Македонски Shqip English

М-р Јордан Арсов

Улогата на Уставниот суд на Република Македонија во заштита на слободата и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство

„Човекот се раѓа слободен, а цел живот се бори за своето достоинство и права“ „И најубавата идеја губи од својата убавина кога ќе стане реалност“ „Интерпретацијата на Уставот не е секогаш логичnа интерпретација, no секогаш значи збогатување на правото“[1] „Најголемата мистерија во правото е толкувањето на правото“[2] „Од сите прашања во уставното право, прашањето за толкувањето на уставните норми за основните слободи и права е најтешко“[3] ВОВЕД Од анализата на надлежностите на уставните судови во европските држави и во светот може да се констатира дека тие, како специфична судска уставно-правна и политичка институција се самостојни и независни државни органи, чувари на уставноста и законитоста (на објективниот правен поредок) и заштитници на слободата и правата на човекот и граѓанинот (на субјективните слободи и права). Ова е основен услов за остварувањето на правната држава и за владеењето на правото, а со тоа се гарантираат слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот - да бидат основа, насока и граница за вршењето на власта (законодавната, извршната и судската) од страна на државата и од другите органи и организации што имаат јавни овластувања. Ваквата улога уставните судови во основа ја вршат преку девет видови надлежности: Одлучуваат за согласноста на законите со Уставот; Одлучуваат за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите; Одлучуваат за претходната согласност или за согласноста на ратификуваните меѓународните договори со Уставот; Ги штитат сите слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство од органите на државата, од органите и организациите што вршат јавни овластувања; Решaваат за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт; Решаваат за судирот на надлежностите меѓу органите на државата и локалната самоуправа; Одлучуваат за одговорностите на претседателите на државата и другите највисоки државни функционери; Одлучуваат за уставноста на програмата, на статутот на политичките партии и на здруженијата на граѓани; и Одлучуваат и за други прашања утврдени со Уставот. И Уставот на РМ, од 1991 година, инспириран од традицијата на европското уставно право, во основа ги содржи овие надлежности, при што може сериозно да му се забележи дека на директен и недвосмислен начин утврдува заштита само на три, од вкупно 24 основни граѓански и политички слободи и права, а не утврдува заштита на ни едно од 17-те економски, социјални и културни права на човекот и граѓанинот, повредени со поединечен акт или дејство на државните органи (законодавната, извршната и судската власт), органите и организациите што вршат јавни овластувања, под услов претходно да се исцрпени или да не се предвидени правните средства за таквата заштита. Од критичката анализа на досегашната работа на Уставниот суд на РМ, во период од 1991 до 2010 година и од статистичките податоци од годишните извештаи на Уставниот суд на РМ може слободно да се забележи дека, поради рестриктивната надлежност – само за три уставно загарантирани слободи и права (граѓански и политички) на Уставниот суд на РМ, граѓаните, на годишно ниво, просечно поднесуваат по околу 10 барања за заштита на нивните слободи или права од член 110, аленеја 3 од Уставот на РМ. Ваквата состојба има негативни последици во остварувањето на уставно загарантираната позиција и улогата на човекот и граѓанинот, како основен субјект и креатор на општествено-економскиот и политичкиот живот на нашава држава, што доведува до еродирање на уставно загарантираните слободи и права, кои се основа, насока и граница за уставното позиционирање, организирање и функционирање на државните институции, а што има негативен одраз и израз во нецелосното остварување на уставноста и законитоста, како предуслов за функционирањето на правната држава, на владеењето на правото и на унапредувањето на демократијата. Инспириран и мотивиран од ваквата крајно уставно-правно неповолна и општествено неприфатлива рестриктивна дефинираност на надлежностите на Уставниот суд на РМ, а во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што е во директна колизија со меѓународното право, со ратификуваните меѓународни договори, со уставното право на Европската унија, статутот и практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, се одлучив во овој труд да дадам сопствен придонес за надминување на ваквата состојба, со предлагање модалитети на излезни решенија во функција на понатамошно јакнење на уставноста, законитоста и заштитата на уставно загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот во нашава држава.[4] Историјат на заштитата на слободата и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство во Р. Македонија Во Уставот на СРМ, од 1946 година, беше утврдено заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот да ја вршат редовните судови и немаше утврдено постоење на Уставен суд кој би можел да ја штити слободата и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство. Во Уставот на СРМ, од 1963 година, постоеше надлежност на Уставниот суд за заштита на правото на самоуправување и другите основни права гарантирани со Уставот, кога овие права се повредени со акт или активност на државен орган или на орган на локалната самоуправа, под услов да не била предвидена друга судска заштита за таа повреда, но во практиката, се` до 1974 година, Уставниот суд не донел одлука ниту по еден предмет за таква заштита. Согласно со концептот на Уставниот суд на СФРЈ, од 1974 година, со кој во целост заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт и дејство од државните органи, од органите и организациите со јавни овластувања, се препушти во надлежност на судовите, во Уставот на СРМ, од 1974 година, не е утврдена надлежност за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство на државните органи, на органите или на органзациите кои вршат јавни овластувања. Демократизацијата на општествено-политичките односи во РМ, при крајот на деведесетите години од минатиот век, како и согледувањата на научната и на стручната јавност за реафирмација и проширување на заштитата на уставно загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот, повредени од поединечни акти или од дејства на државните органи, органите и организациите кои вршат јавни овластувања, придонесоа, во Уставот на РМ од 1991 година, да се утврди ваква надлежност на Уставниот суд на РМ. Треба да се истакне дека патот што го измина идејата за оваа нова и значајна надлежност на Уставниот суд на РМ не беше лесен, а во прилог на ваквата оценка ќе наведам само два значајни момента, каде активен учесник беше и авторов на текстов Потребата од нова надлежност на Уставниот суд на РМ за заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поеднечен акт или дејство, беше согледана уште на 15 март, 1990 година, од Подгрупата за подготовка на предлогот да се пристапи кон измени на Уставот на СРМ, со донесување нов Устав, во делот за уставноста и законитоста, правосудниот систем и уставното судство. Подгрупата констатира, раководејќи се „од општата интенција за реафирмирање на човекот и граѓанинот, како основен субјект на општествено-економскиот и политичкот систем, приоритет при заштитата на уставноста и законитоста да имаат слободите и правата на човекот и граѓанинот“ и предложи „проширување на надлежноста на Уставниот суд на Р.Македонија за заштита на со Устав загарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство нанесени во вршење на јавни овластувања, кога со нив не е обезбедена друга судска заштита или заштита од други органи.“[5] Во предлогот на Уставот на РМ, од 1991 година, не беше прифатен овој значаен и добро аргументиран предлог на подгрупата[6] и затоа, во јавната расправа по предлогот на Уставот на РМ, од 1991 година, Уставниот суд на РМ и` предложи на комисијата за уставни прашања на Собранието во Уставот на РМ да се дефинира нова надлежност на Уставниот суд за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, која во целост беше прифатена од комисијата за уставни прашања на Собранието, како и од Собранието на РМ при донесувањето на новиот Устав на РМ, од 1991 година. Нова надлежност на Уставниот суд се утврди во член 110, алинеја 3 од Уставот. Значи, новата надлежност за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство беше дефинирана во член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ од 1991 година и тоа на следниов начин: „Уставниот суд на РМ ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.[7] Постапка пред Уставниот суд на РМ за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ За разлика од европските устави и од уставите од поранешна СФР Југославија, (кои постапката пред уставните судови и правното дејство на нивните одлуки го уредуваат со закон), согласно со член 113 од Уставот на РМ овие прашања се уредуваат со акт на уставен суд и таков акт Уставниот суд донесе на 7 октомври, 1992 година, во вид на Деловник на Уставниот суд на РМ („Сл.весник на РМ“ бр.70/1992).[8] Според овој деловник, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повреда, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.[9] Во барањето, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд. Потоа барањето за заштита на слободите и правата се доставува на одговор до донесувачот на поединечниот акт, односно до органот што презел дејство со кое тие се повредуваат и тоа во рок од 3 дена од денот на поднесувањето. Рокот за одговор изнесува 15 дена, при што, најдоцна во рок од 30 дена од денот кога предметот е даден во работа се поднесува реферат за седница или Судот се известува за текот на постапката.[10] За заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на одржаната јавна расправа. На јавната расправа се покануваат учесниците во постапката и Народниот правобранител, а по потреба можат да се повикаат и други лица, органи или организации. Јавната расправа може да се одржи и ако некој од учесниците во постапката или Народниот правобранител не присуствуваат, доколку се уредно поканети. Во текот на постапката Уставниот суд може да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечниот акт или дејство до донесување конечна одлука. Со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето.[11] Резултати од заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, од 1991 година Од содржината на книгата издадена од Уставниот суд на РМ, во 2004 година, по завршувањето на Првата меѓународната конференција на Уставниот суд на РМ на тема „Уставно-судска заштита: реалност и персективи“, што се одржа во Скопје, од 2 до 5 јуни, 2004 година, посветена на 40-годишнината од функционирањето на Уставниот суд на РМ, на која присуствуваа претседатели, потпретседатели и судии на уставните судови од 23 европски држави, особено од поздравниот говор на г-ѓа Лилјана Ингилизова Ристова, претседател на Уставниот суд на РМ и од рефератот на д-р Трендафил Ивановски, судија на Уставниот суд на РМ, како и од деветте поднесени реферати и бројните дискусии и од увидот на годишните извештаи на Уставниот суд од 1991 до 2010 година, може да се согледа, како, од една страна, обемот и резултатите од работата на Уставниот суд на РМ во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ – преку компарацијата со европските судови, така, од друга страна и критичката опсервација за рестрктивната надлежност на Уставниот суд на РМ во остварувањето на таквата заштита, при што се даваат и идеи за проширување на надлежноста на Уставниот суд на РМ во заштита на уставно загарантираните слободи и права. Уставниот суд на РМ годишно постапувал по околу 250 предмети и по околу 120 претставки за прашања што не се во негова надлежност, при што од 250 предмети, 100 се однесуваат на оспорување на закони, 80 на подзаконски акти, 10 за заштита на слободите на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ и 10 за други надлежности. Од поднесените 159 барања од граѓаните за заштита на нивните слободи и права од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, во период од 1991 до 2010 година, Судот само во еден предмет[12] донел одлука за прифаќање на барањето, во 26 случаи Судот го одбил барањето-не наоѓајќи повреда на слободите и правата, донел 120 решенија за отфрлање на барањето - поради ненадлежност на Судот и во 12 случаи барањата воопшто не се земени во работа – биле завршени по административен пат.[13] Не се потребни комплексни анализи за да се констатира дека уставно-судската заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ и по обем и по одлуките на Судот не ги дава очекуваните и потребните резултати, што во основа е последица на крајно рестриктивната надлежност на Уставниот суд на РМ, дефинирана во член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ за заштита на само 3, од вкупно 24 основни граѓански и политички слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот на РМ, при што ваква заштита немаат 17-те уставно загарантирани основни економски, социјални и културни права на човекот и граѓанинот. Како компензација за ваквиот дефицит од недоволна заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, наши одделни експерти по уставно право истакнуваат дека може да се земе предвид тоа што на посреден и индиректен начин ваква заштита се дава со:[14] - укинувачките или поништувачките одлуки на Уставниот суд на РМ по оспорените закони или други општи прописи, а по иницијатива најчесто од самите граѓани, со што на индирекен начин се штитат сите основни слободи и права на човекот и граѓанинот; - одлуките на судовите, кои според член 5 од Законот за судови („Сл.весник на РМ“ бр.58/2006) обезбедуваат заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и на правата на другите правни субјекти, доколку таквата заштита не е во надлежност на Уставниот суд на РМ, а на граѓаните и другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на органите на државната управа или на организациите и другите органи што вршат јавни овластувања;[15] - одлуките на Управниот суд, кои, согласно со член 50, ст.2 од Уставот, а во врска со член 55 и 56 од Законот за управните спорови („Сл. Весник на РМ“ бр.62/2006), им даваат можност на граѓаните и на правните лица преку поведување управен спор да бараат заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, ако таквата слобода и право се повредени со конечен поединечен акт или со дејствија на службено или на одговорно лице во орган на државната управа и во друга орагнизација или заедница, доколку не е обезбедена друга судска заштита; - со поднесување жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, од поединци, од група поединци, од правни лица и од невладини организации за заштита на основните права и слободи утврдени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и во протоколите кон Конвенцијата, по исцрпувањето на правните средства пред домашните судови; - со дејствувањето на Народниот правобранител, кој, согласно со член 77 од Уставот, а во врска со одредбите од Законот за Народниот правобранител („Сл.весник на РМ“ бр.60/2003), ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од државната управа и од други органи и организации коишто имaат јавни овластувања, начелата на недискриминација, соодветната и правичната застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната власт и во јавните установи и служби; - со активностите на постојната анкетна комисија на Собранието на РМ за заштита на слободите и правата на граѓанинот, која, согласно со одредбите од член 86, став 5 од Уставот на РМ, може да поведе постапка за утврдување на одговорноста на носителите на јавни функции; - со ефектите од поднесените преставки на граѓаните, согласно со член 24 од Уставот на РМ, до државните органи и другите јавни служби во однос на можноста за отстранување на повредите на слободите и правата и во превенирањето на таквите повреди од државните органи и од дгугите орани и организации што вршат јавни овластувања; и - со активноста на невладиниот сектор, преку поднесување соодветни укажувања, а по претходни аналитички согледувања за повреда на човековите и граѓанските слободи и права, до надлежните државни органи и до други органи и организации што вршат јавни овластувања. Причини за недоволна и неефикасна заштита на слободите и правата од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ Нашата стручна и научна јавност е едногласна дека во основа има четири причини кои доведуваат до недоволни и неефикасни резултати во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство од државните органи (законодавната, извршната и судската власт), органите и организациите што имаат јавни овластувања, кога се исцрпени или не се предвидени други правни средства за нивна заштита: -рестриктивната надлежност на Уставниот суд на РМ, во член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, според која се штитат само 3 граѓански и политички слободи и права на човекот и граѓанинот, со игнорирање на таква заштита на економските, социјалните и културните права; -барањата што ги поднесуваат граѓаните до Уставниот суд на РМ за заштита на нивните слободи и права од член 110, алнеја 3 од Уставот на РМ, по својот квалитет не се на потребното ниво (заради недоволното уставно-правно знаење на граѓаните и недоволното ангажирање на адвокатите) заради што од вкупно 159 барања, 120 (75%) се отфрлени со решенија поради ненадлежност на Уставниот суд на РМ; -потребна е поголема креативност и смелост на судиите на Уставниот суд на РМ во интерпретацијата на принципите и вредностите на основните слободи и права од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ во секој конкретен сличај, со што се зголемуват можностите за осознавањето на нивната автентична уставна содржина, длабочина и значење и во утврдувањето на повредите од државните органи и од другите органи и организации што имаат јавни овластувања[16] при одлучувањето по барањата на граѓаните за заштита на слободите и правата; и -рестриктивната примена на нормите на меѓународното право и на меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ, особено на Европската конвенција за човекови права и основни слободи и на одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур при одлучувањето на Уставниот суд на РМ за заштита на слободите и правата од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ.[17] Заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство во уставите на државите од поранешна СФР Југославија Уставот на Р. Србија - од 2006 година, на Р.Црна Гора - од 2007 година, на Р.Хрватска - од 1990 година – со измени од 1997, 1998, 2000 и 2001 година, на Р. Словенија - од 1991 година – со измени од 1997, 2000, 2003, 2004 и 2006, на Босна и Херцеговина - од 1995 година и на Р.Косово - од 2008 година, респектирајќи ги решенијата на европското уставно право, особено на Австрија, Германија и Шпанија[18], за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство, на оптимален начин ја утврдија надлежноста на своите уставни судови со тоа што ги штитат сите со устав загарантирани слободи и права на човекот и граѓанинот (граѓански, политички, економски, социјални и културни). Конкретните решенија во уставите на овие држави, во однос на надлежностите на уставните судови за ваквата заштита, се следниве: -член 170 од Уставот на Р.Србија: „Уставна жалба може да се изјави против поединечни акти или дејствија на државните органи или организации на кои им се повредени јавни овластувања, а со кои се повредуваат или се ускратуваат човековите или малцинските права и слободи загарантрани со Уставот, ако се исцрпени или не се предвидени други правни средства за нивна заштита; -член 128 од Уставот на Р.Хрватска одлучува по уставни тужби против поединечни одлуки на државните тела, телата на единиците на локалната и подрачната (регионална) самоуправа и на правните лица со правни овластувања, кога со тие одлуки им се повредени човековите права и темелни слободи, како и правата на локална и подрачна (регионална) самоуправа загарантирани со Уставот на Р.Хрватска; -член 160, став 1, алинеја 6 од Уставот на Р.Словенија одлучува по уставни жалби од граѓани заради повреда на уставно загарантираното право или слобода со поединечен акт од орган кој има јавни овластувања, ако претходно се исцрпени сите правни средства за заштита на правото или слободата, освен ако не е поинаку предвидено со закон; - член 113, точка 4 од Уставот на Р.Црна Гора одлучува по уставните жалби поради повреда со поединечни акти или дејства на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, кога се исцрпени правните средства или кога не е предвидена друга судска заштита; - во член VI точка 3, под б) и ц) од Уставот на Босна и Херцеговина, граѓаните можат да бараат заштита од Уставниот суд кога сметаат дека им се повредени уставно загарантираните слободи и права од кој било суд во БиХ, а исто таква надлежност има Уставниот суд кога кој било суд во БиХ смета дека Уставниот суд треба да оцени дали некој закон е во согласност со Уставот, Европската конвенција за човекови права и основни слободи и нејзините протоколи и со општите правила на меѓународното јавно право[19], и -според член 113, т.7 од Уставот на Р.Косово поединци можат да покренат постапка ако нивните права и слободи што им се загарантирани со Уставот се повредени од јавните органи, ако се исцрпени сите дргите правни средства регулирани со закон. Постапка пред уставните судови од поранешна СФР Југославија за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство Според уставите на државите од поранешна СФР Југосавија, постапката за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство е уредена со закони за постапката пред уставните судови и за правното дејство на нивните одлуки, а само во Р.Хрватска тоа е уредено со Уставен закон за Уставниот суд на Р.Хрваска. Основните карактериски на постапките пред овие уставни судови се следниве: -постапка може да покрене секое лице, со поднесување уставна тужба или жалба[20]; -постапка може да се поведе ако претходно се исцрпени сите правни лекови или кога такви правни лекови не се предвидени; -постапка може да се поведе во рок од 30 дена од доставувањето на поединечен акт, односно од денот кога е повредено или ускратено човековото право; -уставна тужба, односно жалба може да се изјави иако не се исцрпени правните средства во случај кога се работи за право на судење во разумен рок[21]; -се дозволува враќање во поранешна состојба, под улов ако лицето од оправдани причини го пропуштило рокот за поднесување уставна тужба, односно жалба, но само во рок од три месеци од пропуштањето на рокот; -под одредени услови Судот може да изрече времена мерка за запирање на извршувањето на поединечен акт или дејство до донесување на конечна одлука; -Уставните судови, уставните тужби, односно жалби, со одлука ги прифаќаат, ги отфрлаат или ги одбиваат; и -одлуките на Судот, со кои е уважена уставната тужба, односно жалба, се правен основ нивниот подносител да може да бара, преку надлежна комисија од Министерството за правда надомест за штета или за отклонување други штетни последици. Предлог за проширување на надлежностите на Уставниот суд на РМ за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Потребата од проширувањето на надлежноста на Уставниот суд на РМ во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ одамна е констатирана во трудовите на нашава стручна и научна јавност[22], а пред се` затоа што со ратификацијата на Европската конвенција за човековите права и слободи, во 1997 година, нашава држава е обврзана да обезбедува заштита на сите слободи и права утврдени во Еропската конвенција на своите граѓани и на сите лице на својата територија. Со тоа Уставниот суд на РМ ќе ја остварува улогата на филтер за Европскиот суд за човекови права во Стразбур, штитејќи го од поплаки и жалби од граѓаните на РМ[23], а при тоа и авторот на написов активно учествуваше во побрзото проширување на ваквата надлежност на Уставниот суд на РМ. Ова ќе го поткрепам со следново: Ги подготвив тезите за јавната трибина по Предлогот на Владата на РМ за пристапување кон измени на Уставот на РМ во врска со создавањето на уставно-правната основа за остварување на реформите на судството во РМ, што се одржа во Скопје, на 4 јули, 2005 година, во хотелот „Холидеј ИН“, при што првата теза ја формулирав на следниов начин: „Да се оцени потребата, со поднесување уставна тужба, да се штити проширениот круг на основните уставни слободи и права од Уставниот суд на РМ, при нивна повреда со поединечни правосилни или конечни акти на судовите, органите на управата и установите со јавни овластувања“. По одржаните јавни расправи по нацртот на амандманите на Уставот на РМ, што ги утврди Собранието на РМ, на 4 август, 2005 година, ги подготвив забелешките, сугестиите и предлозите по нацртот на амандманите на Уставот на РМ, што се доставени до Владата на РМ, на 5.10.2005 година, при што, во точка 9 го формулирав следниов предлог: Предлагаме да се избрише алинеја 3, од член 110 од Уставот, со тоа што таа алинеја треба да гласи:„...ги штити уставните слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акти или дејство“, која е доминантна во еропските устави, со што ќе се овозможи да не се штитат само три уставни, граѓански и политички слободи и права, како што е постојното уставно решение, поради што во досегашната практика на Устаниот суд на РМ има незначителна заштита на уставните слободи и права на човекот и граѓанинот, туку да се штитат сите во Уставот утврдени лични, политички, социјални, економски и културни права на човекот и граѓанинот. Потребата за проширување на надлежноста на Уставниот суд на РМ во заштита на слободите и првата на човекот и граѓанинот, од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, ја согледаа и одделни државни функционери, експерти и стручни лица по уставно право, кои, со своите забелешки, сугестии и предлози ќе придонесат за оптимално и рационално решение по ова исклучително важно уставно-правно прашање, кое во квалитет и по обем ќе ја засили уставно-правната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од самовластието, злоупотребата и арбитрерноста на државните органи и другите органи и организации што имаат јавни овластувања. Начин и време на проширување на надлежноста на Уставниот суд на РМ во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Со оглед дека актуелната потреба од проширување на надлежноста на Уставниот суд на РМ во заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ треба да се изврши до крајот на 2011 година, а самото проширување на надлежноста може да се изврши на три начина: -проширувањето на надлежноста да се изврши со амандманска интервенција, со тоа што ќе се избрише одредбата од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, а место неа ќе се вгради формулација за заштита на сите слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани во Глава втора од Уставот на РМ; -проширувањето на надлежноста да се изврши со донесување Уставен закон, а како неформален предлагач да се јави Уставниот суд на РМ, со тоа што со него ќе се утврди не само заштита на сите слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани во Глава втора од Уставот на РМ, туку ќе се уредат и основите на постапките пред Уставниот суд на РМ, видовите одлуки, нивното правно дејство и извршувањето, што е доминантно решение во европските устави, а со Деловникот на Уставниот суд на РМ ќе се регулира само внатрешната организација и начинот на работа на Уставниот суд на РМ; и -проширувањето на надлежноста со уставна реформа, со тоа што ќе се донесе нов Устав на РМ во кој ќе се вгради заштитата на сите слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот на РМ, при што треба да се има предвид и проширувањето на надлежностите на Уставниот суд за превентивно оценување на согласноста на меѓународните договори со Уставот на РМ а по иницијатива на одреден број пратеници од опозицијатата од Собранието на РМ и за одговорноста на претседателот на Собранието и претседателот и министрите на Владата на РМ. При оваа реформа на Уставот на РМ целисходно ќе биде во одредбите за Уставниот суд да има одредба (по предлог на Уставниот суд) со закон да се утврдуваат основите на постапката пред Уставниот суд, правното дејство на неговите одлуки и извршувањето (како што е случај со Уставот на Р.Унгарија), со што ќе се направи компромис помеѓу досегашното решение во Уставот на РМ - ова прашање да се уреди со акт (Деловник) на Уставниот суд на РМ и со доминантните решенија во европското уставно право – ова прашање да се уреди со закон. Според мое мислење најприфатлива и најрационална е првата алтернатива, со што на најбрз можен начин ќе се пополни празнината во надлежноста на Уставниот суд на РМ во однос на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт и дејство од органите на државата (законодавната, извршната и судската власт), органите (управите, агенциите, дирекциите и сл.) и организациите што вршат јавни овластувања, под услов да се исцрпени или да не се предвидени правни средства за нивната заштита. ЗАКЛУЧОК При пишувањето на овој труд си поставив три основни цели: -преку објективна критичка анализа да се согледа обемот на надлежностите на Уставниот суд на РМ во заштитата на уставно загарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот од повреди со поединечен акт или дејство, правејќи компаративни согледувања со решенијата од европските устави за ваквата надлежност на уставните судови; -врз основа на објективните согледувања од научната и стручната јавност да се утврдат причините за недоволната и неефикасната заштита на уставно загарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство на државните органи и другите органи и организации што имаат јавни овластувања; и -да предложам алтернативни начини и време за усогласување на надлежностите во Уставот на РМ за заштита на уставно загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот, респектирајќи ја оваа исклучително важна димензија од надлежностите на уставните судови во Европа, како и на Уставните судови на поранешната СФР Југославија. Искрено ќе им бидам благодарен на читателите од стручната, научната и општата јавност ако оценат дека делумно или целосно сум успеал во остварувањето на целите за пишувањето на овој труд, затоа што со тоа ќе придонесам за усогласување на надлежноста на Уставниот суд на РМ со надлежноста со европските уставни судови за заштита на сите уставно загарантирани слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство од државните органи (законодавната, извршната, судската власт) и другите органи (управи, агенции, дирекции и сл.) и организации што имаат јавни овластувања, под услов да се исцрпени или да не се предвидени такви средства за заштита. Дали може да биде ефикасна заштитата за уставно загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство, од државните органи (законодавната, извршната и судската власт) и другите органи (управи, агенции, дирекции и сл.) и организации што вршат јавни овластувања, кога Уставниот суд на РМ, според член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, штити само три, од вкупно 41 слободи и права (граѓански, политички, економски, социјални и културни), а сите други слободи и права ги штитат редовните и управните судови? Дали има потреба од проширување на рестриктивната надлежност на Уставниот суд на РМ за заштита на само три, од вкупно 41 уставно загарантирани слободи и права на човекот и граѓанинот од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ, имајќи ја предвид надлежноста на уставните судови од поранешна СФР Југославија и од најголемиот број европски држави, со која во основа се штитат сите уставно загарантирани слободи и права, но под услов претходно да се исцрпени или да не се предвидени правни средства за нивна заштита од редовните и управните судови? На кој начин да се изврши проширувањето на надлежноста на Уставниот суд на РМ за заштита на сите уставно загаранитарни слободи и права, кое би се извршило до крајот на 2011 година: А) Дали со Уставен амандман, заедно со бришењето на членувањето по функција во Судскиот совет на РМ на министерот за правда и на претседателот на Врховнот суд на РМ? Б) Дали со Уставен закон, заедно со бришењето на членувањето по функција во Судскиот совет на РМ на министерот за правда и претседателот на Врховнот суд на РМ со кој би се уредило и прашањето за постапката пред Уставнот суд на РМ, правното дејство на неговите одлуки и извршувањето? В) Дали со поширока уставна реформа на надлежоста на Уставниот суд на РМ, која, освен со прашањата наведени под а) и б) ќе се прошири надлежноста на Уставниот суд на РМ и за одговорноста на претседателот на Собранието, на претседателот на Владата и на министрите, превентивната согласност на меѓународните договори со Уставот на РМ и превентивата согласност на законите со Уставот на РМ, а по иницијатива на одреден број пратеници од опозицијата во Собранието на РМ? Дали постапката пред Уставниот суд на РМ за правното дејство на неговите одлуки треба и понатаму да биде уредено со Деловникот на Уставниот суд како и досега, или овие прашања треба да се уредат со закон-како што е во сите европски држави чиј предлагач би бил Уставниот суд во РМ, како што е случајот со Р.Унгарија. Дали и кога – пред исцрпувањето или по исцрпувањето на правните средства, граѓаните и сите лица можат да поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кога на територијата на РМ од институциите со јавни овластувања со поединечен акт или дејство им се повредени основните слободи и права утврдени во Европската конвенција за заштита на основните права и слободи и дали пресудите на Европскиот суд за човекови права се обрзувачки за државните органи на РМ? [1] Проф. д-р Љута Лимбах,поранешен претседател на Уставниот суд на СР Германија; [2] Проф. д-р Воин Димитриевиќ, директор на Белградскиот центар за човекови права, член на Венецијанската Комисија на Советот на Европа и ad hoc судија на Меѓународниот суд за правдата; [3] М. Тропер, истакнат француски конституционалист. [4] Д-р Ѓорѓи Ј. Цаца, „Уставност и законитост во СФРЈугосавија и улогата на уставните судови во нивната заштита“ „Современа администрација“, Белград, 1974 година, „Уставност и законитост“ и „Слободите и правата на човекот и граѓанинот во РМ“, НИО„Студентски збор“, Скопје, 1994 година Д-р Цветан Цветковски, „Човекови права-извори, институции и процедури“, „КАРИТАС“, Скопје, 1999 година и „Новиот Устав и уставно судската заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, „Нова Македониа“, Скопје, 26-27 јануари, 1992 година; Г-ѓа Маргарита Цаца – Николовска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, сега судија на Уставниот суд на федерацијата БиХ, „Уставно судска заштита - реалност и перспективи“, издание на Уставниот суд на РМ, Скопје, 2004 година, реферат на тема „Принципите на толкувањето на Европската конвенција за човекови права и основни слободи“ и соопштение на тема „Правните норми низ призмата на Европската конвенција за човековите права“, објавено во списанието „Правен дијалог“ бр. 1 на Институтот за човекови права, поддржано од ОБСЕ, Скопје, ноември, 2010 година. [5] Предводена од раководителот на подргупата, проф. д-р Асен Групче; [6] Комисијата за подготвување за донесување на новиот Устав на РМ немаше вклучено експерти по уставно право; [7] Д-р Весела Муковска –Чинго, „Уставно судство“ (теорија и практика), Правен факултет „Јустинијан Први“, Скопје, 2002 година и „Уставното судство и правната држава во Република Македонија“ (зборник), Скопје, 1999 година; Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска, „Конституционализмот и човековите права“, Правен факултет „Јуситнијан први“, Скопје, 2006 година; Проф. д-р Светомир Шкариќ – Гордана Силјановска-Давкова, „Уставно право“, “Култура“, Скопје, 2009 година; Д-р Владимир Митков и проф. д-р Саво Климовски, „Политички и уставен систем“, „Просветно дело“, Скопје, 1995 година. [8] Во практиката Уставнит суд на РМ ја отстрани несогласноста на Деловникот – во кое е предвидено секој „граѓанин“, а не „човек“ да може да поднесува барање со одредбата од член 110, алинеа 3 од Уставот на РМ, со тоа што ги зема во работа барањата поднесени и од „граѓанин„ и од „човек“. [9] Уставнит суд на РМ својата надлежност од член 110, алинеја 3 од Уставот на РМ ја толкува како ексклузивна, а не како супсидијарна, а овој свој став го навел и во посмото до Советот на Европа, од мај 1998 година, со формулацијата „оваа надлежност на Судот е ексклузивна и исклучува каква било надлежност на кој било суд“. [10] Не е содржана можноста за враќање во поранешна состојба ако барателот, од оправдани причини, го пропуштил рокот за поднесување на барање, но најдоцна во рок од три месеци од пропуштањето на рокот. [11] Не е предвидено поднесување на барање до Комисијата на Министерството за правда, кога барањето е прифатено, за надомест на штета или за отстранување на други штетни последици. [12] Уставниот суд на РМ во предметот У.број 84/2009 од 10.2.2010 година донел одлука за утврдување дека на подносителот на барањето му е повредено правото на политичко дејствување со неосновано неприфаќање на неговата кандидатура за градоначалник на Општината Зајас на локалните избори во март, 2009 година; [13] Проф. д-р Тања Каракамишева „Анализа за потребата од воведување уставна жалба (тужба) во РМ“ објавено на www.pravo.org.mk од 5.2.2008 година, во која неведува дека уставната тужба (жалба) е едно од најзначајните, но во исто време доста конраверзно уставно-правно средство за ефикасноста што се постигнува со неговата примена, а што се докажува со тоа што од вкупно поднесените тужби пред Сојузниот устаен суд на СР Германија, во периодот од 1951 до 2008 година само 2,50 % се прифатени, при што годишно се поднесуваат над 6.000 вакви тужби. [14] Проф. д-р Рената Тренеска- Десковска „Конституционализмот и човековите права“, Правен факултет „Јустинијан Први“-Скопје, 2004 година. [15] Според Законот за судовите, од 2006 година, кога во текот на постапката судијата ќе оцени дека некоја одредба од законот не е во согласност со Уставот на РМ, при одлучувањето ќе треба да ја примени уставната одредба (по принципот на супремација на правните акти), ако не е сигурен во супремацијата на Уставот ќе ја запре постапката и за тоа ќе го извести Врховниот суд на РМ, кој ќе оцени дали ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд на РМ за усогласување на одредбите од Законот со Уставот на РМ. [16] Д-р Владимир Митков и Д-р Саво Климовски, „Политички и уставен систем“-основи, „Просветно дело“, Скопје, 1995 година [17] Д-р Весела Мукоска-Чинго, „Уставно судство“ (теорија и практика), Правен факултет „Јустинијан Први“, Скопје, 2002 година; [18] Уставно-правното дизајнирање на уставната тужба (жалба) не е унифицирано во европските устави, но тие беа користени како модели за содржината на уставните тужби (жалби) во новите устави на земјите од Југоистона Европа. Според германскиот автор Rudiger Zuck, како показател дека реално постои или не постои уставна тужба (жалба) може да послужи исполнувањето на следниве услови: Уставна тужба е специјално правно средство; Таа е правно средство за заштита на оснвните права; Таа е правно средсгво насочено кон јавната власт, т.е. кон актите на сите три власти (законодавната, извршната и судската); Цел на заштита се сите основни права на субјектот, т.е. не само правата од негативниот, туку и правата од активниот статус; Таа може да се користи само за заштита на сопствените права, а не и на туѓи права; Изјавата на подностелот на утавната тужба дека му е прекршено одредено право е доволна за употреба на овој институт; Уставната тужба е само специјално правно средство и не е основно уставно право сама по себе. [21] Правно е ирелевантно како ќе се именува правното средство за заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот – дали со уставна тужба или жалба, или со барање (како што е утврдено со Деловникот во Уставниот суд на РМ), (поради што и не случајно проф. д-р Рената Тренеска –Дескоска го употребува терминот „Квазиуставна тужба“), а особено затоа што според уставно-правните теоретичари уставната тужба (жалба) не е ниту редовно, ниту вонредно правно средство, туку посебно и специфично субсидијарно правно средство и оттаму можеби е поцелисходно, имајќи ја предвид традицијата на употребата на правното средство (барање), повеќе од 20 години во нашава држава тој термин и понатаму да постои во уставно-правната терминологија. Според Законот за судовите, Врховнот суд на РМ одлучува по барањето на граѓаните за право на судење во разумен рок. [22] Проф. д-р Саво Климовски, проф. д-р Светомир Шкариќ, прод. д-р Владимир Митков, проф. д-р Весела Мукоска-Чинго, проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска, проф. д-р Тања Каракамишева и д-р Цветан Цветковски. [23] Д-р Матијас Хартвик, научен соработник на Институтот Макс-Планк, во Хајделберг, СР Германија