Македонски Shqip English

Катерина Конеска

Третиот факултативен протокол за комуникациски процедури кон конвенцијата за правата на детето

Вовед

Секојдневно сме сведоци на зголемување на повредите на децата и нивните права. Ова неизбежно бара цврсто воспоставена структура за заштита на нивните права како на национално така и на меѓународно ниво. Креирањето на соодветна правна рамка и воспоставувањето на инструменти и механизми за ефективна заштита на децата и нивните права е своевидена гаранција на реализација на правата на децата, како што се оние кои се насочени кон следење и контрола на државите при исполнувањето на обврските што ги презеле со потпишувањето на Конвенцијата за правата на детето [1] (КПД, Конвенцијата) како највисок меѓународно-правен акт и нејзините факултативни протоколи: Протоколот за вклучување на деца во вооружени конфликти [2] и Протоколот за продажба на деца, детска проституција и порнографија.[3]

Секој кој го проучува меѓународното право, може слободно да заклучи дека меѓународните инструменти и механизми претставуваат важен сегмент од оваа правна гранка. КПД и нејзините факултативни протоколи подолго време беа единствените носечки меѓународни документи кои немаа воспоставена процедура за комуникации/жалби. Токму затоа неколку години по донесувањето на КПД е покрената иницијатива, а подоцна е започнат и процес за подготовка на Факултативен протокол со кој ќе се даде надлежност на Комитетот за правата на детето [4] (Комитетот) да разгледува индивидуални претставки и меѓудржавни комуникации со што би се унапредил механизмот за контрола на почитувањето на детските права.

После повеќегодишни преговори, на 19 декември 2011 година, Генералното собрание на Обединетите нации го усвојува Третиот факултативен протокол за комуникациски процедури кон КПД. [5] Од 28 фебруари 2012 година, протоколот е отворен за потпишување и ратификација и до сега го имаат потпишано 51 држава, а го имаат ратификувано 44 држави. [6] Протоколот стапува на сила на 14 април 2014 година. [7] И Македонија го има потпишано овој Протокол на 23 мај 2012 година, се чека на негова ратификација од страна на Собранието со што ќе му се даде правна сила на истиот.

Со донесувањето на овој Протокол е окончан системот на заштита на човековите права на универзално ниво затоа што и последното договорно тело добива надлежност која другите комитети веќе ја имаат и ја практикуваат. [8]

Овој протокол ги става правата на децата во рамноправна положба во однос на сите останати човекови права. Со протоколот се реафирмира положбата на децата како субјекти на права и личности со достоинство и развојни потенцијали. [9] Протоколот претставува механизам со кои се осигуруваат правата на децата од КПД, Факултативниот протокол за деца во вооружени судири и Факултативен протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија.

Овој протокол дава можност децата и нивните претставници да поднесат претставка директно до Комитетот на Обединетите нации (ОН) за правата на детето во Женева доколку нивните права се прекршени и не успеале да остварат заштитата на истите во својата земја. Овој протокол ја воведува и можноста за меѓудржавни комуникации до Комитетот за правата на детето. Покрај тоа, надлежноста на Комитетот дополнително се проширува со можноста да се иницира истрага во случаи на сериозно и систематско кршење на правата гарантирани од страна на КПД и нејзините протоколи.

Секоја држава со потпишувањето и ратификацијата на овој Протокол, покрај преземањето на законска одговорност, покажува подготвеност да создаде свет кој ќе го следи најдобриот интерес на децата.

Третиот факултативен протокол за комуникациски процедури кон Конвенцијата за правата на детето и неговото значење

Третиот Факултативен протокол за комуникациски процедури претставува меѓународен договор кој овозможува на поединци, групи и други претставници поднесување на жалба против државите пред Комитетот за правата на детето при ОН, кои тврдат дека постои повреда на било кое право кое е предвидено во Конвенцијата и двата факултативни протоколи кон оваа Конвенција, доколку државата е потписник на овие документи. Предуслов е државата да го потпишала и ратификувала Протоколот.

Особено е важно да се подвлече тежината и важноста на механизмите со кои се контролира оствраувањето на носечките документи за правата на детето како во меѓународното право, така и во националното законодавство. Првенствено се наметнува прашањето на важноста на меѓународните тела, а со тоа и улогата што ја добива Комитетот за правата на детето со влегувањето во сила на овој Протокол. Комитетот го сочинуваат 18 меѓународни независни стручњаци за човекови права и претставува надзорно тело за спроведување на одредбите од Конвенцијата за правата на децата и на двата Факултативни протоколи. [10]

Втората работа што е особено важна е подготвеноста на државните институции за спроведување на ратификуваните меѓународни договори кои треба да бидат вградени во домашното законодавство. Во исто време, државата презема обврска да ги промовира меѓу децата и граѓаните можностите кои ги нуди Протоколот во однос на заштитата на правата на децата (член 17).

 

Според Протоколот, предвидени се неколку видови на комуникации/процедури:

 

  1. Индивидуални претставки (регулирани се од чл.5 до чл.11 од Протоколот) [11] –

Протоколот пропишува дека поединци, групи и други претставници кои тврдат дека нивните права наведени во КПД и двата факултативни протоколи се повредени од страна на одредена држава можат да поднесат претставка/жалба до Комитетот за правата на детето.

  • Со индивидуалната претставка може да се бара заштита на правата кои се гарантирани со трите меѓународни инструменти: КПД, Факултативниот протокол за учество на деца во вооручени судири, Факултативниот протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија, под услов државата да е членка на истите.
  • Претставките мора да бидат во пишана форма, потпишани од подносителот, и образложени што значи дека претставката не може да биде анонимна. Во случај на неопходност на заштита на интересот на детето. Комитетот ќе оневозможи пристап на јавноста до идентитетот на жртвата и/или подносителот.
  • Претставките мораат да содржат докази дека се исцрпени сите национални правни лекови (со исклучок ако постапката по тие правни лекови трае неразумно долго или не е ефикасна)
  • Претставките не може да се поднесат по изминувањето на една година од исцрпувањето на националните правни лекови. Исклучок постои во делот на непочитување на пропишаните рокови, доколку подносителот на претставката докаже дека објектино не бил во можност да поднесе претставка на време.
  • Индивидуалната претсавка не може да се однесува за случај кој што веќе е разгледуван од Комитетот (ne bis in idem) или се разгледува или е разгледуван од некое друго меѓународно тело (забрана за двојна литиспенденција)

 

  1. Меѓудржавна комуникација (предвидено во чл.12 од Протоколот) - Една држава може да поднесе жалба против друга држава во која тврди дека другата држава не ги исполнува своите обврски во согласност со било кој од инструментите (КПД, двата факултативни протоколи) на кои таа држава е членка. Значи услов е обете страни да бидат членки на инструментите на кои се повикуваат. Државите договорнички мора да дадат посебна изјава со која ја прифаќаат ваквата надлежност. Врз основа на принципот на реципроцитет, и државата подносител и државата кон која е поднесено соопштението, мораат да го прифатат овој вид на надлежност на Комитетот, како би можело да се покрене процедурата пред Комитетот.

 

  1. Истрага – во случај на сериозни повреди на правата на децата, Комитетот за правата на децата може самостојно да покрене истрага. (предвидено со чл.13 и 14 од Протоколот) – Со Протоколот е предвидено надлежност на Комитетот во случај на систематско или тешко кршење на правата на децата, но оваа надлежност на Комитетот, државите не ја прифаќаат по автоматизам, туки постои посебна клаузула која подразбира дека државите мораат претходно да дадат посебна изјава со која ја прифаќаат ваквата надлежност на Комитетот. Оваа изјава може да биде дадена и повлечена во било кое време. Доколку една држава има дадено ваква изјава, а Комитетот добие веродостојна информација која укажува на систематско и грубо кршење на правата наведени во КПД и/или во Факултативните протоколи, Комитетот по сопствена иницијатива ќе покрене процедура за истрага.

 

Комитетот за правата на детето има усвоено посебни правила според кои постапува во рамките на Третиот факултативен протокол за комуникациски процедури и истите се прилагодени за деца, водејќи сметка за најдобриот интерес на децата. [12]

 

Карактеристики на Протоколот

Овој протокол има низа на карактеристики, но за потребите на овој текст во продолжение се издвоени неколку:

  • Одлуките на Комитетот за правата на детето немаат обврзувачка сила за државата странка во постапката односно истите се исклучиво со советодавен карактер пропратен со препораки.
  • Не постојат правни механизми за контрола на спроведувањето на препораките на Комитетот.
  • Исклучива примена во земјите кои го имаат ратификувано Протоколот.

 

Следејќи ги неколкуте погоре наведени карактеристики, со влегувањето на сила на овој Протокол се наметнуваат неколку прашања: •До кој степен усвојувањето на Факултативниот протокол кон КПД за постапката за комуникација ќе ја зајакне КПД?; • Во која мера чинот што ќе им даде можност на децата или нивните претставници директно да се обратат до независно меѓународно тело, ги прави земјите поодговорни и посветени во однос на почитувањето на правата на децата?; • Која е вистинската моќ на меѓународните тела и меѓународно право во областа на детските права значително и/или правно обврзувачки да влијаат на земјите како посебни субјекти во меѓународното право?  Одговорот на овие прашања ќе го очекуваме по извесен период на примена на овој Протокол во пракса.

 

Заклучни согледувања

Со овој Протокол покрај тоа што се зајакнува КПД и факултативните протоколи, исто така, може да се каже дека се зајакнува еден од основните принципи врз кои КПД се темели, а тоа е принципот на учество на децата. Со овој Протокол на децата и/или нивните претставници им се дава можност да учествуваат во борбата за остварување на нивните права и да се свртат директно кон независен меѓународен експертски орган, односно Комитетот за правата на детето. Високиот комесар за човекови права во ОН, Нави Пилај, по усвојувањето на овој Протокол има изјавено дека „Децата сега можат да се придружат на другите носители на правата кои се овластени да поднесат жалба за кршење на човековите права пред меѓународните институции".

Се надеваме дека и нашата држава ќе го ратификува овој протокол наскоро. Исто така, се надевам дека ова ќе помогне во однос на воведувањето на оваа можност и дисиминирање на Протоколот, како и поттикнување и стимулирање на користењето на можностите предвидени со истиот.

Меѓу бранителите на детските права постои заинтересираност за тоа како тоа ќе функционираат во пракса одредбите од овој Протокол, дали истиот ќе ги исполни очекувањата или дали децата што биле повредени ќе се свртат кон меѓународната сцена кога ќе наидат на тоа нивните права да не можат да бидат заштитени во домицилната држава. Се надеваме дека сите релевантни чинители кои работат на полето на заштита на детските права ќе ги поттикнат децата да зборуваат гласно за кршењето на нивните права, за насилството од кое секојдневно страдаат, за злоупотребите, за нееднаков третман и сл. Па оттука, овој текст можам да го заклучам со познатата поговорка: „ова е мал чекор за меѓународното право, но е голем за бранителите на децата, а особено за децата како носители на права".

 

[1] Конвенција за права на дете, https://www.ohchr.org/en/professionalinterest/pages/crc.aspx

[2] Факултативен протокол кон Конвенцијата за правата на детето за вклучување на деца во вооружени конфликти https://www.ohchr.org/en/professionalinterest/pages/opaccrc.aspx

[3] Факултативен протокол кон Конвенцијата за правата на детето за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија https://www.ohchr.org/EN/ProfessionalInterest/Pages/OPSCCRC.aspx

[4] За улогата и работата на Комитетот за правата на детето повеќе е достапно на  https://www.ohchr.org/EN/HRBodies/CRC/Pages/CRCIndex.aspx

[5] Трет факултативен протокол за комуникациски процедури кон Конвенцијата за правата на детето https://documents-dds-ny.un.org/doc/UNDOC/GEN/N11/467/10/PDF/N1146710.pdf?OpenElement

[6] Статус на бр. на држави кои го имаат потпишано и ратификувано Факултативниот протокол за комуникациски прецедури на 27.05.2019  

[7] https://www.ohchr.org/EN/ProfessionalInterest/Pages/OPICCRC.aspx

[8] Ђорђевић Сања, „Тређи факултативни протокол уз Конвенцију о правиме детета“, Зборник радова - Заштита људских и мањинских права у европском правном простору, 2012 год, crpана. 505 – 522

[9] Лукшић-Орландић Тамара, „Поводом усвајања Протокола на Конвенцију о правима детета“, ауторски текст заменице заштитника грађана Тамаре Лукшић - Орландић у дневном листу "Данас" (02 март 2012)

[10] Повеќе информации за составот на Комитетот и неговата улога се достапни на https://www.ohchr.org/en/hrbodies/crc/pages/crcindex.aspx

[11] Трет факултативен протокол кон КПД за комуникациски процедури, од страна 3 до 5;

https://documents-dds ny.un.org/doc/UNDOC/GEN/N11/467/10/PDF/N1146710.pdf?OpenElement

 [12] Правилата според кои постапува Комитетот за правата на децата се достапни на следниот линк https://tbinternet.ohchr.org/_layouts/15/treatybodyexternal/Download.aspx?symbolno=CRC/C/62/3&Lang=en