Македонски Shqip English

Mеѓународно-правни стандарди за заштита на непридружувани малолетници

Покрај општите гаранции кои се однесуваат на лицата-странци и/или баратели на азил, специфичните карактеристики на малолетните лица и нивната ранливост бараат и дополнителни гаранции за нивна заштита од можни злоупотреби во постапките по однос на регулирањето на правниот статус, на арбитрерното лишување од слобода или на органичувањето на движењето.Ваквите гаранции се особено значајни во ситуација на непридружувани малолетници или на деца разделени од родителите или од старателите поради конфликти, природни катастрофи или други причини, бидејќи тие се помеѓу најранливите групи. Разделени од оние кои им се најблиски, во случај на напуштање на матичната земја, овие малолетници ја загубиле заштитата не само од семејствата токму кога им е најпотребна, туку и од сопствената држава. Во такви ситуации долгорочниот развој на малолетниците е сериозно загрозен: Заради сето ова потребна е итна интервенција со цел да се подобрат изгледите за нивен непречен иден развој.

Универзални инструменти кои бараат посебни мерки за заштита на непридржуваните малолетници

Признавањето на правата на децата и потребата за нивна заштита конечно се обезбеди и се оствари со донесувањето на Конвенцијата за правата на детето (КПД). Овој инструмент стана најбрзо и најшироко прифатената конвенција за човекови права[1] која беше прифатена во националното законодавство со сукцесија на 3 декември 1993 година[2]. КПД ги гарантира правата на детето на специјална заштита и бара постапување со детето на начин кој ќе ги осигура неговите најдобри интереси.

Во сите дејствувања кои се однесуваат на децата, без разлика дали се преземаат од јавни или од приватни институции за социјална заштита, од судови, административни институции или законодавни органи, основна грижа треба да претставуваат најдобрите интереси за детето“.

Конвенцијата за правата на детето не дава никаква листа на индикатори кои би требало да се земат  предвид при одредувањето на најдобрите интереси за детето, како и тоа дали ставовите на детето-барател или  на возрасното лице кое е сослушано треба да бидат одлучувачки.

КПД бара ниту едно дете да не биде предмет на измачување или на друг вид суров, нечовечен или деградирачки третман или казна и дека слободата на детето треба да се почитува и да не се ограничува, освен кога истото е разумно неопходно. КПД го признава фактот дека на секое дете под 18 години му е потребна посебна заштита и грижа. Член 2 од КПД бара секоја земја да ги гарантира правата од конвенцијата за секое дете, без дискриминација по каква било основа. Аналогно на ова, овој член бара од државата да се грижи за потребите на непридржуваните малолетници во онаа иста мерка и обем во кој им пружа грижа и на децата кои се државјани на таа држава, барајќи соодветна терапевтска грижа за оние кои претрпеле емоционална или физичка траума, како и соодветна старателска заштита или институционално сметсување на децата кои не се наоѓаат под заштита и грижа на семејството.

Комитетот за заштита на правата на детето дава детална интерпретација на правата и должностите содржани во КПД од аспект на идентификација, постапување со нив и помош на непридружувани малолетни лица. Во таа насока, при донесување и изменување на националните политики за непрудружувани малолетни лица треба да ги применуваат минимум стандардите и принципите  елаборирани во Општиот коментар бр.6[3] на Комитетот за заштита на правата на детето, а во таа смисла, при донесување и изменување на националните политики за непрудружувани малолетни лица, треба да ги применуваат следниве минимум стандарди и принципи:

  • Принципот на недискриминација – КПД забранува каква било дискриминација врз основа на статусот на детето, без оглед дали истото  е непридружувано или разделено, било да е бегалец, барател на азил или мигрант;
  • Најдобрите интереси за детето – определувањето на најдобрите интереси мора да биде документирано при донесување на каква било одлука која фундаментално влијае на животот на непридружувано или разделено дете;
  • Мислења на детето – При определувањето на старател, при договорите околу грижата и сместувањето, како и при правното застапување треба да се имаат предвид и мислењата на детето;
  • Принцип на невраќање – Државите-членки не смеат да вратат дете во земја во која основано се верува дека постои вистински ризик да му се нанесе непоправлива штета;
  • Доверливост – Државите-членки мораат да ја заштитуваат доверливоста на информациите добиени во врска со непридружувано или разделено дете, во согласност со обврската за заштита на правата на детето, вклучувајќи го и правото на приватност.

Освен КПД, уште два инструмента за човекови права на ОН, обата ратификувани од нашава земја, се однесуваат на специјалните мерки за заштита на децата: МПГПП (Меѓународен пакт за граѓански и политички права) и МПЕСКП (Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права). Овие меѓународни прописи го признаваат специјалниот статус на децата и се водат од фактот дека децата се особено ранлива категорија заради степенот на развој и заради зависноста од возрасните која е потребна за нивната добросостојба.

 

Стандарди на ЕУ и на Советот на Европа

Проблемот со непридружуваните малолетни лица, како посебна тема за прв пат започнал да се разгледува во рамки на Европската Унија во текот на 1990-те години, меѓутоа особено големо значење добива по 2005 година кога и бројот на оваа категорија лица значително расте. Денес особено е издигната свеста за посебната заштита на оваа ранлива група лица кои се „заробени“ во мрежата на заштитни мерки на меѓународно, регионално и национално ниво, од една страна, а од друга страна нивната безбедна судбина е најчесто во рацете на имиграционите служби кои постапуваат согласно со сопствените правила. Европската Унија се обврзала дека посебно и засилено ќе ги штити правата на детето, како еден од нејзините приоритети на дејствување. Сепак, интересите за заштита на државните интереси, кои се пресликуваат преку имиграционите контроли, се` уште се силни и често пати се во директна спротивност со правата на детето и со пристапот базиран на заштита на човековите права.

Дефиницијата за непридружуван малолетник е воспоставена со Резолуцијата на Советот бр. 97/C221/03 од 26 јуни 1997 и се однесува на малолетни лица, државјани на трети земји. Денес поимот “непридружуван малолетник“, од аспект на ЕУ, подразбира државјанин на трета земја или лице без државјанство, на возраст до 18 години, кое пристигнува на територијата на земја-членка непридружувано од возрасно лице кое според закон или обичај е одговорно за истото, или доколку таквото возрасно лице ефективно не се грижи за малолетникот, или пак малолетник кој по влегувањето на територијата на  земјата-членка е оставен непридружуван.[4] Согласно со дефиницијата, непридружуваните малолетни лица кои се државјани на земја-членка на ЕУ се исклучени од заштитата под Директивите (интересно е дека ЕУ не прави разлика помеѓу земји-членки на ЕУ во и надвор од Шенген зоната), а исто така треба да се спомене дека оваа дефиниција ја воспоставува и максималната граница на заштита на18 години возраст, што е во согласност со Конвенцијата за правата на детето од 1989 година и придонесува кон поголема хармонизација на ова прашање помеѓу земјите-членки на ЕУ.  

И покрај очигледните разлики, треба да се забележи дека сите меѓународни дефиниции за „непридружуван малолетник“ споделуваат три основни елементи, а тоа се малолетната возраст на лицето - од што произлегува и неговата ранливост и зависноста од возрасни лица и отсуствотото на придружба.

Од моментот кога непрудружуваните малолетни лица пристигаат на територијата на земјата-членка и во нивно име се поведува барање за азил, во согласност со Директивите на Европскиот Совет, истите треба да бидат сместени кај возрасни роднини; кај семејства кои прифаќаат вакви деца, во сместувачки центри со посебни услови за малолетници или во други сместувачки капацитети погодни за малолетници. Доколку е можно, во случај на браќа и сестри, истите треба да останат заедно, во исто време работејќи во корист на најдобрите интереси на децата за кои станува збор. Земјите-членки треба веднаш да започнат процедура за што е можно поскоро наоѓање на членовите на нивните семејства.. Во случаите кога е загрозен животот или интегритетот на малолетникот или неговите блиски роднини, особено ако истите останале во матичната земја, треба да се поведе грижа собирањето, обработката и циркулирањето на информациите кои се однесуваат на тие лица да се врши на доверлива основа, со цел да се избегне загрозувањето на нивната безбедност. [5]

Понатаму, Директивата на Советот на Европа за привремена заштита[6] бара од земјите-членки да ја обезбедат потребната здравствена и друга помош за лицата со специјални потреби, како што се непридружуваните малолетни лица.

Директивата на Советот на Европа 2003/9/EC за условите за прием, се занимава со правото на образование на малолетниците, со почитувањето на нивното право на обединување на семејството, како и со пристапот кон рехабилитационите услуги, вклучувајќи соодветна грижа за менталното здравје на малолетниците кои биле жртви на некаква злоупотреба, негрижа, експлоатација, измачување или суров, нечовечен или деградирачки третман, или кои страдале во вооружени конфликти. Што се однесува до непридружуваните малолетни лица, оваа Директива има слични одредби како и оние изнесени во Директивата за привремена заштита, што значи дека земјите-членки треба да преземат мерки за непрудружуваните малолетници да бидат застапувани од законски старатели или каде што е потребно да бидат застапувани од организација одговорна за грижата и за добросостојбата на малолетниците, или пак од некој друг соодветен застапник.

Директивата на Советот 2008/115/EC за заеднички стандарди и поспатување при враќањето на илегалните мигранти и државјани на трети земји[7] бара од земјите-членки, пред да издадат решение или дозвола за враќање на непридружуван малолетник, на лицето да му биде пружена соодветна помош, имајќи ги секогаш во преден план најдобрите интереси на детето. Властите на земјата мора да се сигурни дека тоа малолетно лице ќе се врати во една безбедна средина, кај членовите на своето семејство или кај назначен старател или соодветна институција за негов/нејзин прифат.

Европската повелба за фундаментални права, во член 24, ги пропишува правата на децата на специјална заштита и грижа кои се потребни за нивната добросостојба. Истата го зацврстува принципот на најдобар интерес на детето на КПД, регулирајќи дека ’во сите дејствувања поврзани со децата  преземани од страна на јавни или приватни институции за социјална заштита, судови, административни институции или законодавни органи основна грижа треба да претставуваат најдобрите интереси за детето‘.[8]

Особено сериозно треба да се пристапи и кон заложбите содржани во Препораката на Советот на Европа Rec(2007)9 за животен проект за непридружуваните малолетни лица–мигранти. Оваа препорака, упатена до државите-членки на Советот на Европа, ја нагласува важноста од интегрирање на принципот на најдобар интерес на децата во сите владини политики и практики од оваа област. „Животен проект“ е индивидуална алатка заснована на заедничко дејствување на детето и релевантните институции во одреден временски период. „Животен проект“ треба да ја промовира општествената интеграција на детето и неговиот личен и културен развој, како и отворениот пристап до остварувањето на правото на домување, здравствено осигурување, образование, стручна едукација и вработување.

 

Заштита по Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)

Најдобрата заштита од можна злоупотреба на ранливиот статус во однос на непридружуваните малолетници, согласно со Конвенцијата, е заштитата што ја нуди член 3 од ЕКЧП. Овој член, гледан низ призмата на нашата целна група, ги штити децата при нивниот прием во државава во постапката додека се носи одлуката од страна на релевантните органи во однос на нивниот прифат или враќање, како и откако истите ќе бидат прифатени и интегрирани во општеството. Најкарактеристичната забрана по овој член секако е забраната за враќање во земјата на потекло или во земјата од која пристигнале, доколку постојат сомневања во однос на безбедноста или благосостојбата на детето.    

Заштитата што ја нуди член 3 е далеку посеопфатна од заштитата согласно со Конвенцијата за заштита на правата на бегалците, имајќи предвид дека истата не е условена со однесувањето на лицето, ниту дека можната злоупотреба на правата или на безбедноста не зависат од политичко-граѓанскиот статус на малолетното лице, или пак условите предвидени со Конвенцијата за заштита на прават на бегалците не се однесуваат и не се применуваат кога лицето се повикува на заштита од член 3 од ЕКЧП.[9] Сепак, за одредено лице да влезе под заштита на член 3 од ЕКЧП мора да биде исполнет општиот предуслот, а тоа е злоупотребата или лошото постапување мора да го помине минималниот праг на допуштеност, поточно да претставува барем понижувачко однесување.

Од посебно значење за положбата и за заштитата на правата на непридружуваните малолетници се два предмета на Европскиот суд за човекови права. Во предметот на Mubilanzila Mayeka и Kaniki Mitunga против Белгија,[10] Табита (непридружувано малолетно лице) при пристигнувањето во Белгија била задржана во Транзитниот центар бидејќи не ги поседувала потребните документи за влез, а крајна дестинација и`  била Холандија. По два месеца и по  неуспешен исход на покренатата жалбена постапка, Табита била принудно вратена во Демократска Република Конго. При враќањето била придружувана од социјален работник, а во авионот за неа се грижела стјуардеса која била посебно назначена за таквата задача од авиокомпанијата. Кога пристигнала на аеродромот во Конго не ја пречекале членовите на нејзиното семејство. Судот бил особено ригорозен во делот на заштитата на правата на детето, па сметајќи дека е јасно и логично дека едно петгодишно дете е зависно од возрасните и дека не е способно да се грижи за себе, како и од фактот дека и` била обезбедена правна помош и  имала секојдневни телефонски контакти со семејството, а дека вработените во Транзитниот центар се труделе колку што можат да и` помогнат, не се смета за доволен за да се задоволат потребите на едно петгодишно дете. При донесувањето на одлуката за депортација судот смета дека белгиските институции не воделе сметка дали со неа соодветно ќе се постапува и со што може да се соочи по враќањето во матичната земја. Според тоа, прекршен бил член 3 од Конвенцијата во поглед на депортацијата на детето, а Судот  дополнително го анализирал случајот од аспект на приватниот живот на детето - Табита била непридружувано малолетно лице – странец, па така државата Белгија имала обврска да и` овозможи обединување со семејство. Според тоа, имало и прекршување на член 8 од Конвенцијата.

Во друг предмет на Европскиот суд за човекови права (Muskhadzhiyeva против Белгија), иако не станува збор за непридружувани малолетници, сепак интересен е фактот дека Судот заштитата на правата на дететот ја крева на едно повисоко ниво, поточно ранливоста на детето-барател на азил, а сместено во Транзитен центар е подеднакво голема и ризична како и во предметот на непридружуваното малолетно лице, иако овие деца во конкретниот предмет биле придружувани од своите родители. Сепак, Судот проценил дека децата покажувале знаци на сериозни психолошки и психотрауматски симптоми и нарушувања кои се  резултат на задржувањето во Транзитниот центар и на условите на сместување во тој центар. Големата ранливост на детето е од првенствено значење и преовладува над статусот на илегален мигрант. Иако во предметот децата не се одвоени од мајката, сепак тоа не ја ослободува државата од обврската да ги заштити, согласно со нивниот најдобар интерес. Имајќи ја оваа ситуација предвид, како и дополнителните независни лекарски извештаи за нарушената здравствена состојба на децата, Судот утврдил дека во конкретниот предмет има повреда на член 3 од Конвенцијата. Дополнително, бидејќи четирите деца биле задржани во затворен центар наменет за возрасни лица кој во целост не одговарал на потребите на децата, како и нивната ранливост и посебните потреби за нормален развој, иако тие биле придружувани од мајката, Судот нашол дека има повреда и на член 5(1) од Конвенцијата во поглед на основаноста и законитоста на нивното лишување од слобода.

 

Законска заштита на непридружуваните малолетници во Република Македонија

Република Македонија како потписник на Конвенцијата за правата на детето се обврзала  во сите национални прописи, постапки и ситуации кои го засегаат детето, да се грижи за остварување на неговиот најдобар интерес. Соодветно на тоа и состојбата на категоријата на непридружуваното малолетно лице треба секогаш да се гледа низ призмата на најдобриот интерес на лицето засегнато со таа состојба и во зависност од ситуацијата да се креираат националните политики и постапки.

Забелешките и препораките кои доаѓаат од релевантни меѓународни тела укажуваат на потребите нашава земја да напредува во преземањето ефикасни мерки и во создавањето механизми за итно назначување на старател за непридружуваните малолетни лица, како и за нивно физичко и просторно одвојување од возрасните лица. Последните забелешки од Европската комисија во извештите за напредокот на земјава во текот на 2010 и 2011 година прикажуваат одреден ограничен напредок, додека извештајот за 2010 година како проблем го идентификува фактот дека на непридружуваните малолетни лица (баратели на азил) не им се овозможува бесплатна правна помош, а како проблем се јавува и назначувањето на старатели за истите.[11] Извештајот за напредокот во 2011 година вели дека се усвоени правила со кои се воспоставува улогата на секоја од засегнатите институции во делот на интеграцијата на бегалците и странците и обезбедувањето и назначувањето на старатели за непридружуваните малолетници.[12]

Во нашиот национален контекст се прави разлика помеѓу непридружувани малолетни лица кои влегуваат на територијата на земјава (легално или илегално) и не бараат азил и меѓу непридружувани малолетни баратели на азил. Додека првата ситуација е регулирана со Законот за странци и со релевантните подзаконски акти, втората ситуација е регулирана со Законот за азил и привремена заштита. И двата закона обезбедуваат дефиниција за терминот “непридружувано малолетно лице“ заради целите на имплементација на  законските одредби на соодветниот законски акт.[13]Законот за странците воспоставува минимум стандарди за заштита на правата на оваа категорија лица при нивниот влез во РМ. Член 112 од овој закон предвидува дека доколку непридружуваното малолетно лице-странец не бара азил, Министерството за надворешни работи треба веднаш да го информира дипломатско–конзуларното претставништво на земјата чиј државјанин е лицето, со цел утврдување на членовите на најблиското семејство на таквото лице, при што е очигледна интенцијата да се земаат предвид најдобрите интереси на дететот согласно со Конвенцијата за правата на детето, а во насока на негова реунификација со семејството. Сé до обединувањето со своето семејство во матичната земја или до идентификацијата на семејството или законскиот старател на детето, малолетникот ќе биде сместен во специјален оддел за малолетници во прифатниот центар и за истото треба да биде информиран Центарот за социјални работи. Член 112 исто така предвидува дека државата има обврска да му обезбеди старател на непридружуваниот малолетник, согласно со Законот за семејство, како и правна, социјална, здравствена и психолошка помош и право на образование.

Законот за странци пропишува  посебни правила за заштита на непридружувани малолетни лица. На пример, член 113 пропишува дека малолетен странец не смее да биде вратен во матичната земја или во трета земја која прифаќа да го прими без претходно таа земја да обезбеди соодветни услови за истиот. Ова враќање треба да биде во согласност со обврските што произлегуваат од Конвенцијата за правата на детето, со Конвенцијата за заштита од измачување и суров, нечовечен или деградирачки третман или казна или со Европската конвенција за човекови права.

Законот за азил и привремена заштита тргнува од обврската на државата да ги обезбеди најдобрите интереси на детето, а тоа пак  произлегува од Конвенцијата за правата на детето. Ова поточно значи дека најдобрите интереси на детето, пред сé, ќе бидат земени предвид при оценување на барањата за признавање право на азил за малолетни лица без придружба.[14]Дефиницијава е во согласност со барањето што го поставува Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права (во согласност со КПД), со кое се бара од владите да го признаат фактот дека барањата за азил што доаѓаат од деца треба да се разгледуваат на начин кој одговара на потребите и на околностите на самото дете, а не на начин кој е вообичаен за возрасните.

Специјалниот и ранлив статус на непридружуваните малолетни лица кои бараат азил е признат од државата, па така, во согласност со член 23 од Законот за азил и привремена заштита нив треба што е можно поскоро да им биде назначен старател, во согласност со Законот за семејство. Министерството треба да ги преземе неопходните мерки за наоѓање на членовите на семејството на непридружуваниот малолетник, дејствие кое треба да се преземе во согласност со правото на малолетникот на семејно обединување, а при утврдување на стандардите за сметување и домување, треба да се земат предвид и условите за обезбедување адекватна медицинска, психолошко-социјална  и друга потребна помош.

Согласно со член 34 од Законот барањата што се поднесени од непридружувани малолетни лица се изземени од итни постапки, што значи дека правниот застапник, земајќи го предвид ограниченото разбирање за нивната ситуација и потребата од професионална помош, ќе ги обработува нивните барања внимателно и со адекватно испитување на презентираните факти.

Принципот за невраќање е присутен во домашното законодавство[15] и забранува барателот на азил (овде спаѓа и категоријата на непридружуваните малолетни лица) да бидат протерани или на кој било начин присилени да се вратат на границите на државата во која живот или слобода би им биле во опасност поради  расна, верска, национална припадност на одредена општествена група или политичко уверување и каде би биле подложени на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Во согласност со домашниот Закон за социјална заштита барателот на азил ужива право на социјална заштита според условите определени со закон.[16] Соодветно на тоа и непридружуваниот малолетник во својство на барател на азил ќе ја ужива истата заштита.

Во делот на правото на образование, додека Законот за странци пропишува образование за непридружувани малолетни лица – странци, т.е. во согласност со член 112 од Законот за странци малолетникот има право на образование во образовните институции во земјава во текот на сместувањето во Прифатниот центар, Законот за азил и привремена заштита не содржи одредби кои директно се однесуваат на правото на образование. Поточно речено ова право на непридружуваниот малолетник не е регулирано со член 23 (посебна заштита на непридружуваните малолетни лица), ниту пак со член 48 (права на барателите на азил) од соодветниот закон.

 

Заклучок

Меѓународната заедница, а тука пред се` предничи Европската Унија, им дава посебна заштита на непридружуваните малолетници. Оваа проблематика добива особено големо значење по 2005 година кога и бројот на оваа категорија лица значително расте. Денес особено е издигната свеста за посебна заштита на оваа ранлива група лица знаејќи дека Европската Унија се обврзала посебно и засилено да ги штити правата на детето.

Република Македонија соодветно ја има транспонирано дефиницијата и заштитата во своето национално законодавство, имајќи ја предвид нашата аспирација кон членство во ЕУ. Сепак, останува дополнително да се регулира начинот на остварување на одредени права за оваа категорија на лица во националниот контекст.

 

Прашања за дискусија

  1. Дали се потребни дополнителни мерки за заштита на непридружуваните малолетници кои треба да се донесат на универзално ниво (во рамките на ОН) или на регионално ниво (од страна на ЕУ) или пак сегашново ниво на заштита овозможува непречено остварување на правата на оваа категорија лица?
  2. Дали постоечката заштита на непридружуваните малолетници во Република Македонија преку Законот за странци и Законот за азил и привремена заштита е во согласност со барањата и обврските што произлегуваат од меѓународните документи?
  3. Дали можеби е потребна дополнителна заштита преку вметнување  соодветни одбредби во другите закони кои ја регулираат специфичната материја или право, особено во делот на образованието, здравствената заштита и социјалните права?

 


[1] Денес само две земји ја немаат ратификувано КПД: САД и Сомалија;

[2] Поранешната СФРЈ ја потпишала и ја ратификувала Конвенцијата на 26-ти јануари 1990 година, односно 3-ти јануари 1991 година, со следнава резерва: “Надлежните институции на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, според член 9, параграф 1 од Конвенцијата, можат да донесат одлука да ги лишат родителите од нивното право да се грижат за сопствените деца и да ги воспитуваат, без претходна судска одлука во согласност со внатрешното законодавство на СФР Југославија".

[3] UN Docs, CRC/GC/2005/6

[4] Директива на Советот 2003/86/EC од 22 септември 2003 за правото на семејно обединување, член.2(ф);

[5] Директива на Советот 2003/9/EC од 27 јануари 2003 со која се поставуваат минимум стандардите за прием на баратели на азил, член 19;

[6] Директива на Советот 2001/55/EC од 20 јули 2001 за времена заштита, член 13(4) и член 16(1).

[7] Директива на Советот 2008/115/EC од 16 декември 2008, член 10(1) и (2);

[8] член 24 став 1 и 2, Повелба за фундаменталните права на Европската Унија

[9]  Kristina Touzeni, Непридружувани малолетници – права и заштита, стр.37;

[10] Mubilanzila Mayeka и Kaniki Mitunga против Белгија (апликација бр.13178/03), пресуда на ЕСЧП од 12/01/2007.

[11] The Former Yugoslav Republic of Macedonia: 2010 Progress Report; Европска комисија, Брисел, 9 ноември 2010, SEC(2010)1332,стр.64;

[12] The Former Yugoslav Republic of Macedonia: 2011 Progress Report; Европска комисија, Брисел, 12 октомври 2011, SEC(2011)1203,стр.66.

[13] Бошковски Донче и Бурагиева Санија, Непридружувани малолетни лица – Меѓународна правна рамка, домашно законодавство и практика;

[14] Член 23 ст.4,  Закон за азил и привремена заштита, Службен весник, бр. 49/2003, бр.66/2007, бр.142/2008 и  бр 19/2009.

[15] член  7, Закон за азил и привремена заштита, Службен весник, бр. 49/2003, бр.66/2007, бр.142/2008 и  бр 19/2009

[16] член 16, Закон за социјална заштита, Службен весник, бр. 79/2009