Уставот не вклучува исклучоци на слободата на изразување. Уште повеќе, во член 54, став 4 се кажува дека “Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на … слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповедта.” Но, само доколку мислата не е изразена. Сепак, УС[9] оваа одредба ја толкува во корелација со член 126, став 1  од Уставот и според овој суд член 54, став 4 всушност означува забрана за Владата во време на воена или вонредна состојба да издаде декрет со сила на закон преку кој слободата на изразување би била ограничена (на општ начин, а задолжителна за сите). Но, исто така, оваа одредба значи забрана за донесување закон или друг правен акт кој би ја ограничил (на сите или на група луѓе) оваа слобода, на пример ограничување на некаква форма на практично манифестирање на слободата на изразување на мислата. Сепак, ова не кореспондира со реалноста во која ограничувањето може да се најде во законите,  без оглед дали се работи за санкција од областа на граѓанското или од кривичното право[10]. Принципот на законитост,[11] според УС, овозможува да се пропишат санкции во законите и со тоа да се ограничи слободата на изразување, особено во случаи кога слободата на изразување ги повредува правата и слободите на другите. Ваквото становиште на УС, утврдено во случајот Руфи Османи, донесено на 8 април 1998 година, го покренува прашањето дали начелото на легалитет или законитост од член 14 од Уставот може да ја надмине одредбата содржана во член 54, став 4 од Уставот, со која се вели дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на слободата на изразување, како и на одредбата содржана во член 54, став 1 каде се вели дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Ова прашање останува отворено за дискусија и за понатамошно толкување.

- Случаи разгледани од Уставниот суд во врска со слободата на изразување.

Случајот Руфи Османи- господин Руфи Османи во 1997 година бил градоначалник на Гостивар.[12] Од позиција на градоначалник одлучил да не ја почитува одлуката на УС која, со времена мерка, ја суспендира одлуката на Советот на општина Гостивар со која тогаш се одлучило да се користат албанските и турските знамиња заедно со македонското знаме пред зградата на Советот на општина Гостивар. Неговата реакција на таа одлука била демонстрирана во форма на протестен собир  на кој било истакнато знамето на Република Албанија, била користена албанската национална химна, а тој го одржал говорот кој всушност е прашање на спорот што ја засегнува слободата на изразување[13]. Како резултат на тоа, жалителот (надвор од неговите надлежности како градоначалник) организирал вооружени смени за заштита на албанското знаме и поставил централен кризен штаб, како и регионални штабови. На 9 јули 1997 година, полицијата ги отстранила знамињата што биле поставени пред зградата на Општина Гостивар. При отстранувањето на знамињата, првично, група од 200 граѓани ја нападнале полицијата користејќи камења, метални прачки, молотови коктели итн.  Околу 3 часот попладне група од 7-8000 луѓе се собрала пред зградата на Општина Гостивар и учествувала во судир со полицијата. Како резултат на судирите имало три жртви, многу граѓани биле повредени и била предизвикана значителна штета. Истиот ден полицијата го пребарала домот на жалителот и запленила оружје и документација.  Како резултат на националната кривична постапка жалителот, како градоначалник (јавна функција), бил осуден за поттикнување, за национална, расна и религиозна омраза, несогласување и нетолеранција, организирање отпор кон законска одлука или активност на државна институција и неспроведување одлука на УС.

Кога поднел уставна жалба (тужба)[14], Руфи Османи се жалел врз основа на заштита на слободата на изразување на мислата. Судот заклучил дека нема повреда на слободата на изразување и го одбил барањето заради следново: “…на ограничувањето на слободата на јавното изразување на мислата … крајниот заклучок се сведува на принципот на законитоста, содржан во член 14, став 1 од Уставот на Република Македонија.” Судот се осврнал на начинот на кој жалителот се обратил кон јавноста и како го изразил своето мислење, на зборовите што ги употребил,  на местото на кое се појавил, на позицијата, на целта што сакал да ја постигне и на последиците, како и на дејствијата што ги преземал пред и по протестот. Погледнато во целина, ова претставува дејствие насочено против уставниот и законскиот поредок, како основа за уживање на сите слободи и права и се совпаѓа со законската карактеризација на кривичното дело за кое тој бил сметан за виновен. Понатаму, судот сметал дека неговите кривични дела биле изведени во рамки на дејствие кое се чинело како уживање на правото на слобода на изразување. Сепак, не претставувало основа за да се оправда вината на жалителот во врска со кривичните дела кои ги извршил. Уште поважно, неговите дејствија резултирале со загуба во содржината на јавното изразување, како што е гарантирано и заштитено со Уставот.  Треба да се забележи дека жалителот, со јавно изразеното мислење не го изразувал само своето интелектуално или политичко гледање, туку директно ги повикал граѓаните од албанско етничко потекло да не го почитуваат, уште повеќе, да се борат против јавниот поредок.  Ова резултирало со предизвикување нетолеранција, со несогласување и омраза помеѓу граѓаните на Гостивар во ситуација на веќе постоечка осетлива меѓуетничка тензија. 

На овој случај ЕСЧП му пристапил преку системот на проценка дали одредени наметнати ограничувања на слободата на изразување се во согласност со Конвенцијата.[15] Судот започнал со заклучокот дека имало вмешување во слободата на собир на жалителот, кој го разгледувал преку член 10, односно преку слободата на изразување. Понатаму, ЕСЧП продолжил со проценка дали ова вмешување било оправдано, а за да биде тоа утврдено навлегол во анализирање дали вмешувањето било пропишано со закон, дали следело некаква легитимна цел и дали било неопходно во демократско општество. ЕСЧП заклучил дека законот претставувал доволна правна основа за осудувањето на жалителот и дека одредбата што била во прашање била достатно прецизна за жалителот да може да предвиди, во тие околности, кои би биле последиците коишто би можеле да ги предизвикаат неговите дејствија. Понатаму, ЕСЧП сметал дека вмешувањето следело неколку легитимни цели како спречувањето на нередот и на криминалот, зачувувањето на националната безбедност и заштитата на слободите и правата на другите.

Што се однесува до неопходноста на вмешувањето, ЕСЧП ценел дали вмешувањето одговарало на “неодложната општествена потреба” и дали било “пропорционално на легитимната цел што се следи”. Истакнал дека принципот на пропорционалност барал балансирање помеѓу условите и целите наведени во став 2, од една страна, и тие на слободата на изразување на мислење, од друга страна. И овој случај особено бара најблиско разгледување, бидејќи засега во слободата на собир и на изразување на избран претставник.[16] ЕСЧП одлучил да и` даде посебно внимание на содржината и на контекстот на говорот на жалителот, како и на митингот што тој го свикал, со цел да се утврди дали може да се смета за поттикнување на насилство. Заклучил дека жалителот, кој бил високопочитувана личност во албанската заедница, го свикал митингот и го одржал говорот свесен за одлуката на УС и за ризикот од покренување јавни немири, неред и судир со полицијата. ЕСЧП посебно внимание им посветил на вооружениот бунт, на жртвите и на материјалната штета кон која жалителот придонел со своите дејствија и со  својот говор и заклучил дека мерките на кривичниот закон, наметнати од домашните судови, одговориле на “неодложната општествена потреба”. Понатаму, сметал дека домашните власти дале задоволувачки причини за да се оправда осудувањето на жалителот.

Се чини дека проценките претставени од двата суда делат слична позиција кога проценуваат за балансирањето помеѓу важноста на слободата на изразување - од една страна и за околностите кога оваа слобода може да биде ограничена - од друга страна. Уставниот суд  во конкретниов  случај изречно не ги наведува принципите развиени во Конвенцијата, ниту пак презентира постоечка судска практика. Сепак, суштината на размислувањето претставена од овој суд е во линија на Конвенцијата.

Случајот на адвокатот Левко Таневски Адвокатот бил осуден за клевета заради изјавите дадени на суд во тек на процес  во кој тој бил застапник на една од страните.[17] Иако УС ги отфрлил неговите тврдења и не нашол повреда на слободата на изразување, сепак случајот  е интересен за анализа од аспект на стандардите на ЕКЧП. 

Според фактите од случајот, адвокатот Таневски застапувал компанија во граѓански спор во врска со поништување договор за адвокатски услуги помеѓу компанијата и други адвокати. Откако адвокатите го изгубиле спорот, поднеле предлог до јавниот обвинител барајќи да се поднесе Барање за заштита на законитоста. Одговорот на ова Барање, поднесен од адвокатот Таневски, го содржи инкриминирачкиот говор за кој тој подоцна бил осуден. Во говорот тој изјавил дека за активностите што адвокатите ги спровеле, доколку се погледне во Тарифникот за награда и надомест за работата на адвокатите, тие барале многу висока сума. Ова, според неговите зборови, било “најблаго речено нечесно” и овозможува основа за некој да ги добие истите пари за извршување “виртуелни дејствија”, а самото овозможување да се земат тие пари претставува соучесништво во спроведување незаконити дејствија. Понатаму, тој изјавил дека е чудно што истите адвокати склучиле неколку договори слични на оспорениот, за кои исто така преземале некои дејствија и врз основа на истите барале десетици или илјадници евра. Заради ваквите изјави наведени во одговорот кон Барањето за заштита на законитоста, адвокатите поднеле приватна кривична тужба за клевета. Како резултат на тоа тој бил осуден за виновен и морал да им плати надомест за штета во висина од речиси 7000 евра. Во објаснувањето од редовните судови, според доказите, бил донесен заклучок дека неговите изјави не се точни и дека со нивното презентирање тој влијаел на угледот и на честа на колегите адвокати.

Уставниот суд во својата проценка на случајот навел дека ги зема предвид Основните принципи за улогата на адвокатите изготвени на Осмиот конгрес на ООН за превенција на криминалот и за третманот на сторителите.[18] Овие принципи потврдиле дека адвокатите за своите изјави, дадени во писмена или во усна форма при професионалното застапување пред судовите, треба да уживаат граѓански и кривичен имунитет. Понатаму, ја зел предвид и Препораката 2000 (21) од Комитетот на министри на Советот на Европа, каде на земјите-членки им се препорачува да ја поттикнуваат слободата во извршувањето на адвокатската професија, вклучувајќи го и воздржувањето од санкции кон адвокатите кога се однесуваат во рамки на  професионалните стандарди. УС се осврнал и на случајот Nikula v.Finland [19], кој вклучува истражување поднесено од Interrights, каде било наведено дека привилегиите на изјавите кои наводно би претставувале клевета му дозволуваат на адвокатот да аргументира што е можно поефективно, како и да се потпира на факти за кои не мора да биде сигурен дека се точни. Дури и кога изјавата на еден адвокат би можела да биде предмет на ограничување, таквото ограничување е вообичаено наметнато само кога изјавата не само што е клеветничка, туку и целосно е неповрзана со постапката во која се инволвирани странките. На крајот од своите заклучоци УС навел дека,  земајќи ја предвид природата на изјавите што се од клеветнички карактер и практиката на ЕСЧП, нивото на толеранција во ограничувањето на слободата на изразување е оправдливо пониско. Но, доколку жалителот би ги бранел своите клиенти во тешки кривични дела, нивото на толеранција би било значително повисоко.

Во своето одвоено мислење судијата Игор Спировски се осврнал на заклучоците од оваа пресуда и ги презентирал своите аргументи за несогласувањето со истите.[20] Првенствено, тој пристапил преку системот на проценка кој го употребува ЕСЧП, преку разгледување дали има вмешување во заштитеното право, дали е пропишано со закон и дали следи легитимна цел. Откако констратирал дека постои законска одредба која може, сама за себе, да се смета како ограничување на слободата на изразување во одредени околности, ја лоцирал легитимната цел во заштитата на правата на другите. Што се однесува до проценката на пропорционалноста на дејствијата преземени од судовите, овој судија смета дека спротивставените интереси, коишто треба да бидат проценети во конкретните околности, не се внимателно анализирани. Особено, доколку се земе предвид дека не му се посветило должно внимание на член 21 од Законот за адвокатура кој им доделува одреден имунитет на адвокатите за претставеното мислење во доделувањето  правна помош. Жалителот и останатите адвокати имаат сериозни правни индикации дека нивото на толеранција е поставено многу високо, а тоа им дозволува да го сметаат ова како слобода од трпење штетни последици во презентирањето на изјавите при давањето правна помош. Овој вид  имунитет добива смисла особено кога имаат одреден казнен карактер. Од друга страна, неспорно е дека дадените изјави при давањето правна помош кога немаат разумна поврзаност со предметот на спорот не можат да бидат заштитени со привилегијата на имунитет.

Главно прашање е дали во конкретниов случај имало таква поврзаност помеѓу инкриминирачкиот дел од пишаниот одговор со предметот на спорот[21]. Според неговото мислење, целосната намера во пишаниот одговор, вклучително и во инкриминираниот дел, има јасна цел пред Врховниот суд да истакне дека принципот на чесност, кој произлегува од облигационите односи, во конкретниов случај е засегнат.

Конечно, тој посочува на еден процедурален аспект кој е важен за значењето на заштитата на слободата на мислата и изразувањето на истата. Во претходните постапки на жалителот му било ускратено да прикаже докази пред редовните судови каде главно прашање била вистинитоста на инкриминирачките изјави, уште повеќе, кога товарот на докажување паѓа на страната на жалителот, па не е прифатливо личноста од која се бара да го докаже своето тврдење дека нема пристап до презентирањето на доказите што ги предлага. Во овој контекст дури и ако изјавите не можеле да бидат докажани, ограничувањето на слободата на мислата и изразувањето во случајот на жалителот не била пропорционална  на легитимната цел. Дополнително, овој пристап не може да се смета за неопходен во демократско општество. Судијата истакнува дека потврдувањето на спротивниот став е секогаш заради некаков јавен интерес или права на други кои би можеле да бидат презентирани како ограничување на слободата на изразување,[22] и дека предмет на заштитита кај УС е токму таа слобода, особено кога допира врз јавниот интерес и врз правата на другите. На крајот заклучува дека има повреда на слободата на изразување заштитена со член 16 во врска со член 53 од Уставот.               

Откако би бил разгледан ставот на УС и одвоеното мислење, треба да се земат  предвид и двата пристапи. Ако се земат предвид сличностите на случајот Nikula[23] со тој на адвокатот Таневски, тешко е да се постигне поинаков заклучок во однос на заштитата на слободата на изразување, спореден со веќе утврдениот во Nikula. ЕСЧП во случајот Nikula пресудил дека има повреда на слободата на изразување и особено посветил внимание на целта на говорот и на содржината на инкриминираниот говор. Овој суд го потврдил својот став дека ограничувањето на слободата на изразување на адвокатите може да биде наведена само во исклучителни случаи. Слично како во случајот Nikula, властите не успеале да ги презентираат причините кои го оправдуваат вмешувањето во слободата на изразување на адвокатот и како одговара на неодложната општествена потреба. Врз основа на овие аргументи, лесно е да се заземе страната на судијата Спировски, бидејќи тој го има истото мислење како и ЕСЧП во Nikula, каде се утврдува дека овие ограничувања не се неопходни во едно демократско општество.

Прашањето на клевета било покренато и во случајот на г-н Јани Макрадули.[24] Тој изјавил сомневања за работата на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање на прес-конференција кои ги искажал во прашална форма. УС му  посветил повеќе внимание на фактот дека политичарот не го докажал своето тврдење пред редовните судови и со тоа не нашол повреда на слободата на изразување преку осудата за клевета. Очигледно е дека УС не го земал  предвид случајот на Castells v. Spain[25], каде ЕСЧП нашол повреда на слободата на изразување, бидејќи политичарот бил осуден за истакнување насилни дејствија спроведени од Владата. Според ЕСЧП границите на критика се пошироки кога се упатени кон Владата и кон лицата кои обавуваат јавни функции.[26]

СЛОБОДА НА ПОЛИТИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ

Опфатот на заштитата на слободата на здружување во Уставот е многу потесен отколку обемот на заштитата што го нуди ЕКЧП, која не прави поделба помеѓу формите на здружување и ги заштитува сите форми на здружување и собир. Наспроти тоа, во Уставот е издвоена само една форма на здружување,  политичката форма, која би можела да биде заштитена со поведување уставна жалба.

Случајот на Џавид Рушани- Овој случај истовремено претставува и единствен случај во кој УС нашол повреда на право заштитено со Уставот преку чл.110 алинеја 3. Со пресудата било утврдено дека господин Рушани[27] претрпел повреда на правото на изршување политички активности. Поконкретно, општинската изборна комисија на Општината Зајас ја извршила оваа повреда преку неприфаќањето на неговата кандидатура за градоначалник на Општината. Со утврдувањето на оваа повреда и според надлежностите Уставниот суд ја поништил спорната одлука.

Според фактите на случајот, комисијата ја донела спорната одлука откако ѝ биле доставени податоци од Министерството за внатрешни работи дека лицето кое ја доставило кандидатурата било осудено во кривична постапка во 2001.[28] Сепак, при разгледувањето на доказите елаборирани од УС, било утврдено дека Министерството, во својата датабаза, не успеало да ги ажурира податоците дека истото лице добило амнестија во 2002. Дури и кога господин Рушани ги поднел доказите до комисијата дека примил амнестија за кривичната осуда, комисијата и понатаму одбивала да ја промени својата одлука.

Треба да биде забележано дека дополнителниот доказ на комисијата ѝ бил доставен во временската рамка на периодот за поднесување на кандидатурите за градоначалник и притоа комисијата имала време да ја смени својата одлука без да и наштети на засегнатата индивидуа. Комисијата презентирала објаснување за неразгледувањето на доставените докази - заради процедурални пречки лоцирани во Законот за изборите. Со овие преземени или непреземени дејствија од комисијата се овозможило да се создаде ситуација во која лицето се лишува од правото да учествува на избори за градоначалник на општината Зајас. Со ова комисијата го повредила неговото право на слобода на политичко здружување и активност. 

Уставниот суд, во конкретниов случај во своите заклучоци не пристапил според критериумите утврдени од ЕСЧП и при анализирањето на образложението кое државниот орган го понудил за оправдување на својата постапка, ниту пак според (не)презентираната легитимна цел. Но, без оглед на природата на пристапот, УС сепак утврдил дека клучното прашање или клучниот проблем е во одбивањето на комисијата да ја промени својата одлука во случај кога нема други постоечки пречки индивидуата да го ужива своето право на политичка активност и здружување. Она што е особено интересно во овој случај е дека УС заземал прилично широк пристап и се впуштил во дискутирање на прашање за слободата на една личност да земе улога во избори, опфатена под капата на слободата на политичко здружување и активност. Логично, не може да се спори дека слободата на учествување во избори е поврзана со слободата на политички активизам. Ова е јасна демонстрација дека овој суд е способен за пошироко интерпретирање на својата прилично ограничена надлежност кога се во прашање уставните жалби. 

Пред да бидат презентирани заклучоците извлечени од наведениве случаи треба да се посочи дека истите беа одбрани како резултат на комплексноста и на сензитивноста на прашањата покренати пред УС. Исто така, треба да се појасни дека случаиве беа разгледувани низ призмата на стандардите што ги обезбедил ЕСЧП, како најразвиен механизам во светот за заштита на индивидуалните права и слободи.

Оттука, доколку се сумираат заклучоците од овие случаи, а и некои кои не се детално елаборирани во овој текст, генерално може да се заклучи дека УС ги следи воспоставените стандарди на ЕСЧП. Сепак, се добива симптоматичен и нејасен впечаток од одлуката во случајот Левко Таневски, која пак е една од ретките, ако не и единствена во која УС посочува на конкретен случај од судската практика на ЕСЧП. Во овој случај презентираните одлучувачки аргументи отстапуваат и од духот на Конвенцијата, како и од нејзината судска практика. Дополнително, случајот на Јани Макрадули покажува дека кога се во прашање спорови за клевета УС во целост не ги следи принципите на Конвенцијата . Што се однесува до општото користење на судската практика, одлуките на УС покажуваат недостиг на обичај да се користи, односно да се наведува каква било судска практика, па дури и сопствената. Оваа карактеристика е заедничка за целокупниот македонски судски систем. Сепак, се чини дека постои позитивна тенденција, која може да се извлече од елаборираните одлуки. Важноста на користењето на судската практика е нешто што ќе служи не само за појасни принципи, за конзистентност и доследност во процесот на донесување одлуки од судовите, туку и за едукативни и информирачки цели, како за стручната, така и за општата јавност. Актуелниот судија во ЕСЧП, г-ѓа Мирјана Лазарова Трајковска истакнува дека граѓаните мора да имаат пристап до датабазата на судската практика на УС, изработена на таков начин кој ќе им служи и на идните жалители.[29]


[1] Lingens v. Austria, бр. 9815/82, од 8 јули 1986, став 41;

[2] Член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија;

[3] Европска конвенција за човековите права (ориг.наз. Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи);

[4] Член 10, став 1(целосен текст од одредбата на страна 6 во ЕКЧП, официјална веб страна на ЕСЧП)  ˂http://www.echr.coe.int/NR/rdonlyres/D5CC24A7-DC13-4318-B457-5C9014916D7A/0/ENG_CONV.pdf˃

[5] “…мисла и јавно изразување на мисла…”

[6] Член 16: Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета. Член 17: Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.
Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката. Член 18: Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработката на податоците.

[7] Европски суд за човекови права;

[8] The Observer and Guardian, пресуда од 26 ноември 1991 година, став 59;

[9] Уставен суд на Република Македонија;

[10] Случај Руфи Османи, Одлука бр.50/1998-0-0, од 8 април 1998;

[11] Член 14, став 1 од Уставот “…Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. …”

[12] Случај Руфи Османи, Одлука бр.50/1998-0-0, од 8 април 1998, став 3, 4 ;

[13]  “…животот го даваме, знамето не го даваме ... не ги признаваме одлуките на Уставниот суд. ... "нашите територии во Македонија се наши територии, тоа нека се знае еднаш за секогаш"; "на секоја наша територија нашето знаме секогаш ќе се вее", "нивната црна рака го искрвави тетовскиот универзитет вчера, оваа црна рака денес сака да го искрвави и националното знаме, но нека размислат добро, затоа што на нивните шлакалници ќе одговориме со шлаканици, јас им испратив јасна порака, додека сум јас во општината Гостивар никој не смее да го допре албанското знаме.”

[14] Терминологијата е неутврдена (во различни текстови за истиот правен лек се среќава и жалба и тужба), авторот одбира да користи жалба;

[15] Rufi Osmani and others v. The former Yugoslav republic of Macedonia, бр. 50841/99,

[16] Исто и во Castells v. Spain пресуда од 23 април 1992.

[17] Случајот Левко Таневски, Одлука бр. 107/2010-0-0, од 16 февруари 2011, став. 1, 3;

[18] Случајот Левко Таневски, Одлука бр. 107/2010-0-0, од 16 февруари 2011, став. 5;

[19] Nikula v.Finland, бр. 31611/96, од 21 Јуни 2002, став.22

[20] Случајот Левко Таневски, Одлука бр. 107/2010-0-0, од 16 февруари 2011, одвоено мислење на судија Игор Спировски, став. 1, 2;

[21] Случајот Левко Таневски, Одлука бр. 107/2010-0-0, од 16 февруари 2011, одвоено мислење на судија Игор Спировски, став. 3, 4.

[22] Случајот Левко Таневски, Одлука бр. 107/2010-0-0, од 16 февруари 2011, одвоено мислење на судија Игор Спировски, став. 6);

[23] Случај Nikula v. Finland, бр. 31611/96, од 21 март 2002, став.52-56.

[24] Случајот Јани Макрадули, одлука бр. 146/2010-0-0, од 23 февруари 2011;

[25] Castells v. Spain, application no. 11798/85;

[26] Карен Рид (прев.), Водич за практичари низ Европската конвенција за човекови права (второ изд.  Sweet and Maxwell Limited, UK 2006), 273.

[27] Случај Џавид Рушани, Одлука бр. 84/2009-0-0 од 10 февруари 2010 г.;

[28] Случај Џавид Рушани, Одлука бр. 84/2009-0-0 од 10 февруари 2010 г. став. 1, 4, 6.

[29] Мирјана Лазарова Трајковска, ‘Засилување на супсидијарноста со интегрирање на судската пракса: Улогата на УС и уставното право на жалба’ (Мај-Ноември 2010) Vol.II бр.3 Крстопати- Македонско надворешно-политичко списание 143