Македонски Shqip English

м-р Дијана Ѓоргиева

Право на судење од непристрасен суд во граѓанската постапка

Вовед

            Правото на судење од страна на непристрасен суд во граѓанската постапка е фундаментално човеково процесно право. Ова право е комплексно и опфаќа уставно-процесна гаранција за независен суд in abstracto и право на непристрасен суд во граѓанската постапка in concreto. Уставно-процесната гаранција за независен суд in abstracto ја гарантира државата и таа треба да биде утврдена со уставот. Независноста на судот како уставно-процесна гаранција е самостојност која му е дадена на судот да донесе одлука применувајќи го законот за конкретна фактичка состојба во граѓанската исто како и во останатите постапки за заштита на правата. Независноста на судот во оваа смисла му припаѓа на судството како институција која е независна од останатите гранки на државната власт (институционална независност) и судијата како поединец (индивидуална независност) односно поконкретно на граѓанското судство. Таа овозможува судството да не е подредено (дискриминирано) vis-à-vis јавната власт и е надворешна граница за остварување на правото на непристрасен суд во граѓанската постапка in concreto. Правото на непристрасен суд во граѓанската постапка е процесно право кое се однесува на умствената состојба на судијата во конкретниот предмет во однос на странките. Ова право подразбира неутралност и објективност на судијата при одлучувањето во конкретниот случај. Егзистентноста на ова право е неспорна затоа што дури и ако се обезбедени сите гаранции за судска независност in abstracto можно е судијата да не биде целосно ослободен од сите можни извори на влијание и притисок. Сепак уставно-процесната гаранција за независен суд in abstracto најчесто е conditio sine qua non на правото на непристрасен суд во граѓанската постапка затоа што обезбедува самостојно судско одлучување без политички притисок односно непристрасно одлучување на судијата во граѓанската постапка наспрема државната политика на власта.

 

Уставно-процесна гаранција за независен суд in abstracto

            Правото на непристрасен суд во граѓанската постапка е неможно правилно да се оствари во вистинска смисла на зборот доколку не постои уставно-процесната гаранција за независен суд in abstracto. Ова затоа што судската власт ја вршат судовите како самостојни и независни државни органи кои судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Кога се говори за независноста на судството како уставна гаранција in abstracto всушност се отвора дилемата колку и дали судската власт (граѓанското судство) е самостојна во однос на законодавната и извршната власт или пошироко од политичката државна власт. Вообичаено и најчесто во уставно-правните текстови за независноста на судството, а оттука и за независноста на граѓанското судство, се говори како за идеал. Дека ова е така вистински доказ се: 1) отворената инструментализација, 2) делумно прискриената контрола и 3) скриената и суптилната манипулација како специфични категории и шематски модели на судската положба.[1] Дури во поново време може во вистинска смисла да се говори за независност на судството во либерално-демократските држави благодарение на градењето на судството врз база на шематскиот модел за судска (правосудна) автономија. Ова затоа што овој модел овозможува постепена независност на судството (вклучувајќи го и граѓанското) од политичката власт на државата преку креирање и реализирање на доктрината за поделба на власта, принципот за владеење на правото и заштита на уставноста. Дека ова е така вистински доказ е и фактот што судските одлуки не можат да ги преиспитуваат органи на законодавната или извршната власт на државата затоа што судијата е единствен меродавен толкувач на законот. Со самото ова судската власт започнува во вистинска смисла на зборот да ги штити индивидуалните права (граѓанските субјективни права во граѓанската постапка), стекнува поголема одговорност за зачувување на демократските институции и започнува да ја контролира законодавната и извршната власт. Со самото ова независноста на судството се претвора во основна демократска вредност која овозможува одлучување на судијата во граѓанската постапка со примена на Уставот и законите[2], а не под политички влијанија. [3]

Право на непристрасен суд во граѓанската постапка in concreto

            Независноста на граѓанското судство in apstracto per se не обезбедува непристрасност во судењето. Ова затоа што непристрасноста во судењето подразбира неутралност и објективност на судиите при одлучувањето во конкретниот случај.[4] Како таква таа многу повеќе е фокусирана кон самите странки и предметот на спорот отколку кон односот на судијата со државата. Ова процесно право се регулира и на наднационално ниво и има за цел да спречи пристрасност во судењето[5]. Така според чл. 6 на Европската конвенција за човековите права: секој има право заради утврдување на неговите права и обврски од граѓанска природа неговиот случај правично, јавно и во разумен рок да го испита законски воспоставен независен и непристрасен суд.[6] Оттука може да се заклучи дека правото на непристрасен суд е темелно човеково процесно право кое во никој случај не треба да биде доведено под знак на прашање со доверување на судењето на лица во чија непристрасност може да се посомнева. Објективноста на судијата може да биде загрозена со дејствување на следниве два основни фактори: 1) надворешни влијанија и 2) субјективни својства на судијата. Поради егзестентноста на некој/и од овие фактори судијата материјално, професионално, морално или на некој друг начин може да биде заинтересиран за исходот на конкретната граѓанска постапка. Токму поради ова се отвора потребата судијата во конкретниот случај да биде исклучен од вршењето на судската функција. За таа цел секоја од странките во постапката може да поднесе приговор за изземање на судијата. Преку процесниот институт изземање на судија во граѓанската постапка, исто како и во останатите постапки за заштита на правата, се спречува повреда на непристрасноста во судењето.

Изземање и причини за изземање на судија во граѓанската постапка

            Во ситуација доколку поради одредени односи со странките или предметот на спорот постои сомневање за непристрасноста на судијата во судењето за конкретната правна работа може да се бара изземање на судијата. Причините поради кои странката во граѓанската постапка може да поднесе приговор за изземање на судијата генерално се делат на две подгрупи: 1) апсолутни (причини за изземање ex lege) и 2) релативни причини за изземање на судијата (причини за изземање по оценка на судот).[7]   Апсолутните причини за изземање на судијата сами по себе се доволни за да судијата биде исклучен од судењето затоа што со самото постоење го прават основано сомневањето дека судијата ќе биде непристрасен во конкретниот случај. Кај овие причини е непотребно да се докажува врската меѓу конкретниот однос и непристрасноста на судијата затоа што тие сами по себе судијата го прават неспособен судија (iudex suspectus). Во апсолутните причини за изземање на судија влегуваат: 1) nemo iudex in causa sua односно судијата не може да ја врши судската функција ако самиот е странка, законски застапник или полномошник на странката или ако со странката е во однос на соовластеник, сообврзник или регресен обврзник, 2) ако постои морална врска меѓу судијата и странката односно доколку странката или законскиот застапник или полномошникот на странката му е роднина на судијата по крв по права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен или му е брачен или вонбрачен другар или роднина по сватовство до втори степен без оглед дали бракот престанал или не, 3) доколку постојат околности кои укажуваат не реализиран професионален ангажман на судијата во истата правна работа односно судијата не може да суди ако во истиот предмет бил сослушан како сведок или вештак претходно или доколку за истиот предмет учествувал во донесувањето на одлуката на понискиот суд или друг орган и 4) ако постои материјална и морална заинтересираност на судијата за исходот на постапката затоа што тој постојано или привремено работи кај работодавач кој е странка во постапката. За разлика од апсолутните причини за изземање на судија во граѓанската постапка релативните причини за изземање на судијата сами по себе не се доволни да биде доведена во прашање независноста на судијата. Тие единствено укажуваат на сомнителен судија (iudex suspectus) поради што странката мора да го докаже постоењето на конкретната околност и фактот дека токму таа околност ја загрозува непристрасноста на судијата во конкретната граѓанска постапка. На релативните причини за изземање судот не внимава по службена должност туку само по барање на странките и истите причини не се таксативно наведени затоа што е неможно a priori да бидат предвидени. [8] Пример за релативна причина за изземање на судија на пример е однос на кумство меѓу судијата и другата странка, должничко-доверителски однос и слично.

Заклучни согледувања

            Правото на непристрасен суд во граѓанската постапка е фундаментално процесно право. Ова право претпоставува неутралност и објективност на судиите при одлучувањето во конкретен случај. Станува збор за процесно право кое се гарантира со сите релевантни меѓународни документи, но и во националните законски процесни законодавства. Надворешна гаранција за остварување на ова право е и уставниот принцип за независност на судството затоа што судот во граѓанската постапка не треба да биде непристрасен само во однос на предметот на спорот туку одлуката треба да ја донесе и без никакви притисоци и влијанија од државната политичка власт.

 

Користена литература

  1. Jаневски Арсен и Зороска-Камиловска Татјана, Граѓанско процесно право Парнично право (Скопје: Правен факултет Јустинијан први, Прво издание, 2009)
  2. Palačković Dušica, Parnično procesno pravo (Kragujevac: Pravni fakultet Univerziteta u Kragujevac, Prvo izdanje, 2004)
  3. Poznić Borivoje, Rakić-Vodinelić Vesna, Građansko procesno pravo, (Beograd: Savremena administacija 15 izmijenjeno i dopunjeno izdanje, 1999)
  4. Triva Siniša i Dika Mihajlo, Građansko parnično procesno pravo (Zagreb: Narodne novine 7. izmijenjeno i dopunjeno izdanje, 2004)
  5. Uzelac Alan, ‘‘ Pravo na pošteno suđenje: opći i građanskopravni aspekti čl. 6. st. 1. Europske konvencije za zaštitu ljudskih prava i temeljnih sloboda, ‘‘ Centar za mirovne studije, Zagreb, (2011)
  6. Uzelac Alan, ‘‘Zavisnost i nezavisnost: neka komparativna iskustva i prijedlozi uz položaj sudstva u Hrvatskoj,‘‘ Zbornik Pravnog fakulteta u Zagreb, no. 42 (1992)

 

[1] Uzelac Alan, ‘‘Zavisnost i nezavisnost: neka komparativna iskustva i prijedlozi uz položaj sudstva u Hrvatskoj,‘‘ Zbornik Pravnog fakulteta u Zagreb, no. 42 (1992), 579-582.

[2] Poznić Borivoje, Rakić-Vodinelić Vesna, Građansko procesno pravo, (Beograd: Savremena administacija 15 izmijenjeno i dopunjeno izdanje, 1999), 49.

[3] Ако судовите ја контролираат самоволјевата политичка власт, власт која се олицетворува во егзекватурата, но е присутна и во легислативата може да се говори за независност на судството и ефикасна поделба на власта.

[4] Jаневски Арсен и Зороска-Камиловска Татјана, Граѓанско процесно право Парнично право (Скопје: Правен факултет Јустинијан први, Прво издание, 2009), 160.

[5] Poznić Borivoje, Rakić-Vodinelić Vesna, Građansko procesno pravo, (Beograd: Savremena administacija 15 izmijenjeno i dopunjeno izdanje, 1999), 66.

[6] Uzelac Alan, ‘‘Pravo na pošteno suđenje: opći i građanskopravni aspekti čl. 6. st. 1. Europske konvencije za zaštitu ljudskih prava i temeljnih sloboda,‘‘ Centar za mirovne studije, Zagreb, (2011), 89-90.

[7] Jаневски Арсен и Зороска-Камиловска Татјана, Граѓанско процесно право Парнично право (Скопје: Правен факултет Јустинијан први, Прво издание, 2009), 160-162.

 

[8] Triva Siniša i Dika Mihajlo, Građansko parnično procesno pravo (Zagreb: Narodne novine 7. izmijenjeno i dopunjeno izdanje, 2004), 228.