Македонски Shqip English

10 години Институт за човекови права

Large-banner-1600-X-653-px-01.jpg (942 KB)

 

На 1-ви јуни 2019 година Институтот за човекови права ја обележа 10 годишнината од неговото постоење. Обезбедување, промовирање, унапредување и заштита на човековите права и слободи е само дел од мисијата на Институтот. Институтот за човекови права спроведува разновидни активности чија цел е обезбедување, промовирање, унапредување и заштита на човековите права и слободи преку истражување, анализа, едукација и други начини на дејствување. Преку овие активности, Институтот за човекови права помага при создавање на политики на институции, предлага законски измени, како и нивна ефективна и ефикасна примена, се залага за создавање на подобро општество и овозможување на еднакви услови за сите.

Од почетокот на своето постоење Институтот за човекови права може да ги истакне следните достигнувања:

  • Институтот има издадено над 35 публикации;
  • Повеќе од половина од препораките дадени за законски измени во областа на независно судство и заштита од дискриминација се прифатени;
  • Одржано над 50 стручни дебати и конференции;
  • Спроведени успешни кампањи за поттикнување на свест за заштита од дискриминација;
  • Над 10 кратки видеа со цел запознавање на јавноста за работата на Судскиот совет и заштита од дискриминација;
  • Подобрена транспарентност Судскиот совет и на институции како резултат на постојаниот мониторинг;
  • Учествувано во работни групи на за изработка на нови закони, како и измени и дополнувања на веќе постоечки;
  • Стручното списание „Правен дијалог“ до сега има 19 изданија и е цитирано во многубројни домашни и странски трудови.

Во моментов ИЧП:

  • Работи во соработка со партнерски организации на следење и подобрување на работата на Судскиот совет, Комисијата за заштита од дискриминација, Државна комисија за спречување од корупција и Државно правобранителство.
  • Придонесува кон зголемување на влијанието на граѓанските организации во судските реформи преку заедничко вклучување на граѓанските организации и професионалните здруженија (Здружение на судии и Здружение на судска администрација). Спроведува активности во насока на подобрување на работата на судската администрација и судството во целина.
  • Се залага за подигнување на свеста на граѓаните за различните форми на дискриминација, а особено поради промените настанати со новиот закон каде што се опфатени и дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
  • Дава поддршка за развој на микро-претпријатија на жени во прекугранична област, преку кои се обезбедува неопходна поддршка на потенцијалните и постоечките жени претприемачи, како и зајакнување на нивните вештини, а со цел развивање и проширување на бизнисите.

Во изминатите 10 години ИЧП работеше на следните проекти:

Првиот проект со кој започна сè, е проектот „Слобода наместо страв: Заштита на правото на мирно собирање и изразување јавен протест“. Преку кој низ разновидни активности Институтот придонесе кон заштитата на граѓанските права и слободи, со акцент на правото на мирно собирање и изразување јавен протест, преку овозможување на правна помош на граѓаните чии права се оспорени или не се почитуваат. Правен дијалог е плодот кој e резултат на вториот проект на институтот, поточно на „Правен дијалог - Пораст на критичките анализи меѓу правните практичари“. Правен дијалог е стручно списание кое се издава на квартално ниво, кое за прв пат беше објавено на 20 Ноември 2010 година. Институтот до сега доби многу позитивни реакции од страна на домашни и меѓународни институции и организации кои го поздравија издавањето на ова стручно списание оценувајќи го истото како мошне корисно за унапредување на правната мисла, како за теоретичарите така и за практичарите. „Преглед на правните лекови во Република Македонија низ призмата на ефективна заштита на правата и слободите на граѓаните“ e проект низ кој беа анализирани проблемите и беа идентификувани празнините во поглед на ефикасноста на домашните правни лекови во насока на остварување на одредени права и слободи од страна на граѓаните. „Зајакнување на граѓанското учество во законодавниот процес“ започна да ја следи имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) со цел да се согледа ефикасноста и ефективноста на истиот и врз основа на тоа да се преземат активности за подобрување на законските решенија за остварување и заштита на човековите слободи и права. Проектот „Во насока на ефективна заштита на правото на слобода на изразување и слобода на медиуми во Република Македонија – идни предизвици“ беше продолжение на претходниот проект на ИЧП: „Преглед на правните лекови во РМ низ призмата на ефективна заштита на правата и слободите на граѓаните“, имаше за цел идентификација и анализа на недостатоците во ефикасноста на домашните правни лекови коишто се однесуваат на реализацијата и заштитата на правото на слобода на изразување и мирно собирање. Целта на проектот „Дискриминација на Ромите во образовниот процес: Кршење на ѕидот на отфрлање и сегрегација“ беше да промовира разбирање, почитување и уживање на правото на образование без дискриминација на ромската популација и да се подигне свеста на релевантните власти за националната легислатива, како и меѓународни обврски кои забрануваат индиректна дискриминација на ромските ученици. Јакнењето на независноста на судството во Република Македонија и зацврстувањето на непристрасноста при судското одлучување претставуваа главните предизвици на проектот „Независност на судството во Република Македонија – перцепција, потешкотии и предизвици“. „Анализа на независните комисии и регулаторни тела - законска поставеност и практично функционирање“ е еден од проектите кој се заложува за зголемувањето на независноста, објективноста и транспарентноста на независните комисии и регулаторни тела во Република Македонија. Промоција и заштитата на правата и слободите на малцинствата кои се помалку од 20% од населението на земјата се обработува преку проектот „Зголемување на механизмите за имплементација на правата на помалите заедници“. Во рамките на проектот „Прашувај“ направени беа анализи на Решенијата на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, на решенијата и пресудите на Управниот и Вишиот управен суд, во делот на пристапот до информации од јавен карактер. Компаративно истражување на лустрацискиот процес во други посткомунистички земји од Централна и Источна Европа и беше објавена анализа на тема „Човековите права во процесот на лустрација“ како дел од проектот „Зајакнување на човековите права во процесот на лустрација“. „Roma Placement Program“ имаше за цел да ангажирање на дипломирани Роми во Невладини неромски организации, за период од една година, истиот се спроведуваше во Р. Северна Македонија и Р. Србија. Целта на „Независен Судски совет на Република Македонија - стремеж и предизвици“ дел од „Мрежа 23“ беше да придонесе кон зголемување на независноста, објективноста и транспарентноста на Судскиот совет на Република Македонија (ССРМ) преку намалување на влијанијата при вршењето на неговите уставни функции. Подобрувањето на едукацијата на учениците Роми во областите каде покажуваат послаб успех по одредени предмети коишто се значајни за унапредување на нивното образование беше главната цел на проектот „Унапредување на правото на образование на децата Роми со посебен фокус на ромските девојчиња“. Преку проектот „Правна подготвеност за инспекции во граѓански организации“ се залагаше да се спречат негативните ефекти од инспекциите и да се зајакне довербата меѓу самите граѓански организации за нивното правилно работење како основа за остварување на правото на здружување и изразување и да се зајакне граѓанското општество како институција. Зајакнувањето на транспарентноста, отчетноста и органите на правосудството е општата цела за којашто се залагаше проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“. „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ е проект чијашто генерална цел беше да ги зајакне медиумите и граѓанските организации и да овозможи амбиент за остварување на слободата на изразување и медиумски интегритет. Запознавањето на пошироката јавност со работата на Судскиот совет на РСМ и зголемувањето отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет на РСМ беше главната цел на проектот „Зголемен јавен надзор над работењето на Судскиот Совет на Република Македонија“. Подигнување на свеста за состојбата на женските права и потенцирање на важноста за борба за женски права и родова еднаквост беше постигнато преку „Вечери на женски права 2018“.

Во иднина Институтот и понатаму ќе се залага во насока на независност на институциите, нивна транспарентност, ефективност и ефикасност. Ќе ги промовира човековите права и потребата за нивното почитување и ќе се заложува за нивната постојана заштита.