Македонски Shqip English

Маргарита Цаца Николовска

Заштита на правата од работен однос пред европскиот суд за човекови права, од процедурален аспект

Европската Конвенција за заштита на човековите  права и основните слободи (во понатамошниот текст Конвенцијата) е особено важен меѓународно-правен документ и инструмент од повеќе аспекти, почнувајки од времето на нејзиното креирање, преку целта на нејзиното креирање, прифаќањето на принципот на владеење на правото и почитувањето на основните човекови права и слободи  над сите лица, а  не само над своите граѓани, па до нејзината содржина, дадената можност  и на  индивидуалецот и на државите да им поднесува тужби против држави- потписнички  на Конвенцијата за утврдување евентуална повреда на човековите права и слободи предвидени во Конвенцијата,  па сеж до обезбедубање ефикасен судски систем  и обврзувачката сила  на  неговите одлуки.

Конвецијата, заедно со придружните Протоколи, наметнувајки им обврски на државите, имаат својство на правни норми во јавното право и тие се европски устав  на полето на човековите права.

Конвенцијата е усвоена на 4.11.1950 год., стапува во сила на 3.9.1953 год., а  Република Македонија  ја   има, во собраниска процедура, ратификувано и стапува во сила на 17.4.1997 год. Од овој момент Конвенцијата станува извор на право и во Македонскиот правен систем. Зошто и како,  беа најчесто поставуваните прашања како во практиката, така и во теоријата. На почетокот, веднаш по ратификацијата, постоеше отпор кон прифаќањето на ваквиот приод. Денеска, на задоволство на повеќето, ваквиот пристап се менува кон позитивно.

Наједноставниот, а за мене најприфатливиот начин на објаснување е преку преземената обврска на државата кога ја ратификувала Конвенцијата. Согласно со чл.1 од Конвенцијата и Република Македонија презема обврска во рамки на својата јурисдикција на секого да му ги обезбеди правата и слободите што се дефинирани во истата. Дефинирањето на правата и на слободите во Конвенцијата првенствено претставува текстуално и таксативно презентирање на истите во една рамка. Начинот на овозможување на овие права и слободи е всушност реализирање на истите, а тоа се огледа во постојната обилна судска практика. Иако е оставено на државата да го одбере начинот на овозможување и на реализирање на правата, слободите и забраните, истата не може тоа да го прави спротивно на толкувањето на Конвенцијата  и таа не може  фактички сама да ја толкува Конвенцијата. Надлежност на Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст Судот), основан со Конвенцијата, е  истата да ја интерпретира и да ја применува (член 32) во меѓудржавните (член 33) и во индувидуалните предмети (член 34), како и да одговара на барањата од Комитетот на министри за интерпретацијата на пресудите (член 46) и на  барањето за советодавни мислења (член 47). Остварувањето на овие дејствија фактички го презентираат начинот на суштинското толкување и на применувањето на Конвенцијата. Следејќи ја и применувајќи ја судската практика се врши и имплеменирање на Конвенцијата, кое може да биде директно-Конвенцијата да биде национално-правна норма  и индиректно-имплементирање на конвенциското право (судската практика) во обавувањето на легислативната функција. Директниот начин најчесто се применува  во постапувањето по националните судски предмети, а индиректниот, во создавањето на  законските прописи во поширока смисла на  значењето на овој термин. Најново, воспоставениот принцип на супсидиарност –„рес интерпретата”- укажува на можноста да се користат и предмети во кои Судот постапувал, а кои  се однесуваат за друга држава, ако даденото образложение во одлуката на Судот може да се користи за овозможување и за заштита на човековите права и слободи.

Да се детектира кои права и кои слободи се предвидени во Конвенцијата и во нејзините Протоколи на прв поглед се смета дека не претставува проблем. Истите може да се  третираат  како загарантирани права и слободи или како забрани кои поименично се наведени:

·         Право на живот -член 2;

·         Право на слобода и безбедност-член 5;

·         Право на фер судење-член 6;

·         Право на почитување на приватниот и на фамилијарниот живот-член 8;

·         Право  на брак и на основање фамилија-член 12;

·         Право на ефективно  правно средство-член 13;

·         Право на мирно уживање сопственост-член 1 од Протокол бр.1;

·         Право на образование-член 2 од Протокол бр.1;

·         Право на слободни избори-член 3 од Протокол бр.1;

·         Право на процедурална заштита за протерување странци-член 1 од Протокол бр.7;

·         Право на жалба во кривични предмети-член 2 од Протокол бр.7;

·         Право на компензација за неправедно осудување -член 3 од Протокол бр.7;

·         Право да не биде осуден или суден два пати за исто дело-член 4 од Протокол бр.7;

·         Право на еднаквост меѓу сопрузите-член 5 од Протокол бр.7;

·         Слобода на мисла, совест и религија-член 9;

·         Слобода на изразување-член 10;

·         Слобода на собирање и здружување-член 11;

·         Слобода на движење  и слобода на избор на место за живеење-член 2 од Протокол бр.4;

·         Забрана на тортура-член 3;

·         Забрана на ропство и принудна работа-член 4;

·         Забрана на дискриминација-член 14 и член 1 од Протокол бр.12;

·         Забрана за злоупотреба на правата -член 17.

Како што може да се види од погоренаведените права и слободи,  правото на  работа, односно на засновање работен однос не е опфатено во рамки на Конвенцијата и на нејзините протоколи, што значи дека не се гарантира неговото постоење како такво, но може да се констатира  дека нема ни забрана за неговата заштита, ако е востановено .

Ако правата, слободите и забраните што произлегуваат  од засновањето на работниот однос или се врзани за постојниот работен однос се идентификуваат во  рамки на Конвенцијата, тогаш би можеле да кажеме дека е отстранета првата бариера за постапување на Судот.

Одговор на прашањето што би влегло во обемот на компатибилноста на Конвенцијата и на нејзините протоколи со  проблематичното право, слобода или забрана  е основно и првенствено дејствие што треба да се разреши, а тоа во никој случај  не е едноставно. Во понатамошниот текст ќе се презентираат одредени наоѓања на Судот со цел да се направи  кратка презентација на релевантни ситуации.

Применливоста на Конвенцијата со нејзините протоколи  на полето на правата, слободите и забраните од работните односи не се однесува само за сферата во јавното право, туку и за односите  помеѓу приватни лица.

Во контекст на вработувањето, судската практика јасно укажува дека националните власти не се ослободени од обврската да ја игнорираат Конвенцијата  само заради околностите дека рестриктивните мерки се преземени од приватни лица, од приватен  работодавач, а не од јавната власт. Потребна е правна рамка која адекватно ќе ги штити   конвенциските права, па кога се разгледува  предметот домашните судови се во обврска да ги штитат индивидуалните конвенциски права.

Фактот дека тужителите биле отпуштени од работа од приватна компанија не бил пречка  да се постапува по предметот.

Интервенцијата на државата во одреденото право, слобода или забрана се третира преку нејзиното дејствување или пропуштање да дејствува во дадена ситуација.

По расчистувањето на прашањето дека Конвенцијата и нејзините протоколите  се применливи  не само  во сферата на јавното право, туку и пошироко, се наметнува прашањето во кои ситуации може одреден член  од наведените меѓуародни инструменти да се подведе кон направената интервенција?  Евентуелната повреда од доменот на работниот однос е резултат на  направената интервенција  од страна  на државата и откако таа ќе се  дефинира,   се утврдува дали  и кој член од погоренаведените инструменти  треба да се третира .

Член 2 - правото на живот, наметнува две обврски на државата. Првата е да обезбеди сигурност за сечиј живот, со одредени околности лимитирани со закон и да преземе разумни мерки за заштита на живот. Во овој контекст, при заштитата на живот при работен однос, треба да се третира  и да се утврдува каква била интервенцијата на државата во ситуација кога губењето на животот на индивидуата е резултат на активности од работниот однос .

Член 3-забрана од тортура, нечовечко и деградирачко однесување и казнување, секако дека  се однесува и за ситуаци на полето на работните односи,  ако се утврди дека во интервенцијата на забраната на трите дефинирани различни по интензитет категории  државата учествувала  преку своите органи, вклучувајќи ги и вработените во истите, или пак ако не спровела ефикасна и ефективна истрага за да се утври кој го сторил делото и сторителот да го казни, а оштетениот да го обештети. Државата има обврска да не дозволи наведените забрани да се случуваат и сторителите да не се казнуваат.

Член 4, кој се однесува на забраната на ропство и принудна работа,   повеќе од јасно е дека  се однесува и на ситуации поврзани за  извршување на активности  од работните односи. Ропството е одвоено од принудната работа.Тоа повеќе се однесува на статусот на индивидуите и на условите на живот, а прашањата за присилна и за принудна работа се прашања кои развиваат поширок концепт на работа што е поврзан за заканата или за казнувањето. Заради ова, во член 4, став 2 таксативно се наброени ситуациите што не се сметаат за принудна и за задолжителна работа. Во таа категорија на работа се бројува работата што се бара од притворениците додека се во притвор, согласно со член 5 од Конвенцијата кој бара исполнување на други услови или работа за време на условниот отпуст од притвор. Ограничувањата од точка б од чл. 4, ст. 3 се поврзани за  задолжителното служење на воениот рок, а тоа не кореспондира со нашиот систем. Во корпусот непринудна и незадолжителна работа влегува секоја служба која е наложена во случај на вонредна ситуација или на неред кој ги загрозува  животот и благосостојбата на заедницата, како и секоја  работа или служба која е составен дел од вообичаените граѓански должности.

Судот, постапувајќи по предмети во врска со член 4, став 2 секогаш ги има предвид Конвенциите на Меѓународната трудова организација. Во конвенцијата број 105 се утврдени пет категории на принудна работа:

1.      политичка принуда или едукација, или како казна за имање свое мислиње или изнесување свои политички погледи и идеолошки мислења кои се спротивни  на етаблираниот политички, социјален или економски систем;

2.      мобилизирање и употреба на работата за цели на економскиот развој;

3.      работна дисциплина;

4.      казнување заради  учество  во штрајк;

5.      расна, социјална или религиозна дискриминација.

Имајќи ги предвид наведениве  категории Судот утврдил дека обврската за пружање правна помош не претставува повреда на чл.4, ст.2.

Ист таков став заземал и  во врска со обврската на младите адвокати да пружаат бесплатно правно застапување за сиромашни обвинети.

Потребно е да се напомене дека Судот во одлучувањето по предметите користи и други меѓународни документи  кои се релевантни за настанот и за дадената ситуација.

Член 6 од Конвенцијата веројатно е најповикуваниот член за испитување на направената интервенција во областа на судските постапки. Ова особено затоа што предмет на разгледување се  процедуралните аспекти  на правото на фер  судење  во кривичноправната, граѓанско правната и административноправната област. Со оглед дека правата што произлегуваат од работните односи често се предмет во националните судски постапки, не е тешко да се заклучи дека  интервенцијата од државата, која е одговорна за обезбедување на доброто функционирање на судскиот систем, е предмет на испитување пред Европскиот суд за човекови права. Во оваа постапка се испитуваат сите елементи на правичното  постапување, имајки ја предвид Судската констатација за неговото значајно место во демократското општество и околноста дека секое негово евентуално рестриктивно толкување не може да се оправда.

Пред  започнување на процесот на испитување на гаранциите на правично судење од член 6 Судот се впушта  во утврдување на околностите дали барањата на  жалителот влегуваат во полето на примената  на овој член. Утврдувањето на гаранциите резултира од широкото толкување на текстот од член 6. Сите гаранции не се таксативно наброени во текстот, но затоа автентичното толкување на Конвецијата, кое го прави само  Судот, овозможува да се утврди долга листа на истите.

Без посебно и детално елаборирање на таа листа,  како основни гаранции може да се сметаат: правото на пристап до суд со право на правично сослушување, правото на сослушување во присуство на странките ,правото на ефективно сослушување во контрадиктирна постапка со право на еднаквост на оружјето. Понатаму, следи правото на јавен претрес и јавно изрекување на пресудата, како и правото на судење во разумен рок.

Прашањата поврзани со начинот на изведување на доказите исто така  се поврзани и со  гаранцијата на правото на правично судење.

Сите овие права се беспредметни ако не се овозможи и правото на независен и  непристрасен суд воспоставен со закон, а сето ова пак, во суштина, значи  дека постои голема судска практика  од која може да се црпат  многу релевантни сознанија.

Независноста на судот се цени преку начинот на избор на судии ,а непристрасноста  преку примената на субјективниот  и на објективниот тест во работата на  судиите во дадена ситуација.

Гаранциите предвидени во чл.6, ст. 2 - презумција на невиност - се однесуваат само за кривичните постапки,  што не значи дека оваа гаранција не може да се доведе во врска со евентуални постапки поврзани за наводно сторени дела кои се во врска со работниот процес.

Гаранциите предвидени во чл.6, ст.3 по правило се однесуваат за кривичните предмети, меѓутоа како генерални принципи на правичното судење се применуваат и во други судски постапки, во зависнот од посебните околности на случајот.

Прашањата поврзани со чл.8 - правото на приватност, па и на фамилијарен живот, можат да се поврзат за одредени права од работен однос. Ова особено затоа што приватноста се поврзува и се протега и на работното место. Во одговорот на прашањето  што претставува дом Судот го проширува концептот и утврдува дека дом не претставува само местото во кое некој имал намера да живее или  веке живее, туку дека овој термин  ги опфака и бизнис-објектите. Не е редок случајот работниот процес да се одвива и во просторот во кој се живее или, како што утврдил Судот, и преку активности поврзани за професијата или со активност што претставува профитна дејност.  Во фазата на  испитување на интервенцијата во правата од  работен однос кои се поврзани за приватноста, се применува тест  со кој се добива сознание дали таа била во согласност со закон, дали интервенцијата била за причините наведени во ст.2 од  чл.8 (од интерес за националната безбедност, јавната сигурност, или за економска благосостојба во земјата,  за спречување немири или извршување кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата  и слободите на другите) и дали таквата интервенција била потребна во демокртско општество?

Слободата на уверување, совест  и религија од чл.9 од Конвенцијата  се протега и на односите на работното место. Мислам дека основано би можело да се постави прашањето дали договорените права и обврски во контекст на вработувањето можат да влијаат, и ако влијаат, како тоа се рефлектира на горенаведените слободи? Одговорот за евентуалното влијание е позитивен, а карактерот на влијанието се испитува од аспект на однесувањето на тоа поле. Во поглед на овие права рестрикциите се однесуваат само на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.

Слична е состојбата и кај правата од член 10 од Конвенцијата согласно со кои секој има право на слобода на изразување. Во ова право се инкорпорирани и слободата на сопствено мислење, како и примањето и пренесувањето информации или идеи, што пак укажува дека се допира и сферата на медијумите. Во полето на медиумите се испреплетуваат разни видови односи во кои значајно место има вработувањето и со тоа и правата и обвските што произлегуваат од  тие работни односи. Кога се споменуваат работните односи треба да се напомене дека не станува збор само за работни односи од сферата на медиумите, туку дека тие права  и обврски се протегаат  и на работни односи  од други сфери.

Во постапувањето по ваквите предмети Судот ги применува истите правила на испитување на интервенцијата како кај член 8 од Конвенцијата. Предвидените рестрикции на овие права, наведени во вториот став од член 10, тоа и го бараат, и во нивната примена се имаат предвид  и преземаните обврски на жалителите, а овие обврски можат да бидат третирани и како дел од карактерот на работната функција (наставен кадар и наставна програма; во функција на модератор истиот ја користи таа дадена можност со зборување да ја напаѓа репутацијата на својот претпоставен; државните службеници и лимитираната можност  за одредена политичка активност сл.)

Листата на рестрикции на овие права е поопширна. Во неа се инкорпорира интересот на националната безбедност, територионалниот интегритет или јавната сигурност, заштитата од немири или од кривично дело, заштитата на здравјето или моралот,  репутацијата или правата на други, заштитата од откривање доверливи  информации или за одржување на авторитетот  и непристрасноста на правосудството. Во исто време треба да се констатира дека остварувањето на овие права носи и одговорност и дека тие права можат да подлежат на формалности и услови.

Возможно е да постојат и други рестрикции на конвенциските права и истите да бидат внесени во договорот за вработување. Судската практика укажува  дека рестрикциите треба да  се третирани од аспект на чл.10, ст.2 од Конвенцијата, но  и дека во одредени околности домашните судови имаат обврска да ги заштитат индивидуите од неразумните рестрикции над конвенциските права и покрај тоа што рестрикциите биле договорени помеѓу странките и биле дел од   договорот  склучен со работодавачот.

Правото да формира и да се здружува во синдикални   организации, како и правото да не се приклучува кон таквите организации, правото на синдикални активности, на склучување колективни договори и на здружување во друг вид организации се третираат согласно со член 11 од Конвенцијата. Рестрикциите на овие права се таксативно наброени во член 11, став 2  и во одреден дел се исти како  и во член 8, 9 и 10. Тие се третираат согласно со веќе наведените тестови -дали интервенцијата  е законита и дали истата е неопходна во едно демократско општество, кои се целите што се сакало да се постигнат со таа интервенција и дали истите се во согласност со конвенциското право? Потребно е да се потенцира дека  на  правата што произлегуваат од чл 11 од Конвенцијата може да им се постави одредено законско ограничување на припадниците на вооружените сили, на полицијата или на државната  админстрација, но и тоа ограничување треба да задоволи одредени критериуми, односно да не биде арбитрерно.

Примената на наведените тестови и прифаќањето на наведените рестрикции бара сеопфатна стручна и аргументирана оценка,   а  примери за таква може да се најдат во судската практика која во тој домен е огромна. Од  големо значење е нејзиното познавање, уште повеке што сега и националните судови се во обврска, преку примена на  супсидиарниот принцип,  да вршат ,,рес интерпретата‘‘ на  таа практика во домашните  постапки (протокол бр. 14- ратификуван од Р.Македонија, Интерлакен декларација).

Забраната за дискриминација (чл.14 од Конвенцијата и нејзиниот  Протокол  бр.12) е блиску поврзано со проблемите од работните односи. Со ратификацијата на Протоколот бр.12 од страна на Република Македонија просторот за забраната на дискриминација е проширен. Додека со чл.14 се третираше  дискриминацијата само преку правата од Конвенцијата, со Протоколот бр.12 е забранета дискриминација во уживањето на сите права што се со закон предвидени.Ова укажува дека  значајно е проширен просторот за поднесување  жалба пред Европскиот  суд  за евентуална дискриминација на правата од работните односи.

 Прашањето  за мобинг, кој според националното законодавство е именуван како дискриминација, според моето мислење нема да има пречки да се разгледува и пред меѓународниот суд.

Само за појаснување: ако прашањето на дискриминација се третира според чл.14 не е потребно да се утврдува повреда на правото од Конвенцијата. Тестот за применливост на чл.14 е со цел да се утврди дали фактите од предметот се однесуваат за едно или за повеќе права предвидени во Конвенцијата.

Во презентирањето на правата од работен однос, кои можат да бидат предмет на разгледување пред судот во Стразбур, значајно место зазема и правото на непречено уживање на сопственоста. Во контект на ова прашање не станува збор за право на стекнување сопственост, туку само за заштита на стекнатата сопсвеност. Потребно е веднаш да се напомене дека концептот на сопственост не е ист со националниот концепт. Имено, преку примена на принципот на автономното толкување Судот утврдува широка лепеза на предметот на сопсвеност. Разликата не се состои само во делот на движната и недвината сопсвеност, туку таа е многу посуштествена.

Имотот термин кој одговара на поимот сопственост може да се однесува вклучително и на побарувањата за кои жалителот може да тврди дека  има “легитимно очекување”  да се стекне со ефективно уживање на имотните права. Под поимот сопственост се подразбираат разни побарувања  мегу кои и побарувањата од долг или  од друг вид побарувања   од работен однос. Во рамки на сотсвеноста влегува и реституцијата на имотот од конфискација или од национализација, идната добивка, акциите во трговски друштва, деловните односи  и нивните клиенти - кога се работи за правни лица кои имаат одредена вредност, но и дозволата за извршување  деловна активност, профитот од обавувањето на деловните активности, придонесите од работни односи, интелектуалната сопственост  и слични други институти кои влегуваат под поимот сопственост. Во поглед на овие права Судот укажува дека позитивните обврски на државата”’ не се само да не се меша во ова право, туку и да бара позитивни мерки за неговата заштита, особено кога  постои директна врска мегу мерките кои жалителот може легитимно да ги очекува од властите и неговото ефективно уживање на имотот.

На крај од презентацијата на правата, слободите и забраните предвидени во Конвенцијата, а кои  може да се однесуваат и на правата што произлегуваат од работен однос,  секако дека треба да се спомне правото од чл.13 од Конвенцијата. Ова право предвидува обврска на државата во случај на повреда на правата, слободите и забраните од Конвенцијата за секого да обезбеди ефективен правен лек пред националните органи, дури и тогаш кога таа повреда е сторена од лице при вршење на службена должност. Ефективноста на правниот лек бара тој  да биде ефективен како во практиката, така и во правото, или неговата моќ да биде таква да  ја спречи наведената повреда или нејзиното продолжување, како и да обезбеди адекватна сатисфакција за секоја повреда која веќе настанала.

Европската конвенција за човекови права е правен инструмент со  посебен надзорен орган воспоставен преку основање на Европскиот суд за човекови права со цел да се обезбеди почитување на обврските од Конвенцијата и нејзините протоколи преземени од државите - потписнички на Конвенцијата.

Надлежноста и постапката пред Судот е разработена во вториот дел од Конвенцијата и во Протоколот бр.14, како и во Деловникот за работа на Судот.Судот постапува по меѓудржавни (чл.33) и по индивидуални (чл.34)  барања. Меѓудржавните предмети се однесуваат на евентуална повреда сторена од држава - потписничка на Конвенцијата и на Протоколите  од граѓани на друга држава. Индивидуалните жалби можат да ги поднесат поединци, физички и правни лица, невладини организации и група лица,  доколку сметаат дека се жртви на повреда на своите права и слободи  признаени со Конвенцијата и со нејзините Протоколи од страна на државата  - договорна страна. Државите не смеат да го оневозможуваат ова право. Тие мораат да се воздржат од каков било притисок врз жалителите, не само за поднесувањето на жалбите, туку и за некаква измена во истите или за нивно повлекување. Забраната на притисоците се однесува и за лица -  членови на семејствата на жалителите.

Постапувањето на Судот по предметите се остварува преку следниве формации: судија - поединец, комитети составени од тројца (3) судии, совети составени од седум (7) судии и Големиот совет составен од седумнаесет (17) судии.

Надлежноста на судијата - поединец (чл.27) е да може  да донесе одлука за неприфатливост, или предметот да го симне од листата на предмети кога жалбата е поднесена согласно со чл. 34, а тоа значи дека се работи за индивидуална жалба, кога такво решение може да се донесе без понатамошно разгледување, а не ги исолнува условите за допуштеност.  Вака донесеното решение е конечно. Условите за допуштеност и за симнување од листата  на предмети ќе се презентираат дополнително.

Воколку судијата - поединец не донесе одлука за недопуштеност или не го симне предметот од листата, тогаш предметот го препраќа до формацијата Комитет или до Советот  на натамошно постапување.

Комитетот од тројца судии (чл28)  може да го прогласи предметот за недопуштен или да го симне од листата само ако сите тројца судии гласаат за таквата одлука. Ваквиот состав на судии може да донесе одлука за допуштеност и во исто време да донесе пресуда само во случај кога по предметот  може да се постапува согласно со веќе добро етаблираната судска практика.

Советот од седум судии постапува во случаите кога нема одлука од судијата - поединец или од Комитетот. Тој одлучува за допуштеноста и за суштината на  барањето.

Големиот совет одлучува по барања поднесени врз основа на член 33 и член 34, погоренаведени, во случај кога е пренесена надлежноста на Големиот совет или кога барањето е поднесено во врска со веќе донесената пресуда. Исто така тој одлучува и по барањето на Комитетот на министри во врска со прашањата поврзани за извршувањето на конечна пресуда, како и по нивно барање за советодавно мислење.

Поднесените барања до Европскиот суд за човекови права пред сеж мора да бидат во согласност со презентираниве одредени  услови:

1.      Да бидат исцрпени домашните правни средства;

2.      Жалбата да биде доставена во рок од 6 месеци од донесувањето на конечната одлука;

3.      Жалбата да не биде поднесена анонимно;

4.      Барањето да не било веќе порано  разгледувано од Судот или да било поднесено и до друга меѓународна или судска инстанца  и да не содржи нова релевантна информација;

5.      Наводите во жалбата да се  во согласност со одредбите од Конвенцијата и од Протоколите;

6.      Со жалбата да не се злоупотребува правото на индивидуална жалба;

7.      Очигледна неоснованост;

8.      Жалителот да не претрпел значителна штета под два додатни услови:

кога почитувањето на човековите права од Конвенцијата  и од Протоколите бараат испитување на основаноста на жалбата и подуслов ниту еден случај да не може да биде отфрлен врз оваа основа доколку не е доволно испитан од страна на националните судови.

Воколку некои од овие услови не се исполнети Судот во секое време е овластен да ја отфрли жалбата како недопуштена.

Погоренаведената листа на услови бара суштинско, односно длабоко елаборирање и презентирање во судската практика. Ова нешто во овој напис не може да се оствари, па затоа ќе презентирам дел од поважните елементи кои сметам дека се релевантни за повеќе случаи.

Прашањето за користење на домашните правни средства се третира од аспект на можноста  националните власти, судовите да ја спречат и да ја коригираат наводната повреда. Тука првенствено се гледа да се примени принципот на супсидијарност. По правило тоа се  редовните правни лекови  кои треба да бидат исцрпени, но може да се бара да се исцрпат и одредени вонредни правни лекови како би се постигнала целта на горенаведеното правило .

Кога постојат повеке правни средства за остварување на своето право доволно е жалителот да го искористи едното .

Конечноста на одуката  и запазувањето на рокот од 6 месеци  се смета од моментот кога  жалителот дознал за правосилноста на одлуката со која е направена интервенцијата во даденото право. Доколку е поднесен релевантен вонреден правен лек,  рокот  воглавно тече од моментот на добивањето на одлуката по тој правен лек.

Компатибилноста  на жалбата со одребите на Конвенцијата  се третира преку критриумите на: ratione personae -  кој ја извршил интервенцијата?  ratione loci - каде е извршена интервенцијата? ratione temporis - кога е извршена интервенцијата? ratione materiae - во што се состои интервенцијата? како и од толкувањето на општите правила на мегународното право.

Злоупотребата на правото на жалба се третира преку повеке категории како што се: информации кои доведуваат до заблуда, користење навредливи зборови, нечување на доверливоста во постапка за пријателско спогодување...

Очигледната неоснованост се испитува во тек на прелиминарното испитување со што се дава можност  жалбата уште на  почетокот да биде прогласена за недопуштена.

Европскиот суд за човекови права не е суд од четврта инстанца и тој не  го оценува наводот за погрешно утврдена фактичка состојба, освен ако не станува збор за арбитрерно постапување на националниот  суд.

Критериумот за отсуство на значителна штета е нов критериум, но се сметаше за  неопходен за успешното функционирање на Судот. Како што може да се види, постојат два дополнители услови со кои се елиминира можноста само штетата да биде услов. Ако се засега во значајни принципиелни прашања и така да се предизвика значителна штета, постоењето само на матерјалните интереси  не ќе биде од првенствено значење за недопуштеност. Доколку пак предметот не бил доволно испитан пред националните органи,  иако неговата природа не е од битен карактер,  истиот  нема да може да биде тертиан како недопуштен.

Откако предметот ќе биде огласен за допуштен Судот се впушта во испитување на неговата суштина, односно утврдува дали постои повреда на одреденато право, слобода или забрана. Ако Судот утврди дека постои таква повреда, одлучува и за правото на нематеријална или материјална штета, ако барањето било навремено, аргументирано и доставено. Во текот на ова постапување Судот ја спроведува и постапката за пријателско спогодување помегу странките. Судот одлучува дали тоа спогодување е дозволено.

Извршувањето на пресудите е оставено да го направат државите при што тие го избираат начинот на извршувањето, но мониторингот на самото извешување го врши Комитетот на министри кој е орган на Советот на Европа и тој одлучува дали пресудата е извршена.

  

Прашања за дискусија

 

  1. Дали во Република Македонија се врши директна примена на Европската конвенција за човекови права со примена на судската практика од Конвенцијата во судските постапки?
  2. Дали доколку се утврди несогласност на некој закон со Конвенцијата се применува таканареченото конвенциско право?