Македонски Shqip English

М-р. Викторија Наумоска

За заштитата на човековите права од судовите

 Низ развојот на општествената свест, граѓанството се поактивно зазема простор во борбата за остварување на сопствените права. Современото општество ја гради сликата за себе и се карактеризира со слободите и правата кои ги ужива човекот и граѓанинот. За дадени права и слободи да можат да се реализираат потребна е институционална поддршка, а воедно и нивна заштита. Со цел достојно реализирање на човековите слободи и права, потребна е рамнотежа помеѓу законската рамка на дадените човекови слободи и права, и онаа на независноста и одговорноста на институциите кои треба да ги штитат.

Основните правила и принципи по кои треба правосудните органи да постапуваат во Република Македонија, а притоа да се цели кон заштита на дадени права, тргнуваат од правни акти кои се наоѓаат на исто ниво на пирамидата. Едни даваат права на граѓанинот, а други ја нудат нивната заштита.

Круната на пирамидалната поставеност, Уставот на Република Македонија, декларира дека суверенитетот произлегува од граѓаните и ним им припаѓа. Притоа, граѓаните се тие кои ја остваруваат власта. А, тоа го прават преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување[1].

Во Република Македонија според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем е заснован на принцип на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и останатите темелни вредности. Притоа, за правото да владее потребно е владеење и на механизми кои ќе се активираат за заштита во случај од негово отстапување.

Правниот поредок на Република Македонија меѓу своите темелни вредности ги има и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.[2] Во случај на отстапување од владеење на правото, граѓанинот има загарантирана можност да се повика на заштита на неговите слободи и права, кои му се утврдени со Устав и законски норми, во постапка пред судовите на Република Македонија и пред Уставен Суд на Република Македонија[3]. Дотолку повеќе што, судовите на Република Македонија кога се повикани да дадат правна заштита, треба да постапуваат врз основа на начело на приоритет и начело на итност.

 

При поделбата на власта, судската власт ја вршат судовите и тие по дефиниција се самостојни и независни државни органи. Според Законот за судовите, судовите носат одлуки кои треба да се во согласност со Уставот на Република Македонија, согласно законските прописи како и согласно меѓународните прописи ратификувани во согласност со Уставот.[4] Целта на постоењето на судската власт е непристрасна примена на правото, а при постигнување на оваа цел на судската власт не треба да и влијае положбата и својството на странките во конкретна постапка.

Покрај тоа, според Законот за судовите цел и функцијата на судовите треба да се и заштита, почитување и унапредување на положбата и својството на странките, како и обезбедување еднаквост, рамноправност и недискриминација  по ни еден основ, а врз основа на владеењето на правото да обезбеди правна сигурност.[5]Правната сигурност граѓаните треба да ја почувствуваат преку постапувањето и одлучувањето на судовите, преку изречените одлуки кои патем судовите ги носат во име на граѓаните.

Од друга страна, за одлуките кои ги донеле судиите не можат да бидат повикани на кривична одговорност. Тие не одговараат кривично за своето изнесено мислење и начинот на кој што одлучувале.[6] Чие право ќе го најде како повредено и која од двете спротивставени страни ќе ја добие заштитата, судот оценува по слободна оцена и по сопствено оценување на доказите и целокупната постапка.

Судската власт преку одлуките го спроведува правото и наметнува став што е право, а што не е. Воедно, теоријата бара преку правото да се задоволи правдата. Судовите наметнуваат власт, владеење на состојба во која граѓаните треба да веруваат дека правото владее, дека нивните права се заштитени. Во случај кога граѓанинот е незадоволен од начинот на кој одлуката на судот се одразува на неговите права, треба да верува дека тоа е на негов товар остварување и владеење на правото на спротивната страна.

Во член 99 од Уставот на Република Македонија е определено дека судиите се избираат без ограничување на траење на мандатот, додека според член 100 од Уставот на Република Македонија, судиите уживаат имунитет.

Според Уставот на Република Македонија дел од причините, поради кои може да биде разрешен судија се наведува: доколку судијата е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, доколку заради потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција, што ја утврдува Републичкиот судски совет, како и заради нестручно и несовесно вршење на судиската функција што во постапка утврдена со закон, го утврдува Републичкиот судски совет.

За да биде разрешен судијата треба да биде осуден, но што се случува со довербата на граѓаните во судската власт која во меѓувреме ја спроведува судија додека за него е во тек кривична постапка?

Одлука за разрешување на судија носи Судскиот совет на Република Македонија, а согласно закон тоа ќе го направи доколку се утврди потешка дисциплинска повреда од страна на судијата која го прави недостоен за вршење на судската функција и доколку нестручно и несовесно ја врши судската функција под законски утврдени услови[7].

Постапка за дисциплинска одговорност на судија за разрешување поради потешка дисциплинска повреда се поведува доколку се изврши потешка повреда на јавниот ред и мир со кој се нарушува угледот на судијата и угледот на судот, доколку судијата изврши потешка повреда на правата на странките и на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на судот и судската функција, доколку по било кој основ изврши повреда на начелото на недискриминација, како и поради непостигнати очекувани резултати во работата.[8]

По дефиниција нестручно и несовесно вршење на судска функција претставува незадоволителна стручност или несовесност на судијата која влијае на квалитетот и ажурноста на работењето, по што законодавецот конкретно и ги навел случаите кои се опфатени со дефиницијата.[9] Една од причините која често е присутна во праксата како проблем при ефикасно водење на предметите, а секако и непочитување на процесните прописи, е кога судијата по негова вина ги пречекорува законските рокови за преземање на процесните дејствија, законските рокови за донесување, објавување или изготвување на судските одлуки.

Во случај Советот да утврди дисциплинска повреда, како мерка може да спроведе писмена опомена, јавен укор и намалување на плата.

Како би ја остварувал својата функција на заштита и обезбедување на правна сигурност на граѓаните, судот може да се произнесе дека е ненадлежен да постапува само кога со закон изрично е предвидена надлежност за решавање на конкретно барање на друг државен орган. Но, од друга страна заштитата на судиите е до мера што странката која е незадоволна од конкретна одлука и која поради тоа претрпела определена штета, не мпоже да поведе постапка за надомест на претрпената штета. Одговорност за настаната штета, која е последица на постапување на судија, ја презема Република Македонија. Поточно, судиите во Република Македонија подлежат на постапка за надомест на штета, односно подлежат на граѓанска одговорност, само доколку поради таа причина судијата биде разрешен. Односно, судија би подлежел на граѓанска одговорност само по негово разрешување.

Периодот додека трае дисциплинската постапка или постапката за разрешување, судијата може, но не мора да биде оддалечен од судската функција. Како за самата дисциплинска и постапка за разрешување, така и за оддалечувањето на судијата од судската функција одлучува Судскиот совет на Република Македонија. Меѓувреме и потоа, правната сигурност е во прашање.

Како надлежна за имплементација на законите, заштита и спроведување на правните прописи со кои се загантирани човековите права, судската власт со својата тростепеност во Република Македонија треба да се залага и за уедначеност на нивната имплементација.

Одговорноста и поставеноста на судската власт во поедини држави, се карактеризира со одговорност на судиите за одлуките и последиците од одлуките кои ги изрекуваат. Судиите во одредени земји подлежат на одговорност, како кривична така и граѓанска. Според законодавството во Белгија поради престапи против општото право, случајни или при вршење на функцијата следуваат казни пропишани со општиот закон, што претставува кривична одговорност. Покрај кривична одговорност, постои и механизам за откривање на штети сторени од страна на судија кој ја злоупотребил својата положба, кој му овозможува на судијата да се чувствува лично одговорен во случај на измама или намерно лошо водење на постапката во делот на постапувањето на судијата, но и државата е исто така одговорна за лошото поведение на судијата. Постапката во кривични предмети е во рацете на Јавниот обвинител кој постапува пред Апелацискиот суд, а во граѓански предмети постапката се води пред Касациониот суд.[10] Прекршувањето на кривичниот законик во Германија што вклучува злоупотреба на судската функција и корупција, повлекува казна пропишана со општиот закон. Освен за делата кои ќе ги стори судијата и кои ќе доведат до штета како кривично дело, во другите случаеви државата – Германија е одговорна за настанатата штета и таа може да ја надомести штетата секогаш кога за тоа е донесена конкретна наредба. Одговорноста на судиите се утврдува во редовна кривична и граѓанска постапка.[11] Во Италија постои кривична одговорност на судиите како што е пропишано во Кривичниот кодекс и насочено кон судијата и судиската функција, како што е корупцијата. Додека, казните се пропишани со општиот закон. Судиите се повикуваат и на граѓанска одговорност за голема небрежност или одрекување на правдата содржани во Законот од 1988, кој прави прави разлика меѓу релативен имунитет од одговорност донесена на референдум. Но, државата се однесува како гарант и може да преземе активности за оштета од судијата, цената на штетата е ограничена доколку штетата е ненамерно направена[12].

Наспроти ова во Република Македонија додека од една страна имаме правен систем кој по секое правно регулирано прашање за граѓаните предвидува одговорност и определена казна, наспроти ним стојат лица кои треба да раздаваат правда, но за одлуките не сносат одговорност. Како дел од јавната служба која обезбедува правна помош сметам дека граѓаните на Република Македонија би имале поголема доверба во судството доколку би знаеле дека судиите се одговорни за последиците од изречената одлука, а воедно сметам дека би се зголемило и вниманието на судиите при изрекувањето на одлуките, како и ефикасноста и навременоста при одлучувањето. Имајќи предвид дека се наоѓаме пред неопходни промени во судството, сметам дека во ниту еден момент не треба да се испушти од вид улогата на правните застапници на граѓаните пред судската власт. Тука, за да се постигне целта за зајакнување на заштитата на правата на граѓаните, би се придонело доколку непосредно се зголемат правата и одговорностите на давателите на правната помош. 

 

[1] Устав на Република Македонија (Устав (1991) Устав на Република Македонија: со амандманите на Уставот I-XXXII. - Скопје : Службен весник на РМ, 2011), член 2

[2] Устав на Република Македонија (Устав (1991) Устав на Република Македонија: со амандманите на Уставот I-XXXII. - Скопје : Службен весник на РМ, 2011),  член 8

[3] Устав на Република Македонија (Устав (1991) Устав на Република Македонија: со амандманите на Уставот I-XXXII. - Скопје : Службен весник на РМ, 2011),  член 50, став 1

[4] Закон за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11), член 1

[5] Закон за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11),  член 3

[6] Устав на Република Македонија (Устав (1991) Устав на Република Македонија: со амандманите на Уставот I-XXXII. - Скопје : Службен весник на РМ, 2011), Амандман 27

[7] Закон за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11),  член 74,

[8] Закон за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11),  член 76 од

[9] Закон за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11),  член 75

[10] Интернет извор (http://www.justice.gov.mk/txt/aktivnosti_RM_SSES/Mislenje%20broj%203%20Dodatok%205.pdf)

[11] Интернет извор (http://www.justice.gov.mk/txt/aktivnosti_RM_SSES/Mislenje%20broj%203%20Dodatok%205.pdf)

[12] Интернет извор (http://www.justice.gov.mk/txt/aktivnosti_RM_SSES/Mislenje%20broj%203%20Dodatok%205.pdf)