Македонски Shqip English

Сексизам

Сѐ повеќе се соочуваме со појави на (јавно) однесување кое е насочено кон индивидуи или група на луѓе, а кое резултира со деградирање на статусот на жените и нивната функција во општеството и домот. Таквото однесување од страна на маж/и, а насочено кон жен(а)и се нарекува сексизам. Според дефиницијата на Советот на Европа (чија членка е и нашата држава) сексизам е: секоја реакција (вклучително шеги, коментари и мажјаснување[1]), визуелно претставување, усмена или пишана изјава, пракса или однесување во јавната или приватната сфера, на интернет или лично, кое се заснова на идејата дека некоја личност или група на луѓе е инфериорна во однос на другата само поради нејзината родова и полова припадност.

Сексизмот е манифестација на историски нееднакви односи на моќ меѓу мажите и жените кои водат до дискриминација и ја оневозможуваат родовата еднаквост и унапредувањето на жените во општеството. Без разлика дали сексизмот е намерен или произлегува од небрежност и недоволно развиена свест, тој има ефект на подривање на достоинството на личноста или групата кон која е насочен, може да резултира со физичко, психолошко, сексуално и социо-економско насилство и да создаде застрашувачка, непријателска деградирачка, понижувачка и навредлива атмосфера. Дополнително сексистичкото однесување води кон создавање препреки за целосно остварување на човековите права и кон репродуцирање на родовите стереотипи и со тоа ја оневозможува еднаквата распределба на општествените и природните добра.

Конвенцијата за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените и Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, документи кои се ратификувани од Република Северна Македонија, го препознаваат сексизмот како дел од континуумот на родовите стереотипи, родовата нееднаквост и насилството врз жените (вклучително и девојчињата).

Имајќи го сето ова предвид, сите имаме обврска да внимаваме да не шириме сексизам преку своите изјави и однесувања, а кои ја обезвреднуваат функцијата и улогата на жените. Освен на индивидуално ниво, сексизмот треба да се искорени и на институционално и на системско ниво. Според најновата препорака на Советот за Европа за борба против сексизмот, посочени се 9 области во кои треба да се започне со реформи и мерки за борба против сексизмот на сите три нивоа. Тоа се:

1) јазик и комуникација,

2) интернет, социјални медиуми и онлајн сексистички говор на омраза,

3) работно место,

4) јавен сектор,

5) правосудство,

6) образовни институции,

7) култура и спорт

8) приватен сектор, и

9) медиуми, реклами и други комуникациски средства и услуги.

Ова ќе се оствари од носење легислатива и мерки против сексизам, кампањи за подигање на свеста, до специфични алатки за адресирање на сексизмот во посочените области, како на пример: музеи на родова еднаквост, национален ден против сексизмот, награди за родово-сензитивни практики, финансиски санкции за оние кои шират сексизам, итн. Во услови кога во државата мора да се прават напори за унапредување на родовата еднаквост и интегрирање во Европската Унија, сексистичките изјави и однесување се огромен чекор назад и за државата и за мажите и жените во неа.

 

[1] Неформална кованица од „маж“ и „објаснување“: [orig. mansplaining] објаснување на некој поим или појава на жена на поедноставен начин којшто претпоставува дека соговорничката нема познавање на темата и е на тон полн со самодоверба, вообразеност и арогантност.

 

16.09.2019, Скопје