Македонски Shqip English

Д-р Весна Стефановска

Копенхагенската декларација и претстојните предизвици за европскиот суд за човекови права

Вовед

Во многу прилики беше истакнато дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се смета за заштитник на правните доктрини поврзани со основните и неприкосновени човекови права содржани во одредбите на Европската конвенција за човекови правa (ЕКЧП). Низ годините и преку различните случаи од судската пракса се покажа дека оваа заштитна, но и воедно еволутивна улога е екстремно тешка во одржување на константноста која е предвидена во работата на Судот. Судот честопати се наоѓа во улога на креатор на техники за аргументација и судски дискурс којшто би бил прифатлив за сите држави-членки на Советот на Европа и би бил компатибилен со мноштвото од правни системи и традиции. Воедно, Судот, треба и внимателно да координира и балансира помеѓу целта на ЕКЧП, а тоа е ефективната заштита на фундаменталните права и потребата за почитување на националните традиции и низа сензитивни прашања. Меѓутоа, се покажа дека главниот предизвик со којшто Судот се соочува овие години е зголемениот број на предмети и огромниот заостаток во нерешени предмети. Од овие причини, на долго очекуваната Копенхагенска декларација се гледаше како на позитивен предизвик во трансформирањето на работата на Судот. Но вистинското прашање е: дали успеа да ја оствари посакуваната цел?

Копенхагенска декларација: што предвидува и кои се претстојните предизвици

Потребата од трансформацијата на работата на ЕСЧП започна уште пред неколку години, иако официјалниот почеток е инициран во Интерлакен (2010), за потоа да продолжи на следните конференции на високо ниво во Измир (2011), Брајтон (2012) и Брисел (2015), овозможувајќи важна можност за да се постават следните насоки кон кои ќе се движи промената на ЕКЧП, притоа водејќи сметка за нејзината одржливост. На конференцијата во Копенхаген во април, 2018 година, земјите-договорнички ја истакнаа потребата од обезбедување на ефективен, фокусиран и балансиран конвенциски систем каде примарна цел ќе биде ефективното имплементирање на ЕКЧП на национално ниво при што Судот ќе може да ги насочи своите напори кон идентификување на сериозни и систематски прекршувања на човековите права [1]. Можеби целта на оваа декларација лежи во надежта дека земјите-членки ќе останат посветени во одржување на ефективноста на ЕКЧП, но првичната (драфт) верзија од оваа декларација наиде на сериозни критики во однос на неколку, особено, битни сегменти. Она што можеби наиде на изненадување на пошироката јавност е што дури и Парламентарното Собрание на Советот на Европа изрази доза на загриженост во однос на Копенхагенската декларација во однос на неефиктивното имплементирање на ЕКЧП и несоодветното извршување на Стразбуршките одлуки [2].

Првиот сегмент којшто беше критикуван во драфт верзијата на Копенхагенската декларација е тоа што таа ја истакнува потребата од ‘подобар баланс’ помеѓу Судот и земјите-членки базиран на ‘поделена одговорност’ во однос на заштитата на конвенциските права. Параграф 11 од драфт - декларацијата, меѓу другото, го истакнува следново: Концептот на поделена одговорност, означува остварување подобар баланс помеѓу националното и европско ниво на конвенцискиот систем и обезбедување подобрена заштита на загарантираните права. Конвенцијата предвидува комплементарни улоги и одговорности за националните авторитети и за Судот во рамките на конвенцијата, бидејќи обврската на земјите-членки е да ги почитуваат и заштитуваат правата кои произлегуваат од ЕКЧП [3]. Во оваа конотација, дури и самиот Стразбур истакна дека содржината на параграф 14 од драфт - декларацијата е конфузна во однос на уставните традиции и националните услови. Не постои сомнеж дека овие два елементи се релевантни при оценувањето дали една држава се придржува кон ЕКЧП во одреден случај, но сепак останува на Судот да одлучи како што и веќе тоа го прави преку својата судска пракса [4].

Вториот аспект од Декларацијата се однесува на супсидијарноста на Судот. Имено, принципот на супсидијарност е одамна воспоставен  во судската пракса и истиот ја препознава потребата од самостојна оценка на националните авторитети во однос на ‘локалните потреби и услови’ во имплементирањето на човековите права, но таа имплементација мора секогаш да биде во духот на нормите воспоставени од ЕСЧП [5]. Она што е интересно е фактот дека драфт декларацијата преку принципот на супсидијарност вусшност ја ограничува улогата на Судот, притоа истакнувајќи дека Судот не треба да ја презема улогата на земјите-членки која што се состои во обезбедување на правилна примена и почитување на правата загарантирани со ЕКЧП.

Супсидијарноста може да се сфати и како контролен механизам: кога националните авторитети нема да ги исполнат своите обврски, супсидијарноста може да означува и потреба од интервенција на ЕСЧП со цел да се зајакнат напорите во почитување на одредбите од Конвенцијата кои може да се однесуваат како на законодавната, така и на извршната или судската власт. Токму од оваа причина, драфт-декларацијата го подрива принципот на супсидијарност во корист на државниот суверенитет [6]. Имајќи го предвид погоре наведеното, беше направена интервенција особено во овој дел од декларацијата на начин кој би упатувал на вистинскиот опсег на супсидијарноста. Имено, принципот на супсидијарност не е наменет за намалување или ослабнување на заштитата на човековите права, туку тој има за цел да ги потенцира обврските на националните авторитети во изнаоѓање на ефективни механизми за намалување на прекршувањата на човековите права на национално ниво во согласност со веќе воспоставените конвенциски стандарди [7].

Третиот аспект од драфт-декларацијата којшто можеби е и најдискутабилен, е делот кој го промовира ‘дијалогот’ помеѓу земјите-членки и Судот и истиот предлага конструктивен дијалог помеѓу земјите-членки и Судот во однос на нивните улоги во имплементацијата и развивањето на ЕКЧП [8]. Имено, овој дијалог би придонел кон појасна слика во однос на позициите на владите и другите иматели на власта во соочување со предизвиците кои ги носи ЕКЧП, но и постојаните прекршувања на човековите права [9]. Иако овој термин ‘дијалог’ звучи доста оптимистички, сепак во својата содржина крие одредени опструкции, првенствено бидејќи се фокусира исклучиво на земјите-членки, а со тоа и на односните политички партии, истовремено не земајќи ги предвид граѓанското општество и граѓанскиот сектор. Оттаму, сосема е погрешно да се употребува терминот ‘дијалог’ кога не се опфтени повеќе страни, а и кога помеѓу постоечките не постои рамноправност во позициите [10]. Дури и самиот Суд изрази одредена доза на резерва и сомнеж во однос на оваа одредба, доколку се тргне од фактот дека и Судот отсекогаш се залагал да постои интеракција со врховните судови на земјите-членки и особено интензивирање на соработка изразена преку постапката за давање советодавни мислења. Поради оваа причина, овој дел беше повторно преформулиран на начин на кој ‘дијалогот’ сега се разгледува преку призмата на интеракција на национално и европско ниво вклучувајќи го и граѓанскиот сектор.

 

Заклучни согледувања

Постои значителна разлика меѓу нацрт (драфт) и официјалната верзија на Копенхагенската декларација. Оној дел што се претпоставуваше дека може да ја загрози заштитата на човековите права во однос на државниот суверенитет е отстранет. Сериозни забелешки беа нотирани од страна на Судот поради отсуството на ангажираност на граѓанските општества во  процесот на дијалог, па од таа причина овие забелешки беа инкорпорирани во финалната верзија на декларацијата. Сепак, проблематична област во однос на сериозниот заостаток со решени предмети и понатаму продоложува да биде предизвик како за Судот, така и за евентуалните измени на Копенхагенската декларација или други претстојни документи кои ќе помогнат во надминување на овој предизвик.

Од друга страна, статистички гледано кога реформскиот процес беше инициран во Интерлакен во 2010 година, Стразбург се соочуваше со 140,000 апликации кои чекаа епилог, а  неколку години подоцна овој број е значително намален, но сепак не до тоа ниво за и понатаму да не претставува загрижувачки проблем за Судот [11]. Оттаму, оваа декларација, за што и сите страни се согласни е дека проблемот не треба да се лоцира во Судот, туку во неуспехот на државите да ги имплементираат и извршуваат одлуките на ЕСЧП. Понатаму, беше истакнато дека поделената одговорност и потребата за дијалог како важни сегменти на оваа декларација треба да го подобрат и да го одржуваат Европскиот систем за заштита на човековите права. За таа цел, потребно е тие и понатаму да се развиваат со цел да го прошират опсегог на принципот на супсидијарност и да обезбедат пообемен дијапазон на примена на маргината на уважување.

За волја на вистината, голем дел од темите кои беа предмет на дискусија во рамките на оваа декларација можат да се пронајдат и во претходните декларации и акциски планови кои ја елаборираат темата за трансформација на работата на ЕСЧП. Доколку целта е навистина доготрајната ефективност на ЕСЧП потребен е ‘револуционерен’ пристап којшто ќе понуди вистински решенија за постоечките проблеми. Потребна е декларација која ќе содржи јасни и практични обврски за земјите-членки во однос на имплементација и извршување на Стразбуршките одлуки. Декларација која ќе обезбеди силна политичка ре-афирмација на поддршката за независност на ЕСЧП. Копенхагенската декларација во постоечката форма остава простор за различни мислења, шпекулации и предизивици кои тешко се премостуваат.

[1] Paragraph 2 of the Copenhagen Declaration adopted on a High Level Conference Meeting 13 April 2018, https://rm.coe.int/copenhagen-declaration/16807b915c 

[2] Council of Europe Parliamentary Assembly (PACE), ‘The Assembly concerned about certain aspects of the Copenhagen Declaration, 26 April 2018,

[3] Article 1 of the European Convention on Human Rights,

[4] European Court of Human Rights (ECtHR), “Opinion on the draft Copenhagen Declaration” adopted by the Bureau in light of the discussion in the Plenary Court on 19 February 2018

[5] Roisin Pillay, “The European Convention on Human Rights: the Draft Copenhagen Declaration and the Threat to the European Court”, 2 March 2018, www.icj.org

[6] Andreas Follesdal and Geir Ulfstein, “The Draft Copenhagen Declaration: Whose Responsibility and Dialogue”, 22 February 2018, www.ejiltalk.org

[7] paragraph 10 of the Draft - Copenhagen Declaration. https://menneskeret.dk/sites/menneskeret.dk/files/media/dokumenter/nyheder/draft_copenhagen_declaration_05.02.18.pdf

[8] ibid, paragraph 31

[9] ibid, see footnote [5]

[10] Geir Ulfstein and Andreas Follesdal, “Copenhagen – much ado about little”, 14 April 2018. www.ejiltalk.org  

[11] Paragraph 43 of the Copenhagen Declaration

[12] ibid, paragraph 11