Македонски Shqip English

д-р Емилија Ѓорѓиоска

Надлежност на судовите во Република Македонија во парнична постапка во прв степен во спорови од индустриска сопственост

 

Вовед

            Република Македонија, како кандидат за членство во Европската Унија, членка на Светската трговска организација и потписничка на Договорот за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост (ТРИПС)[1], се обврза да предвиди ефикасни и ефективни правни мерки и правни средства за спречување на повреди на правата од интелектуална сопственост и правни средства коишто одвраќаат од вршење натамошни повреди. Постапките треба да бидат непристрасни и правични, да не бидат комплицирани и долги, односно да не траат неразумно долго и без необразложени одлагања и задоцнување.

            За да се оправда вложувањето во науката и иновативноста, творештвото мора да биде заштитено од неовластено користење. Истражувањето и развојот создаваат нови производи, нови пронајдоци, достигнувања, па оттука, стопанскиот напредок на секоја држава зависи од состојбата во која се наоѓа технологијата, како и заштитата кој им се нуди. Согласно тоа, државите во современото општество се исправени пред многу важна обврска: како да обезбедат ефикасна и адекватна заштита на правата од индустриска сопственост, да обезбедат мерки и постапки за нивна заштита, а како истите не би сметале во непреченото одвивање на меѓународната трговија. Специјализраноста и стручноста на судовите/судиите, секако е многу битен фактор за обезбедување на ефикасна и ефективна правна заштита на повредените права од индустриска сопственост, особено ако се има предвид дека споровите од индустриска сопственост важат за сложени и комплицирани спорови, каде се потребни пошироки предзнаења и солидни познавања на проблематиката од индустриската сопственост.

Според  член. 41 параграф 5 од ТРИПС Договорот, на државите им се дава можност како опција, без тоа да биде задолжително, да основат специјализирани судови кои ќе работат предмети од областа на интелектуалната сопственост или истите да се решаваат во рамките на специјализирани одделенија или пред специјализирани судии. Во таа насока, државите се слободни да одлучат кои тела или органи ќе бидат надлежни за спорови од интелектуална сопственост.[2]

            Имајќи ја предвид важноста на заштитата на индустриската сопственост, секоја држава заштитата на стекнатите права од индустриска сопственост од секое неовластено користење, располагање, ограничување, имитирање, асоцијација, вознемирување на правата и слично го остварува преку преземање на повеќе мерки кои се во кохезија и се надополнуваат со граѓанско-правната заштита.

Системот на правна заштита на правата од индустриска сопственост освен во казнено-правната и управно-правната заштита ја опфаќа и граѓанско-правната заштита. Во посебен дел на Законот за индустриска сопственост[3] (ЗИС) се содржани одредбите за судска заштитата на повредените права. Законот за парничната постапка[4] и Законот за обезбедување на побарувањата се применуваат како lex generalis, додека пак одредбите од Законот за индустриска сопственост како lex specialis.

 

Надлежни судови во Република Македонија во прв степен

 

  Во компаративното право постојат различни решенија во однос на надлежноста на судовите за спорови од индустриска сопственост. Така се среќаваат специјализирани судови во чија надлежност се единствено споровите од интелектуална сопственост[5], специјализирани апелациони судови само за интелектуална сопственост, специјални оддели од судовите со општа надлежност кои единствено постапуваат во спорови од интелектуална сопственост[6], постојат решенија каде е определено одредени судии од судовите со општа надлежност да постапуваат во ваков вид на спорови, специјализирани трибунали кои се дел од административни агенции и имаат надлежност да одлучуваат за ваков вид на спорови, па се до решенија каде надлежни да постапуваат се трговските судови кои постапуваат и во други трговски спорови итн.[7]

Имајќи ја предвид разноликоста на законските решенија со кои се одредува организационата шема на надлежните судови во споровите од индустриска сопственост, законодавецот на Република Македонија се има одлучено за едно средишно решение, определување на основните судови со проширена надлежност за надлежни да постапуваат по овие спорови во прв степен.  Во интерес на поголемата специјализираност на судовите, стручност и воспоставување практика во постапувањето во споровите од интелектуална сопственост, како поспецифични случаи кои бараат поголеми познавања на регулативата која се однесува на правата од индустриска сопственост и авторските и сродните права, од вкупно 27 основни судови, 12 основни судови се со проширена надлежност на територијата на Република Македонија[8]  и истите се единствено надлежни да постапуваат по ваков вид на спорови.

Комплексноста на материјата за индустриска сопственост, како основна претпоставка за ефективно и ефикасно решавање на споровите, подразбира добро обучени и упатени судии во материјата на индустриската сопственост. Постојат ставови во теоријата дека специјализираните судови носат поефикасни и поефективни пресуди, без поголеми одлагања потребни за проучување на материјата на индустриската сопственост и разрешување на правните прашања. Други бенефити од постоење на специјализирани судови за интелектуална сопственост е пропишувањето на посебна постапка за водење на спорови од интелектуална сопственост која е специјално прилагодена на спецификите и обележјата на овој вид на постапки, поголемата правна сигурност и можноста однапред да се предвиде исходот на спорот, имајќи ја предвид воспоставената практика во постапувањето на судовите, што далекусежно може да се одрази во подобрувањето на заштитата на правата од интелектуална сопственост, зголемување на вложувањата во нив и поголем економски раст и развој.[9] Но, во секој случај дали решението за формирање на посебен-специјализиран суд за спорови од интелектуална сопственост е целисходно зависи од бројот на спорови од оваа проблематика кои се водат, дали доколку биде предвидено водење на спорови пред специјализиран суд истото ќе влијае на пристапот на странките, па со одредување на еден суд ќе се централизира работењето и ќе се отежне пристапот до судската заштита итн.

      Во однос на вкупниот број на предмети за заштита на индустриска сопственост по кои постапувале основните судови во Република Македонија, не постои ажурно водена посебна евиденција за овој вид на спорови, иако во повеќе наврати во меѓународните извештаи каде се оценува напредокот на државата е укажувано на потребата од водење на ваква евиденција. Единствено јавно достапни податоци за бројот на предмети по кои постапувале основните судови со проширена надлежност во споровите од интелектуална сопственост согласно Методологијата за статистичко следење и обработка на податоци за спроведување на правата од интелектуална сопственост се Табелите за основните судови со проширена надлежност, објавени на веб страната на Министерството за правда за 6 месеци во 2013 година за бројот на предмети.[10]  Методологијата за статистичко следење и обработка на податоци за спроведување на правата од интелектуална сопственост, објавена на веб страната на Министерството за правда за 6 месеци во 2013 година за бројот на предмети по кои постапувале основните судови со проширена надлежност и апелационите судови, покажува дека ниту еден суд 6 месеци во 2013 година немал предмет кој се однесува на граѓанско-правна заштита по основ повреда на правата од индустриска сопственост, што секако отстапува од бројот на повреди во реалноста.[11] Но, останува отворено и прашањето дали се добро методолошки дефинирани, бидејќи звучи малку чудно за период од 6 месеци пред 12 основни судови со проширена надлежност да не била поведена ниту една парница за заштитата на права од индустриска сопственост, а покрај толкав број на повреди кои се среќаваат во секојдневието. Треба да се напомене дека бројката на споровите кои се однесуваат на заштитата на правата од индустриска сопственост не е реална и од причина што често застапниците или полномошниците на тужителите како основ на тужбеното барање назначуваат надомест на штета место заштита на права од индустриска сопственост или авторски и сродни права. Како дополнителна причина за непостоењето на предмети за заштита на права од индустриска сопственост може да се наведат и можните грешки направени од страна на судските службеници при внесувањето на основот на спорот во програмата АКМИС. На тој начин се добива бројка на спорови за заштита на индустриска сопственост еднаква на нула во цела година или полугодие во Република Македонија, што секако сметаме дека е големо отстапување од бројот на поведените парници за заштита на овие права.

      На барањето на авторот на трудот до Основниот суд Скопје 2 -Скопје за информации во врска со бројот на водени спорови за заштита на права од индустриска сопственост, а како суд со најголем број на спорови, беше добиен одговор дека согласно Судскиот деловник не постои посебен уписник за овој вид на предмети, како и дека судот не води посебна евиденција за бараните податоци.[12] И покрај обврските за статистичко следење на повредите и покренатите постапки за заштита на правата на интелектуална сопственост, може да се донесе заклучок дека истите не се ажурирани подолг временски период.

      Во однос на прашањето за стручноста и бројот на судиите кои одлучуваат во споровите за заштита на интелектуалната сопственост во основните судови со проширена надлежност, авторот на трудот поднесе барање за информации од јавен карактер до Судскиот совет на Република Македонија, во кое бараше податоци за вкупниот број на судии во основните судови со проширена надлежност и бројот на судии магистри и доктори на науки во овие судови. Согласно добиениот одговор во Република Македонија во моментот на одговорот има 568 судии, а бројот на судии во судовите со проширена надлежност изнесува 192. Во Република Македонија има 18 судии со титула магистер и 1 судија со титула доктор на науки, додека во основните судови со проширена надлежност само 3 судии се со титула магистер на науки и нема судија доктор на науки. [13]  Иако од добиените податоци не може да се извлече заклучок колку од судиите се специјализирани за постапување во спорови од индустриска сопственост, сепак може да се забележи дека е голем бројот на судии кои може да постапуваат во споровите за заштита на индустриска сопственост (иако тука се вклучени и судиите од другите оддели), но, генерално мал е бројот на судии кои имаат стекнато повисоко формално образование.

      Согласно чл.36 ст.5 од ЗПП „Споровите од авторски и сродни права, како и споровите што се однесуваат на заштита или на употреба на правата од индустриска сопственост, или на право на употреба на фирма или назив, споровите од нелојална конкуренција или монополистичко однесување, во прв степен ги суди совет, без оглед на вредноста на предметот на спорот,“[14] што на прв поглед укажува на специфичноста и тежината на правната проблематика при решавањето на овие прашања. Кога во прв степен суди совет, советот е составен од еден судија како претседател на советот и двајца судии поротници. Но прашање е колку судиите поротници имаат стручни познавања на проблематиката за да може да придонесат во донесувањето на законита и правилна одлука.

Постапката за заштита на правата од индустриска сопственост согласно ЗИС пропишано е дека е итна постапка[15]. Но, освен оваа одредба, во законот не се предвидени рокови кои ќе индицираат постапката да се води во временски пократки рокови, туку судовите имаат обврска да ја почитуваат единствено оваа одредба. Но, и покрај тоа, пред се поради сложеноста на споровите, спецификите со кои се одликуваат и нивната тежина, во практиката најчесто се случува овие спорови да траат неоправдано долго, што секако е во спротивност со преземените обврски од ТРИПС договорот.

 

ЗАКЛУЧОК:

      Согласно законската регулатива во интерес на поголемата специјализираност на судовите направена е промена на организациско ниво, така што споровите од правата на индустриска сопственост предвидено е да бидат во надлежност на основните судови со проширена надлежност (вкупно 12 судови на територијата на РМ). Бидејќи станува збор за многу специфична стручна материја, високата обученост на судиите, како претпоставка за квалитетно и ефикасно судење, не е можно да се обезбеди во услови кога постои така широка дисперзија на територијалната надлежност на првостепените судови. Во компаративното право ова е решено на начин што се воведени специјализирани судови или со концентрирање на територијата на надлежните судови од прв степен. Со намалувањето на бројот на надлежни првостепени судови индиректно би се постигнал сличен ефект за специјализација на судиите, кои би имале поголем број на предмети од интелектуална сопственост, па така и нивната обука би била поцелисходна, поедноставна и поефективна.[16]

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

  1. Joăo Veiga Gomes, Arbitration in the Potuguese Industrisal property Code, January 2013.
  2. Louis Harms & Owen Dean, Study on Specialized Intellectual Property Courts, Intertanational Intellectual Property Institute, January 2012.
  3. Nacionalna strategija intelektualne svojine za period od 2012 do 2015 god, достапна на file:///C:/Users/Emilija%20Mateska/Downloads/Nacionalna%20strategija%20intelektualne%20svojine%20za%20period%202012.%20do%202015.%20godine.pdf
  4. Strategiju razvoja intelektualne svojine za period od 2011. do 2015. godine, Vlada Srbije.
  5. Werra de Jacques, “Specialized intellectual property courts – issues and challenges” International center for trade and development, 2016, достапно на https://www.ictsd.org/sites/default/files/research/Specialised% 20Intellectu al%20Property%2 0Courts%20-%20Issues%20and%20Challenges_0.pdf.
  6. Zakon o parnicnom postupku, (NN 53/91, 91/92, 58/93, 112/99, 88/01, 117/03, 88/05, 02/07, 84/08, 123/08, 57/11, 148/11, 25/13, 89/14).
  7. Закон за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015 и 53/2016).
  8. Закон за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010)
  9. Законот за стопанските спорови ( Службен лист на ФНРЈ”, бр. 31/54)
  10. проф. д-р Горан Коевски, проф. д-р Дарко Спасевски, „Трендови во поглед на специјализацијата на судството од областа на трговските спорови“,достапен на https://www.akademik.mk/trendovi-vo-pogled-na-spetsijalizatsijata-na-sudstvoto-od-oblasta-na-trgovskite-sporovi/
  11. Agreement on Trade-Related Aspects of Intellectual Property Rights (TRIPS Agreement) (1994), Спогодба за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост во Маракеш од 15 април 1994 година.

 

 

[1] Agreement on Trade-Related Aspects of Intellectual Property Rights (TRIPS Agreement) (1994), Спогодба за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост во Маракеш од 15 април 1994 година.

 

[2] Види: Werra de Jacques, “Specialized intellectual property courts – issues and challenges” International center for trade and development, 2016, стр. 7., достапно на https://www.ictsd.org/sites/default/files/research/Specialised%20 Intellectual%20Property%20Courts%20-%20Issues%20and%20Challenges_0.pdf, пристапено на 23.4.2018 година.

[3] Закон за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015 и 53/2016).

[4] Закон за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

[5] Специјализирани судови за спорови од интелектуална сопственост се среќаваат во: Чиле, Бразил, Перу, Португалија, Русија, Швајцарија, Турција, Велика Британија итн. На почетокот на 2012 година во Лисабон е формиран специјализиран суд за спорови од интелектуална сопственост. Joăo Veiga Gomes, Arbitration in the Potuguese Industrisal property Code, January 2013, стр.57.

[6]Вакво решение е прифатено во: Австрија, Кина, Германија, Грција, Франција, Италија итн.

[7] Повеќе во Louis Harms & Owen Dean, Study on Specialized Intellectual Property Courts, Intertanational Intellectual Property Institute, January 2012. Така согласно чл.34 б од Законот за парничната постапка на Хрватска (NN 53/91, 91/92, 58/93, 112/99, 88/01, 117/03, 88/05, 02/07, 84/08, 123/08, 57/11, 148/11, 25/13, 89/14) трговските судови се надлежни да постапуваат во прв степен за спорови кои се однесуваат на заштита и употреба на индустриска сопственост, авторски и сродни права и други права од индустриска сопственост.

Правосудниот систем на Република Македонија во минатото познаваше функционирање на посебни стопански (трговски) судови кои дејствуваат како посебна судска институција и тоа од 1954 година, па сé до донесувањето на Законот за судовите од 1995 година, кога се укинати овие судски институции. Согласно чл.13 став 1 алинеја 3 од Законот за стопанските спорови (Службен лист на ФНРЈ”, бр. 31/54) во надлежност на вишите стопански судови беше во прв степен да ги судат, без обѕир на вредноста на спорниот предмет, стопанските спорови што се однесуваат на заштитата или употребата на пронајдоците, мострите, моделите и жиговите, правото на употреба на фирма, како и споровите од нелојалниот натпревар и авторското право;

[8] Основни судови со проширена надлежност: Основниот суд во Битола, Основниот суд во Прилеп, Основниот суд во Охрид, Основниот суд во Струга, Основниот суд во Тетово, Основниот суд во Гостивар, Основниот суд во Куманово, Основниот суд во Кочани, Основниот суд во Велес, Основниот суд во Струмица, Основниот суд во Штип и Основниот суд Скопје II – Скопје.

[9] Повеќе види Louis Harms & Owen Dean, Study on Specialized Intellectual Property Courts, Intertanational Intellectual Property Institute, January 2012.

[10] Согласно Одлуката на Владата на Република Македонија, донесена на 89-тата седница одржана на 09.10.2012 година, судовите во Република Македонија се задолжени да ги евидентираат споровите од правата на интелектуална сопственост, како би се овозможило статистичко следење и обработка на податоци за спроведување на правата од интелектуална сопственост. Меѓутоа, на страната на Министерството за правда објавени се податоци само за 6 месеци во 2013 година. Освен што не се ажурирани податоците за наредните години, ни во објавените податоци не е прецизирано за кои 6 месеци од 2013 година станува збор.

Согласно објавените податоци за заштита на авторски и сродни права пред основните судови со проширена надлежност во 6 месеци во 2013 година биле примени 7 нови предмети, 12 предмети биле затекнати како нерешени на почетокот од извештајниот период, биле примени 3 предмети за времени мерки. Вкупно биле решени 6 предмети и останале нерешени 14 предмет. Во 2 од решените предмети постапката траела од 3 до 6 месеци, а во 3 од решените предмети постапката траела од 6 до 12 месеци. Се поставува прашањето: колку и податоците што се објавени се добро обработени од причина што согласно првата табела во работа биле 19 предмети, а согласно збирот на бројот на решени и нерешени предмети во истата табела нивниот број изнесува 20 предмети. Иако во првата табела е наведено дека се решени 6 предмети, во втората табела има податоци за времетраењето на постапката за 5 решени предмети. Достапно на  http://www.pravda.gov.mk/resursi.asp?lang=mak&id=05 Табела – според број на предмети, вид на одлука, интелектуална сопственост – граѓанско-правна заштита, Основни судови со проширена надлежност [06.12.2016].

[11] Согласно објавените податоци за заштита на авторски и сродни права биле примени 7 нови предмети, 12 предмети биле останати нерешени на почетокот од извештајниот период, биле примени 3 предмети за времени мерки, вкупно биле решени 6 предмети и останале нерешени 14 предмет. Достапно на  http://www.pravda.gov.mk/resursi.asp?lang=mak&id=05

Како компарација само Трговскиот суд во Подгорица во 2010 година има примено 52 предмети за заштита на интелектуална сопственост, а во периодот од 01.01.2011 до 01.11.2011 година примил 32 предмети од оваа област. Nacionalna strategija intelektualne svojine za period od 2012 do 2015 god. стр.21. Имајќи ги предвид бројот на населението, развојот и економската состојба на Црна Гора, може да се изведе заклучок дека бројката 0 предмети, односно 6 предмети (сметајќи на споровите за заштита на авторски и сродни права) во сите судови со проширена надлежност во РМ за период од 6 месеци е нереална и дека бројот на овој вид на спорови е поголем (според авторот на дисертацијата тоа е така од причини наведени во првата глава).

[12] Известување 03-су бр.325/16 од 29.02.2016 година.

[13] Судски совет на Република Македонија, Известување бр.03-1489/16 од 06.10.2016 година.

[14] Идентично решение има Законот за парнична постапка на Словенија.

[15] Чл.296 ст.1 од ЗИС.

[16]Според Стратегијата за развој на интелектуалната сопственост на Србија, се смета дека идеално би било кога во Србија би биле надлежни не повеќе од три судови од општа надлежност и три трговски судови од прв степен кои би одлучувале за споровите од интелектуална сопственост во прв степен. Strategiju razvoja intelektualne svojine za period od 2011. do 2015. godine, Vlada Srbije, стр.30.

Во таа насока се и препораките на проф. д-р Горан Коевски и проф. д-р Дарко Спасевски, „ТРЕНДОВИ ВО ПОГЛЕД НА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА НА СУДСТВОТО ОД ОБЛАСТА НА ТРГОВСКИТЕ СПОРОВИ“ стр.25,  за формирање трговски судви во прв и во втор степен по примерот на управното судство кое веќе е воспоставено, и истите би биле со седиште во Скопје, надлежни за целата територија на Република Македонија (како варијанта, првостепеното трговско судство би можело да се организира со посебни седишта за четирите апелациони подрачја), во чија недлежнст секако би биле и споровите од интелектуална сопственост (спорови од индустриска сопственост и авторски и сродни права).