Македонски Shqip English

Мерсел Биљали

ПРАВАТА НА ЕТНИЧКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Општо за етничките права во светот

Прашањето на заштитата на малцинствата се појавува уште од Вестфалискиот мир (1648) како заштита на верските малцинства (Цуиус регио иллиус религио). Подоцна, сe повеќе се зборувало за националните малцинства (во етничка смисла). Заштитата на еничките малцинства во многу поизразена форма се јавува во 19 век, во ерата на силните национални движења за формирање национални држави.[1]

Меѓутоа формулата “една нација една држава” во практиката не можеше да биде реализирана во целосна смисла, па така дел од народите биле принудени да останат надвор од матичната држава и да продолжат да живеат во други држави. Значи, прашањето на националните малцинства произлегува од судирот меѓу тогашните идеали за формирањето сопствена национална држава и реалноста, која честопати била етнички хетерогена. Тогаш малцинствата не поседувале меѓународен субјективитет, туку само одредена делумна заштита во одделни средини. Идејата за општата заштита на малцинствата се појавува во текот на Првата светска војна како силна афирмација на стремежите за самоопределба на народите. Друштвото на народите по прв пат воспоставува еден релативно целовит систем за заштитата на малцинствата. Но, негативната страна на овај систем била што тој во практиката не ги опфатил сите држави, туку само дел од нив (само за победените држави[2] или за новосоздадените држави[3]).

Повелбата на Обединетите нации изрично не ги спомнува малцинствата и заштитата на малцинските права. Лошите искуства од Друштвото на народите и новиот пристап кон решавањето на светските проблеми детерминирале нов систем кон заштитата на правата на малцинствата. Тој систем поаѓа од станивиштето дека заштитата на правата на малцинствата треба да се одвива во рамки на општиот систем за заштитата на човековите права.[4] Но, многу брзо се увидело дека таквиот пристап не може да биде функционален, па се настојувало, во неколку конвенции за одделни други области, да се третира и прашањето на малцинствата (пр.Конвенцијата за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и повеќе други меѓународни документи од регионален и универзален карактер).

Во современата теоретска и практична терминологија со поимот “малцинство” се опфаќаат пошироки атрибути на заедниците и групите, како што се - културните групи, групите со заедничко потекло, групите со заедничка историја, јазичните групи итн. Тоа значи дека во современите услови постојат повеќе различни малцински групи кои се послободно и поприродно ги манифестираат своите особености и идентитети. Таквата реалност на меѓународен план наметнува поадекватно правно покритие на тие особености, како пиродно право на поединците и групите.

Заштитата на малцинските права свое место најде и кај бројни меѓународни организации - UNESCO, специјализираните агенции на ОН, а на оваа материја значително иж беше посветена и КЕБС - ОБСЕ.[5] Но, мора да се наведе дека донесените документи на  последнава конференција во начело не претставуваат договорни обврски меѓу државите, туку таквите препораки многу повеќе имаат морален и политички карактер.           

Во поновите времиња кај меѓународната заедница (а посебно во рамки на Европа) се повеќе созрева мнение дека потребата за заштитата на малцинствата е едно од главните прашања кое на директен начин се поврзува со потребата за зачувување на мирот и безбедноста во државите и во регионите. Балканскиот полуостров беше и продолжува да биде еклатантен пример за тоа. Од тие причини сега имаме нови и поавансирани меѓународни документи од општ и регионален карактер. Особено тука вреди да се спомнат:

·     Декларацијата за правата на припадниците на етничките, верски и јазични малцинства,

·     Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и

·     Европската повелба за регионалните и малцинските јазици.

Начелно, на проблематиката на етниките права меѓународната заедница продолжува да и` пристапува на начин што внимава на балансот меѓу принципот на суверената еднаквост на државите, принципот на немешање во внатрешните работи на државите и принципот на општите и заедничките вредности преточени во континуирано унапредување на слободите и правата на човекот, а во овие рамки и на етничките права.

Меѓународната заедница и нејзините институционални структури се повеќе се фокусирани кон реалните и практичните имплементирања на постојните меѓународни норми во сферата на етничките права така што во бројни меѓународни акти од оваа материја има инсталирано институционализирани механизми за нивно практично и конкретно имплементирање. Според постојните меѓународни акти од правен карактер во сферата на етничките права, државите-членки треба да се движаат кон следниве три насоки:

·во своите територии да ја иницираат и да ја сочувуваат рамноправноста меѓу сите етнички припадници, без никаква дискриминација;[6]

·да ги промовираат и да ги толерираат културните диверзитети на етничките групи со почитување на нивните идентитети;

·да создадаат услови за развој на етничката кохезија унапредувајќи го мирот и стабилноста внатре во државата и во регионот како целина.

Во демократскиот свет веќе подолг период доминира општото мнение дека прашањето на етничките права и на етничката рамноправност во државите е главен столб не само за развојот на демократијата и за општиот напредок во нивните општества, туку уште повеќе - тие се многу важен столб и за зачувување на внатрешниот и на регионалниот мир и безбедност. Институциите и структурите на меѓународната заедница сметаат дека меѓуетничките односи во светот се проблематика од круцијално значење - за прашањето на општиот развој, за зачувувањето на мирот и безбедноста, но и за општата демократска трансформација и приспособување на општествата и државите кон развојот и прогресот.

Во рамки на Обединетите нации повеќе години преовладувал претходно изградениот став дека оваа материја успешно може да се покрие со корпусот на колективните човекови права. Кога конечно почна да се напушта таквиот став, уште од старт дојде до соочување со несогласувањата околу дефинирањето на поимот “малцинство”.[7] Требаше да поминаат многу години за да се усвои Декларацијата на ОН за правата на припадниците на етничките, верските и јазичните малцинства, од 1992 година.[8] Член 8(3) од овој документ ги упатува државите да ги преземат сите ефикасни мерки со цел ефективно да се имплементираат определбите од овој документ.

КЕБС - ОБСЕ (мисиите ХДМ), големо значење и посветија на проблематика на малцинските права и на меѓуетничката коекзистенција. Улогата на оваа меѓународна организација видно се засили по смените на монистичките режими во Источна Европа. На Конференцијата за човечката димензија, одржана во Копенхаг (1990), прашањето на положбата на малцинствата во една држава беше поставено како мерило за степенот на демократичност на таа држава. Овој документ, како и Париската повелба за нова Европа, усвоена на состанокот на шефовите на државите истата година, се поврзуваат со политичките промени во Европа и со распаѓањето на Источниот блок.

Кон меѓународната политика посветена на прашањето на решавање на меѓуетничките проблеми во светот и на авансирањето на меѓуетничката толеранција сe повеќе се вклучуваат и важни светски финасиски и трговски фактори, како што се Светската банка, ММФ, Светската трговска организација и други институции кои имаат силно влијание кај државите. Тука своја улога имаат и транснационалните корпоративни врски, регионалите форми за слободна трговија и други организациони облици кои создаваат широк спектар на влијанија и дејствувања врз политиките на државите по сферата на меѓуетничките прашања. Со тоа истовремено се придонесува кон решавањето не само на глобалните прашања од овај домен, туку и на регионалните и поединечните меѓуетнички проблеми. Меѓународната практика покажува дека, соодветно на тоа што има квалитетни меѓуетнички односи во една држава, од тоа на директен начин зависи и формата и динамиката на решавање на повеќето од другите важни проблеми во таа држава.

Затоа потребно  е оваа материја многу посодржајно да се анализира од повеќе аспекти (и теоретски и практично), бидејќи во реалниот живот се покажа дека можните политички манипулации и инструментализации на овај сегмент создаваат големи проблеми, парализирјќи го севкупниот развој во државите, но истовремено загрозувајќи го мирот и безбедноста во државата и во поширокиот регион.[9]

Република Македонија (правна регулатива)

Од формален аспект Република Македонија како мултиетничка и мултикултурна држава е обврзана со бројни меѓународни документи што се однесуваат на правата на националните малцинства, етничките заедници, културните групи итн.[10] Освен Европската конвенција за правата на човекот, бројните други важни меѓународни акти од ова област, Декларацијата на ОН за правата на припадниците на етничките, верските и јазичните малцинства, од 1992 година, тука особено треба да се спомнат и двата важни акта донесени во рамки на Советот на Европа - Европската повелба за регионалните и малцинските јазици (1992) и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1995).[11] Исто така тука се и внатрешните норми (уставни и законски) кои се во континуиран развој кон повисоките стандарди. Меѓутоа, заедничкиот именител на целата оваа надворешна и внатрешна правна регулатива е нивната слаба имплементација во практиката и во реалниот живот. Кога кон ова би се додал и слабиот институционален капацитет во државата, тогаш сосема логично можеме да констатираме дека институциите на системот и законите многу лесно можаат да се ставаат под партиска или лична капа, односно да се партизираат, па дури и да се персонализираат.

Манипулација со меѓуетничкитеодноси во РМ

Мултиетничката реалност на Република Македонија претставува плодна почва за политичка манипулација. Тоа се постигнува со поттикнување национализам и национална омраза и нетрпеливост, првенствено со помош на партиска или групна контрола врз средствата за јавно информирање. Досегашната практика покажува дека помалку или повеќе одделни структури од власта или од опозицијата во одредени околности конзумирале негативен национализам и религионизам.[12] Во Република Македонија бројни политички структури се склони да манипулираат со меѓуетничките односи создавајќи негативна енергија, за потоа таквата енергија, како средство за борба за власт, да ја пренасочат кон политичкиот противник со цел негово ослабување.

Факт е дека кај дел од етничките Македонци постои незадоволство поради колективните перцепции дека Рамковниот договор енормно го гази принципот на рамноправност при вработувањето, фаворизирајќи ги етничките Албанци, и дека албанскиот елемент во државава е нелојален[13] и дестабилизирачки, кој наеднаш го загрозува територијалниот интегритет во државава. Кај етничките Албанци пак постои незадоволство поради нивните колективни перцепции дека многу бавно се имплементира тој ист Рамковен договор, но и дека македонското општество премногу се етноцентризира (особено со проектот “Скопје 2014”), и дека перманентно ги игнорира  идентитетите и особеностите. За жал во нашава држава етноцентристичкиот популизам најчесто е супститут за недостаток на професионален и морален капацитет кај нејзините политичари и водачи, но и супститут за неостварување на бројните мегаломански ветувања од овдешните политички водачи.[14]

Република Македонија има загубено многу години енергија поради манипулациите и инструментализациите на меѓуетнички план. Најголемиот број политичари во државава брзото градење или зајакнување на својата политичка кариера го правеле повикувајќи се на потребата од спасување на наводно загрозените национални интереси. Тие често се натпреварувале во тоа кој ќе биде најгромогласниот и најуспешниот “спасител” на таквите интереси на нацијата. Понекогаш дури свесно создавале контролирани меѓуетнички тензии за да создадат привид дека нешто работат и решаваат. Значи, тие исти политичари или водачи истовремено самите себе се ставале во улога и на потпалувач и на пожарникар.

На политичките елити им е полесно да ги злуопотребуваат, инструментализират и манипулират етничките реалности, отколку да пристапуваат одговорно кон нив. Влошувањето на меѓуетничката атмосфера претставува опасна детонација за државава и за регионот. Во услови на сеж уште недооформено стабилно позитивно мнение кај нашите граѓани по прашањето на меѓуетничките односи и во услови кога во државава имаме неповолна економска и социјална состојба, многу е лесно да се урива и таа мала постојна доза на меѓуетничка кохезија. Анализите покажуваат дека кај нас за релативно кратко време (особено кога ќе се случи некој инцидент), е можно перцепциите на граѓаните по прашањето на меѓуетничката толеранција да се променат или да варираат со голема динамика од една до друга крајност (од многу добри до многу лоши).

Во меѓуетничките средини редовно бива дека лошата економска и социјална состојба во државава во голема мера може да ги потхранува предрасудите, стереотипите и фрустрациите меѓу етничките и верските заедници. Економските и социјалните проблеми сами по себе произведуваат политички тензии, а дополнително, во комбинација со меѓуетничките проблеми, тензиите повеќекратно растат и се зголемуваат, а со тоа расте и колективното незадоволство и агресивноста.

Треба да се напомене дека, во глобала, одвоеното образование детерминира состојба на етничка сегрегација и меѓусебното одалечување на помладите генерации. Тоа може да предизвика состојба на понатамошно ослабување на комуникацијата меѓу различните етнички заедници, а тоа би значело младите да се одалечуваат во однос на нивните колективни размислувања, нивните специфични култури и однесувања, што во суштина е во колизија со потребните меѓуетничките кохезивни процеси.

Заклучоци и препораки

Кај нас во сферата на меѓуетничките односи потребна е елаборирана стратегија која би претпоставувала збир од сите досегашни истражувања на проблемот во рамки на  научниот  и  невладиниот  сектор. Таквата стратегија треба да се изработи во интегрална форма, а потоа да се обезбеди нејзина примена во сите општествени сегменти. Особено е важно образовниот процес во државава да се приспособи на мултикултурниот контекст, афирмирајќи ја мултиетничката толеранција и соживотот. Неопходно е спроведување позитивна кампања меѓу младината во медиумите врз основа на претходно подготвена стручна анализа. Исто така треба да се поттикне активното учество на учениците во културно-физичките активности организирани во различни средини.

Воглавно таквата долгорочна стратегијата би ги опфатила следниве активности:

·изработка на оперативна програма за развојот на меѓуетничките односи, со јасна определена цел, начинот и динамиката за решавање на секој одделен проблем врз основа на важечки европски стандарди;

·етаблирање на одредено тело или сектор (со значајно присутсво и на невладиониот сектор) во кое би се координирале сите активности со цел следење и подобрување на состојбата во меѓуетничката сфера;

·институционализирање на мултикултурната реалност во сите функционални структури на општествениот јавен, па и приватен општествен живот (медиумите, настаните, манифестациите, рекламите итн). Потребно е општеството да “дише” соодветно со својата мултиетничка реалност. Треба да се поттикне активното учество на учениците во културно-уметничките и спортските активности организирани во различни средини.

·потребно е во континуитет кај младите да се спроведува позитивна медиумска кампања за значењето на добрите меѓуетнички односи за општиот развој на државата. Тоа ќе допринесе граѓаните помасовно да сфатат дека мултикултурата не е хендикеп, туку богатство на државата;

·                потребно е соодветно граѓанско организирање и свест која би се спротиставувала на обидите за политичка манипулација и злоупотреба од страна на политичките елити и медиумите. Тука особено важна улога треба да игра невладинио сектор;

·потребен е подинамичен економски развој, а со тоа и поадекватно решавање на социјалните проблеми како главен столб за одржлив развој. Тоа е можно само при реално свртување на институциите на системот кон евроатлантските интегративни процеси.

ПРАШАЊА ЗА ДИСКУСИЈА

  1. РМ е членка на сите повазни меѓународноправни документи што се однесуваат на положбата на етничките заедници, односно малцинствата. Зошто во практиката имаме голема дипропорција меѓу формално- правното и нивната конкретна имплементација?
  2. Ние 20 години трошиме енергија околу етничките прашања. Дали е тоа поради големата сложеност на нашата меѓуетничката реалност,или пак на политичарите од мал калибар им е полесно да прежувуват политички без конкретни резултати манипулирајќи со ова многу чувствителна компонента?
  3. Што би требало да опфаќа една посериозна долгорочна национална стратегија за зајакнувањето на меѓуетничката кохезија во државата?
  4. Колкаво е влијанието на економската и социјалната состојба во меѓуетничкиот сегмент во нашата држава?

5.               Дали блокирањето на евроатланстското интегрирање е негативно се рефлектира врз квалитетот не меѓуетничките односи во државата?


[1] Види Ј. Андрассѕ, Медјународно право, Загреб 1987, стр. 251-253..

[2] На Австрија, Унгарија, Бугарија и Турција со мировни договори им се дадени обврски за почитување на малцинските права.

[3] Обвсрка за почитување на правата на малцинствта се дадени и на Чекословакија, Полска, Грција, Романија, Кралството СХС итн.

[4] Види, Б.Вукас, Етницке манјине и медјународни односи, загреб, 1978.

[5] Види, С. Аврамов, М.Креча, Меѓународно јавно право, Београд, 2003, стр. 341

[6] Конвенцијата за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, во член 1 објаснува дека под поимот ,,расна,, се опфаќа и ,,етничката,, компонента. Види,Alan Phillips & Allan Rosas, The Universal Rights of Ethnik Minority II Edition, 2004, Remarque Institute of the New York University, Charles Stewart Mott Fondation, Danish Center for Human Rights.

[7] Во Комисијата за правата на човекот имаше несогласувања околу тоа дали за малцинство да се смета <недоминантна< група, оти во практиката имаше случаи кога токму недоминантните групи ја држеа власта игнорирајќи го мнозинството (Јужна Африка).

[8] Но, и по дваест години од донесувањето на Декларацијата сеж уште не е донесена соодветна конвенција која би ги конкретизирала определбите од Декларацијата. Види,Dimitris Christopoulos, La question de la protection des minorities dans un ordre public evropen (Universite de Robert Schuman, Institut d’etudes politique, 1992.

[9] Мисиите на ОБСЕ (HDM) успешно ги наблудувале состојбите со правата на човекот ве Естонија, Молдавија и поранешна Југославија (особено во Хрватска и во Босна и Херцеговина).

[10] Во нормативниот дел, Уставот не Република Македонија не ја користи стандардната терминологија <малцинство< предвидена од повеќето меѓународни акти во доменот на слободите и правата на човекот, туку ја користи општата формулација која важи за сите етнички општества и групи во државава - <етнички заедници<.

[11] Во рамки на Советот на Европа, во 1994 година е усвоена Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (потпишана во 1995 година).

[12] Премиерот на Република Македонија Никола Груевски при секое поставување камен-темелник или инаурурација на јавен објект редовно обезбедуваше присуство на претставник на МПЦ, игнорирајќи ги другите верски заедници во државава, што мошне негативно се чувствуваше во јавноста.       

[13] Лојалноста е спонтана и природна категорија која оди заедно со довербата, рамноправноста и недискриминацијата и се развива паралелно со овие компоненти. Таа не се подарува, ниту може артифициелно да се изгради.

[14] Етноцентристичкиот популизам често служи и за маскирање на организираниот криминал во државата. Значи, потребно е луѓето ,,да ги качите на небо за да не видат што се случува во потземјето”.