Македонски Shqip English

Мила Исаковска

Независното судство- неизбежен desideratum на владеењето на правото

1.      Вовед

Во првиот број на Правен дијалог судиите во пензија - Агим Мифтари[1] и Махмут Јусуфи се осврнаа на независното судство. Тие особено ги анализираа проблемите искуствено и од практичен аспект, притоа изложувајќи ги сите релевантни меѓународни и домашни документи кои се однесуваат на гарантирањето на независно судство во Република Македонија.

Овој текст се фокусира на улогата и на важноста на владеењето на правото во едно општество, а особено на улогата на еден од најважните, ако не и најважниот услов за постигнување вистинска либерална демокартија- независното судство.

2.      Актуелноста на прашањето во Република Македонија

Една од главните причини за посветување внимание и потсетување на важноста на владеењето на правото, како општествена состојба која директно се манифестира врз една држава, е и скорешниот Извештај на европската комисија за Република Македонија[2]. Овој извештај, покрај исполнувањето на својата главна цел - оценка на состојбите во државата и евалуација на прогресот на државата во насока на нејзината спремност за влез во Европската Унија, меѓу другото, во детали посочува на недостатоците на поединечните елементи на владеењето на правото. Во рамки на тие елементи е и независноста на судството која правните теоретичари и истражувачи ја поставуваат на пиедестал во стремежите за постигнување состојба на владеење на правото. Според наодите на Европската комисија: “Некаков ограничен напредок се забележува кај независноста и кај ефикасноста на судството...Слабости остануваат во евалуацијата и во безбедноста на судиите во рок на службата...Сепак, имплементацијата на неодамна променетата правна рамка не е спроведена, недостасуваат консолидирани статистички податоци и анализи, заедно со извештајот кој допрва треба да биде изработен за случаите со корупција на високите нивоа, како и со дополнителниот систем на проверување на изјавите за конфликтот на интереси.” 

Извештајот со ваква содржина се надоврзува на претходните наоди на Европската комисија за судството каде во 2010 година повторно е констатиран ограничен напредок и појава на контроверзни отпуштања, како и несоодветно вмешување на министерот за правда. Овие наоди, според комисијата, посочуваат дека системот не е компатибилен со европските стандарди.[3]

Извештаите се надополнуваат на изготвената детална анализа на ОБСЕ- мисијата во Скопје, за независноста на судството, објавена во декември, 2009[4] година.. Анализата беше резултат на пополнети 421 анонимен прашалник од актуелните судии од целата држава (од вкупно 650 судии во моментот на изготвување на анализата). Општите наоди од Анализата посочуваат на тоа како судиите гледаат на својата професија, па меѓу другото се констатира дека “…43% од анкетираните судии сметаат дека има мешање во работата на судството однадвор и дека таквото мешање влијае врз спроведувањето на правдата. Испитаниците ги сметаат извршната власт и политичките партии за најголем извор на притисоци врз судството.”[5]

Ваквите наоди за состојбата во судството директно влијаат на угледот на правосудниот систем во државата, но уште повеќе и на целокупниот углед на државата во меѓународни рамки, што непосредно се одразува врз нејзиниот економски просперитет. Една конкретна студија (Рол и Талбот) се посветува токму на истражувањето кои детерминанти влијаат врз економскиот просперитет кај земјите во развој. Авторите во своето обемно истражување утврдиле дека најголемо влијание врз бруто-националниот приход имале сопственичките права, активностите на црниот пазар и правната регулатива. Ова, според нив, укажува на важноста од познавањето на правилата на игра и убеденоста дека тие правила во таа земја ќе бидат спроведени. Политичките права, слободата на печатот и граѓанските слободи, според нив, се исто така од високо значење, во потпора на ставот кој го заземал и Милтон Фридман, во кој  се смета дека економскиот развој е меѓусебно зависен од политичката слобода. Најдени се уште три други варијабли кои влијаат на развојот, а тоа се монетарната политика или инфлацијата, ограничувањата врз трговијата и трошоците на владата. Овие автори заклучуваат дека главната состојка за успешна политика на развој е фер и правичен систем кој остава простор за профитабилна економска размена меѓу учесниците, без ризик од експропријација или непочитување на договори.[6]

Понатамошниот дел од текстот става акцент на развитокот на идеата за владеењето на правото, како и самите конститутивни елементи на оваа идеа.

 

3.      Историја и филозофија на развојот на владеењето на правото

Свеста за владеењето на правото и за значењето на законите и општествените правила на однесување е документирана уште во делата на филозофите од Античка Грција. Платон го промовирал ваквото размислување кажувајќи дека: “Таму каде правото е поданик на некој друг авторитет и нема сопствен авторитет, распадот на државата...не е далеку; но доколку правото е господар на власта и власта е негов роб, тогаш ситуацијата е полна со изгледи луѓето да ги уживаат сите подобства...”[7] Аристотел пак сметал дека “...владеењето на правото повеќе се цени отколку владеењето на индивидуите. Според истиот принцип, доколку е подобро конкретни индивидуи да владеат, тие треба да бидат само заштитници или слуги на правото...Правото е разум врз кој не извршила влијание желбата.”[8] Според Аристотел, најважниот услов за владеење на правото ... кој мора да биде прифатен од сите кои донесуваат правни одлуки, е начинот да се размислува силогистички, а да се исклучат страстите.[9] Тие и тогаш правеле разлика помеѓу добри и лоши закони, праведни и неправедни, објаснувајќи ги добрите закони како такви кои служат за доброто на целата држава или општество.[10]

Од Римските мислители вредни за забележување се Цицероновите размисли за владеењето на правото. Имено, тој изјавил дека “Правото е тоа што владее, а не индивидуата која случајно е магистрат”. Тој споредбено размислувал на идеата помеѓу живеењето под власт на крал и живеењето во слободна заедница, според систем на закони.[11]

Тоа што отпочнало да се развива како идеја за владеењето на правото уште во Античка Грција, во Средновековието продолжило преку борбата за власт и моќ помеѓу кралевите и духовните водачи (Папа), како и низ Германското обичајно право и Magna Carta, како документ со кој се наметнуваат ограничувања врз моќта на суверените, односно преку воведување норми кои биле дел од тогашното право.[12] Ваквата идеја продолжува да се развива и низ периодот на либерализмот, кој е особено значаен, бидејќи владеењето на правото денес се разбира низ термините и значењата развиени токму преку либерализмот. Од тие причини, секоја верзија на либерализмот како неизбежен елемент го содржи и владеењето на правото. Идеата за владеењето на правото наоѓа плодна почва во Англија, каде творел Лок, а која како пример била влијание и за делата на Монтескје и за творците на Федералистичките трудови (научни трудови кои говореле во полза на прифаќањето на предложениот Устав на САД). Оттука, па натаму, започнува развитокот и инспирацијата за многу современи теории кои во својот фокус го имаат владеењето на правото како исклучително важен елемент на современото општество.

Од современите теории особено интересна е концепцијата за суштинските верзии на владеењето на правото. Современите сфаќања за оваа идеа се исклучително корисни за држави кои немаат долга демократска традиција бидејќи можат да ги црпат насоките од современите анализи на владеењето на правото изведени од перспектива на современите општествени услови. Имено, суштинските верзии за владеењето на правото не ги занемаруваат формалните елементи на општествените правила, како на пример нивните извори и начинот на нивно донесување, но особено се фокусираат на нивната содржина. Најмногу се застапени суштинските верзии кои ги вклучуваат индивидуалните права во рамки на владеењето на правото. Еден од поважните застапници на ваквиот пристап е Роналд Дворкин кој инсистирал дека овие права не се дадени од позитивното право, туку сочинуваат позадина и се составен дел на позитивното право.[13] Сепак постојат коментари за тезите кои се фокусираат на индивидуалните права во контекст на моќта која им се доделува на судиите од причина што правата не се самоприменувачки. Ваквите коментари укажуваат на важноста на судиската улога, земено во предвид дека некој мора да определи што значат правата во конекст на конкретен случај, а во повеќето либерални демократии оваа улога им припаѓа на судиите.[14]  

Развојот на мислата за владеењето на правото, кое не зависи од владетелот или од власта чии правила/ закони треба да ги спроведува некој кој е ослободен од “страсти” или од влијанија, денес води кон консензуалното сфаќање за важноста и за улогата на независниот судија.

 

4.      Елементи на владеењето на правото/ Фокус на независно судство

Авторите кои пишуваат на оваа тема варираат во поглед на дефиницијата на владеењето на правото, иако главните елементи на оваа општествена состојба се запазени. Една централна дефиниција, која е во служба на целта на владеењето на правото, би ги содржела следниве елементи: напор да се открие која комбинација на општествени сили или каква форма на владеење би изнудила сочинување на добри и еднакви закони; непристрасно спроведување на законите и верно толкување на истите, така што граѓаните ќе можат постојано да уживаат корист од нив и да бидат сигурни во нивната постојаност.[15]

Првата неопходна и неизбежна потреба на владеење на правото е независното судство. Судиите мора да бидат сигурни и добро-платени, така што ќе можат да го применуваат правото без страв. Втор елемент на владеењето на правото е одржувањето на законодавни постапки кои ќе создаваат закони за општото добро, а не за да ги промовираат приватните интереси на оние со моќ. Трет елемент е воспоставувањето на уставно базирана власт каде Уставот поставува основи за поделба на властите на таканаречен систем “checks and balances”, каде крајниот преглед ќе остане на независните судии.

Во едно демократско и пазарно-ориентирано општество независните и непристрасните судии придонесуваат кон праведна и стабилна состојба на баланс на моќите поделени меѓу властите.[16] Уште поважно, ги штитат индивидуалните права и ја зачувуваат безбедноста на личноста и неговиот имот. Тие ги решаваат стопанските спорови на предвидлив и транспарентен начин кој пак поттикнува фер натпревар и економски раст. Особено имаат клучна улога во справувањето со корупцијата, намалувањето на политичката манипулација и порастот на јавната доверба во интегритетот на властите. За да се исполнат сите овие функции на судството во една млада демократија или пак општество во транзиција, се јавуваат многу пречки во форма на горенаведените интереси на тие кои поседуваат моќ во општеството. Тука секако играат улога културните навики на луѓето во форма на општествена свест и политичка култура, манифестирана во сфаќањата за потреба од независност на властите и поделба на моќта.

Заради различноста на општествата корисно е да се посочи на повеќе проблеми кои се јавуваат кај држави кои се соочиле со предизвикот на воспоставување систем на владеење на правото. Едвин Рекош, автор на истражување[17] направено за напорите за зајакнување на судската независност во Полска, Романија, Словачка, Бугарија, Украина, Грузија и Русија, примарно посочува на улогата на либералните традиции кај земјите. Тој укажува дека помеѓу овие земји е воочена разлика во присуството на либералната традиција, која понатаму влијаела на владеењето на правото и на независното судство. Имено, државите во кои е констатиран недостаток или недоволна развиеност на ваквата општествена и политичка култура се соочиле со многу поголеми предизвици во процесот на реформирање на системот во вистинска демократија. Општествено-политичките случувања во државите во голема мера влијаеле на улогата на судовите во тие општества.

Како една од причините за нискиот статус на судиите во овие општества, авторот го посочува ефектот од третманот на судството во комунистичкиот период на овие земји, а особено во Советскиот Сојуз. Во тој период во овие земји важноста на судиите била доведена на ниво на административни службеници. Ваквиот впечаток во јавноста тешко се елиминира и се провлекува и низ годините на промена на режимот во демократски. Во многу од овие земји извршната власт имала влијание врз судските совети одговорни за назначување, унапредување или дисциплинирање на судиите, а таквото влијание се спроведувало преку назначување членови во судскиот совет. Нешто посуптилно влијание се смета присуството на лица кои се дел од извршната власт, како обвинители или министери за правда, кои биле дел од овие совети или пак  назначувале претставници во советот. Во некои држави, како Словачка, претседателите на судовите имале позиции во државната администрација, но и судски позиции, создавајќи потенцијален конфликт на интереси. Заради ваквите појави во судството секоја од државите пристапила кон реформи преку конкретни активности кои ќе бидат разгледани понатаму. 

 

ПРЕДЛОЗИ ЗА НЕЗАВИСНО СУДСТВО

Гледано од аспект на реформите кои се неопходни кај држави чиј судски систем трпи влијанија и не може да се нарече целосно независен, треба да се истакне дека, зависно од состојбата во конкретната држава, подобни се различни мерки. Од таа причина ќе бидат изложени неколку примери на реформи кои биле применети во конкретни држави. Ваквите примери ќе бидат дополнети со општи препораки кои би можеле да се применат во повеќе случаи.

Имено, во рамки на зголемувањето на атрактивноста на судиската функција за младите правници се препорачуваат мерки како зголемување на платите во судството, донесување на попривлечни планови за пензија и реформирање на системот за унапредување.  Многу од земјите во Источна Европа се соочиле со предизвикот на присуство на извршната власт во процесот на унапредување на судиите. За среќа, ваквата практика почнала да исчезнува со напорите за реформи кои вклучувале задолжителна евалуација на судиите на секои пет години врз строго дефинирани критериуми.[18]

Како главен проблем на адресирање во рамки на дисциплинските постапки кои се применуваат за несоодветно судиско однесување се јавува корупцијата. Како дел од активностите кои се преземаат за справување со корупцијата можат да се издвојат етички кодекси кои го регулираат однесувањето на судиите, независни комисии за испитување на корупцијата, како и закони кои им овозможуваат на граѓаните да поднесуваат жалби за судиското однесување. Како една од алатките против коруптивното однесување се смета и тренингот на судиите за етичко однесување. Дополнителен тренинг се обавува и во поглед на меѓународните принципи за човекови права, како и уставните принципи кои добиваат улога на противтежа во случаи кога судиите ќе добијат барање за толкување на законите во полза на извршната власт.

Дополнително, доколку судовите се обврзани да ги објавуваат своите одлуки, други ќе можат да ги анализираат, така што начинот и содржината на образложенијата на одлуките би бил дел од јавната дебата. На ваквата можност се гледа како на причина за отежнување на претставниците од другите делови на власта да влијаат врз содржината на одлуките и најмногу на нивниот исход. Транспарентноста би била уште поголема кога судовите би ги објавувале и издвоените мислења[19].

Понатаму, како дел од проблемите во судството се смета и распределувањето случаи/предмети и пронаоѓањето систем да се доделат случаите/предметите по случаен пат, односно без какво било надворешно влијание. Дополнително, треба да се елиминира ексклузивното право на претседателите на судовите при распределбата на случаите/предметите.

Многу често како проблем се јавува недостатокот од средства во буџетот определен за судовите. Бидејќи најчесто определувањето на сумите кои ќе им бидат доделени на судовите зависи од извршната власт, таа спрега на влијание останува предизвик за многу земји во развој. Покрај сумата која се определува за работа на судовите, неопходно е самите судови да ја имаат дискрецијата на распределување на буџетот кој ќе им биде доделен.

На долг рок, сепак, најефективниот начин да се влијае на подобрувањето на независноста на судството е да се реформира правното образование на универзитетско ниво. Високо-теоретскиот и дидактичкиот стил на изучување на правото во регионов, а и во останатите земји со континентално право, не помага многу во развивањето на правничкото резонирање и во вештините на критичко размислување кај судиите. Правните факултети мора да предаваат етика, која најефективно се учи преку конкретни примери од реалниот живот. Клиничкото правно образование, во кое студентите овозможуваат правни услуги на клиенти кои нема кој да ги застапува, секако под супервизија на квалификувани адвокати и професори, ја нуди предноста на достапност до факти и околности од вистински случаи од реалниот живот. Во рамки на овие програми правните школи продуцираат студенти кои ќе поседуваат практични вештини и способност за резонирање, а во исто време и идни правници и судии со етички стандарди.

Помеѓу препораките за засилување на независноста на судството се и тие кои се однесуваат за процедурална транспарентност и јавен пристап до судскиот процес. Здруженијата на судии, кои се невладини, доброволни организации раководени од своето членство, исто така можат да играат многу важна улога во процесот на засилување на независноста на судството и да бидат адвокати за ваквата цел преку запознавање на јавноста со проблемите во судството.    

 

ЗАКЛУЧОК

Во многу текстови на оваа тема се провлекува идејата дека крајна цел на секое општество и секој правен систем е да биде еднаков и да обезбедува непристрасна правда за сите. Земен предвид погорепрезентираниот текст, во овој случај посоодветно е да се каже дека крајната цел на секој правен систем ТРЕБА ДА БИДЕ еднаквост и правда за сите.

Некои општества, како на пример англиското, имале голем временски простор да развијат култура на владеење на правото и да ја усовршуваат низ изминатите векови. Други пак, како општествата кои поминале низ фундаментално различни политички системи, од еднопартиски систем до политички плурализам, го немале и го немаат тој временски простор за да може правниот систем во тие општества да се менува постепено и со бавен чекор. Но, затоа пак, го имаат богатството примери од други држави кои поминале низ слични процеси и просторот да учат од нивните позитивни и негативни искуства.

Историските записи докажуваат дека човештвото имало свест за општествена правда, за добри и лоши закони, за важноста на улогата на општествените арбитри, како и за улогата на општествената етика. Тие идеи, во некаква осовременета форма се одржале до денес. Свесни сме дека постојат културолошки разлики во поглед на некои морални вредности помеѓу Западот и Истокот, но за среќа, глобално е прифатена вредноста да се има независно и непристрасно судство во секоја држава. 

Повеќе од пожелно е во една држава да се има политичка волја и разбирање за вистински реформи во судскиот систем. Ова неминовно позитивно ќе се одрази на економскиот прогрес на една држава и на постоењето поголема доверба за спроведувањето на непристрасните судски постапки.[20] Според Едвин Рекош[21], институционалните реформи кои започнуваат одозгора, вообичаено се предмет на неконзистентен прогрес и долги одолговлекувања заради политички блокади. Според тоа, доколку сепак нема политичка волја за преземање вистински реформи, останува граѓанскиот сектор да игра улога на креатор на притисок за преземање соодветни мерки и за постигнување на главната цел. 

 

Прашања за дискусија

1. Според Вашето мислење, дали во Република Македонија постои развиена и распространета свест за значењето и за потребата од независно судство?

2.  Која од презентираните активности за постигнување реформи во судството, според Вас, би произвела најдобри резултати?

3. Доколку сметате дека постојат поефективни мерки за постигнување на вистинска состојба на владеење на правото, вклучително и за исполнување на потребата од независно судство, кои мерки би биле тие и како би се манифестирале во реалната практика?

 


[1] Агим Мифтари, Независно судство, Правен дијалог бр.1, Институт за човекови права http://www.ihr.org.mk/mk/praven-dijalog/praven-dijalog-br1/101-nezavisno-sudstvo

[2] Европска комисија, Извештај за напредокот на Република Македонија, 2011 година, http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2011/package/mk_rapport_2011_en.pdf, стр.64

[3] Европска Комисија, Извештај за напредокот на Република Македонија, 2010 година,  http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2010/package/mk_rapport_2010_en.pdf, стр. 57

[4] Независност на судството, правна анализа, ОБСЕ Мисија во Скопје, Декември 2009

[5] Независност на судството, правна анализа, ОБСЕ Мисија во Скопје, стр.7, Декември 2009

[6] Ричард Рол и Џон Талбот, Зошто многу земји во развој едноставно не можат? стр.5-6,  20 Ноември 2001

[7] Платон, За законите, (Лондон: Пингвин 1970), стр. 174.

[8] Аристотел, Политика, Книга III, 1286, стр. 78.

[9] Џудит Н. Шклар, “Политичка теорија и владеењето на правото,” во Владеењето на правото:

Идеал или идеологија, стр. 3.

[10] Брајан З. Таманаха, За владеењето на правото- Историја, политика, теорија, Кембриџ, стр.9;

[11] Цицерон, За законите, Книга трета, стр. 151.

[12] Брајан З. Таманаха, За владеењето на правото- Историја, политика, теорија, Кембриџ, стр.15.

[13] Роналд Дворкин, “Политички судии и владеењето на правото” стр. 64,  Постапки од Британската акдемија стр. 259, 262 (1978).

[14] Брајан З. Таманаха, За владеењето на правото- Историја, политика, теорија, Кембриџ, стр.105.

[15] Владеењето на правото во компаративна перспектива, ред.Мортимер Селерс, Џејмс Р. Максајнер, стр.4-6 и 8, Спрингер 2010;

[16] Водич за унапредување на судската независност и непристрасност, УСАИД, Вашингтон, 20523-3100, Вовед, стр.6, Јануари 2002.

[17] Едвин Рекош, Појавни лекции од напорите за реформи во Источна Европа и Евроазија, Водич за унапредување на судската независност и непристрасност, УСАИД, Вашингтон, стр.53-72, Јануари 2002.

[18] Едвин Рекош, Појавни лекции од напорите за реформи во Источна Европа и Евроазија, Водич за унапредување на судската независност и непристрасност, УСАИД, Вашингтон, стр.53-72, Јануари 2002.

[19] Станување на судиите независни- неколку предлози во врска со судството, Ларс П. Фелгт и Штефан Воигт, Август 2004, стр.10.

[20] Види погоре стр.2

[21] Едвин Рекош, Појавни лекции од напорите за реформи во Источна Европа и Евроазија, Водич за унапредување на судската независност и непристрасност, УСАИД Вашингтон, стр.70, Јануари  2002