Македонски Shqip English

Човековите права во здраствената заштита на Република Македонија од аспект на бегалците и барателите на азил

Согласно со член 1 А (2) од Конвенцијата од 1951 на Обединетите нации за статусот на бегалците, терминот “бегалец” ќе се однесува на секое лице кое:

Како резултат на настаните кои се случиле пред 1 јануари 1951 година и поради оправдан страв дека ќе биде прогонувано заради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или поради своето политичко уверување, се наоѓа надвор од земјата на неговото државјанство и не може или, поради таквиот страв, не сака да биде под заштита на таа земја; или кое, ако нема државјанство, а се наоѓа надвор од земјата во која порано имало вообичаено место на престој, поради таквите настани, не може или, поради тој страв, не сака да се врати во неа.

[1]

Оваа дефиниција мошне јасно опишува една категорија на луѓе кои постојат низ светот и за кои сите ние повеќе или помалку сме свесни.

Уште од осамостојувањето Република Македонија имаше несреќна шанса да се соочи со голем број бегалци од војните кои се водеа на територијата на бивша Југославија, но во исто време и шанса да покаже колку е зрела во соочување со една ваква ситуација. Тоа што Република Македонија го направи со поддршка на Меѓународната заедница, прифаќањето на повеќе од 600 000 бегалци во неколку фази од 1991 до 2005 година, е тоа што ја квалификува во земјите со голема хуманост и во земјите кои во голема мера го почитуваат меѓународното право и Конвенцијата од 1951 на ОН за статусот на бегалците.

На покана на Владата на Република Македонија, во Скопје е отворена канцеларија на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Присуството на оваа меѓународна организација во најголема мера помогна РМ да се справи со огромниот број бегалци, посебно во 1999 година, но и во сите понатамошни фази што следуваа после тоа.  Нејзиното присуство спречи една поголема хуманитарна катастрофа преку обезбедување неопходна поддрша (материјална и финансиска) во однос на здравствена заштита за сите овие лица.

Домашното законодавство во однос на регулирањето на правата и обврските на бегалците во Република Македонија од 1991 до денес било променето во неколку фази.

Согласно со Законот за aзил и привремена заштита право на азил е заштитата што Република Македонија ја дава под услови и постапка предвидени со овој закон, на следниве категории лица: признаен бегалец (бегалец по Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 и Протоколот од 1967 година) и лице под супсидијарна заштита.[2]

Сите овие лица со поднесувањето на барањето за признавање на правото на азил се подложни на одредени права и обврски наведени во истиот закон.

Ова истражување има за цел да ја објасни ситуацијата во која се наоѓаат барателите на азил и бегалците во однос на здравствената заштита во Република Македонија.

Истражувањево ќе се насочи пред се` на формално-правната ситуација,  но имајќи предвид дека се работи за специфична категорија на лица, неизбежно е да се земе предвид и хуманитарниот аспект.

Човековите права во здравствената заштита е правна област која во Македонија е обработена и во националното законодавство и со ратификуваните и потпишани меѓународни инструменти. Правото на здравје и обврската за грижа за сопственото и за здравјето на другите е инкорпорирано во Уставот на РМ и во позитивните прописи.

Една од основните одредби на Универзалната декларација за човековите права се однесува на темата што се истражува во овај труд, а тоа е член 25 (право на здравствена заштита).[3]

Еден од петте принципи на Декларацијата за здравствена заштита, ориентирана кон пациентите, од 2007 година, на Меѓународната алијанса на организации на пациенти[4] се однесува на пристапот и на поддршката која пациентите мора да ја имаат во здравствената заштита. Треба да се преземат сите мерки што на пациентите ќе им обезбедат пристап до неопходните услуги, независно од нивната положба и социо-економскиот статус.

Во генералниот коментар на Комитетот за елиминирање на сите видови расна дискриминација број 16, параграф 29, стои дека им се препорачува на државите-членки на оваа Конвенција, соодветно на специфичните околности, да им обезбедат на лицата што не се државјани на таа држава соодветен степен на физичко и ментално здравје со тоа што, меѓу другото, ќе се воздржат од оневозможување на пристапот или од ограничување на пристапот до превентивни, куративни и палијативни здравствени услуги.[5]  Начелно, од оваа одредба може да утврдиме дека со Конвенцијата не само што се утрврдуваат правата и обврските, туку и се опфаќа еден поширок контекст, со тоа што се даваат насоки на што да се внимава при толкувањето, што не секогаш претставува практика во Република Македонија.

Истиот контекст може да го сретнеме и во Резолуцијата на Светската лекарска асоцијација која се однесува на здравствената заштита на бегалците. Тука е наведено дека статусот на бегалците не смее да влијае на одлуките на лекарот и дека тој не може да биде присилен да учествува во каква било казнена или правна постапка во која се вклучени бегалци или внатрешно населени лица,  или пак да применат некоја дијагностичка процедура или третман кој нема оправдување, како на пример, седативи со кои ќе овозможи лесна депортација од државата или ќе се изврши преместување. На лекарот мора да му се даде доволно време и ресурси за да ја процени физичката и психолошката состојба на бегалците што бараат азил. [6]

Телата на ОН често ги осудуваат државите поради тоа што не успеваат да обезбедат еднаков пристап до здравствената заштита на маргинализираните и ранливи групи, меѓу кои се и бегалците, со што директно се повредува правото на недискриминација и на еднаков пристап до здравствената заштита.[7]

Од домашното законодавство во однос на здравствената заштита законското решение во член 54 од ЗАПЗ предвидува дека “До стекнување на својство на осигурено лице согласно со Законот за здравствено осигурување, признаениот бегалец има право на основни здравствени услуги како и државјаните на Република Македонија.[8] Во истиот закон, во член 55, стои дека сите средства за обезбедување на правата на сместување, на доделување парична помош и здравствена заштита се обезбедуваат од буџетот на Република Македонија и тоа преку Министерството за труд и социјална политика. [9]

Согласно со законот за здравствено осигурување, под основни здравствени услуги се подразбира здравствена заштита од најниско ниво (примарна здравствена заштита), па се`  до највисоко ниво, односно болничко лекување.[10]

Само мал дел од здравствените услуги не се опфатени со основниот пакет на здравствени услуги, како на пример естетските операции, бањското лекување итн.

Иако одредбата од ЗАПЗ подразбира еднаквост помеѓу бегалците и државјаните на Република Македонија, треба да се има на ум дека бегалците се поранилива категорија во споредба со просечните граѓани, односно дека не можат да се преземаат мерки на претпазливост за нивната здравствена заштита во  форма на штедење или дополнително здравствено осигурување. Поради овој факт треба да се размисли за дополнителна помош од страна на државата.[11]

Во овој момент здравствената заштита за оваа категорија лица не е во целост кодифицирана во националното законодавство, така што постои една правна празнина која не е регулирана со закон или со подзаконски акт. Општото осигурување преку Фондот за здравствено осигурување не е јасно како е замислено. Во овој момент здравствено осигурување може да се добие само доколку “некој” друг ги плаќа придонесите.

Имајќи ја предвид моменталната ситуација во која не сите категории на бегалци се соочуваат со исти проблеми, но и со цел да се направи една диференцијација које е и присутна и во Законот за азил и привремена заштита, истражувањево ќе опфати четири категории на лица и тоа:

· Признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита;

· Одбиен бегалец;

· Барател на азил.

Имено секоја од овие категории на лица, во зависност од која фаза од постапката за признавање на право на азил се наоѓа, се соочува со различни проблеми.

  1. Признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита

Признаен бегалец според законот за азил и привремена заштита на Република Македонија е странец кој по испитувањето на неговото барање е утврдено дека ги исполнува условите определени со Конвенцијата од член 2, алинеја 1 на истиот закон.[12]

Согласно со член 39 од законот, на признаениот бегалец му следува лична карта за признаен бегалец и патна исправа за признаен бегалец.[13]  Во членот на Законот исто така е наведено дека овие документи ги издава Министерството за внатрешни работи на РМ и дека секое лице е должно да ги носи со себе и да ги покаже на барање на службеното лице кое е овластено да го легитимира.

Најголем број од признаените бегалци во РМ се од бегалските кризи во Косово и Босна и Херцеговина. Сите признаени бегалци имаат добиено лична карта за признаен бегалец со што може да се легитимираат пред надлежните институции.

Примарна здравствената заштита за признаените бегалци се обезбедува во Амбулантата на Црвениот крст во Шуто Оризари - Скопје која е финансиски поддржана од Канцеларијата на UNHCR. Имено, признаените бегалци во оваа амбуланта добиваат само примарна здравствена заштита  Признените бегалци се соочуваат со непријатности во случај кога се работи за посериозна здравствена интервенција која амбулантата не е во можноста да ја обезбеди.

Во таков случај признаениот бегалец мора прво да се обрати во амбулантата каде ќе му дадат упат до соодветната здравствена институција и потврда дека истото лице е признаен бегалец во РМ. Од признаениот бегалец се бара и уште една потврда со која се потврдува дека сите трошоци што ќе произлезат од неговото лекување ќе бидат обезбедени од Амбулантата на Црвениот Крст која потоа ги наплатува од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Идентификувани проблеми:

· Вработените во здравствените институции не се доволно запознаени со личните карти за признаени бегалци кои ги издава МВР на РМ и најчесто не ги прифаќаат со доверба, а со тоа признаениот бегалец се соочува со потешкотии при легитимирањето.

· Признаените бегалци, и покрај личната карта за признаен бегалец која ја поседуваат, мора да достават дополнителна потврда до здравстената институција во која е објаснето дека тие се признаени бегалци, или како што е практика, се бара од Амбулантата на Црвениот Крст - Скопје да им објасни на вработените во здравствената институција за каква категорија на лица станува збор.

· Имајќи предвид дека признаените бегалци не се државјани на РМ и дека доаѓаат од други земји, тие најчесто не го знаат македонскиот јазик, со што имаат потешкотии при комуникацијата со здравствените работници во здравствените институции во кои целата документација најчесто е само на македонски јазик или на јазикот на малцинствата кои живеат во РМ, со што се повредуваат многу од нивните права, како на пример правото на информираност[14], правото на согласност[15] и правото на слободен избор[16].

· Признените бегалци мора да обезбедат потврда за тоа дека сите трошоци кои ќе произлезат од нивното лекување ќе бидат подмирени од страна на МТСП.

· Превозот до здравствената установа признаените бегалци го обезбедуваат сами (освен кога се работи за итни случаи) и тие средства не ги покрива МТСП.

Ова се некои од главните проблеми со кои се соочуваат признаените бегалци при обезбедувањето на здравствената заштита. За едно лице да добие здравствена заштита мора да ја направи целата оваа постапка, но проблемот е уште поголем затоа што со секој нареден пат кога ќе има потреба од здравствена заштита мора да ја повторува истата постапка од почеток. Со тоа што на признаениот бегалец најчесто му се потребни неколку денови за да се обезбеди со некои од овие документи се повредува уште едно од неговите права, а тоа е правото на почитување на времето на пациентот.[17]

Согласно со Законот за азил и привремена заштита признаените бегалци имаат право да засноваат работен однос, со што можат да се квалификуваат да бидат заведени во Бирото за вработување и придонесите за нив кон Фондот за здравствена заштита да бидат платени од страна на Бирото. Меѓутоа и во тој случај би се решил само еден од проблемите на овие лица, а тоа е во однос на финансирањето, додека другите проблеми би останале и понатаму.

Лице под супсидијарна заштита

Лице под супсидијарна заштита е странец кој не се квалификува како признаен бегалец, а на кој Република Македонија ќе му признае право на азил и ќе дозволи да остане во рамки на нејзината територија, бидејќи постојат цврсти причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, или доколку е лице без државјанство, во  државата на претходен вообичаен престој ќе се соочи со вистински ризик од претрпување сериозни повреди.

            Сериозни повреди, во смисла на став 1 од овој член се:

·  смртна казна или егзекуција;

·   тортура или нечовечно или деградирачко однесување или казнување или

· сериозни и индивидуални закани по животот или по личноста на цивилно лице по пат на недискриминирачко насилство, во ситуација на меѓународен или на внатрешен вооружен конфликт.[18]

Лица кои уживаат право на супсидијарна заштита во РМ имаат легален престој кој им го гарантира ЗАПЗ се` до моментот кога тие ќе одлучат да се вратат доброволно во земјата на потекло или пак додека се интегрираат во РМ.

Вообичаена практика од страна на одделението за азил е да се издаваат лични карти за лица под супсидијарна заштита, меѓутоа самото тоа што во член 41 од ЗАПЗ е предвидено личните карти за овие лица да се издаваат со рок на важење до една година му дава простор на Одделението за азил да им издава лични карти, во некои случаи, и за период од еден месец. По истекувањето на важењето на личната карта лицата под супсидијарна заштита мораат да ја продолжуваат повторно и да чекаат по неколку недели, а некогаш и по цел месец за да им биде издадена нова.

Бидејќи понекогаш овие лица чекаат долго време да им се издаде лична карта, за целиот тој период тие немаат  пристап до здравствените институции. Без важечка лична карта тие не можат да бидат примени во ниту една болница, освен во итни случаи.

Во однос на останатите проблеми, како на пример неразбирањето на јазикот, транспортот и потврдите кои треба да ги обезбедат оваа категорија на лица, состојбата е доста слична со признаените бегалци и во најголем дел делат исти проблеми.

Неопходно е да се развие меѓуресорска стратегија со која ќе се поттикне регистрацијата на дефинираната група на формалниот пазар на труд или во Бирото за вработување за да можат овие лица да добијат пристап до здравствената заштита исто како и македонските државјани.[19]

Мнистерството за здравство и Фондот за здравствена заштита треба да обезбеди јасен пакет инструкции кои ќе се испратат до сите здравствени установи и институции со цел полесно препознавање на оваа категорија на лица.

  1. Одбиен барател на азил

Одбиени баратели на азил во РМ се оние лица кои не ги исполниле условите од член 4 и 4-а од ЗАПЗ, но се` уште се наоѓаат во РМ се` до нивното депортирање или доброволно напуштање на територијата. За разлика од признаените бегалци и лицата под супсидијарна заштита, средствата за лекување на овие лица во целост ги обезбедува канцеларијата на UNHCR. Со тоа што овие лица немаат никаков статус во РМ, МТСП се оградува од каква било заштита врз овие лица.

Ако за претходните категории на лица проблем претставува тоа што здравствените работници не ги препознаваат нивните лични карти, ситуацијата на одбиените баратели на азил е уште покомплицирана, затоа што за овие лица не се издава лична карта.

Овие лица добиваат исправа, односно жолт картон на кој има слика од одбиениот барател, основни податоци, број на решение и членови на семејството.

Оваа исправа е со определен рок на траење (кој обично е многу краток) и лицата мора постојано да ги даваат овие картони на продолжување. Со тоа се соочуваат со истите проблеми како и лицата под супсидијарна заштита од аспект на неможност да се обратат до здравствените институции за целиот период додека чекаат картонот да им биде продолжен.

Се поставува прашање која е причината што Одделението за азил ги издава овие картони со важност од релативно краток период, а потоа повторно ги продолжува, кога се знае дека овие лица немаат никаков статус што може да го изгубат? Тие се одбиени баратели и тоа ќе бидат и понатаму, без разлика колку пати го продолжиле  картонот.

Самото тоа што овие лица не поседуваат лични карти, туку жолти картони, делува дискриминирачки за нив, посебно од причини што голем дел од здравствените работници не се запознаени со овие картони, и генерално со оваа категорија на лица. Одбиените баратели треба да објаснуваат кои се тие и што претставува жолтиот картон и со тоа непотребно се нарушува нивното право на  приватност[20].

Без оглед на причините за основаноста на нивното барање за азил и на причинтие за неговото одбивање, фактичката ситуација е дека во РМ има голем број лица (одбиени баратели на азил) кои во неа престојуваат подолго време (некои повеќе од 10 години) и се соочуваат со исти или со слични проблеми како останатите категории на лица и институциите не смеат да бидат игнорантни во однос на овие лица.

Идентификувани проблеми:

·     Лицата добиваат жолти картони и тие мораат постојано да ги продолжуваат, иако со тоа нивниот статус не може да се промени. Со тоа целата оваа постапка е непотребна.

·  МТСП, или која било друга државна институција, не презема никаква грижа во однос на здравствената заштита  на оваа категорија на лица.

Имајќи го предвид горенаведеново, лицата треба да добијат соодветна идентификациона исправа која ќе биде со важност до нивното напуштање на територијата на РМ. Исто така, МТСП или останатите институции во РМ треба да преземат грижа во однос на здравствената заштита за одбиените баратели на азил.

 

  1. Нови баратели на азил

Од донесувањето на законот за азил и привремена заштита, 2003  година, бројот на нови баратели на азил постојано се променува. До 2007 година Одделението за азил  најчесто се соочуваше со баратели на азил од земјите на бивша Југославија и имаше воспоставена практика и во однос на постапката и во однос на одлуките кои ги носеше по нивните барања.

Последниве неколку години во РМ е се` поголем бројот на баратели на азил од земјите од Блискиот исток, Азија и Африка. Трендот на зголемување на бројот на барателите на азил од овие земји се должи, пред се` на воените интервенции  што се случуваат во овие региони. Одделението за азил, на некој начин се најде затекнато во однос на постапката со овие лица и неосновано го одбра полесниот пат, односно наместо да спроведува постапка и да одлучува по нивните барања, се води политика на "чекање на барателите на азил да си заминат од Република Македонија".  Како илустрација за оваа практика може да се земат анализите на Македонското здружение на млади правници, кај кое може да се види дека за повеќе од 620 лица кои побарале азил во периодот од 1.1.2011 до 31.10.2011 година се одржале само 3 интервјуа на кои бил присутен барателот на азил и неговиот законски застапник или полномошник. Како една од причините за оваа практика од страна на одделението за азил се наведува тоа што во РМ нема овластени преведувачи од јазиците на кои зборуваат овие лица, како на пр. урду, пашту, фарси, персиски, арапски, сомалиски и сл.Согласно со постапката за признавање на право на азил во РМ, по поднесувањето на апликацијата за признавање на право на азил во полициска станица или на граничен премин, барателот на азил се сместува во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Прифатниот центар, кој е под надлежност на МТСП, според ЗАПЗ, се обврзува на барателот на азил да му обезбеди сместување, храна и здравствена заштита се` до завршувањето на постапката за признавање на азил во РМ.

Здравствената заштита за барателите на азил во Прифатниот центар се обезбедува од Црвениот крст на град Скопје кој има своја амбуланта во Центарот врз основа на договор помеѓу МТСП и Црвениот крст.

Од досегашната практика Амбулантата на Црвениот крст во Центарот има само еден доктор кој работи три пати неделно по неколку часа и нуди само примарна здравствена заштита. Доколку се појави потреба, со претходен договор или по барање на управата на центарот, постои можност да се обезбеди дополнително присуство на доктор. Сите останати здравствени потреби се обезбедуваат ad-hoc преку усно договарање.

Имајќи предвид дека Центарот има капацитет да вдоми 150 лица, навистина е дискутабилно дали еден доктор со непостојано присуство може да обезбеди соодветна здравствена заштита. Во никој случај не смее да се изостави фактот дека лицата кои престојуваат  во Центарот се лица кои побегнале од замјата на потекло и најчесто доаѓаат изморени, во некои случаи и повредени, дека се луѓе со сериозни здравствени проблеми,  трудници и малолетни деца.

Со тоа што овие лица живеат во колективен центар, појавата од зарази е неизбежна, а тоа е само факт повеќе за сериозноста на ситуацијата.

Како и кај претходните категории на лица кои веке ги разработивме, така и кај новите баратели на азил најголемиот проблем настанува кога се работи за некоја посериозна здравствена интервенција која амбулантата во Центарот не е во можност да ја обезбеди. Имено, како и кај останатите лица, амбулантата издава потврда и упат и според нив тука завршува нивната обврска.

Во овој дел неопходно е да се спомене еден неспорен факт, а тоа е дека, иако обврзано со закон,  Одделението за азил на ниеден од барателите на азил во РМ, кои побарале азил во период од  1.11.2010 до 1.11.2011 (повеќе од 720 лица) им нема издадено идентификациона исправа за барател на азил, што претставува грубо кршење на ЗАПЗ и на правата на барателите на азил поврзани со законот. Од Одделението за азил при воспоставувањето на оваа практика не воделе сметка за тоа дека без овие идентификациони исправи овие лица не можат да се движат слободно на територијата на РМ. За овие лица без никаква идентификациона исправа постои можност да бидат фатени од полициските службеници и  во неможност да објаснат дека се баратели на азил во РМ, поради тоа што не зборуваат македонски или некој друг јазик освен мајчиниот, постои можност истите да бидат депортирани.

Во конкретниов случај барателите на азил имаат оправдан страв да го напуштат Прифатниот центар дури и кога имаат потреба од посериозна здравствена интервенција. Дополнителен проблем е и превозот од Центарот до здравствената институција, за што и` Центарот и Амбулантата на Црвениот крст се прогласуваат за ненадлежни.

Следејќи ги светските трендови, посебно ситуацијата во Република Грција каде ситуацијата е повеќе од загрижувачка, со огромен број регистрирани мигранти и баратели на азил (повеќе од 100 000 лица), и со зголемен број баратели на азил во РМ, институциите во РМ треба да бидат особено внимателни во регулирањето на практиката со оваа ранлива категорија лица и особено во однос на здравствената заштита.

 

Прашања за дискусија:

 

1.      Дали постојаната кодификација и практика во РМ им обезбедува соодветна здравствена заштита на оваа категорија лица? 

2.    Дали истите би имале пристап до здравствената заштита доколку не би постоела амбулантата на Црвениот крст и Мисијата на UNHCR во Република Македонија?

3.      Дали постои дискриминација на бегалците и на барателите на азил во РМ во однос на здравствената заштита?

 


[1] HANDBOOK ON PROCEDURES AND CRITERIA FOR DETERMINING REFUGEE STATUS Under the 1951 Convention and the 1967 Protocol relating to the Status of Refugees, Part I page 10

[2] Закон за азил и привремена заштита - член 1, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).

 

[3] Универзална декларација за човекови права – член 25;

[4] Декларација за здравствената заштита ориентирана кон пациентите. Меѓународна алијанса на организации на пациенти (IAPO). www.patientsorganizations.org  .;

[5] Комитетот на ОН за Елиминација на расната дискриминација. број 6, параграф 29.

[6] Светска лекарска асоцијација. Резолуција за здравствена заштита на бегалци. www.wma.net/e/policy/m10.htm.

[7] Комитетот на ОН за Елиминација на расна дискриминација (CERD): Concluding Observations of the committee on the Elimination of Racial Discrimination: Japan, 2001. (A/56/18(SUPP) at para. 177 – различни стандарди за лекување применети за индокинеските бегалци од оние применливи за останатите етнички групи.

[8] Закон за азил и привремена заштита, член 54, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).           

[9] Закон за азил и привремена заштита, член 54, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).

[10] Закон за здравствено осигурување, член 9, („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000; 34/2000; 96/2000; 50/2001; 11/2002; 31/2003; 84/2005; 37/2006; 18/2007; 36/2007; 82/2008; 98/2008; 6/2009; 67/2009; 50/2010; 156/2010 и 53/2011).               

[11] Стратегија на Министерството за труд и социјална политика за интеграција на бегалци во Република Македонија 2008-2015;

[12] Закон за азил и привремена заштита, член 2, алинеја 1, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).

[13] Закон за азил и привремена заштита, член 39, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).

[14] Закон за заштита на правата на пациентите, член 7,  Сл. весник на РМ бр.82/08, 12/09;

[15] Закон за заштита на правата на пациентите, член 6 и член 14,  Сл. весник на РМ бр.82/08, 12/09;

[16] Закон за заштита на правата на пациентите, член 6 и член 14,  Сл. весник на РМ бр.82/08, 12/09.

[17] European Charter of Patient’s Rights, www.patienttalk.info/european_charter.pdf , и Закон за здравствена заштита,  член 2, Службен весник на РМ бр. 38/91, 46/93, 55/95, 10/04, 84/05, 111/05, 65/06, 5/07, 77/08, 67/09

[18] Закон за азил и привремена заштита, член 4-а, („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003; 66/ 2007; 142/2008 и 146/2009).

[19] Стратегија на Министерството за Труд и Социјална Политика за интеграција на бегалци во Република Македонија 2008-2015

[20] Устав на Република Македонија, член 25.