Македонски Shqip English

Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РМ

Седница на Судски совет на РМ - 30.08.2018

Судскиот совет на Република Македонија (Советот) одржа седница во полн состав со исклучок на Министерот за Правда и Претседателот на Врховниот суд на РМ, на ден 30.08.2018 година и одлучи за следново:

  • Советот донесе решенија за престанок на функцијата на Емилија Буриќ (Прошева) како претседател на Основниот суд во Берово во кој беше избрана во 2015 година и како судија во штипскиот основен суд, на сопствено барање. Причината за нејзиното барање да биде разрешена е промената на местото на живеење односно преселба во странство. Советот едногласно ја разреши судијата Емилија и за вршител на должноста претседател на Основен суд Берово ја назначи судија Ленка Симевска. Со ова разрешување Основниот суд во Берово остана без уште еден судија, а каде и досега имаше проблем со дефицитарност на судии.
  • Советот констатираше престанок на мандат на член на Судскиот совет од редовите на судиите, имено беше утврдено дека на судијата Беќир Шаини му престанува мандатот поради исполнување на законскиот услов старосна пензија. Дополнително, изборот за нов член на Советот ќе се изврши на 05.09.2018 година. Судиите од сите судови во РМ ќе гласаат за 6 кандидати, од почетно пријавените 9, од кои еден се откажал додека двајца од кандидатите не ги исполниле условите. Кандидати за кои ќе се гласа се:

 

  1. Назиф Илијази – судија на Основен суд Тетово – Албанец
  2. Насер Хаџи-Ахметаѓич – судија на Основен суд Скопје I – Бошњак
  3. Сафет Кадрии – судија на Апелационен суд Скопје – Албанец
  4. Сашко Георгиев – судија на Основен суд Штип – Влав
  5. Сулејман Мемети – судија на Основен суд Скопје I – Албанец
  6. Ќенанзија Мехмед – судија на Апелационен суд Скопје – Турчин

 

  • Се донесе одлука за избор на 10 судии-поротници во Основниот судови во Гостивар и двајца во Основниот суд Гевгелија, врз основа на предлог листа на кандидати доставени од претседателите на овие судовите. И покрај новите измени на Законот за судови и критериумите за станување судија поротник, сепак интересот не се зголеми.

 

  • Советот го разгледал Извештајот на членот известител за поднесено Барање за утврдување на одговорност на судија на Основниот суд Охрид и била формирана Комисија, јавноста беше исклучена од седницата по оваа точка од дневниот ред.

 

  • Последно, се донесе Решение за престанок на судиска функција на Надица Андреева, судија на Врховен суд на Република Македонија, поради исполнување на услови за старосна пензија.