Македонски Shqip English

М-р. Ивана Џумковска

Правосудниот систем на РМ во насока на подобрување на човековите права

 

Денот на правосудството, денот на независноста и слободата во донесувањето на одлуки во едни од најзначајните институции во државно уредениот систем на едно демократско општество, една вкоренета цивилизациска култура на слобода и не потпаѓање под политичката моќ и самоволието на поединци во овие донесувањето на судксите одлуки кое би било погубно за една демкоратска држава или за држава која цели да биде таква. Функционирањето на судството, на судската власт како носител на сегмент од власта кој се грижи за обезбедување и афирмација на правната сигурност, има круцијална улога во доследното почитување на принципот на владеење на правото и заштитата на индивидуалните и колективните слободи и права што овозможува реализација и унапредување на високите цивилизациски и општоприфатени идеи и стандарди за демократија во едно општество.

            Започнувајќи од самата дистинкција на поимите моќ и власт, каде според Макс Вебер власта е дефинирана како вид на моќ кој претставува облик, и форма на моќ кој е прифатен како легитимен, исправен и проверен вид на истата, доаѓаме до самата универзално прифатена поделба на власта понудена од големиот Монтескје. Вебер зборува исто дека државата има монопол над легитимната употреба на моќ, но зборувајќи за одреден вид на конторла и демонополизација на ваквата власт Шарл Монтескје, во своето дело “Во духот на законите”[1], само ќе ја изнесе својата мисла за поделбата на власта, поделба со која би се намалила веројатноста од злоупотребата на инситуционалната власт, односно на монополот на употреба на физичката сила или моќ. Како дел во таа трослојна пирамида законодавната власт ги опфаќа нормативните функции на државата, односно не води кон тоа како треба да функционира една држава. Извршната власт е дефинирана преку извршните функции на државната власт, односно има за должност да ги спроведува и реализира законите што се донесени од законодавната власт. Судска власт која би претставувала власт и би имала надлежност во делот на одржувањето и реализацијата на тој правен поредок. Доколку би се навратиле наназад, самите почетоци на правосудниот систем и формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија, започнува со донесувањето на Одлуката на второто заседание на АСНОМ од  2 август 1944 година, за формирање на судски органи и за судство како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи. На 20 Октомври 1944 година е донесено решение на президиумот на АСНОМ во кое со точка 12 се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија, судењата ќе се извршуваат во рамките на народноослободителните одбори. За разлика од револуционерните судови – судовите на партизанските одреди, во овој период се јавуваат како мешовит, хибриден вид на правосудни органи кои иако формирани од НОВ на Македонија, сепак се карактеристични по две нешта и тоа, прв пат станува збор за правосудни органи засновани со акт на законодавно тело, и органи кои се одвоени од воената структура, како таква доминантна во сите сфери на живеењето во тој период. На 31 март 1945 година е донесена повелба на АСНОМ со која се основани 25 околински судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.[2]

            Но како и дали воопшто правосудниот систем во Р.Македонија е подобрен и се темели на темелите на независност, непристрасност на самите судии од самите тие почетоци до денес. Дали самата поделба на власта како што теоретски би звучела совршено од самиот Монтескје е втемелена и практично во нашето општество или сепак надворешното влијание и моќта на поединци само ги прекршуваат и назадуваат напорите на дел од самите судии за останување на страната на праведноста и  независноста. Би сакала само кратко да напоменам дека во текот на истиот овој месец во кој го славиме правосуството и слободата за донесување на судските одлуки, од самите медиуми можевме да слушнеме за цензурираната истражувачка емисија која што имаше за задача да истражи случаи на работници и нивни несреќи случени на самото работно место, во кои едниот го загубил неговиот живот додека другиот завршува со тешки телесни повреди кои не му овозможуваат нормално функционирање во неговиот живот. Емисијата повеќе беше фокусирана на самото правсудство во нашето демократско општество и можеби од една страна неажурноста или пак самоволието од страна на извршителите во тоа судство. Загарантираното право на слободата на изразување во членот 10 од самата Европска Конвенција за човекови права и неговото почитување, беше уште еднаш без малку оставен настрана и занемарен со самото вршење на влијание и употребата на моќ на одредени лица, за спречување на пренесувањето на информации во јавност. За оваа тема во некое друго тематско издание на Правниот Дијалог. Водејќи се од самата Конвенција за човекови права како највисок постамент со кој би требало да бидат усогласени сите домашни легислативи поврзани со правото на поединецот во тоа општество, го заштитува и гарантира правото на поединецот да учествува во судска постапка која би била независна, и во судска постапка која би завршила во еден разумен рок а би била завршена како постапка со спороводено фер судење за двете страни во истата. Членот 6 од самата Конвенција кој е сместен во првиот дел во кој се содржани правата и слободите на човекот вели:

            “Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата.”[3]     

            Иако самиот член дава јасни одредби за водењето на самата постапка, не смееме да го занемариме повеќе пати утврденито факт за судовите на територијата на нашата земја без разлика за самата поставеност на судот во државата. Минатото ни докажало дека постојат слуаи за злоупотреба на самата позиција и прекршување на еден од основите права на човекот, на истиот горенаведен чл.6. Во овој контекст би сакала да ја спомнам пресудата која која беше изречена од Европскиот суд за човекови права во случајот со струмичкиот хирург Ефтимов кој беше обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето, а дело во врска со медицински третман над пациент во струмичката болница. Покрај самите различни пресуди од страна на Основниот суд, подоцна со преквалификација на делото од страна на Апелационен Суд, Врховниот суд како крајна иснтанца во правниот судски систем на Р.Македонија во 2008 одржува седница во присуство на јавниот обвинител но не и во присуство на сега жалителот Ефтимов. По усното сослушување на наводите на јавниот обвинител, Врховниот суд ги прифатил наоѓањата на судечкиот судија во поглед на фактите и правото, првично дека конкретното кривично дело треба да се квалификува како тешко дело против здравјето на луѓето, извршено со намера. Врховниот суд заклучил дека жалителот бил виновен и го осудил на една година затворска казна после која што жалителот започнал со издржување на затворската казна[4]. Во 2009 судечкиот судија ја заменил оваа казна со условен отпуст. Хирургот покренува постапка пред ЕСЧП, преку својат адвокат и се повикаува на членот 6 од Конвенцијата за правично судење во разумен рок, кој рок во конкретниот случај според пресудата на ЕСЧП траел предолго за една ваква постапка. Самиот суд установил дека постапката ја нема потребната сложеност за да во конкретниот случај целокупното траење на постапката е од околу 11 години. Европскиот суд за човекови права исто така установил и низа неправилности во самата судска постапка одржана пред Врховниот суд на РМ, со тоа што не биле присутни двете страни ( во конкретниот случај пред Врховниот суд не бил присутен хирургот Ефтимов) иако, како што се вели во пресудата од ЕСЧП, без сомнение требало да присуствува, имајќи го во предвид фактот дека неговата наводна намера (степенот на вина) да го изврши кривичното дело, била тема на разгледување на седницата. ЕСЧП со оваа пресуда и наводите во неа уште еднаш го докажува системскиот пропуст во судскиот систем на РМ, и неправедноста во судскиот процес со ставање на една страна во поповолна состојба од другата во текот на самиот судски процес. Во конкретниот случај ЕСЧП, во својата пресуда наведува и прашува зошто јавниот обвинител бил ставен во поповолна состојба со самото присуство пред Врховниот суд?! Со пресудата на ЕСЧП е установена повреда на чл.6 од Конвенцијата со што државата треба да му плати оштета на жалителот, во случајот на хирургот Ефтимов. Дека судовите во Македонија не обезбедуваат правично судење покажува и анализата на состојбите во судството направена на тим од долгогодишни правници кој преиспитувал два правосилни судски предмети во кои се утврдени бројни недостатоци на судските постапки – грешки во пресудите, недоволно поткрепени случаи и непостоење на мотив за кривично дело.    Еден од предметите за кои биле вршени испитувања на процедурите во водењето на самата постапка е и предметот “Музеи на Македонија”  каде беше установено дека судот не располагал со докази врз основа на кои ќе го товари осуденото лице, а не биле доволно оценети ниту олеснителните околности. [5]

            Од погоре искажаното само можеме да ја констатираме повеќе од јасна сликата дека судскиот систем во РМ, односно поединците како носители на функции во истиот, би морале, односно би биле должни многу повеќе да се фокусираат во нивната независна работа, и функција која ќе биде спороведена во согласност со домашната легислатива и секогаш во корелација со меѓународно прифатените акти кои веќе се дел од македонскиот правен поредок, со што би биле заштитени а исто така и подобрени правата на поединецот како учесник во судската постапка и директен учесник на правосуднот систем. Иако голем дел од организациите од граѓанскиот сектор кои ги разработуваат овие прашања и кои се насочени во подобрување на овие права на поединецот секојдневно работат на проекти, истражувачки работи но и постојано организираат настани и работилници поврзани со почитување и оформување на независниот судски систем согласно со чл.6 од Конвенцијата и неговота важност во судскиот процес, во макеоднскиот судски систем сеуште не вродило со плод. Мора да се признае дека самата држава не е повеќе во групата на млади држави со што толку често би и биле допуштани грешки намерни или не направени од поединци во судскиот систем кои што со своите пресуди само биле доказ за неправилноста на функционирање на правосудството во РМ.

Сепак мислам дека константото, конкретно работење на ваквите процеси, и почестите пресуди од ЕСЧП кои што треба да претсавуваат одличен извор за извлекување  на поуки сепак на потешкиот начин ќе доведе до размрдување на самите правосудни процеси, и до самата структура на независни судство во нив. Само секојдневниот труд за спороведување на правичноста би можело да го подобри судот во неговата внатрешна смисла и надворешна која подоцна би имала директно влијание кај самиот поединец како учесник во судскста постапка. 

 

[1] “The spirit of Laws”, Baron de Montesquieu, 2007 Cosimo, Inc. New York.

[2] www.akademik.mk , Оформувањето на судскиот систем во РМ, и самите почетоци на истиот.

[3] https://www.echr.coe.int/Documents/Convention_MKD.pdf , Европска Конвенција за заштита на човекови права, Дел I- Права и слободи, стр. 9, чл.6.

[4] www.akadamik.mk, Случај: Пресуда на ЕСЧП за нефер судење пред Врховниот суд на МК.

[5] www.24vesti.mk , Обраќање и изнесување на факти од спроведената анализа од страна на пензионираниот поранечен судија во Врховниот суд на РМ, Мила Ристовска.