Македонски Shqip English

Жарко Хаџи-Зафиров

Право на здравствено осигурување во република македонија

Право на граѓанинот или тест за правниот систем

Здравственото осигурување претставува една од суштествените потреби на модерниот човек кој се` почесто е соочен со здравствени проблеми, а како резултат на тоа и со трошоци за лекување преку кои определени индустриски гранки изградија цели технолошки и финансиски империи. Основна цел на здравственото осигурување е да се обезбеди сигурност за човекот во ситуации кои се се` поизвесни, како од аспект на здравјето и медицината, така и од финансиски аспект. 

Прашањето за здравствено осигурување во Република Македонија е примарно уредено со Законот за здравствено осигурување со кој се уредуваат пред се` правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведувањето на здравственото осигурување. Во основа, здравственото осигурување се дели на задолжително и доброволно и се заснова на принципите и начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата.

Законот определува на кој начин ќе се остваруваат односите во здравственото осигурување, како во задложителното, така и во доброволното, како и кои се правата и обврските за граѓаните кои се дел од системот на здравственото осигурување на Република Македонија. Институција која се грижи за спроведување на законот, за воспоставување на односите во рамки на здравственото осигурување е Фондот за здравство на Република Македонија.

Придонесите во Фондот, во делот на задолжителното здравствено осигурување се уплаќаат по основ на задолжително социјално осигурување согласно со кој се утврдува методологијата на платите која ги вклучува и придонесите за здравствено осигурување.

Интересно е дека Законот е донесен во 2000 година и до денес е менуван седумнаесет пати, а Уставниот суд на Република Македонија во девет наврати има донесено одлука за укинување на негови одредби.

Во 2005 година, по предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесе измена на Законот за здравствено осигурување во насока на тоа дека основните здравствени услуги Фондот на осигурениците ги покрива само во здравствените установи кои имаат склучено договор со Фондот. Оваа одредба навидум не е од посебно значење за поголемиот дел на осигурениците, бидејќи во периодот кога истата беше донесена приватните здравствени установи беа незначителен дел од здравствениот систем во Република Македонија. Но, како растеше бројот на „приватните“ здравствени установи, односно на здравствените установи кои немаа потпишано договор со Фондот, проблемот беше актуелизиран од страна на осигурениците кои се најдоа во голема мера погодени од ова законско решение.

Што всушност значеше промената на Законот за здравствено осигурување која се донесе во 2005 година? Овој чекор претставуваше целосно напуштање на принципите на здравствено осигурување, односно со оваа мала, но значајна измена се направи обид за суштинска измена на системот на здравственото осигурување на Република Македонија. Пред се` овие одредби воведоа ограничување, односно осигурениците, кога ќе се најдат во улога на пациенти да имаат слобода на избор каде и кај кој лекар или здравствена установа ќе ги користат здравствените услуги, имајќи го предвид фактот дека многу мал број од здравствените установи имаа и имаат потпишано договор со Фондот за здравство. Ова од причини што, доколку здравствените установи имаат потпишано договор со Фондот, во тој случај, имајќи го предвид начинот на работа, сложените постапки за добивање средства за извршените здравтвени услуги, како и временскиот период за исплата на истите, се соочуваа и се соочуваат со опасност од нерентабилно работење. Оттука, тежината и негативните последици од измените на Законот паднаа директно на осигурениците, кои се одлучуваа да користат здравствени услуги во приватните здравствени установи, пред се` поради квалитетот на обезбедените услуги, како и поради квалитетот на условите во здравствените установи.

Од причини што измените на Законот за здравствено осигурување директно задираа во правата на осигурениците, од гледиште на една техничка работа во која истите не беа дел, односно не беа страна, Народниот правобранител, по претставка поднесена од граѓани, во 2006 година поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со која бараше да се оцени уставноста на измените на Законот од 2005 година. Уставниот суд, во 2007 година, донесе Одлука со која ја укина оспорената одредба, по што Владата на Република Македонија повторно предложи измена на Законот согласно со која Фондот ги обезбедува основните здравствени услуги на осигурените лица во здравствените установи во висина на цени утврдени со Ценовникот за здравствени услуги во Република Македонија кој го донесува Управниот одбор на Фондот,  но истовремено и повторно донесе одредба идентична на укинатата, во насока на повторно извршени здравствени услуги во здравствени установи каде Фондот не обезбедил вршење на здравствени услуги на товар на осигуреникот.

По оваа измена, до Уставниот суд повторно беше поднесена иницијатива за оцена на новата одредба и повторно Уставниот суд истата ја укина, по што Собранието, по предлог на Владата, повторно го измени Законот и повторно вметна идентична одредба, која во 2010 година Уставниот суд повторно ја укина.

При оценувањето на одредбите од Законот за здравствено осигурување Уставниот суд имаше речиси идентичен став, односно сметаше дека „е недозволиво условувањето на остварувањето на правото на здравствена заштита исклучиво со околноста дали меѓу Фондот за здравствено осигурување и поедини здравствени установи е склучен договор или не, од едноставна причина што осигуреникот не е учесник во таканастанатиот однос и не смее да сноси последици затоа што до склучување на таков договор не дошло.“ Понатаму, Уставниот суд смета дека ваквото постапување на Фондот го доведува во прашање принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот затоа што осигурениците се попречуваат во изборот на лекар кој самите го избираат и на кого најмногу му веруваат и од кого очекуваат стручна и компетентна заштита. Со новите услови изборот на осигуреникот ќе зависи најчесто од платежната способност, а со тоа се доведува во прашање принципот на еднаквост.

Пред Уставниот суд на Република Македонија и по првата иницијатива која го тангираше споменатиот проблем продолжи поднесувањето на иницијативи од страна на граѓаните на секоја од измените на Законот за здравствено осигурување. Во однос на предметниот проблем Уставниот суд има донесено Решение У.бр.25/2009 од 10 јуни 2009 година, со кое всушност нема поведено постапка за оценување на оспорениот дел од Законот за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување од причина што двапати ја има укинувано идентичната одредба. Ова е направено затоа што смислата на  донесувањето на последните оспорени одредби била да се прецизираат здравствените услуги кои не биле опфатени со задолжителното здравствено осигурување во делот на специјалистичко-консултативната и болничката заштита, па оттука и не влегле во оцена на истите дали се во согласност со Уставот. Но, по основ и на други поднесени инцијативи, како и по повод веќе постоечките иницијативи, Уставниот суд, во својата последна одлука оцени дека „со оспорената одредба не се прецизира некаква здравствена услуга што треба да се исклучи од оние кои паѓаат на товар на Фондот според својата медицинска природа (како што се естетските операции), туку една предвидена услуга во Законот (во член 9, како специјалистичка услуга) дополнително се условува со одлука на Фондот да склучи или да не склучи договор со одредена здравствена установа. Со други зборови, овие здравствени услуги можат да бидат користени од осигурениците само во зависност од тоа дали Фондот има или нема склучено договор со овие установи, односно да ги исклучи сите основни здравствени услуги од член 9 од Законот кои ги покрива Фондот на свој товар.“  Во насока на оцената дали оспорените одредби се спротивни на Уставот на Република Македонија, судот оценил дека „здравствената заштита по основ на осигурување веќе не се остварува според условите предвидени со закон, туку според дополнителен услов, како дискреционо право на Фондот за здравствено осигурување. Поради тоа, Судот оценил дека со оспорената одредба не само што се повредува правото на избор на лекар од страна на корисниците на здравствени услуги, туку суштински се повредува со Устав предвиденото законско ниво на регулирање на правата и на обврските од здравственото осигурување. Со оглед на наведеново, . . . сето погоре кажано недвосмислено упатува на заклучок дека оспореното законско решение не е во согласност со означените одредби од Уставот.“

Во делот на управната и на судската заштита на осигурениците на кои им е одбиено барањето за рефундација на средствата што ги имаат платено за здравствени услуги во здравствени установи кои немаат потпишано договор со Фондот за здравство, ставот на Министерот за здравство, како второстепен управен орган кој одлучува по жалбите против решенијата на подрачните служби на Фондот за здравство е дека нема да се рефундираат платените парични средства на осигурениците во погореспоменатите случаи. За разлика од ова, Управниот суд, пред кој се бара судска заштита против конечните решенија, има различни ставови во однос на овие предмети, така што во своите пресуди (до кои можев да дојдам преку свои предмети и преку предмети на други адвокати), пред се` се става акцент на процедуралните аспекти во прв и втор степен на постапката за рефундација, отколку на суштинските повреди на правата гарантирани со Уставот на Република Македонија. Такво е, на пример,  правото на избор на лекар од страна на корисниците на здравствени услуги, како и со Устав предвиденото законско ниво на регулирање на правата и обврските од здравственото осигурување.. Низ адвокатската практика се сретнав со предмети во кои се поништуваат конечните решенија поради тоа што првостепениот орган не ја утврдил правилно фактичката состојба од причини што не побарал да се презентира упат од матичен лекар во барањето за рефундација, до пресуди со кои се наведува дека нерефундирањето на средствата го доведува во прашање член 9 од Уставот на Република Македонија, односно принципот на еднаквост на граѓаните, што е всушност и став на Уставниот суд по предметните иницијативи.

Несфатливо е како, ниту државната управа преку Фондот за здравство и Министерството за здравство како дел од извршната власт, ниту Собранието на Република Македонија како  законодавна власт, а во еден дел ни Управниот суд како дел од судската власт, не ги земаат предвид ставовите на Уставниот суд кои се во насока на заштита на граѓаните на Република Македонија од неуставни и незаконити акти што можат да доведат до арбитрерно постапување, што и во извесна смисла е утврдено од страна на Уставниот суд во неговата последна одлука по предметните одредби од Законот за здравствено осигурување.  Доколку, вакво постапување е сторено од физичко или од правно лице, односно доколку истите игнорираат и непочитуваат одлука на Уставниот суд, ќе бидат казнети согласно со  Кривичниот законик, член 357 став 2, согласно со кој е запретена казна затвор од една до пет години.

Оттука се поставува прашањето дали државата, со цел да ги намали трошоците во однос на здравственото осигурување, ги напушта основните принципи на здравственото осигурување и притоа, непочитувајќи ги одлуките на Уставниот суд, врши повреда во делот на здравствените права во корист на финансиската политика која самата ја води, а на штета на уставно-правниот поредок на Република Македонија, на граѓаните и на останатите лица кои на тоа имаат право по основ на здравствено осигурување?

 

Прашања за дискусија

  1. Дали државата, ги напушта основните принципи на здравственото осигурување и притоа, непочитувајќи ги одлуките на Уставниот суд, врши повреда во делот на здравствените права во корист на финансиската политика која самата ја води?
  2. Каде и кај кого треба да се бара одговорност за непочитувањето на три последователни одлуки на Уставниот суд на РМ а кое непочитување прави штета на уставно-правниот поредок на Република Македонија?
  3. Дали е потребно да се изнајдат правни механизми преку кои граѓаните ќе можат да ги коритат одлуките и ставовите на Уставниот суд на РМ во заштита на своите права, во случајов на правата по основ на здравствено осигурување?