Македонски Shqip English

Фиданчо Стоев

МОЌТА НА ПОЛИТИКАТА И НА ПРАВОТО

Политиката како дејност значи одлучување за јавните работи (националните, односно меѓународните) преку создавање политичко-правен поредок, на национално и меѓународно ниво. Централно место во политиката, во креирањето и во спроведувањето одреден политичко-правен поредок, заземаат интересите, нивното утврдување и остварување. Во согласност и во рамки на тој поредок политиката ги разрешува конфликтите, судирите меѓу спротивставените јавни интереси на една и индивидуалните, приватните, групните интереси, на друга страна (односно,  меѓу државно-националните од една и меѓународните интереси од друга страна).

            Правото, како општествен феномен, е создадено за заштита на правата и интересите на поединците и другите правни субјекти, односно народи и држави. Меѓутоа, секако, најмногу им е потребно и ги штити економски слабите и политички немоќните поединци и колективитети (малите народи и држави).

Економски и политички мокните, по правило, наоѓаат  начин, средства и методи, вонправно, од аспект на позиција на власт, на  сила или на политичко влијание, да ги заштитуваат своите интереси и права.

Принципот на еднаквост и рамноправност на поединците и народите е суштина или столб на феноменот право, и на национално, и на меѓународно ниво. Ова може да се нарече цивилизациска придобивка, вредност која засега достигна највисока точка со Повелбата на ООН и нејзините Пактови за самоопределување на народите и човековите права и слободи, и посебно со Универзалната декларација за основните човекови слободи и права и Европската конвенција за тие права. Тој судир се решава со хармонизација или со наметнување одредени интереси со политички одлуки (на политичко-извршната власт), или со правни одлуки (на судството или на институциите со јавни овластувана) за нивна заштита, односно отстранување на повредите, ако тие интереси се веќе правно утврдени.

Основа и рамка и за политичките и за правните одлуки се однапред утврдените начела и норми дефинирани од политичката власт во основните правни акти (устав,  закон, повелба, декларација и други).

Политичката власт го креира правото, но потоа, создавајки го, таа е должна да го почитува се` додека не го промени. Судската власт, пак, е ограничена само на тоа да  го применува постоечкото, позитивното право. При тоа, правото има и посебна функција - да го спречи или барем да го ограничи самоволието и самовластието на вршителите на власта, но и на поединците.

Значи, и политиката и правото се израз на несовршенството на човекот и општеството (односно на меѓународната заедница) во услови на објективно спротивставени интереси кои е нужно да се усогласуваат, да се утврдуват јавните, заедничките, односно меѓународните интереси  и во тие рамки слободно да се изразуваат и остваруваат индивидулалните, приватните, групните, односно државно-националните и меѓународните интереси.

Значи, со други зборови, основна суштина и функција на политиката и на правото е заедно со државната, односно со меѓународната санкција - принудата, да воспоставува и да одржува одреден државен, односно меѓународен  политичко-правен поредок. За да се остварува оваa функција и цел на политиката на  и правото, и на мeѓународно и на национално ниво, во современиот свет се прокламираат и се утврдуваат   одредени начeла и вредности на политичко-правниот поредок, како:

1)      Владеење на правото и на демократијата како врвно начело во политичко-правниот поредок во кое тежишно место зазема заштитата на човековите права и слободи, а на меѓународно ниво - слободата, правдата и мирот врз основа на рамноправноста и еднаквоста на народите и државите.

Принципите на владеењето на правото и на демократијата, всушност, значат конституирање и функционирање на систем во кој владее правото и правдата, а не арбитрерност, самоволие и самовластие, што претставува голема прогресивна придобивка. Во поширока смисла, под владеење на правото се подрзбира подведување на сите органи на власта и на поединците под Устав и закон и тоа на тој начин што за органите на власта се утврдуваат основите и рамките на нивните овластувања и должности, а за поединците се постулира основниот принцип, според кој се` е дозволено во однесувањето и постапувањето, освен она што е забрането како противуставно и противзаконито.

2)      Начелото на поделба на власта, и на национално и на меѓународно ниво, на законодавна, извршна и судска, заради нивен меѓусебен баланс и  рамнотежа е брана за спречување на злоупотреба и за меѓусебна контрола.

За оваа цел однапред се утврдуваат правилата според кои се конституираат политичко-законодавните органи и се утврдува правна основа и рамка за работа на извршната и на судската власт, се пропишува посебна постапка според која се донесуваат најважните правни акти, се гарантираат основните слободи и права на човекот и друго. Функција на законодавната и на извршната власт (политичката власт) е да ги дефинира и да ги утврдува јавните, односно меѓународните интереси, давајќи можност да се утврдат како доминантни интересите на политичкиот и на економски владеачкиот слој, односно на големите и на моќните држави и народи, но во кои се опфатени елементарните интереси и можности и на сите слоеви, односно на сите народи и држави. Политичката власт, откако формално ќе се изрази низ правото, се легализира и се верифицира како таква, со мандат да ги решава судирите и конфликтите во државата, односно на меѓународната заедница. На тој начин се изразува и општо-општествената, односно меѓународната улога на политиката и на правото, за одржување релативен мир и законитост, па макар и за релативно рационално одвивање на општествениот, меѓународниот живот. Поврзано со тоа, основна функција на политиката и на правото, односно на политичко-извршната  и на судската власт е во тоа што преку државната, меѓународната санкција, принудата, воспоставува и одржува еден општествен, меѓународен поредок од евентуално насилно нарушување. Тој поредок всушност е повеќе или помалку ефикасна општествена организација, односно меѓународна заедница во која едни општествени групи, односно народи и држави, ги наметнуваат своите основни-стратешки интереси над други, под форма на општествени, односно меѓународни интереси, односно ограничувајќи ги или занемарувајќи ги интересите или слободата на едни во корист на други. Политичката власт, откако формално ќе се изрази низ правото, се легализира и се верифицира како таква со мандат да ги решава судирите и конфликтите во општеството, односно во меѓународната заедница. Правото истовремено се јавува како инструмент за ограничување на носителите и на вршителите на власта од евентуални злоупотреби. Таа функција на правото се остварува преку начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, заради меѓусебна контрола и ограничување.

3)      Начелото на слобода на пазарот, конкуренцијата и претприемништвото како услов за постојан напредок и прогрес, но и за социјална правда.

Забраната на монополот и еднаквата правна положба на правните субјекти се мошне важни принципи на пазарната економија, но тука се улогата на државата, стимулирањето и поддршката на одредени стратешки економски интереси коишто представуваат основа за поврзување на носителите на економската и политичката моќ.

Овие фундаментални начела  на современиот свет, а заради нивно почитување и остварување, доведоа до:

1. Создавање и примена на меѓународен политичко-правен поредок со општоприфатени норми и правни стандарди, и на национално, и на меѓународно ниво;

2. Утврдување на универзални основни човекови права и слободи, како и цели и начела за обезбедување на мирот и безбедноста во светот, почитувајќи го правото на самоопределување на народите  и нивна рамноправност, како израз на почитување на индивидуалниот и националниот идентитет и достоинство на секое човечко суштество и на секој народ, голем или мал;

3. Создавање концепт на независно судство, на национални и меѓународни судски институции со основна функција - заштита на човековите права и слободи и на рамноправноста на народите  утвдени во правниот поредок, како национален, така и меѓународен план.

Современиот свет, за жал, не фукционира така, односно не се одвиваат работите и животот на подинецот, на народите и државите, соглано со утврдените меѓународни  и национални правила и норми, кои често не се почитуваат или се занемаруваат.

Повеке генерации се сведоци дека светот е далеку од прокламираниот цивилизациски идеал, од почитувањето на човековото достоинство и еднаквоста и дека рамноправноста на народите и државите не се почитува под силното и доминантно влијание на политиката.

Тоа што во сферата на правото во современиот свет се продуцира мошне развиен систем на норми, и на меѓународно и на национално ниво, несомнено не помага многу, бидејќи се` повеќе неговата примена и остварувањето се комплицира и се проблематизира. Начелно, би можело да се каже дека, како што на национално ниво основен проблем е обезбедувањето и заштитата на човековите права, на меѓународно ниво тоа е нерамноправноста и дискриминацијата на малите народи и држави. Основна причина за тоа е маргинализацијата на правото и недоследното остварување, односно  запоставувањето на начелото на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска,а  сето тоа заедно негативно се одразува на почитувањето и на заштитата на човековите права и на рамноправноста на народите и државите.

Наспроти таа состојба продолжува процесот на глорификација и на доминација на политиката и политичката, односно на извршната власт, како на национално, така и на меѓународно ниво, која постојано наоѓа облици и средства, отворено, со двојни аршини или селективно, односно прикриено - преку двосмислени норми или со спротивставување на еден со друг правен принцип (на пример, принципот на консензус во ЕУ со правото на самоопределување на народите), да владее и да ја наметнува својата волја и интереси.

            Дека ова е така го потврдуваат следниве примери:

1)      Приемот на Република Македонија во ООН под уставното име се проблематизира и покрај тоа што ги испoлнуваше сите меѓународни услови и критериуми утврдени во Повелбата на ООН и во другите нејзини акти. Тоа се случи поради политичките интереси на друга земја, па Советот за безбедност (Владата на ООН) донесе политичка одлука и му препорача на Генералното собрание на ООН  Република Македонија  да се прими за членка под привремено име (ПЈРМ) додека не се реши соседскиот спор за името. Со тоа се повреди член 4 од Повелбата на ООН, а тоа всушност значеше нарушување и повреда на меѓународниот субјективитет и на рамноправноста на Република Македонија како суверена, независна и самостојна држава, создадена како сите други врз основа на правото на самоопределување на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа. Овој преседан го направи Советот за безбедност, кој со Резолуцијата број 817-1993, иако констатира дека  Република Македонија ги исполнува критериумите и условите за членство во ООН, предвидени во член 4 од Повелбата, на Генералното собрание му предложи Република Македонија да се прими во членство со привремено име бидејќи се појавиле разлики за името кои мора да се решат во интерес на одржувањето на мирот и на добрососедските односи во регионот.

Политичките одлуки за (не)демократијата, за (не)владеењето на правото, за (не)заштитата на човековите права и слободи, во одделни земји ги дава  Советот за безбедност, согласно со целите и начелата на Повелбата на ООН, со обврска да ги почитува суверената еднаквост и рамноправност на народите и државите. Врз таа основа Советот донесе политичка одлука, препорака до Генералното собрание, Република Македонија да се прими во членство на ООН под привремено име, до решавањето на спорот со името, со образложение: ЗАРАДИ ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА МИРОТ ВО РЕГИОНОТ И ЗА ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ. На овој начин со оваа одлука, давајки му политичко тежиште на спорот, не се почитуваше и се повреди  децидниот член 4 од Повелбата, во кој се пропишани условите за прием во ООН, а кои Македонија ги исполнуваше. Наместо да се донесе одлука Република Македонија да се прими во членство под уставното име и да се отвори процесот за решавање на спорот за името, Советот за безбедност ги уважи политичките, а не правните норми и начела на меѓународното право, па стори голема неправда за народот и дискриминација на државата, повредувајќи го сувереното право за избор на името поврзано со националниот идентитет и достоинство.

Навистина, Советот за безбедност, согласно со член 24 од Повелбата на ООН, ,,има главна одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност‘‘ но при извршувањето на должностите тој постапува во согласност со целите и начелата на ООН, за што на Генералното собрание му поднесува на разгледување годишни, а по потреба и вонредни извештаи. Согласно со член 1 од Повелбата, во кој се утврдени целите на ООН, меѓу другите, во точка 2 е утврдено начелото, според кое, членките на ООН меѓу нациите треба да развиваат пријателски односи засновани на почитување на начелото на рамноправност и самоопределување на народите. Согласно со член 2 од Повелбата, пак,  во кој се утврдени НАЧЕЛАТА на Организацијата и на нејзините членки за остварување на целите од член 1, меѓу другото, во точка 1 и 2 е утврдено дека „Организацијата почива на начелото на суверена еднаквост на сите нејзини членки„ кои, за да и` ги обезбедат на секоја од нив правата и привилегиите што произлегуваат од членството, совесно ќе ги извршуваат обврските што ги преземале во согласност со Повелбата. Поврзано со целите и начелата на ООН, според член 4 од Повелбата, член на ООН може да стане секоја мирољубива држава која ги прифака обврските содржани во Повелбата, а која, според оценката на Организацијата, е способна и има волја тие обврски да ги извршува. Приемот на секоја таква држава за членство во ООН ќе се изврши врз основа на одлука на Генерлното собрание, по препорака на Советот за безбедност. Политичката оцена на Советот за безбедност беше дека Република Македонија ги исполнува условите и критериумите од член 4 од Повелбата, но сепак донесе одлука да се прими под привремено име, повредувајки ги веќе наведените начела и одредби, посебно конкретниот и дециден член 1 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на ООН, според кој „сите народи имаат право на самоопределување,,. Врз основа на ова право тие слободно го одредуваат својот политички статус и слободно го обезбедуваат својот економски, социјален и културен развиток.

Несомнено, Советот за безбедност му даде значење на „мирот во регионот и на добрососедските односи, вероватно под влијание на земјата што го оспорува името на Република Македонија, но и под влијание на  политичките и стратешките интереси на одделните членки на Советот за безбедност, запоставувајки ги основните начела и норми на меѓународното право создадено од самата ООН.

2)      Меѓународниот суд на правдата на ООН, во Хаг, на 5 декември 2011 година, донесе пресуда по тужбата на Република Македонија поднесена против Република  Грција, со која утврди дека таа го прекршила член 11, став 1 од Привремената  спогодба со тоа што приговорила околу приемот на Република  Македонија во НАТО, тврдејки дека разликите околу името на Македонија остануваат нерешени. Поточно, Судот смета дека од текстот на првата клаузула од таа одредба е јасно дека Грција се согласува  да не приговара на приемот на  Македонија во меѓународни или регионални организации каде член е Грција,  а тоа значи дека Република Македонија може да биде примена со привременото име во една меѓународна или регионална организација. Понатаму, Судот смета дека со втората клаузула го задржува правото на приговор на таков прием ако на Република Македонија му се обраќа во тие организации поинаку од ставот 2 од Резолуцијата број 817 -1993 на Советот за безбедност на ООН.

При тоа Судот одлучи дека приговорот на Грција не потпаѓа во рамки  на втората клаузула од член 11 на Привремената спогодба, бидејки таа клаузула не и` дозволува на Грција да приговара на приемот на Република Македонија во една организација, врз основа на изгледите дека Македонија би се обраќала во таквите организации со уставното име.

Од јасните становишта на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, изразени во пресудата како врховен орган за заштита на меѓународното право, може да се извлечат, меѓу другото, и следниве заклучоци:

1.Склучувањето на Привремената спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција е поврзано со споменатата Резолуција на Советот за безбедност во врска со приемот на Република Македонија за  член во ООН  под привремено име и оттука таа, иако формално е билатерална, по суштина е дел од меѓународното право, и како таква треба да се почитува од сите членки на ООН. Таков третман, значење и почитување, неспорно и` даде  и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, како највисок и најодговорен орган на ООН за почитување и заштита на меѓународното право.

2.Резолуцијата на Советот за безбедност, Привремената спогодба и посебно пресудата на Меѓународниот суд на правдата се основата врз  која приемот на Република Македонија под привременото име (до решавање на спорот со името), во одделни организации, не може политички и правно да се проблематизира, па оттука и во врска со нејзиното членство во НАТО и во ЕУ.

3.Република Македонија во организациите во кои е примена за член под привременото име, може да се обраќа со своето уставно име.

Оттука зачудува политичкиот став на претставниците на НАТО и ЕУ дека и натаму за прием на Република Македонија во овие организации треба предходно да се реши спорот за името.

Меѓународниот суд на правдата, пак, е главен судски орган на ООН, согласно со член 92 од Повелбата, кој постапува во согласност со  Статутот што е нејзин составен дел. Според член 94 секој член на ООН ја прима обврската дека ќе ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правдата во секој спор во кој е парнична странка и доколку една страна во спорот не ги исполни обврските што се однесуваат за неа според пресудата изречена од судот, другата страна може да се обрати до Советот за безбедност, кој, ако тоа го смета за потребно, ќе даде препорака или ќе одлучи за мерките кон кои ќе се пристапи за пресудата да се изврши.

Според член 36 од Статутот на Меѓународниот суд на правдата „надлежноста на судот се простира на сите спорови кои странките ќе ги изнесат пред него, како и на сите случаи посебно предвидени во Повелбата на ООН или во договорите и конвенциите кои се во сила, а со посебни изјави на членките и по сите правни спорови кои имаат за предмет„ толкување на некој договор, некое прашање од меѓународното право и друго. При тоа, соглсно со член 38 од Статутот, судот, чија должност е своите одлуки по споровите да ги донесува согласно со меѓународното право, ги применува меѓународните конвеции, било општи, било посебни, кои утврдуваат правила изрично признаени од страните - држави во спорот, создадени врз меѓународните обичаи кои се  доказ на општата практика која е прифатена како право, како и на општите правни начела кои ги признаваат просветените народи и други„.

Имајки ги предвид веќе наведените функции и надлежности на Меѓународниот суд на правдата пресудата на судот во Хаг, од  5 декември 2011 година, е сосема логична и природна, утврдувајки прекршување од страна на Грција на Привремената спогодба (поточно на член 11), склучена меѓу Македонија и Грција, а со која Грција има преземено обврска да не приговара на приемот на Македонија во меѓународни и регионални организации под привременото име, но кон која Грција не се придржуваше во Букурешт 2008 година кога стави вето на приемот на Македонија за членство во НАТО.

Пресудата на судот во Хаг суштински е поврзана, како што и во неа се цитира, со Резолуцијата 817(1993) на Советот за безбедност за приемот на Македонија за членство во ООН под привремено име, до решавање на разликите што произлегуваат околу името на државата. Ова затоа што и Привремената спогодба произлезе и се потпиша во врска со споменатата резолуција, коешто го констатира и Судот, одбивајки ги сите тврдења и аргументи на Грција, како тужена страна. Поточно, Судот нужно даде одговор и аргументи зошто не ги прифаќа и не ги уважува тврдењата и аргументите на Грција, што го наведе да се произнесе за многу важни прашања од аспект на меѓународното право поврзани, на пример, со употребата на историските симболи од страна на земјите потписнички на Привремената спогодба, потоа, дека не  постои непријателска пропаганда од страна на Македонија спрема Грција, според фактите што ги навела Грција, дека нема основа да се твди дека Македонија ја прекршила Спогодбата со тоа што им давала подршка на протераните Македонци од Грција за подршката на нивните имотни барања пред грчките судови, односно за поддршка на македоското национално малциство во Грција, и друго.

Всушност, со образложението во пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг посредно се даде одговор на политичките прашања - на чија страна е вината ако не постојат добрососедски односи меѓу Македонија и Грција, односно кој ги создава проблемите за мирот во регионот. Ако Македонија не ги создава тие проблеми, како што експлицитно потврди Судот, и од политички, а не само од правни причини Република Македонија неосновано не е примена за членство во ООН под уставното име  и без причини и натаму политички се поддржува апсурдниот спор за името на државата.

Најпосле, може да се постави начелно прашање, во овој случај, како  е применет  принципот на супрeмација на едни во однос на други правни акти, односно норми во правниот поредок и на национално и меѓународно ниво, на пример, супремација на Уставот во однос на законот? Во случајов во прашање и примена се нормите на Повелбата на ООН, Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност и Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, земени комплементарно на една страна, и нормите на Договорот - Правилата за членство во НАТО и ЕУ и начинот на донесување одлуки со консензус, од друга страна. Имајќи ја предвид генезата за привременото име на Македонија за членство во ООН, изразена во споменатите меѓународни документи, преземената ОБВРСКА од Грција со Привремената спогодба - да не приговара на приемот на Македонија во меѓународни и регионални организации - има дејство на супремација во однос на правото на Грција на вето според правилата на НАТО и ЕУ. Таквото становиште индирекно произлегува од пресудата на хашкиот суд за спорот мегу Македонија и Грција, а која, согласно со Повелбата на ООН, се должни да ја почитуваат сите членки на ООН кои се истовремено и членки на НАТО и ЕУ. Ова дотолку повеќе што во Правилата на НАТО и ЕУ како услов за прием не постои прашањето какви се билатералните односи и евентуалните спорови (со соседите) на државата која бара прием во членство на овие организации.

Најдобро објаснување за апсурдноста на релациите политика - право, со доминацијата на политиката, даде Ангелина Беер - председател на Комитетот за безбедност на Европскиот парламент, (во изјавата за ,,Нова Македонија‘‘ од 16.12. 2011 год.): Одлуката на Меѓународниот суд на правдата е морална победа на Македонија. За мене оваа правна пресуда е јасна и и` дава морална поддршка на Македонија, но не може  да им стави крај на политичките разговори. Начелата на ООН во овој случај, се јасни и се во полза на Македонија, имајќи го предвид фактот дека секоја земја има право да си го одбере сопственото име. Одлуките на Меѓународниот суд на правдата се обврзувачки, а Судот изјави дека нема потреба да се претпостави дека Грција би ги повторила своите дејства коишто Судот ги утврди како погрешни. За мене е јасно дека Судот ја бара одговорноста во разговорите под покровителство на ООН. Тоа е сосем различна, политичка тема, а битката за името на земјата ќе продолжи. НАТО ја промени својата позиција. Порано велеа дека Македонија има отворена покана да се придружи на НАТО штом ќе застари ветото на Грција. Сега и НАТО и ЕУ  очекуваат решение за спорот со Грција за името пред пристапување на Мaкедонија.

3. Автентичното толкување на  Законот за амнестија од  Собранието на Република Македонија, со кое всушност таканаречените ,,хашки случаи‘‘ се подведоа под тој    закон, е трет пример за моќта на политиката над правото, на национално ниво. Во случајов,  наместо во рамки на правосудниот систем на државата да се процесуираат овие предмети и да се утврдат или да се одбијат основаните сомненија, правната квалификација и карактерот на овие кривични дела и да добијат судска разрешница, политичко-извршната власт, од политички мотиви и причини, го презеде решавањето на овие случаи преку небулозното толкување на Законот за амнестија, покажувајќи ја својата политичка моќ - наспроти правото.

Според Автентичното толкување на Законот за амнестија од Собранието на РМ, член 1 од овој закон треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка за гонење лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарното право. Општо познато е дека после долгите натегања меѓу надлежните органи на Македонија и Меѓународниот трибунал, од непознати причини за јавноста, овие случаи беа вратени за процесуирање на правосудниот систем во Македонија. После долги политички договарања, во специфични политички околности после парламентарните избори, а заради одржување на постојното парламентарно мнозинство, уследи Автентичното толкување на Законот за амнестија.

Според Кривичниот законик на Република Македонија и според меѓународното право,  кривичното гонење и извршуването на казната не застаруваат за кривични дела против човечноста и меѓународното право, за какви основани сомненија постоеја за овие четири т.н. хашки случаи. На овој начин се дерогира и се заобиколи правото и правдата кои требаше да ги почитува политичката власт. Тоа, од друга страна, значи дека можеби останува отворено прашањето дали во некои други политички околности и односи нема одново да се отворат овие случаи.

Оттука, може да се заклучи дека ревизијата и изградбата на нов меѓународен политичко -правен поредок е повеќе од ургентен меѓународен проблем, во кој мирот, слободата, демократијата и правдата ќе се градат врз трајни и стабилни основи: врз почитувањето и заштитата на човековите основни права и слободи и врз рамноправноста и еднаквоста на народите и државите во светот. Тоа секако ќе оди тешко и макотрпно, бидејќи нема да престане политичката моќ и влијание, и на национално и на меѓународно ниво, за наметнување на едни или други интереси, како основна преокупација и цел на политиката. Но, тој процес ќе мора да се отвори, па макар и со поединечни случаи на манифестација и потврдување на правото и правдата, како што е пресудата на Меѓународниот суд на правдата на ООН во Хаг во спорот меѓу Македонија и Грција од декември  2011 година.