Македонски Shqip English

м-р Мимоза Илиеска

Право на животен стандард

 

ВОВЕД

Секој има право на животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба, нему и на неговото семејство, вклучувајќи ја исхраната, облеката, домувањето и лекарската нега и потребната социјална помош, како и правото на осигурување во случај на невработеност, болест, попреченост, вдовство, старост и други случаи на губење на средства за издржување поради околности независни од неговата волја.

 

1.Поим и дефинирање на човековите права

Како резултат на еволуцијата на човековата цел за создавање на хумано и праведно општество, во кое човекот како слободно битие ќе ги остварува своите индивидуални и колективни права, својствени на неговата човекова природа, се појавува и развива идејата и концептот на човековите права и слободи. Развојните цели на идејата за човековите права извираат од моралните права и обврски меѓу луѓето кои живеат во едно општествено уредување, или меѓу луѓето и политичките авторитети, односно институциите на тоа општествено уредување. Се развива до степен да биде сфатена како најопшт систем на вредности, прифатен од најголем број државни уредувања и култури, како цивилизациска придобивка од развојот на религиските, филозофските и правните учења и теории и, воопшто, од развојот на човековата мисла. Денес човековите права својата правна основа и концепт ја имаат во меѓународното право, во форма на пишани правни норми и стандарди, како и релевантни институции кои ја гарантираат и контролираат нивната примена и почитување. Тие се инкорпорирани во националните правни системи на современите држави кои треба да го гарантираат и обезбедуваат нивното почитување во секојдневното живеење на своите граѓани. [1]Поимот човекови права и слободи, како основен концепт и базичен принцип на современото демократско општество, се појавува веднаш по завршувањето на Втората светска војна со формирањето на Организацијата на обединетите нации во 1945 година и со донесувањето на Универзалната декларација за човековите права во 1948 година.[2] „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви според достоинството и правата. Тие се обдарени со разум и свест и треба едни кон други да постапуваат во духот на братството“ [3]

Во Уставот на РМ овие права и слободи се инкорпорирани во делот II Основни слободи и права на човекот и граѓанинот во кој спаѓаат: 1. Граѓанските и политичките слободи и права 2. Економските, социјалните и културните права и 3. Гаранциите на основните слободи и права. Од друга страна, самата држава се обврзува дека, согласно одредбите на меѓународното право и стандарди, во своето практикување на власта ќе гради државни институции кои ќе ја гарантираат имплементацијата и заштитата на основните човекови права и слободи, овозмозможувајќи им на своите граѓани инструменти и механизми преку кои тие ќе ги остваруваат и уживаат овие права и слободи. И самите граѓани, преку форми на здружување и формирање во граѓански здруженија, кои претставуваат основни субјекти на цивилното или граѓанското општество, имаат право и можност да влијаат и да вршат притисок врз државната власт заради остварувањето на основните човекови права и слободи. Постојат повеќе дефинирања на човековите права. Човековите права претставуваат збир на принципи и норми создадени врз основа на признавањето на човековото достоинство како универзална, основна особина на човековата природа, кои имаат за цел обезбедување на нивното почитување во односите меѓу луѓето во општеството и меѓу луѓето и политичките институции во државата, а сè со цел заштита и развој на човековото достоинство, слобода и еднаквост.  „Човековите права претставуваат највисок дострел во развојот на вредносниот систем на човекот. Тие претставуваат збир на хуманата димензија на сите претходни учења (филозофски, религиозни, правни) и мерило на достигнатиот цивилизациски развој на човештвото. Во моментот тие претставуваат најуниверзално (од страна на најголем број култури, теории и држави) прифатен систем на вредности кој е многу повеќе од прост збир на вредности на составните делови и развојните компоненти“[4]

  1. Право на животен стандрард

Правото на животен стандард кој е соодветен на здравјето и благосостојбата за луѓето и за нивните семејства, вклучувајќи храна, облека, живеалиште, здравствена заштита и потребни социјални услуги е основно човеково право. Исполнувањето на ова  право придонесува за запазување на човековото достоинство во права смисла на зборот, а неговото неисполнување е навреда за самото општество. Непочитувањето на правото на животен стандард го води општеството кон една нова состојба, каде владее сиромаштија која води кон опаѓање на самата држава.

Иако сиромаштијата се смета за историска појава,облиците преку кои таа се манифестира
денес,стануваат сё посложени. Оваа сложеност е резултат на многу фактори, вклучително и променливата природа на односи меѓу луѓето, односот меѓу општеството и факторите процесите на производство, и гледиштето на владите и меѓународните институции како
Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и Обединетите нации на различните
димензии на сиромаштијата. Концептот на сиромаштија се развило со текот
на времето. Сиромаштијата, која што порано се сметаше дека е единствено поврзана со приходот, денес се смета за повеќедимензионален концепт којшто произлегува и е тесно поврзан со политиката, географијата, историјата, културата и општествените особености. Во земјите во развој, сиромаштијата е сеприсутна и се карактеризира соглад, недостаток на земја и средства за живот, неефикасни политики на прераспределба, невработеност, неписменост, епидемии, недостаток од здравствени услуги и вода безбедна за консумирање.

Во развиените земји, сиромаштијата се манифестиран облик наопштествена исклученост, зголемена невработеност и ниски примања. И во обата случаи, сиромаштијата постои поради недостатокот од правичност, еднаквост, човекова безбедност и мир.[5]
Сиромаштијата значи оскудица на пристап во светотна изобилни можности. Сиромашните
не се способни да ја изменат својата состојба бидејќи им се ускратени средствата за таква
способност поради недостаток од политичка слобода, неможност да учествуваат во процесите на донесување одлуки, недостаток од лична сигурност, неможност да учествуваат во животот на заедницата и изложеноста на закани за одржлива и меѓугенерациска правичност.[6]

3.Поим и дефинирање на сиромаштијата

Постојат различни дефиниции за сиромаштијата и нејзините појавни манифестации:
Од гледна точка на приходот,сиромаштијата го дефинира лицето како сиромашно
ако, и само ако, нивото на неговите приходи е пониско од дефиниранаталинијана
сиромаштија. Многу земји утврдија линии на сиромаштијата во однос на приходот
за да го следат напредокот во намалување на распространетоста на сиромаштијата.
Пресечната линија на сиромаштија се дефинира од аспект на тоа дали има доволно приход за определено количество храна. Според Извештајот за човеков
развој на УНДП (ИЧР) (UNDP Human Development Report, HDR)од 1997година,
„сиромаштијата значи дека се ускратени можностите и изборот коишто се
најосновни за човековиот развој – да се води долг, здрав, креативен живот и да се
ужива во пристоен стандард на живеење, слобода,достоинство,самопочит и почит
кон другите.“[7]

Индексот за човекова сиромаштија[8] употребува показатели за најосновните димензии на бедата кус живот, недостаток на основно образование инедостаток на пристап до јавни и приватни средства,и со тоа се признава дека човековата сиромаштија е повеќе од сиромаштија на приходи.

3.1.Димензии на сиромаштијата

Појавата на сиромаштијата се сфаќа и искажува различно во зависност од конкретниот економски, општествен, културен и политички контекст. Одејќи чекор напред,
ќе се обидеме сега да ги поврземе зборовите содржани во различни дефиниции за
сиромаштијата (на пр. правда, ранливост, достоинство, сигурност, можности, итн.)
со прашањата од реалниот живот, што би помогнало во објаснувањето на различните
димензии на сиромаштијата.[9]

Скратување пристап до земја, шуми, вода, како на пример, во руралните
области, државните закони за шуми не му дозволува на локалното население да прибира храна и сточна храна, коишто со право им припаѓаат. Во урбаниот контекст, градот
ги сака руралните мигранти за работа, но не презема одговорност да им обезбеди жи-
веалиште, задоволување на здравствените и образовните потреби, туркајќи ги, на тој
начин, подлабоко во состојба на ранливост на пристапот на заедниците и групите до
природните ресурси, коишто се од огромно значење за нивната егзистенција и според
тоа за нивното човеково право да живеат достоинствено.[10]

Ускратување на храна, образование, здрав живот и живеалиште, како на
пример, комерцијализацијата на водата, електричната енергија, училиштата и болничките
услуги ги крева цените на основните услуги вон досегот на сиромашните, принудувајќи
ги даги продаваат нивните оскудни средства и да имаат нечовечна егзистенција, којашто на крајот им го одзема правото да живеат.

3.2.Зошто опстојува сиромаштијата

Владите на северните држави, коишто го контролираат управувањето со светската
економија, се задоволни со толерирањето и одржувањето на трговијата и финансиските
структури коишто го концентрираат богатството во индустријализираниот свет и ги
исклучуваат најсиромашните земји и луѓе да имаат удел во глобалниот просперитет,
што резултира со нееднаквост меѓу народите од Северот и Југот. Многу интересно
е тоа што и во развиените и во земјите во развој постои сё поголем јаз меѓу богатите
Најбогатите 5% од луѓето во светот имаат за 114 пати поголеми приходи во споредба
со оние на најсиромашните 5%. Приходите на 25-те милиони најбогати Американци се еднакви на збирот на приходите на речиси 2 милијарди најсиромашни луѓе во светот.
Денес, четвртина од луѓето во светот живеат во тешка беда и се ограничени на маргините на општеството.[11]

ЗАКЛУЧОК

Правото на животен стандард соодветен на здравјето и благосостојбата за него и за неговото семејство, вклучувајќи храна, облека, живеалиште, здравствена заштита и потребни социјални услуги е загарантирано човеково право. Ова право е потенцирано во Универзалната декларација за човекови права во членот 25. За да може да се оствари ова право потребно е да се развие општествената свест како кај самото општество така и кај секој поединец. Ние имаме морално право и должност да подадеме рака онаму каде тоа е потребно. Тоа не смее да се занемари по никоја цена.

Ке го поставиме прашањето дали можеме да влијаеме на сиромаштијата која во одредени делови од светот зема се поголеми размери? Се разбира дека може да се влијае.

Доколку економско високо-развиените земји во светот како што е на пример САД или најбогатите луѓе се откажат само дел од својот капитал и го пренасочат кон решавање на проблемите на сиромашните населенија, ќе има видливи промени.

Финансирањето на искоренувањето на сиромаштијата би било многу полесно доколку меѓународните институции како Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и владите на земјите од OECD всушност би одлучиле да ги отпишат постоечките долгови за конкретните обврски на владите, со цел да ги канализираат тие финансиски средства кон искоренување на сиромаштијата врз основа на локалните општествени барања. Проценетиот трошок дополнително би се намалил доколку соодветните земји решат да преземат радикални реформи во областа на распределба на богатството и ресурсите и доколку одлучат да дадат приоритет на трошењето за развој, наместо на расходите за одбранаи слично.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

  1. М-р Борис Гудев, „Заштита на човековите права во полициската постапка“, Кочани, Февруари, 2012 година,
  2. Универзална декларација за човекови права, Усвоена и прокламирана од Генералното собрание со резолуција 217 А (III) од 10 декември, 1948 година.
  3. Фрчковски Љубомир,„ Меѓународно право за правата на човекот“,Скопје, 2005.
  4. Прирачник за едукација од областа на човековите права, Разбирање на човековите права, Уредено од Волфганг Бенедек, Европски центар за обука и истражување на човековите права и демократијата,
  5. http://www.healthrights.mk/pdf/Pravnici/Megjunarodni
  6. http://www.focusweb.org/publications/Books/
  7. https://mk.wikipedia.org/wiki/

 

[1] М-р Борис Гудев, „Заштита на човековите права во полициската постапка“, Кочани, Февруари, 2012 година,стр.3.

[2] http://www.healthrights.mk/pdf/Pravnici/Megjunarodni

[3]  Универзална декларација за човекови права, Усвоена и прокламирана од Генералното собрание со резолуција 217 А (III) од 10 декември, 1948 година.

[4] Фрчковски Љубомир,„ Меѓународно право за правата на човекот“,Скопје, стр,14-15, 2005

[5] http://www.focusweb.org/publications/Books/

[6] Прирачник за едукација од областа на човековите права, Разбирање на човековите права, Уредено од Волфганг Бенедек, Европски центар за обука и истражување на човековите права и демократијата, стр.77.

[7] Прирачник за едукација од областа на човековите права, Разбирање на човековите права.

[8] https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A3%D0%9D%D0%94%D0%9F

[9] Прирачник за едукација од областа на човековите права, „Разбирање на човековите права“.

[10] Прирачник за едукација од областа на човековите права, „Разбирање на човековите права“.

 

[11] http://www.focusweb.org/publications/Books/