Македонски Shqip English

Доц. д-р Бранко Димески

ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО ОДНОС НА АДМИНИСТРАТИВНИТЕ АКТИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

АПСТРАКТ

Во 2006 година во Република Македонија се промени моделот на административно-судската контрола над поединечните акти на администрацијата. Англосаксонскиот модел беше заменет со европско-континенталниот. Во 2006 година се формираше Управниот суд, во 2011 година Вишиот управен суд,  но засега практикувањето на овој модел не придонесува да се постигне поефикасна заштита на правата, на правните интереси и слободи на граѓаните во Република Македонија.

Клучни зборови: ефикасност, административно судство, организација на административното судство, Управен суд.

1. Вовед

Во организацијата на судската контрола на актите на администрацијата денес главно се издиференцирани два модела: европско-континентален и англосаксонски. Едниот се карактеризира со конституирање на посебно административно судство за контрола на актите на администрацијата, а другиот со надлежност на редовното судство. Двата система имаат свои позитивни и негативни страни.  При изборот на системот   државата мора да ги има предвид своите специфичности, потреби и цели кои се стреми да ги постигне.

До донесување на новиот Закон за управни спорови надлежен орган за решавање на  управните спорови, согласно со Уставот на Република Македонија (од 1991 година) и Законот за судовите (од 1995 година) беше Врховниот суд на Република Македонија, како највисок суд во државата од општа надлежност, во чиј состав се наоѓаше посебно специјализирано-управно одделение, надлежно за решавање на управните спорови.

Законот всушност има прифатено модел на административно-судска контрола во кој се испреплетуваат елементи и на англосаксонскиот и на францускиот модел на административно-судска контрола, бидејќи контролата на законитоста на административните акти се вршеше во посебна пропишана административно-судска постапка (елемент од францускиот модел на административно-судска контрола) од страна на Врховниот суд на Република Македонија, како највисок општ суд во државава (елемент од англосаксонсиот модел на административно судска контрола) (Пеливанова, Административно судство, стр. 192).

Која беше причината во Република Македонија да се промени моделот на организацијата на административното судство?

  • Практиката на задоцнето и бавно  решавање на административно-правните предмети во Врховниот суд на Република Македонија;
  •  долгите, скапи и исцрпувацки административно-судски постапки, (Предлог закон за управните спорови од 2006 година);
  • динамиката на процесите и работењето на администрациата;
  • барањата за тесна специјализација, стручност и познавање на особеностите на одделни правни институти на судиите надлежни за решавање на управните спорови (Давитковски, Павловска-Данева, 114);

2. Модел на организација на административното судство во РМ

Република Македонија веќе неколку години го практикува европско-континенталниот модел на административно - судска контрола. Со конституирањето  на судскиот систем на Република Македонија во Управен суд, во државава  започна да функционира првостепено управно судство кое требаше да ја надмине практиката на  бавното решавање на административно-правните предмети во долги, скапи и исцрпувачки административно-судски постапки кои порано беа во надлежност на Врховниот суд на Република Македонија (Давитковски, 1-3); Но, што донесе примената на овој модел на судска контрола? Ќе илустрираме со одредени показатели коишто ни беа достапни.

2.1 Организацијата на административното судство во РМ- правни решенија

Уставот на Р.Македонија во XXV-от амандман декларира дека судската власт во Република Македонија ја вршат самостојни и независни судови кои  судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Истиот уставен амандман предвидува видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, да се уредува со закон кој се донесува со двотретинско (квалифицирано) мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (Устав на РМ, 1991 година).

Во Уставот на РМ (член 101) Врховниот суд на РМ  е предвиден како највисок суд во Република Македонија. Задача на овој суд е да обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите (Климовски, 505). Уставот на Република Македонија (член 50, став 2)  предвидува и  судска контрола на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, додека XXΙ-от амандман на Уставот на Република Македонија го гарантира  правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд.

Законот за судовите (во член 22) предвидува дека во судскиот систем на Република Македонија судската власт ја вршат основните судови, апелациските судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија.  Надлежноста на Управниот суд ја дефинираат Законот за судовите и Законот за управните спорови.

Законот за судовите (член 34) предвидува Управниот суд да решава:

  • за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назнацување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон;
  • за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот Скопје склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служа, (управни договори);
  •  против поединечни акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршењето на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт не е обезбедена друга правна заштита.

Вишиот управен суд се основа и ја врши судската власт на целата територија на Република Македонија.

Вишиот управен суд е надлежен:

  1. да решава по жалбите против одлуките на Управниот суд;
  2. да одлучува за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, меѓу општините и градот Скопје, меѓу општините на градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или со законите не е предвидена поинаква судска заштита; и
  3. да врши други работи определени со закон.

Законот за управни спорови предвидува Управниот суд, во управен спор, во прв степен да одлучува по тужби против поединечни административни акти. Законитоста на општите административни акти е во надлежност на Уставниот суд на Р. Македонија.

Законот за управните спорови пак, покрај наведените надлежности кои ги пропишува во член 2, во членот 1 ја  пропишува и стварната надлежност на Судот да одлучува за:

- законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања, кога решаваат за правата и обврските во поединечните управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Изменетиот и дополнет Закон за управни спорови од 2010 година, кој ќе започне да се применува по конституирањето на Вишиот управен суд, а кој требаше да се формира најдоцна до 30.6.2011 година, во член 4 предвидува: „Управните спорови во Република Македонија да ги решаваат:

Управниот суд, како првостепен суд; Вишиот управен суд, како второстепен суд и - Врховниот суд на Република Македонија, кој одлучува по вонредни правни средства во случаите кога тоа е уредено со овој закон”. „Управниот суд во управен спор одлучува во прв степен по тужба против управни акти. Вишиот управен суд одлучува по жалби против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен. Врховниот суд одлучува по вонредни правни средства против одлуките на Вишиот управен суд,” но и за „судир на надлежност меѓу Вишиот управен суд и друг суд” (Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите - Службен весник на РМ бр.150/2010).

 

 

 

Фигура 1 Организациска структура на системот на административно судство во Република Македонија

 

3. Ефикасност на административно-судската контрола во РМ според англосаксонскиот модел

Табела 1. Предмети во работа во Управниот оддел на Врховниот суд на РМ во периодот 2000-2006 година

Година

2000

2001

2002

2003

2004

2005

2006

Вкупно предмети во работа во Управниот оддел


5636


5379


5169


6299


6793


7556


7506

Нерешени од претходната година

 

3273

 

3063

 

2634

 

3156

 

4139

 

4240

 

4067

Примени во тековната година

 

2363

 

2316

 

2535

 

3143

&nbsnbsp;

2654

 

3316

 

3439

 

Решени

 

2573

 

2745

 

2013

 

2160

 

2553

 

3490

 

4105

 

Нерешени

 

2063

 

2634

 

3156

 

4139

 

4240

 

4066

 

3491

 

(Годишни извештаи за работата на Врховниот суд на Република Македонија за периодот 2000-2006 година)

Табела 2. Предмети во работа во Врховниот суд на РМ по управни тужби

Година

2000

2001

2002

2003

2004

2005

2006

Вкупно предмети во работа по управни тужби

 

 

 

 

6167

 

 

 

7354

Решени предмети

2409

2659

1922

2092

2460

2460

3899

Нерешени предмети

 

 

 

4075

 

 

3455

Ново заведени предмети

 

 

 

3086

 

 

3322

Нерешени предмети од претходната година

 

 

 

3081

 

 

4032

(Годишни извештаи за работата на Врховниот суд на Република Македонија за периодот 2000-06 година

Табела 3.  Траење на постапката во управен спор

Година

2000

2001

2002

2003

2004

2005

2006

Решени предмети до 3 месеци

124

89

139

125

90

80

744

Решени предмети до 6 месеци

216

226

153

169

70

189

1585

Решени предмети над 6 месеци

2069

2430

1630

1798

2300

2987

1570

(Годишни извештаи за работата на Врховниот суд на Република Македонија за периодот 2000-2006 година)

Презентираните податоци, табеларно прикажани, недвосмислено потврдуваа дека речиси секоја година во анализираниот период бројот на нерешени предмети што се префрлал во наредната година е висок. Но, хендикеп на анализава претставуваше различниот начин на презентирање на податоците во извештајните години на Врховниот суд на Република Македонија, што беше причина истите да не можат да се прикажат подеднакво.

Но, од податоците се потврдуваше дека времетраењето на постапката во управните спорови во најголем број случаи беше над 6 месеци (Пеливанова, 844-855).  Врховниот суд на РМ, во прв степен, во управен спор, одлучуваше во два совети составени од по тројца судии.

Првиот совет одлучуваше по предметите од областа на урбанизмот, градежништвото, станбените односи, премерот и катастарот, имотно-правните односи, земјоделството, шумарството, водостопанството, ветеринарството, стопанството, царините, таксите, избирачките списоци, внатрешните работи, одбраната, правосудството и управата и индустриската сопственост.

Вториот совет одлучуваше по предметите од областа на пензиското и инвалидското осигурување, трудот, вработувањето, детската заштита, социјалната заштита, здравството, даноците, образованието, науката, културата, архивската дејност, информирањето и трансформацијата на општествениот капитал.

По жалба, кога таа беше дозволена како правен лек, Врховниот суд на РМ одлучуваше во совет составен од пет судии. Советот го сочинуваа тројцата судии од  првостепениот совет, кој немаше одлучувано по предметот во прв степен и двајца други судии од Врховниот суд на РМ, распоредени во кривичниот и граѓанскиот оддел.

4. Ефикасноста на административно-судската контрола во РМ според европско –континенталниот модел

Практикувањето на овој модел на административно-судска контрола во РМ ќе биде прикажан преку показатели од работењето на Управниот суд изнесени во неговите годишни извештаи за периодот 2008-2009 година (Годишни извештаи за работата на Управниот суд за периодот 2008-2009 година). 

Речиси една година по донесувањето на новите законски решенија за управниот спор во 2006 година, Врховниот суд на РМ само ги примаше правните средства со кои се иницираше судска контрола на поединечните административни акти и оформуваше предмети од оваа правната област без да постапува и одлучува по нив, чекајќи го конституирањето на новиот Управен суд. Управниот суд на РМ својата работа ја започна на 5.12.2007 година. Судот во 2008 година работеше со 22 судии, вклучувајќи го и претседателот на судот, а во постапка беше избор на уште  тројца судии.  Во текот на 2008 година во судот биле примени и оформени 8.497 предмети по различни основи, а во работа биле и 5.804 нерешени предмети од претходната година или вкупно 14.301 предмет. Од нив, во 2008 година биле решени 5.147 предмети, нерешени останале 9.154 предмети. (Извештај за работата на Управниот суд за 2008 година, 4). 

Во текот на 2009 година во Управниот суд се оформени 9043 нови предмети по различни основи, така што, имајки ги предвид и 9154-те нерешени предмети од минатата извештајна година, вкупно во работа во судот имало 18197 предмети од кои 7857 се решени, а останале нерешени 10340 предмети. Избрани биле уште тројца судии, така што вкупниот број судии во овој суд бил 25.

Работата по предметите во овој суд се одвивал во осум совети, формирани во рамки на шест специјализирани судски оддели и тоа: -

I - ОДДЕЛ ЗА ИМОТНО – ПРАВНА ОБЛАСТ, КАТАСТАР И ОБРАЗОВАНИЕ

II – ОДДЕЛ ЗА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА, ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА, ДЕЕКСПРОПРИЈАЦИЈА И ТРАНСФОРМАЦИЈА

III – ОДДЕЛ ЗА УРБАНИЗАМ И ГРАДЕЖНИШТВО, ВОДОСТОПАНСТВО, ЗЕМЈОДЕЛСТВО, СТОПАНСТВО, СООБРАЌАЈ И ВРСКИ, ИГРИ НА СРЕЌА И РАДИОДИФУЗИЈА

IV – ОДДЕЛ ЗА ПЕНЗИИ И ДРУГИ ПРАВА ОД ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ, ПРАВО ПО ОСНОВ НА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА, ПРАВО ПО ОСНОВ НА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, ПРАВА ОД ЗДРАВСТВЕНО – САНИТАРЕН НАДЗОР И КОНТРОЛА, НАДЗОРНИ МЕРКИ НА ИНСПЕКТОРОТ НА ТРУДОТ

V - ОДДЕЛ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ, ПРАВА ПО ОСНОВ НА НЕВРАБОТЕНОСТ, ЈАВНИ ДАВАЧКИ, ДАНОЦИ, ПРИДОНЕСИ, РАБОТНИ ОДНОСИ, АКЦИЗИ, РАЗРЕШУВАЊЕ ОД ДОЛЖНОСТ, АДВОКАТИ, ЕКОНОМИЈА, КОНКУРЕНЦИЈА, ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР, ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

VI – ОДДЕЛ ЗА ЦАРИНИ, ТАКСИ, НАДОМЕСТОЦИ, СТАТУСНИ ПРАШАЊА, ПАТНИ ИСПРАВИ, ВОЗИЛА, ОРУЖЈЕ, ПРАВА ОД ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ И АВТОРСКИ ПРАВА, ЖИГ, БАНКАРСКИ РАБОТИ, КОНЦЕСИИ, ОДБРАНА, ДЕЛОВЕН СУБЈЕКТ, ЕНЕРГЕТИКА, ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИ.

Во рамки на вториот оддел функционирале два совета (II СОВЕТ и VII СОВЕТ), во рамките на шестиот оддел исто така функционирале два совета (VI СОВЕТ и VIII СОВЕТ), а во рамки на останатите четири оддели функционирале по еден совет (I СОВЕТ, III  СОВЕТ, IV СОВЕТ и V СОВЕТ) (Извештај за работата на Управниот суд за 2009 година, 6). 

5. Заклучни согледувања

Показателите од работата на Управниот суд во Република Македонија  наметнуваат низа прашања, но и заклучоци. Иако показателите се однесуваат за период од само две години работа на овој суд,  забележителна е високата бројка на нерешени предмети која се пренесува од година во година, иако законските надлежности на овој суд се поголеми во однос на претходните. Но, факт е дека во Управниот суд неколкупати беше зголемен и бројот на судии, односно судски совети кои одлучуваат по предмети од административно-правната област. Денес тој број е дваесет и пет судии. Во 2008 година бројот на нерешени предмети од административно-правната област изнесува 9154, додека во 2009 година е 10340. Високота бројка на нерешени предмети неминовно го наметнува заклучокот дека во Република Македонија   продолжува практиката на бавна заштита на правата, правните интереси и слободи на граѓаните во Република Македонија, кога истите се повредени со поединечни акти на администрацијата на Република Македонија (Оценки и заклучоци на Врховниот суд на РМ по извештаите за работа на судовите во Република Македонија, 4-6).

Каде да се бараат причините за ваквите состојби?  Дали истите се резултат на несоодветните просторни и технички услови за работа на Управниот суд како што се истакнува во годишните извештаи на овој суд, или е во прашање недоволниот број помошен и технички персонал вработен во судот, несоодветно избраниот, односно неспецијализиран судски кадар за овој вид правна материја? Или...повторно не одговара моделот на админитративно-судска заштита? Или... проблемот е во начинот на неговото практикување? Или...???

Секако дека просторното и техничко опремување на судот имаат одредено влијание врз неговото ефикасно работење и тоа не може да не се вреднува при барањето на причините за големиот број нерешени предмети. Влијание на ефикасното работење на судот има и недоволниот број стручен судски персонал во судот, задолжен за стручна помош на судиите во работењето по предмети. Само за илустрација, во 2008 година ваков вид судски персонал во судот немало (Извештај за работата на Управниот суд за 2008, 4), додека во 2009 година тој број  изнесувал само 18 лица, што значи, во просек, помалку од еден стручен судски соработник по судија (Извештај за работата на Управниот суд за 2009, 3-5). Но, колкаво влијание на големиот број нерешени предмети има и стручното искуство на судиите избрани во Управниот суд.? Секако, не постои методологија да го измери тоа влијание, но показателите за нерешени предмети се едни од тие показатели. Ако се погледнат стручните и професионални биографии на лицата избрани за судии во Управниот суд може да се констатира дека, иако истите ги исполнуваат критериумите за избор во судии предвидени во законските прописи (Законот за судовите),  добар дел од нив пред да бидат избрани за судии во овој суд немале искуство со административно-правната материја. Решавале стопански спорови, работеле како адвокати или како стручни судски соработници чие внимание главно било насочено кон кривичната или граѓанската област. А токму,  меѓу другото, искуството во административно-правната област, акумулираното знаење и следењето на оваа голема, различна и многу често променлива правна материја во Република Македонија е услов за квалитетно и брзо решавање на предметите од оваа област.

Во Франција, чиј модел на специјализирано административно судство се применува во нашата држава, карактеристични се мерките насочени кон создавање директни повеќестрани врски меѓу административниот суд и администрацијата, кои се огледаат  пред се`  во составот на административните судови чии кадри се со широко административно образование кое е заедничко со другите административни службеници во Националната школа за административни работи. Членовите на административните судови честопати може да се префрлат и да продолжат да вршат активна административна функција, од каде повторно се враќаат да ја вршат судската функција. Но, можно е и на ниво на повисоките административни  судски тела номинација за вршење судска функција да се изврши и однадвор, односно се наименуваат административни функционери директно во судството. Овие директни врски постојат и при функционирањето и надлежноста на административното судство. Имено, консултативната надлежност ги поврзува судијата и администрацијата во извршување поедини активности, особено при изготвување пишани документи. Секако дека ваквите врски меѓу администрацијата и судството може да бидат и опасни, но без сомнение директната поврзаност меѓу судството и администрацијата допринела за ефикасност на француското административно судство (Бребан, 381-382).

Секако дека францускиот модел  на административно судство има свои специфики кои можеби не би требало да се практикуваат и во нашето административно судство, но неспорно е дека лицата избрани за административни судии мора да бидат соодветно едуцирани и да имаат искуство во работењето за овој вид материја. Министерството за правда на Република Македонија во јули 2010 година изготви и процесуира измени и дополнувања на Законот за управен спор (изгласани во Собранието на РМ во ноември 2010),  кои меѓу другото се однесуваат и на организацијата на административното судство во Република Македонија (Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за управните спорови, јули 2010). Со предложените измени (член 4), покрај Управен суд, кој треба да одлучува во  прв степен, предвидено е конституирање и на нов Виш управен суд, а за вонредните правни средства надлежен би бил Врховниот суд на Република Македонија.

Новопредложените решенија на планот на организацијата на административното судство во Република Македонија, во политичката, стручната и научната јавност предизвикаа   реакции, но, јавна расправа по предлог-законот не беше организирана. Најголемиот дел од приговорите се однесуваа на новопредложената организација на административното судство, односно на потребата од конституирање нов Виш управен суд во Република Македонија. Предлагачот на законските измени и дополнувања, поконкретно во својот предлог, ниту ги образложи, ниту ги аргументира причините за ваквите законски измени, ниту пак изнесе податоци за досегашното работење на Управниот суд во Република Македонија кои ќе беа поткрепа за еден ваков потег на властите во РМ. Остана дилемата зошто власта се откажа од можноста Врховниот суд на РМ да постапува по жалбите против одлуките на првостепениот Управен суд само една година откако ваквата обврска за Врховниот суд на Република Македонија беше конституирана, по одлуката на Уставниот суд на Република Македонија за организирање, согласно со Уставот на Република Македонија, второстепена административно-судска заштита по првостепените одлуки на Управниот суд (Одлука на Уставниот суд на РМ,1-6).

Останува отворено прашањето има ли Република Македонија  стратегија во дефинирањето на организацијата на административното судство?

Кои се очекувањата на овој план во иднина?

Засега прашањето останува без одговор од надлежните.

По конститутирањето на Вишиот управен суд повторно ќе се актуелизира  дилемата дали граѓаните ќе бидат соодветно правно третирани во однос на поеднинечните органи на администрацијата? Дали РМ е способна да организира Уставно дефиниран систем на административно судство кое ќе биде ефикасно и ефективно во заштитата на граѓанските права и слободи? Или повторно ќе се зборува за повреда на човековите права, меѓу другото, од поединечните акти на административните органи.

ПРАШАЊА ЗА ДИСКУСИЈА

1. Кои би можеле да бидат причините за неефективноста и неефикасноста на управното судство во Република Македонија?

2. Дали Англосаксонскиот модел на управно судство е подобар во однос на Европско-континенталниот во македонски услови?

3. Како можат да бидат подобрени условите за работа на Управното судство во Република Македонија? 

Литература и правни прописи:

1.Brown Newille L., Bell s John, French administrative Law, Oxford, 1993;

2. Breban Gi, Administrativno pravo Francuske, Podgorica, 2002;

3. Давитковски д-р Борче, Павловска Данева д-р Ана, Управниот спор во Република Македонија согласно новиот закон за управни спорови, Зборник на трудови, Законската рамка на судската реформа во Република Македонија, Скопје, 2006;

4. Давитковски д-р Борче, Реферат од конференција на тема Реформи на судството, Ефикасно судство, Сервис на граѓаните, Воведување на управни (административни) судови во Република Македонија, 2005;

5. Климовски д-р Саво, Уставно право и политички систем, Скопје, 2005;

6. Пеливанова м-р Наташа, Управниот спор како инструмент за заштита на човековите права и слободи низ практиката на Врховниот суд на Република Македонија, Зборник на Правниот факултет Јустинијан први,Скопје, 2007;

7. Пеливанова д-р Наташа, Административно судство, Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи, Битола, 2009;

8. Schwarze Jurgen, European administrative Law, Sweet E Maxweel, 1992;

 9. Устав на Република Македонија, Службен весник на РМ, бр. 52/91; Одлука за прогласување на Амандманите Ι-ΙΙ на Уставот на РМ-1/92; Одлука за прогласување на Амандманот ΙΙΙ на Уставот на РМ-31/98; Одлука за прогласување на Амандманите ΙV-XVIII на Уставот на РМ-91/01; Одлука за прогласување на Амандманот XIX на Уставот на РМ-84/03; Одлука за прогласување на Амандманите XX-XXX на Уставот на РМ-107/05; Одлука за прогласување на Амандманот XXXΙ на Уставот на РМ-3/09;

10. Закон за управни спорови од 1977 година, Службен лист на СФРЈ бр. 4/77;

11. Предлог Закон за управните спорови од април 2006 година;

12. Закон за управните спорови, Службен весник на РМ бр.62/06, 150/10;

13. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за управен спор,  ноември 2010;

14. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за управен спор,  јули 2010,

15. Закон за судовите, Службен весник на РМ бр. 58/06, 35/08;

16. Одлука на Уставниот суд на РМ У. Број: 231/2008-0-1 од 16.9.2009;

17. Оценки и заклучоци на Врховниот суд на РМ по извештаите за работа на судовите во Република Македонија, усвоени на Општа седница на овој суд одржана на 26.5.2009 година, www.vsrm.gov.mk/оценки_2009.  

18. Извештај  за работата на Управниот суд за 2008, www.uskopje.mk/opsti_podatociи_2008;

19. Извештај за работата на Управниот суд за 2009, www.uskopje.mk/opsti_podatociи_2009;

20. Годишни извештаи за работата на Врховниот суд на РМ за периодот 2000-2006 година.