Македонски Shqip English

Институционален грант

ЗАКЛУЧОЦИ ОД ФОРУМОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ПОСВЕТЕН НА ПРАВАТА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

 

На 6 декември 2017 година (среда) во ЕУ Инфо Центарот, во организација на Институтот за човекови права се одржа Форумот за човекови права посветен на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија по повод Меѓународниот ден на човекови права и слободи - 10-ти декември.

Исто така, на Форумот беше промовирано видеото „Илустрирани човекови права“ кое што го изработи ИЧП и кое е достапно на нашата веб страна во менито „Медиа“.

На Форумот за човекови права секој од говорниците имаше свои искажувања, а потоа се отвори дискусија со присутните од публиката при што можеме да ги констатираме следниве заклучни согледувања:

Г-а Светлана Цветковска - Советник за недискриминација во Министерството за труд и социјална политика – ги презентираше измените кои се составен дел на новиот Предлог-Закон за спречување и заштита од дискриминација кои овозможуваат зголемена заштита на правата на маргинализираните групи и тоа особено следниве измени: проширување на основите за дискриминација (сексуална ориентација, родов идентитет и др.), професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација и воведување на нивна стручна служба, можноста за граѓански организации да застапуваат лица пред Комисијата и сл.

Г-дин Петруш Тоинес - Меѓународен лидер на тимот на програмата Цивика мобилитас – го истакна значењето на инклузијата на сите лица, особено на припадниците на маргинализираните заедници, при што ја презентираше книгата “Inclusion Matters, the Foundation for Shared Prosperity” која на многу достапен начин ja прикажува важноста за вклучувањето на припадниците на ранливите групи во сите општествени процеси.

Г-а Искра Росо - Извршна директорка на здружение на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ – истакна повеќе проблеми кои произлегуваат од неколку закони, а кои особено им го отежнуваат остварувањето на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Таа посочи дека и понатаму треба да се поддржуваат и унапредуваат сервисите за овие лица кои се развиваат во последниве години, а потребна е и поголема промоција на предизвиците со кои се соочува оваа ранлива категорија. На тој начин ќе се овозможи и нивно препознавање со цел овозможување на нивните човекови права во пракса.

Г-дин Петар Јорданоски – од Канцеларијата на Совет на Европа во Скопје – презентираше состојби во казнено-поправните установи кои се во најмала рака загрижувачки. Од искажувањето може да се заклучи дека однесувањето и третманот на лицата кои се наоѓаат во овие установи се граничи со тортура, како и висок степен на нехумано и деградирачко однесување, а загрижувачки е и присуството на коруптивно однесување од страна на овие лица. Се јавува голем проблем и во однос на презентираната состојба дека нема акции во делот на заштита на човековите права и поведување судски постапки од страна на лицата лишени од слобода.

Г-а Маргарита Цаца Николовска - Претседателка на ИЧП и поранешна судијка на ЕСЧП и судијка и потпретседателка на Уставниот суд на Босна и Херцеговина – беше модератор на настанот и по секое поеднинечно искажување од страна на панелистите, како и по прашањата на присутните во публиката, даваше сублимирани коментари од кои посуштински беа следниве:

(1) да се направат сите напори за измените кое се содржани во новиот Предлог-Закон за спречување и заштита од дискриминација да бидат усвоени во Собранието на РМ од причина што истите се резултат на широк консултативен процес и придонес од сите засегнати страни;

(2) државата да изнајде начин за превод на презентираната книга од страна на г-дин Петруш Тоинес со цел да се овозможи нејзин пристап и до припадниците на различни маргинализирани групи во вистинска смисла на зборот;

(3) да се зголеми промоцијата на потребата од надминување на пречките со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост, како и и нивно правилно дефинирање (лица со интелектулана попреченост, наместо лица со ретки болести и сл.) за да нема недоразбирања или пак навредливи обраќања кон овие лица;

(4) да се овозможат похумани услови, како и да се испитаат подетално причините за коруптивното однесување на лицата лишени од слобода, како и за нивната пасивност во однос на заштита на нивните човекови права.

Институтот за човекови права и понатаму ќе продолжи да ги следи состојбите во овие области и соодветно ќе реагира.

Воедно на Форумот беа изложени и фотографиите кои што ни пристигнаа на објавениот конкурс на тема: „Човековите права преку слика“ со цел зголемувањее на промоцијата и зајакнување на свеста за важноста на човековите права и нивното остварување.
За таа цел присутните на Форумот има можност да ги изберат најдобрите три фотографии кои исто така се јавно објавени.

Овој Форум бешe дел од активностите кои ИЧП ги реализира во рамките на Институционалниот грант поддржан од Програмата Цивика Мобилитас.