Македонски Shqip English

д-р Драгана Кипријановска

За концептот на специјализирано судство

 

 

  1. Општо за специјализацијата на судовите и видови модели на специјализација

 

Во услови на динамични промени и отворени реформски процеси во правосудната сфера, специјализацијата на судовите станува константно растечки тренд во повеќе држави, како од англоамериканскиот, така и од континенталниот правен свет.[1] Ваквиот правец се појави како плодно подрачје, кое во различни судски системи исфрли повеќе методи и средства за остварување на некои од основните цели: поголема ефикасност и ефективност на судското решавање на споровите, подобар квалитет на судските одлуки, а со тоа и подигање на довербата на граѓаните во судот.

Во своето најопшто значење, специјализацијата на судиите подразбира занимавање на судијата со определено правно подрачје, односно поседување на посебни знаења, способности и вештини во одредена правна област (така, казнено право, даночно право, економско и финансово право, конкурентско право, итн.). Поконкретно, овој израз означува дека извесни предмети ќе се третираат и решаваат поинаку и издвоено од останатите.[2]

Анализирајќи го концептот на специјализација во контекст на организацијата на судството во Холандија, Hol и Loth уште ќе нагласат дека специјализацијата во суштина претставува шаренолик принцип и динамична пракса на професионално функционирање, која се темели на определени барања поврзани со поседувањето на соодветни знаења и вештини, стекнати и унапредени до едно релативно високо ниво, како и одредена организација на дејствувањето, врз основа на поделба на работата.[3]

Гледано од компаративен агол, треба веднаш да се истакне дека на меѓународно ниво не постојат униформни стандарди кои директно упатуваат на потребата од специјализација на судиите, ниту пак, можат да се најдат конкретни насоки за начинот на кој таа би требало да се спроведе. Консеквентно на тоа, во државите се среќаваат различни модели на специјализирани судски системи, со чија примена се настојува да се постигне идејата за поинаков третман на предметите од определена правна област.

Во некои држави, на пример, постојат посебни судови кои се просторно одвоени од другите и работат на предмети од одреден домен. Нивното формирање е најчесто резултат на потребата од подобро прилагодување на разликите што извираат од процедуралните закони (како што е, на пример, случај во кривичните предмети), или пак, се должи на спецификите на административните постапки и на интерните правила на судовите, низ кои појасно доаѓаат до израз посебните карактеристики врзани за случаите од определен вид. Значи ако се појде од организациската поставеност, произлегува дека овие судови можат да бидат дел од општиот правосуден систем или пак да функционираат одделно од него, со сопствена хиерархиска поставеност, која вклучува и специјализирани апелациони судови. Добар егземплификатив за тоа е германскиот судски систем, во чии рамки егзистираат повеќе специјалистички гранки, при што, секоја од нив се карактеризира со сопствена хиерархија на второстепени судови. Составен дел на таквата структура претставува општиот судски оддел (general court branch), што го сочинуваат посебни одделенија (court divisions): граѓанскo, кривично, одделение за семејни спорови, а постојат и посебни оддели, во чија надлежност е да постапуваат по предмети од областа на административното, социјалното, трудовото, финансовото и правото на интелектуална сопственост. Секој од нив е организиран и финансиран независно од останатите.

Во Англија, пак, се предвидени два вида првостепени судови, чијашто надлежност е определена во зависност од тежината на кривичното дело. Во прв степен, според стварната надлежност, судовите во Англија може да се поделат на магистратски судови (Magistrates Courts) и судови на круната (Crown Courts). Во втор степен, во определни случаи се јавуваат и судовите на круната, како и вишите (High Courts) и апелационите судови (Courts of Appeals). Највисок судски орган во Англија е Домот на лордовите во Англискиот парламент.[4]

Следна алтернатива е основањето на специјализирани судски одделенија во рамки на постојните судови. На овој систем се гледа како на поедноставен метод, бидејќи повлекува помалку трошоци и административни формалности, допуштајќи овие одделенија да се формираат без притоа да следат посуштински интервенции на легислативен план, изразени низ усвојувањето на нови законски прописи.[5] Овие одделенија можат да бидат екипирани со одреден број на судии, обвинители, помошен персонал и судници наменети за нивните потреби. Можно е, исто така, тие да бидат сместени во посебни објекти, иако поретки се случаите во кои имаат на располагање сопствен буџет. Ангажманот на судиите кои работат во нив во некои случаи е со неопределено траење, додека во други е диктиран од привремените потреби за специјализација, односно од потребата за тестирање на определено специјалистичко подрачје (пилот - фаза), со цел негова понатамошна експанзија. Овој модел им е својствен на државите од common law системот, што е и разбирливо ако се земе предвид дека тамошните судови располагаат со поголема флексибилност и овластувања да ги прилагодат и усогласат правилата на судот, без притоа да мораат да се обратат до надлежните министерства. Денес овој пристап се среќава во повеќе американски држави, во Канада, вклучително и во некои други држави од Комонвелтот. Поинаку е, од друга страна, во државите од Латинска Америка и во Европа, бидејќи неговата примена во овие земји повлекува повеќе формалности и не ретко доведува до промени во процедуралните закони и во законите за судовите.

Друг практикуван метод е оној кој подразбира специјализација на судиите во поединечни области, со цел нивно натамошно вклучување во ad hoc совети, кога ќе се појави потреба од расветлување на случаи кои налагаат поседување на посебни знаења и стручност од конкретна правна сфера. Во таа смисла, судовите кои немаат доволен обем на предмети за експертска обработка, или пак, не се во состојба во која можат да го предвидат опсегот на предмети во иднина, можат да ги охрабрат судиите да се посветат на развој и усовршување на соодветно специјалистичко подрачје, како би биле подоцна вклучени во решавањето на такви предмети. Кога нивното расветлување е препуштено на совет од повеќе судии, на еден од судиите кој поседува исклучиви знаења од областа, може да му се додели посебна улога. Споменатово решение наоѓа поткрепа во германскиот правосуден систем, каде во рамки на Сојузниот врховен суд, судијата - експерт во областа, се поставува во својство на известител за случајот (Rapporteur). Со оглед на улогата во која тој се јавува, од него најнапред се очекува да изготви детален извештај (votum) за сите аспекти на случајот, давајќи притоа кратка ретроспектива и опис на фактите, потоа да ги наведе релевантните прецеденти воспоставени со некоја претходна одлука, како и да посочи соодветна правна литература, аргументи и заклучоци, низ кои ќе бидат илустрирани неговите погледи за тоа каква завршница треба да добие конкретниот случај. Извештајот мора да содржи резиме и образложение на причините што стојат зад изнесените препораки. Вака подготвениот извештај, односно клучните наоди и аргументи вградени во него, судијата - известител ги презентира пред останатите членови на советот, како би ја обезбедил нивната согласност.[6]

Во секој од погоренаведените модели специјализацијата може да добие различна форма. Најчесто, таа е детерминирана од видот и природата на случајот (кривични, трговски, земјишни спорови) или подвидот на случаи (семејни спорови, стечај, корупција, нарко-криминалитет, итн.); субјектите на постапката (деца, банки, мигранти, лица во работен однос[7]); процесните дејствија (спроведување на истрага, судови одговорни за изрекување на казната и судови во чија надлежност е извршувањето на казната); географското подрачје,[8] вклучувајќи ја тука и потребата од обезбедување некои дополнителни услуги (терапевтски судови, судови за семејни спорови, и сл.).

Што се однесува до подрачјето на специјализација на судиите, добар извор на податоци претставува Мислењето бр. 15 од 2012 година на Консултативниот совет на европските судии.[9] Од него може да се дојде до сознанија за тоа кои специјалистички области најчесто се среќаваат помеѓу европските држави. Така, меѓу најзачестените особено се издвојуваат следниве: судови за решавање на семејни спорови и семејно насилство, судови за млади, административни судови, судови (или посебни совети) за иселеници, за јавни финансии, трговски, даночни и стечајни судови, воени судови, потоа судови за решавање на земјишни и спорови од работни односи и социјално осигурување, судови за нарко-криминал, итн.         

            Понова форма на специјализирани судови се судовите за интелектуална сопственост. Во некои земји тие имаат автономен статус и уживаат ексклузивитет во однос на предметите поврзани со заштитата на правата од интелектуална сопственост  (така е, на пример, во Тајланд, Турција, Кореа, Јапонија и во Обединетото Кралство, кадешто постојат и посебни патентни судови и судски совети), додека во други тие се формираат и дејствуваат во рамки на постојниот (општ) судски систем (трибунали за интелектуална сопственост). Една неодамнешна студија изготвена од страна на Меѓународниот институт за интелектуална сопственост, го потврдува податокот дека судови од ваков вид постојат во вкупно 90 држави во Европа, Азија, на Блискиот Исток, во северна Африка, Карибите и во Јужна Америка.

Посочувајќи на точките на разликување помеѓу редовните и специјализираните судови, не смее да се заобиколи онаа која допира до начинот на водење и до целите на постапката. Генерално, постапките што се водат пред судовите надлежни за млади и за решавање на семејни спорови, имаат помалку формален карактер и првенствено се насочени кон помирување на страните. Од друга страна, предметите од областа на организираниот криминал и корупцијата (особено кога се работи за корупција на високо ниво), наметнуваат потреба од обезбедување посебна заштита на сведоците и на жртвите на делото. Не помалку, кога се во прашање делата од областа на тешкиот криминал, судиите и обвинителите треба да поседуваат повисок степен на стручност, како би можеле да одговорат на спецификите на случајот. Спротивно на тоа, кога се работи за полесни облици на неправо (сообраќајни несреќи, поседување помало количество на дрога, и сл.), сè пораспространети се гледиштата за изнаоѓање на поедноставни и поефикасни начини за нивно разрешување. Праксата во САД и во некои други држави сведочи за постоењето на специјални сообраќајни судови, најчесто формирани како независни трибунали, а нивниот делокруг на работа го исполнуваат мноштвото предмети за изречени парични казни за непрописно паркирање и за други видови на прекршоци во патниот сообраќај.[10]

            Во некои судски системи, специјализацијата предвидува поседување на неправнички знаења и пружање на дополнителни услуги во текот на целата постапка или во одделни нејзини стадиуми. Добар пример за тоа се т.н. терапевтски судови, кои по правило стојат во непосредна врска со потребата од покренување на посебни постапки за жртвите на одредени кривични дела, и тоа особено тогаш кога во улога на жртва се јавуваат деца или пак, кога се работи за случаи на сексуално злоставување. Вакви судови постојат во Северна Америка, Австралија и Велика Британија, а во поново време сè почесто се среќаваат и во Латино - американските и во европските држави. Нивна основна карактеристика е токму ориентираноста кон решавање на проблемот, што наоѓа поткрепа во логичното уверување дека некои случаи заслужуваат поинаков, а со тоа и поефикасен третман и внимание од оној што можат да го понудат редовните судови, кои не ретко се претрупани со различни по вид предмети.[11]

 

  1. Аргументи pro et contra

 

Во прилог на поширокото прифаќање на различните специјализирани судови во литературата се истакнуваат неколку битни аргументи. Особено значење има потврденото сознание дека ваквиот начин е мошне погоден со оглед на зачестените промени во законодавството, теоријата и во практиката, кои секојдневно добиваат во својата динамичност и комплексност, и со тоа ја доведуваат во прашање способноста на судиите навремено и внимателно да ги следат реформите во мноштвото правни области. На тој начин, специјализацијата влева поголема сигурност дека судиите ќе бидат поткрепени со потребните знаења и ќе имаат доволно искуство во својот делокруг на работа. На овој аргумент се надоврзува и наредниот кој на преден план го истакнува квалитетот на судските одлуки, и тоа особено во оние случаи во кои се работи за сложени предмети. Тоа пак, недвосмислено налага темелно и сеопфатно познавање на предметното подрачје, што не само што влијае врз конечниот исход на постапката, туку и го зајакнува авторитетот на самите судии. Не помалку важен е и аргументот дека концентрацијата на определен вид на предмети во рацете на избрана група на судии има за последица поголема воедначеност на судските одлуки, и со тоа дополнително ја засилува правната сигурност на граѓаните.[12] И не само тоа, занимавајќи се со слични предмети, судиите можат подобро да ја разберат реалноста на предметите што им се доделени, било на општествено - економско или на техничко ниво, и да ги препознаат решенијата кои најмногу соодветствуваат на таквата реалност.

Позитивните страни на специјализацијата можат да се согледаат и од друг агол: таа, од една страна влијае врз намалување на бројот на (заостанати) предмети и на трошоците на постапката, со оглед на нејзиното пократко времетраење,[13] а пак, од друга, го поттикнува мултидисциплинарниот пристап, што е и разбирливо ако се земе предвид широкиот дијапазон на прашања кои во одредени случаи треба да се согледаат и од друг (неправнички) агол.[14]

Наспроти позитивните страни, определбата за специјализација на судиите по области има и определени слабости, за кои треба да се води посебно сметка при изборот на можните алтернативи. Во литературата со право се укажува на основната слабост, која се состои во опасноста од изолација на судиите специјализирани за определени предмети од основните начела на правото и правната наука и развивање на потесни, па дури и еднострани погледи, губејќи ја на тој начин врската со другите правни дисциплини (“by specializing, the judge might lose his capacity to see the big picture”).[15] Таквата секторизација води кон разнишување на единството на правото и на долг рок може да продуцира одлуки со послаб квалитет.

Друга негативна страна е и онаа која е поврзана со ризикот од претерана блискост помеѓу судиите, обвинителите, адвокатите и останатите лица инволвирани во потесната експертска област. Зачестените контакти помеѓу нив може да ја доведат во прашање судската независност и непристрасност, а дотолку повеќе и да ги изложат судиите на реална опасност од влијание и насочување на нивните одлуки. Натаму, кај определена група на судии може да се создаде перцепција дека тие со оглед на нивната стручност во одредено специјалистичко поле, поседуваат повисока вредност, па со тоа заслужуваат и поинаков третман во споредба со останатите судии (група на “елитни“ или “супер - судии“).                                                                                                                                                                                 Следна проблематична точка е онаа која допира до основниот принцип за еднаков пристап до правда, што, пак, се должи на непостоењето судии - експерти во секоја одделна област.[16] Загриженост постои и од гледиште на средствата кои се потребни за нивно формирање, како и од аспект на кругот на лица кои би имале корист од таквите услуги. На ова место, се право се укажува дека за да се смета за оправдана одлуката за унапредување на постапувањето кај предмети од определен вид, потребата за тоа треба да биде широко распространета, а самата одлука да произведе силно влијание, додека искуствата од формирањето на таков суд, да послужат како позитивен пример при преземањето натамошни судски реформи. Спротивно на тоа, ако бенефитот од промените е наменет за една мала група на лица, а резултатите од работењето на овие тела не служат како мотив за спроведување дополнителни промени на правосуден терен, тогаш оправданоста од нивното постоење станува дискутабилна и налага потреба од натамошна анализа.

Конфронтирајќи ги различните стојалишта за оправданоста од формирањето на специјализирани судови, се чини соодветен пристапот на Cazalet, кој осврнувајќи се на искуствата на англискиот правен систем, издвојува неколку клучни детерминанти:

- Дали востановувањето на специјализирани судови се должи на континуирана или барем на среднорочна потреба, или пак е резултат на одредена моментална потреба?;

- дали постојат претходни искуства (пилот - тестови), од кои може да се согледаат елементите што би придонеле за потенцијален успех на таквиот систем?

- каква е праксата во поглед на (не) конзистентноста на судските одлуки во дадена област, т.е., дали е констатирано постоење на изразено ниво на невоедначеност на судската пракса? И доколку е тоа случај, дали таквите недоследности довеле до зголемување на бројот на покренати постапки, или пак, имале спротивен ефект?

- каква е состојбата во однос на бројот на заостанати предмети кои чекаат на обработка? Дополнително, колкава е штетноста на последиците од таквото доцнење, односно колкави се трошоците за судот, владата и за странките во спорот?

- дали постојат оправдани критики или повисок степен на загриженост по однос на начинот на постапување во одредени предмети или од гледиште на нивното времетраење?[17]

 

                                                                                         *

Устројувањето на моделот на специјализација на судството е следено со внимание и од страна на Консултативниот совет на европските судии.[18] Во Мислењето од 2012 година споменато погоре во текстот, Советот нагласил дека сите судии, независно од тоа дали се специјализирани за конкретна правна  област, мораат да бидат стручњаци и да поседуваат вештини, што се неопходни за вршење на нивната професија. Становиштето на Советот е дека претежна улога во пресудувањето треба да имаат општите судии, а пак, специјализацијата да се воведе тогаш кога тоа се покажува како неопходно, со оглед на сложеноста или специфичноста на правото, т.е. за да се осигура негова правилна примена. Специјализираните судови секогаш треба да претставуваат дел од целината на судскиот систем, и тие, исто како и општите судии, мораат да ги задоволат барањата за независност и непристрасност кои извраат од членот 6 од ЕКЧП.

Што се однесува до статусот на судиите, мислењето на Советот е дека општите и специјализираните судии по правило треба да уживаат еднаков статус. Етичките правила и оние врз кои се заснова одговорноста на судиите мора да бидат еднакви за сите, а специјализацијата не смее да го разводни квалитетот на правосудството. Во делот на заклучоците е поместен и оној во кој децидно се вели дека мобилноста и флексибилноста на страна на судијата, не ретко се чинат и достатни за задоволување на потребата од специјализација. Најопшто земено, на сите судии би требало да им биде оставена можност за специјализација и дополнителна обука, која би се организирала од страна на јавните правосудни органи/ институции за спроведување на обуки од таков вид. Веќе на самиот крај од документот нотирано е и тоа дека овластувањата и одговорноста на Судскиот совет, треба еднакво да важат, како за судиите од општа надлежност, така и за оние кои се специјализрани во определено правно подрачје.

 

 

[1] Зачетоците на идејата за специјализација на судовите за одредени кривични дела се среќаваат уште во античкиот Рим, додека во Англија првите судови за поморско право биле формирани во 14-от век. На американскиот континент, овој правец датира од 1792 година, и се врзува со основањето на Delaware Chancery Court. Наскоро потоа специјализирани судови се формирани и во Франција (така, судови за решавање на работни спорови – „conseils des prud’ hommes, 1806 год.), во Илиноис (судови за млади - 1899 год.), Данска (специјален суд за работни односи, 1910 год.) и во Шведска (судови за вода, 1918 год.), Heike Gramckow and Barry Walsh, Developing Specialized Court Services: International Experiences and Lessons Learned, Јustice & development working paper series 24(2013):3-4.

[2] Ibid, 2013, 3.

[3] Hol, М.А., Loth, M.A., Beter weten; specialisatie in de rechterlijke macht, (2002) според Elaine Mak, Balancing Territoriality and Functionality; Specialization as a Tool for Reforming Jurisdiction in the Netherlands, France and Germany, International Journal For Court Administration (October 2008): 2, http://www.iaca.ws/files/LWB-Elaine_Mak.pdf.

[4] Бужаровска Гордана и др., Компаративно казнено процесно право, Скопје (2011), 80 итн.

[5] Дејствувањето на овие одделенија најчесто е уредено со интерните правила на судот.

[6] В. Donald P. Kommers, The Constitutional Jurisprudence of the Federal Republic of Germany, 2nd ed., (Durham, NC: Duke University Press, 1997), 25 итн.

[7] Во Австрија, на пример, постојат судови за работни спорови и социјални судови, кои се исклучиво надлежни за постапување во спорови од работни или со нив поврзани односи, социјално и пензиско осигурување. Дел од мрежата на специјализирани судови е и Комерцијалниот суд во Виена, чијашто надлежност е ограничена на постапките што вклучуваат повреда на патентните права, Markus B. Zimmer, В.М., Overview Of Specialized Courts, International Journal For Court Administration (August 2009): 14.

[8] За Холандија, на пример, карактеристични се два модела на решавање на различните територијални потреби. Постојат од една страна т.н. traveling judges, кои патуваат на различни локации со цел решавање на некои специфични случаи, додека од друга страна се случаите на измама кои зафаќаат неколку дистрикти, при што за сите нив е надлежен специјализираниот суд за измами познат како Noordelijke Fraudekamer, в. Mak, “Balancing Territoriality and Functionality“, 2-3.

[9] Opinion (2012) no. 15 of the Consultative Council of European Judges on the Specialisation of the Judges, adopted at the 13th plenary meeting of the CCJE (Paris, 5-6 November 2012), в. Оддел С, пар. 8-13, http://www.uhs.hr/data_sve/docs/CCJE_opinion_NO-15-EN.pdf.

[10] Gramckow, Walsh, “Developing Specialized Court Services,” 13.

[11] Можно е, на пример, да се работи за предмети поврзани со конзумирање на опојни дроги, или за нарушено душевно здравје на страната на засегнатото лице, случаи кои инволвираат други здравствени, емотивни или социјални проблеми, итн.; подетално за ова в. David B. Rottman, Does Effective Therapeutic Jurisprudence Require Specialized Courts and Do Specialized Courts Imply Specialist Judges?, Court Review (Spring 2000): 22–27.

[12] Zimmer, “Overview Of Specialized Courts”, 2.

[13] Comparative study of the reforms of the judicial maps in Europe, Sciences Po Strasbourg Consulting, 2012, 13, https://www.coe.int/t/DGHL/COOPERATION/CEPEJ/quality/rapport_SPSC_en_final.pdf.

[14] Opinion (2012) no. 15 of the Consultative Council of European Judges on the Specialisation of the Judges, 2012, Оддел С, пар. 8-13; Gramckow, Walsh, “Developing Specialized Court Services,” 6.

[15] Comparative study of the reforms of the judicial maps in Europe, 12-13.

[16] В. за ова и Zimmer, “Overview Of Specialized Courts,” 4.

[17] Edward Cazalet, Specialised Courts: Are They a ‘Quick Fix’ or a Long-Term Improvement in the Quality of Justice?, Washington, DC: World Bank, 2001 според Gramckow, Walsh, “Developing Specialized Court Services,” 15.

[18] Подетално за работата на Советот, в. https://www.coe.int/en/web/ccje.