Македонски Shqip English

Проф. д-р Мерсел Биљали

Избирачкото право како фарса

Во член 2 од Уставот на Република Македонија се вели дека суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Во темелните вредности на нашиот уставен поредок се набројуваат и владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 од Уставот). Но, дали направивме доволно во исплонувањето на овие круцијални определби?

По осамостојувањето Република Македонија во својот нов политички плурален амбиент смени неколку изборни модели во потрага по подобар процес во одржувањето на парламентарните избори. На првите повеќепартиски избори релативно успешно беше користен мнозинскиот изборен модел кој на избирачите им овозможуваше да се определат за личностите за кои се мислеше дека најмногу ќе се залагаат за нивните стремежи, интереси и потреби. Но, меѓу првите и вторите компетитивни избори во Македонија, наместо очекувањата мнозинските избори да го редуцираат процесот на партиска фрагментација, се промовираа, покрај веќе регистрираните дваесеттина политички партии, уште четриесеттина нови.[1] Системот почна жестоко да се напаѓа и без соодветни анализи многу брзо се напушти, без да му се остави време да ги покаже своите предности и недостатоци.

Во пододоцнежните изборни циклуси најпрвин се пристапи кон комбинираниот изборен модел, користејќи ги истовремено двата модела (и мнозинскиот и пропорционалниот), за потоа, во наредниот изборен циклус, конечно да биде прифатен чисто пропорционалниот модел со затворени листи. Преминувањето од мнозинскиот изборен модел кон пропорционалниот беше образложено со потребата од избегнување на изборните инциденти меѓу поддржувачите на кандидатите - ривали бидејќи се сметаше дека при услови на пропорционален модел кандидатите не би се соочувале лично со конкретен противник во жестока изборна пресметка, туку поразот најмногу би се амортизирал кај политичките партии.[2] Исто така се мислеше дека  фактот дека пропорционалниот изборен модел би се одвивал во само еден круг видно би ги намалувал можностите за изборни инциденти, а и изборните трошоци би биле многу помали.

Меѓутоа, многу брзо се покажа дека пропорционалниот изборен модел уште повеќе ги одалечи народните изабраници од граѓаните, а со тоа уште повеќе се отуѓуваше демократијата.[3] Сите анализи покажуваат дека таквиот изборен модел во голема мера уште повеќе придонесе за енормното зголемување на партизирањето на јавните институции во државава. Впрочем,   од очигледната реалност произлегува дека пропорционалниот изборен модел видно допринесе во зајакнувањето на позицијата на лидерите на политичките партии, што по секоја логика ја задушуваше и така кревката демократија, и тоа не само во рамки на политичките партии, туку и во сите пори на општествениот живот. Партиската власт во голема мера беше концентрирана кај лидерите на политичките партии. Тоа неминовно се рефлектираше и врз демократскиот капацитет на институциите на државава и на општеството.

Оттука, поаѓајќи од регионалната објективна реалност својствена и за Република Македонија, се претпоставуваше дека пропорционалниот изборен модел многу повеќе би одговарал на потребите на државата,  особено кога се има предвид нејзината мултиетничка и мултикултурна конструкција, но и поради другите специфичности што ја карактеризираат нејзината главна содржина. Имено, факт е дека таквиот изборен модел на најсоодветен начин може да ја отсликува мултиетничката композиција на нашава држава. Исто така таквиот модел требаше да помогне и во уважувањето на сите други важни дивергенси во државата, особено во доменот на општата култура и социјална состојба.

Меѓутоа, наспроти реалноста дека поминуваме повеќе години плурално демократско искуство, сепак политичките партии, како главни носители на политичкиот живот во државава, не успеаа да се здобијат со потребен внатрешен демократски капацитет. Таквиот хендикеп неминовно дека сам по себе неповолно се рефлектира во сите други општествени и институционални сегменти. Тоа претставува сериозна пречка за општиот и за севкупниот развој на државава.[4] Оттука, беше сосема очекувано дека ако самите политички партии, како главни политички актери во политичкиот амбиент на државава, не се подготвени за ефикасно внатрешно демократизирање и професионализирање, тогаш по секоја логика не е реално да очекуваме некакво ефективно демократизирање на севкупниот живот и на нејзините институции. Таквата неповолна состојба кај политичкитепартии неминовно дека неповолно ќе се рефлектира и во другите важни општествени и државни компоненти.

Оттука, сосема оправдано може да се констатира дека при такви околности и состојби во рамки на главните политички актери (политичките партии), не е можно да се градаат здрави институции во државава. А без такви институции нема никаква можност да се воспоставува потребна ефикасност, функционалност и одговорност во јавниот живот. Оттука произлегува и општата стагнација во сите области на државата.

Досегашното искуство покажува дека за да се постигне одржан општествен развој потребна е ефикасна и функционална правна држава и владеење на правото. Вистинската плурална демократија, впрочем, не може да се постигне само со формално и со декларативно прогласување на демократијата, туку таа  првенствено бара ефективно зајакнување на професионалниот капацитет, на демократската одговорност и отчетност во рамки на политичките партии, како основни градители на севкупниот демократски живот во државава.

Поголемиот број релевантни анализи покажуваат дека само со демократски односи и со професионализам во рамки на политичките партии е можно да се дојде до такви институции во државата кои ќе бидат многу покреативни, поажурни, попрофсионални, а со тоа и попродуктивни. Но, за жал веќе подолг период лидершипот на политичките партии во Република Македонија продолжува и понатаму да милува и да преферира послушни кадри или партиски милитанти, наместо професионални, креативни и одговорни личности. Тоталната партизација доведе до сериозен расцеп и колапс. За жал, во постојниов политички амбиент најдискриминирани се оние што не се членови на партиите. Тие немаат ни основно право да бидат дел од јавниот живот. Загрозени се дури и нивните социјални права. Немаат право на работа во јавниот сектор. Таквите односи се многу блиску до тоа што се нарекува тоталитаризам. [5] Оттука, како круцијално се наметнува прашањето - што треба радикално да се смени во системот за да се почне со заздравување на таквото болно ткиво на општеството и на државата?  Без дилемма, тука многу може да помогне промената на изборниот модел, кој пак треба да се компонира во насока на квалитетна селекција на својата репрезентатива и содржина. Потребно е да се создаде изборен модел кој ќе биде не само  подемократичен, туку и поприроден, пофункционален и поблиску до граѓаните. Но, таков систем воопшто не е лесно да се создаде.

Пред две години, под покровителство на Националниот демократски институт (NDI) беше организирана тркалезна маса за изборниот модел кај нас. Наспроти мислењата на мнозинството експерти дека кај нас е потребно да се воведе пропорционалниот изборен модел со отворени листи, главните политички партии и од власта, и од опозицијата, не беа подготвени на такво нешто. Оттука, на хипотетички поставеното прашање - што треба да се прави за да се натераат политичките партии по соптвена волја во предложените листи да понудат важни/значајни личности, препознатливи по идеалот, одговорноста и професионалноста? - одговорот е: отворени листи.

Со отворени листи изборите наеднаш би добиле поголем легитимитет, а што е многу важно, и резултатите од изборите би биле многу поблиску до реалната воља на граѓаните, односно до нивните потреби и интереси. Таквиот изборен модел на граѓаните им овозможува да вршат сопствена селекција и рангирање на кандидатите предложени во кандидатските листи на политичките партии. Значи, потребно е да се направаат такви измени во изборната правна регулатива кои на граѓаните и на гласачите би им овозможувале активно, ефикасно, мотивирано и продуктивно вклучување во изборниот процес. Тоа многу повеќе би ги мотивирало да излезат на гласање. Извесно е дека таквиот модел би сменил многу нешта во позитивна смисла во државава.

Пропорционалниот модел со отворени листи претпоставува, освен гласање за листата, гласачот да може, по сопствено убедување, да ги заокружува и тие имиња на кандидатите кои се во листата и за кои е убеден дека треба да се поддржуваат (еден, двајца, тројца, или толку колку што тој е на мислење дека заслужуваат поддршка). По завршувањето на гласањето ибирачките одбори, пред сеж ќе треба да ги избројат гласовите што ги има добиено секоја од политичките партии, а потоа би пристапиле кон пребројување на гласовите што ги има добиено посебно секој од кандидатите во листата. На крајот, избирачките комисии, врз основа на пресметувањето на добиените гласови за секој од кандидатите што се наоѓаат во избирачките листи, би вршеле ново рангирање, во кое како прв би се рангирал оној кандидат кој би имал добиено најмногу гласови, а како последен тој што би имал добиено најмалку гласови.

За разлика од пропорционалниот модел со затворени листи во кој   гласачот не може ништо да смени во листата, туку е приморан да дејствува врз принципот - земи или остави, кај отворените листи гласачите можат да составуваат свое рангирање. Со заокружувањето на одреден број кандидати во листата гласачите директно би придонесувале за соодветно, ново рангирање по одбројувањето на гласовите од надлежните изборни комисии. Значи, практично тука имаме ново рангирање на кандидатите во предложените партиски листи кое го праваат самите граѓани-гласачи  наместо партиските бирократски елити во водствата на политичките партии. Имено, гласачите, со поддржување или со неподдржување на одредени кандидати самите би вршеле ново рангирање соодветно на тоа колку гласа поединечно има добиено секој од кандидатите во отворената листа.

 

Причини зошто преферираме отворени листи

  • Пропорционалниот модел со отворени листи многу повеќе би ги мотивирал граѓаните да излезат на гласање, поаѓајќи од фактот дека им се дава таква привилегија и можност да одлучуваат за рангирањето на предложените кандидати. Тоа на изборниот процес би му дало  многу поголем легитимитет и политички кредибилитет;
  • Дадениот глас  од секој гласач поединечно би бил ефектуиран во полза на кандидатите кои се познати и докажани во јавноста по добрите резултати, по својата професионалност и одговорност, а пред с# по препознатливата доза на идеали. Исто така тоа позитивно би се рефлектирало и врз тоа што секој од кандидатите кој би се здобил со мандат многу повеќе би внимавал да ги исполни ветувањата дадени пред граѓаните, свесен за тоа дека ако ветувањата не се реализираат тоа видно ќе ги намали неговите шанси за повторно кандидирање во наредните избори;
  • отворените листи во голема мера би спречиле во предложените партиски листи меѓу највисокорангираните да бидаат оние кандидати кои немаат потребен морален кредибилитет и посебни заслуги. Многу повеќе би дошле до израз луѓето со поголем морален кредибилитет, со посебни залагањ, но и со потребна професионалност и подготвеност. Помалку би имале шанси оние кандидати зад кои нема резултати, ама има негативни афери или нелегални дејствија, а кои вешто знаат да се затскријат  зад  партиските листи;
  • со воведувањето на отворените листи политичките партии многу повеќе би настојувале да составуваат такви листи на кандидати во кои најмногу би дошла на израз популарноста на лицата-кандидати. Политичките партии, поттикнати од силната конкуренција, веројатно за кандидати во своите листи би ги ставале граѓаните кои меѓу народот се претпознатливи по конкретни резултати. Со тоа видно би се подобрил квалитетот на изабраните пратеници, а би зајакнала и улогата на парламентот како многу важна институција на граѓаните и на државата;
  • со отворените листи би се намалила можноста политичките партии да истакнат кандидатури на лица кои немаат потребна подршка кај граѓаните, но кои во изминатиот период на различни начини знаеле како да се наметнат во изборните листи;
  • отворените изборни листи во голема мера би ја намалиле можноста одредени лица кои се покажаа имуни на принципот на владеење на правото да можат и понатаму да останат недопирливи за правосудните органи;
  • отворените листи индиректно би влијаеле и во реформирањето на политичките партии со тоа што незаслужните лидери слабо би поминале како личност, а со тоа нивната позиција видно би била деградирана;  со тоа би се отворила можност за внатрешнопартиски кадровски промени и за реформи во политичките партии;
  • отворените листи би ги натерале лидерите на политичките партии да бидат многу поодговорни и повнимателни во работата и во однесувањето, а со тоа и свесни дека за време на изборите многу лесно може да се случи од прворангирани во листата на кандидати да се пласираат многу подолу, со што би го загубиле моралниот кредибилитет и понатаму да бидат лидери на политичките партии;

Нашата досегашна изборна практика покажува дека постојниот чисто пропрционален изборен модел со затворени листи не само што ги штити лидерите на политичките партии, дури  и тогаш кога не покажуваат добри резултати, туку дури и тогаш кога има индикации дека зад нив стојат сериозни афери за тешки злоупотреби.  Поаѓајќи од фактот дека тие лидери се наоѓаат на врвот на хиерархијата на една политичка партија сосема е возможно истите да бидат високо рангирани во предложените партиски листи. Тие немаат поголем проблем при услови на затворени листи. Затворените листи исто така ги заштитуваат и тие кандидати кои на разновиден начин се наметнуваат блиску до прворангираните во партиските листи, често пати елиминирајќи ги чесните, одговорните и професионалните кадри (кои по својата  природа не се многу наклонети кон наметнување).

Досегашната практика покажува дека моделот со затворени листи им овозможува заштита и на одделни лидери и на луѓето околу нив (чии имиња најчесто се поврзуваат  за финансиски афери), за да останаат имуни во однос на непочитувањето на законите. Тие речиси секогаш се здобиваат со пратенички мандат и имунитет кој ги штити од одговорност пред законот. На тој начин сметката за нивните  злоупотреби обично ја плаќаат само граѓаните и државата. При услови на изборниот модел со затворени листи исто така страдаат и пониско рангираните кандидати кои немаат никаква вина за однесувањето и за злоупотребите на тие што се на врвот од листата.

Од сето погоре кажано произлегува и нашата констатција дека пропорционалниот изборен модел со затворени листи, при наши услови, директно иж  наштетува не само на демократијата, туку и на правната држава и на принципот на владеењето на правото. Отворените листи многу би придонеле во насока на внатрешното демократизирање на политичките партии, но и на општеството како целина. Отворените листи би овозможиле внатрешна природна селекција, а со тоа практично и најзаслужните граѓани би добиле своја шанса и подршка. Со тоа не само што избраниците на народот би се здобиле со поголем легитимитет и кредибилитет, туку, по својата логика, тоа би се одразило и врз зајакнувањето на улогата и влијанието на граѓаните во институциите на власта. Сето тоа позитивно би се рефлектирало и врз повеќето други сегменти на општеството, како што е развојот на демократијата, зголемувањето на капацитетот на институциите на системот, економскиот развој, социјалната заштита, вледеењето на правото, намалувањето на организираниот криминал,  корупцијата итн.

Сметам дека е многу важно координирано да се пристапи со ваквата иновација во изборниот процес.. Тој сигурно би променил многу нешта во државава во позитивна смисла, особено на полето на функционалноста, ефикасноста, професионалноста, но и кај одговорноста на иинституциите на власта и на државата, како и на другите јавни служби. Не држат констатациите дека со воведувањето на отворените листи политичките партии би ослабеле, а би зајакнеле поединци. бидејќи отворените листи детерминираат внатрепартиска конкуренција меѓу предложените кандидати и не дозволуваат да доминираат оние поединци кои имаат голема финансиска моќ.

Мислам дека воопшто нема да биде тешко политичките партии самите да можат да ги дефинираат внатрепартиските правила на играта.

 

Прашања за дискусија

1.      Кои се можните слабости на пропорционалниот модел со отворени листи?

2.      Кој од сите изборни модели и подмодели најсоодветно одговараат на нашите уставни определби?

3.       Зошто поголемите политицчки партии имаат негативен став кон отворените листи?

Можат ли отворените листи да влијаат во намалувањето на организираниот криминал во државата?

 

 


[1] Анета Јоневска, некои аспекти на изборниот систем на Македонија, во Дијалог, бр. 10, 1995, стр. 79-88.

[2] За време на локалните избори во 2000 година се случија сериозни инциденти кои беа организирани и спонзорирани од одделни политички партии што тогаш беа на власт. Во тие инциденти дури имаше ранети и загинати граѓани.

[3] За предностите и недостатоците на едниот и другиот изборен модел, види Ѓорѓи Цаца, Уставните и законските основи на зиборниот систем во Република Македонија и нивното остварување, Дијалог, бр. 7, 1994, стр. 12.

[4] Неколку години по усвојувањето на Рамковниот договор, беше направен одреден напредок во меѓуетничките односи, но во последно време и овај сегмент сериозно е разнишено. За жал повторно е загубена тешко стекната доверба. Сега состојбите во културата, образованието, медиумите, функционирањето на институциите, економијата и во многу други области е рамно на оптшт колапс.

[5] За штетните последици од тоталната партизација на државата и на нејзините институции, види Божидар Јакшиќ, Изборите и фашизација на општеството, Дијалог бр.6, 1994, стр. 59-62.