Македонски Shqip English

М-р Иван Колевски

Правните заклучоци на средбите на апелационите судови како средство за обезбедување на воедначена судска пракса

 

           Во Република Македонија, една од целите на судската власт е обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото[1], а судовите при одлучувањето за правата и обврските на граѓаните се должни помеѓу другото да гарантираат правично судење[2] . Правото на правично судење произлегува и од член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Република Македонија, кое право при неговата примена треба да биде толкувано во смисла на преамбулата на оваа конвенција, во рамки на која пак правната сигурност е определена како фундаментален аспект на владеењето на правото.[3] Кога станува збор за судовите, правната сигурност во себе ја опфаќа и усогласеноста на судската пракса.[4]Токму воедначеноста на судската пракса се јавува како еден од недостатоците на постоечкиот судски систем која се манифестира како отстапување во толкувањето и примената на законите при одлучување за исти или слични правни основи, и тоа како од страна на основните, така и од страна на апелационите судови[5], при што ваквото постапување крајно доведува и до утврдени повреди на правото на правично судење од страна на Европскиот суд за човекови права.[6] За елиминирање на ваквиот недостаток, се предлагаат поголем број на мерки кои во себе опфаќаат зголемен обем на обуки  на судиите во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители, но уште поважно и редовно изготвување на сентенци и заклучоци од страна на апелационите судови, како и редовни средби на судии од разни апелациони подрачја, судии од апелационите судови и судии од Врховниот суд, со цел донесување на заклучоци по правни работи и нивно објавување на судскиот веб портал.[7] Она што се поставува како прашање е дали заклучоците кои се носат или би се носеле, особено на средбите на апелационите судови би помогнале во изедначувањето на постапувањето на судовите во исти или слични предмети?

 

            За одговор на ваквото прашање, првенствено ќе треба да се образложи местото на судската пракса, односно правните заклучоците на судовите, во правниот систем на Република Македонија. Па така, судовите своите одлуки ги носат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.[8] Иако на Врховниот суд му е доделена надлежност за донесување на начелни ставови и начелни правни мислења со цел воедначување на судската пракса, таквите заклучоци се задолжителни само за советите во рамки на Врховниот суд[9], но не и за пониските судови. Апелационите судови пак, за решавање на правни прашања имаат право да донесуваат правни мислења и заклучоци на седници на оддел или седница на судии[10], меѓутоа никаде не е определено дека мора да постои нивна задолжителна примена од страна на пониските судови, ниту пак се задолжителни за судиите во судот каде таквиот заклучок или мислење е донесено. Што значи дека заклучоците донесени од страна на апелационите и Врховниот суд не се задолжителни за пониските судови, освен по исклучок ако истите се наведени како правно сфаќање во одлука со која одлуката на понискиот суд се укинува и се враќа на повторно одлучување.[11]Останува дека примената на правните мислења или заклучоци од страна на пониските судови во најголем број од случаите се врши само врз основа на авторитетот на повисоките судови, односно поради нивната можност за укинување на одлуките од пониските степени.

            Од посебен интерес се и заклучоците кои се носат на средбите на четирите апелациони судови и тоа од неколку аспекти. Првенствено, ваквиот формат за донесување на заклучоци никаде не е законски определен, за разлика од законски пропишаната можност која постои за Врховниот суд и за поединечните судови. Не постојат прописи кои го определуваат начинот на кој се поставуваат и дискутираат спорните прашања, односно на кој се определува дневниот ред, кој има право да учествува на ваквите средби, дали ставовите на претставниците на секој до судовите се ставови кои претходно биле заземени на соодветниот оддел на апелациониот суд или претставуваат личен став на претставникот, дали и во кој рок евентуално донесените заклучоци треба да бидат презентирани пред јавноста и на кој начин?  Исто така, нејасна е и постапката за донесување на заклучоци на ваквите средби. Додека за поединечните судови постапката и мнозинството за донесување на заклучоци е определена со Судскиот деловник[12], истото не се однесува и за средбите на четирите апелациони судови. Ова доведува до различни интерпретации за тоа кога определен заклучок се смета за донесен.  Од една страна се прифаќа дека заклучокот е донесен доколку истиот е едногласно прифатен[13], додека во други случаи се смета дека заклучокот е донесен и треба да се применува од сите судови доколку за него гласале три од присутните четири претставници на апелационите судови[14].  Не постојат ниту правила кои би ја определиле важноста, односно супрематијата на заклучоците донесени на овие средби по однос на заклучите донесени од страна на поединечните судови, како и нивниот однос со правните становишта заземени од страна на Врховниот суд.

            Сето погоре наведено има непосредно влијание на правната сигурност на граѓаните при остварувањето на своите права пред судовите и е од значење за улогата која заклучоците донесени на ваквите средби ја имаат при усогласувањето на судската пракса. За да се илустрираат сите погоре наведени наводи, најдобро е да се образложи конкретен пример.

            Една од дилемите која се појави кај апелационите судови при своето постапување, беше во примена на член 67 од Законот за судска служба, односно накратко објаснето, дали на судскиот службеник при определувањето на личниот доход во делот на образованието, ќе се цени образованието кое истиот го имал при засновањето на работниот однос или образованието кое подоцна ќе го стекне[15]? За разјаснување на ваквата дилема и воедначена примена на погоре наведената одредба, на средбата на апелационите судови на 15-16 Декември 2016 година едногласно бил донесен заклучок дека ќе се признава само образованието кое судскиот службеник го имал во моментот на вработувањето[16]. Би требало да се смета дека со примена на ваквиот заклучок од страна на судовите во РМ би се постигнала токму целта за која бил донесен, односно усогласено одлучување по однос на ваквото прашање. Меѓутоа, на седница на граѓанскиот оддел на Апелациониот суд во Битола одржана на 01.11.2017 година бил донесен заклучок според кој ако работникот засновал однос со понизок степен на стручна подготовка и ако во текот на работниот однос се стекнал со повисок степен на образование, бодовите по степенот на образование ќе му се зголемат, како што предвидува и Законот за судска служба[17], односно заклучок спротивен на ставот заземен на претходно одржаната средба на четирите апелациони судови. Двата вакви заклучоци се истакнати и можат да се најдат на веб страната на Апелациониот суд во Битола, во делот Публикации – Збирки. Во периодот помеѓу донесувањето на двата погоре наведените заклучоци, апелационите судови во своите одлуки се придржувале до заклучокот донесен на средбата на четирите апелации.[18]  На средбата пак на апелационите судови одржана на 23-24.11.2017 година, донесен бил уште еден заклучок по ова прашање, овој пат со мнозинство гласови и заземен став истиот да се почитува до евентуално произнесување на Врховниот суд, според кој ако работникот засновал работен однос со понизок степен на стручна подготовка, а во текот на работниот однос се стекне со повисок степен на стручна подготовка, платата по степен на образование ќе му се зголеми, односно ќе му се зголеми бројот на бодови, но според условите предвидени во одредбата од член 67 од Законот за судска служба.[19]Ваквиот заклучок во моментот на пишувањето на овој текст (10.02.2018 година) се уште не е јавно истакнат или достапен, иако одредени судовите веќе имаат започнато да се придржуваат кон истиот.[20]

            Погоре наведената хронологија упатува на заклучок дека токму правните ставови донесени на средбите на четирите апелации по ова прашање се причина за различно одлучување на судовите, наместо истите да претставуваат алатка за усогласување на судската пракса. Односно, граѓаните кои се повикале на член 67 од Законот за судска служба во заштита на своите права, добиле различни судски одлуки за иста или слична фактичка состојба, во зависност од тоа каков заклучок имале донесено апелационите судови во моментот на одлучувањето[21], што во целост е спротивно на начелото на правна сигурност. Ваквите околности доведуваат до нејаснотии и при постапувањето од страна на судовите. Дали истите при одлучувањето во одреден момент требало да го применат становиштето заземено од апелационите судови од 15/16 Декември 2016 година или становиштето на Апелациониот суд во Битола од 01.11.2017 година. Особено што не постојат законски или било какви други правила кои би укажувале на тоа кој заклучок би имал предност во конкретниот случај. Дури и ако се водиме само по обична правна логика, односно да прифатиме дека предност треба да се даде на заклучокот донесен на советување на сите апелационите судови како еден вид на повисок форум,   наспроти оној донесен само од еден апелационен суд, сепак останува фактот дека последно наведениот заклучок временски е донесен по донесувањето на заклучокот на апелационите судови, кој пак логички критериум би бил решавачки при определувањето на примената на заклучоците на собирите на апелационите судови од 2016 и 2017 година. При таква состојба, се создава една дилема во однос на тоа кој заклучок и од кои причини има поголема правна сила, односно има првенство при примената, нешто што се јавува и во пракса, каде секоја од странките се повикува на еден од претходно наведените заклучоци кои се во нејзина полза[22].

            Уште еден аспект од влијанието на заклучоците кои се носат на ваквите средби на четирите апелации, е и нивниот однос спрема правните становишта заземени од страна на Врховниот суд, независно дали тоа било сторено со конкретни правни мислења или начелни ставови или со ставови изнесени во конкретни негови одлуки. Повторно со пример, на средбата на четирите апелациони судови од 23-24.11.2017 година, се расправало да се заземе став по однос на прашањето дали на тужителот му следува надомест на штета во висина на камата на уплатените парични средства за купениот недвижен имот, во случај кога тужениот задоцнил со предавањето на таквата недвижност, сметано од денот на плаќањето на паричните средства за купениот недвижен имот, до денот кога на тужителот му бил предаден недвижниот имот во владение?[23] Иако по ваквото прашање не се донесол заклучок, сепак се наметнува дилемата дали ваков правно становиште воопшто треба да биде донесено, како и неговата евентуална применливост. Последното од причина што за ваквото правно прашање, Врховниот суд веќе се има произнесено во своја одлука Рев.бр.1278/95 од 06.11.1996 година[24], а и на самата средба со оглед на неможноста да се донесе заклучок, се одлучило да се почитува одлуката на Врховниот суд Рев1.бр.169/11. Па доколку на средбата на четирите апелации се донесел заклучок спротивен на ставот на Врховниот суд изнесен во претходно наведените одлуки, повторно се наметнуваат дилемите изнесени погоре во овој текст во однос на тоа кое становиште треба да биде почитувано и врз основа на кои критериуми. Ваквите нејаснотии не се целосно апстрактни, со оглед на постоење на временски подоцнежно донесено мислење на Апелациониот суд во Битола дека во ваков случај на тужителот му следува надомест на штета во висина на каматата на уплатените средства[25], што е спротивно на ставот на Врховниот суд изнесен во одлуката  Рев.бр.1278/95, според кој на тужителот во ваков случај би му следувало друг вид на штета, а не штета во вид на камата.

 

            Исто така, од особено значење по однос на средбите на четирите апелациони судови е и транспарентноста, односно достапноста на заклучоците кои се носат на овој начин. За да би можеле ваквите заклучоци да бидат водилка при усогласувањето на судската пракса, би требало да постои и систем за нивно јасно и експедитивно обзнавање до судовите, стручната фела и пошироката јавност. Со оглед на целокупното отсуство на формална рамка на функционирање на средбите на четирите апелациони судови, не постојат ниту правила за тоа на кој начин и во кој рок би се објавувале заклучоците на овие средби. Таквиот недостаток има непосредно влијание и се јавува како причинител на различна судска пракса. Како конкретна ситуација, Апелациониот суд во Битола, на седница на судии на 09.10.2017 година донесол заклучок според кој укинувањето на клаузулата за правосилност е причина поради која може да се бара против извршување врз основа на член 88 став 1 од Законот за извршување[26], став кој бил директно применет и од Основниот суд во Битола во својата одлука ПИ-4/17 од 27.11.2017 година. Меѓутоа, на средбата на апелационите судови одржана на 23-24.11.2017 година, што значи пред донесувањето на претходно наведената првостепена одлука, се донесол заклучок според кој правосилното укинување на клаузулата за правосилност и извршност на извршната исправа, не претставува основ за против извршување.[27] Ваквиот заклучок до денешен ден (19.02.2017 година) се уште не е јавно достапен. Дури и ако ги ставиме настрана дилемите за тоа кој од овие два заклучоци би се применил, сепак недостапноста на последно донесениот заклучок доведува до тоа да судовите своите одлуки ги темелат на првобитно донесениот заклучок, што било и случај со погоре наведната одлука на првостепениот суд. Ваквите околности не само што водат кон нејаснотии за самите судови и странките во постапките за тоа какви правни правила важат и треба да се почитуваат во конкретен момент, туку и се директни причинители за постоење на различна судска пракса, во зависност на тоа дали се одлучува во момент кога определен заклучок е јавно објавен и достапен или не.

            Како резиме на претходно кажаното, прoизлегува дека во повеќе случаи заклучоците на судовите, особено оние донесени на советувањата на апелационите судови, непосредно допринесуваат за постоењето на различна судска пракса, наместо да бидат алатка за нејзино усогласување. Доколку стремежот е ваквите заклучоци да бидат средство за изедначување на судската пракса, првенствено е потребно законски да се определи нивната правна сила, односно да се востановат како извор на право кој судовите се обврзани да го применуваат, односно граѓаните се должни да го прилагодуваат своето однесување на истите. Во таа насока, потребни се и јасни законски правила по однос на првенството на примена на секој од поединечните заклучоци, особено на тие на поединечни апелациони судови, на собирите на апелационите судови и на начелните ставови и правни мислења на Врховниот суд, како и неговите ставови содржани во конкретни одлуки. Средбите на апелационите судови задолжително треба да бидат ставени во законска рамка, со што целосно би се регулирала нивната организациона и функционална поставеност, онака како што е сторено со судските оддели согласно Судскиот деловник. Крајно, воспоставување на систем во рамки на кој ќе се обезбеди неодложно објавување на правните заклучоци по нивното донесување и постоење на централизирано место каде што судиите, правната фела и граѓаните ќе можат постојано и навремено да се информираат за истите.

            Во спротивно, правните заклучоци на судовите ќе останат една сива, недефинирана зона во делувањето на правосудната власт, која дозволува висок степен на арбитрерност при нивното донесување и примена и во никој случај не би претставувале ефикасно средство за изедначување на судската пракса. Односно, истите и понатаму би биле своевидна „шведска маса„, од која судовите по свој „вкус“ би одбирале кој од правните заклучоци кои им стојат на располагање ќе го применат во конкретен предмет.

 

                                                                                                                       

 

 

[1]     Член 3 став 1 алинеја 4 од Законот за судовите

[2]     Член 6 став 2 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/06, 35/08,У.бр.256/07,У.бр.74/08,150/10,У.бр.12/11)

[3]     Brumaresku vs. Romania, para. 61

[4]     Д-р Ангел Ристов, „Правната сигурност како клучен фактор за владеење на правото„, Правник бр.295-296, стр. 57

[5]     Министерство за правда, „Стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022, стр.

[6]     Стоилковска против РМ, Атанасовски против РМ

[7]     Министерство за правда, „ Акциски план за спроведување на стратегијата за реформи на правосудниот сектор 2017 – 2022“, стр. 3

[8]     Член 2 став 1 од Законот за судовите

[9]     Член 37 став 1 алинеја 1 и  став 2 од Законот за судовите

[10]   Член 68. 69 и 70 од Судски деловник (Службен весник бр.66/13 и бр.114/14)

[11]   Член 386 од Законот за парничната постапка

[12]   Член 66 до член 71 од Судскиот деловник

[13]   Записник од одржана средба на граѓанските оддели на Апелационите судови во РМ на 15-16.12.2016 година во Гостивар

[14]   Записник од одржана средба на Апелационите судови во РМ на 23-24.11.2017 година во Битола, стр. 5

[15]   Повеќе за ова прашање и влијанието на заклучоците донесени на средбите на апелационите судови врз правото на правично судење види:  м-р Иван Колевски, „Образованието како критериум за определување на основната компонента на платата на судските службеници согласно со Законот за судска служба“, Правник бр.306, стр. 14-16, 41-43

[16]   Записник од одржана средба на граѓанските оддели на Апелационите судови во РМ на 15-16.12.2016 година во Гостивар, стр. 16

[17]   Заклучок на граѓански оддел на Апелациониот суд во Битола од 01.11.2017 година

[18]   Пресудата на Апелациониот суд во Битола РОЖ-224/17 од 28.03.2017 година, стр. 3

[19]   Записник од одржана средба на Апелационите судови во РМ на 23-24.11.2017 година во Битола, стр. 5 и 15

[20]   Пресуда на Апелациониот суд во Битола РОЖ-1/18 од 06.02.2018 година, страна 3

[21]   Пресудата на Апелациониот суд во Битола РОЖ-224/17 од 28.03.2017 година и Пресуда на Основниот суд во Виница РО-67/17 од 02.02.2018 година

[22]   Во постапката РО-67/17 на Основниот суд во Виница, тужениот се повикал на заклучокот од средбата на апелационите судови од Декември 2016 година, додека тужителот се повикал на заклучокот на Апелациониот суд во Битола од 2017 година

[23]   Записник од одржана средба на Апелационите судови во РМ на 23-24.11.2017 година во Битола, стр. 14

[24]   Збирка на судски одлуки 1990-1996, Книга V, Академик 1997, стр. 239-240

[25]   Записник од одржана средба на Апелационите судови во РМ на 23-24.11.2017 година во Битола, стр. 14

[26]   Решение на Основниот суд во Битола ПИ-4/17 од 27.11.2017 година, стр.1

[27]   Записник од одржана средба на Апелационите судови во РМ на 23-24.11.2017 година во Битола, стр. 6