Македонски Shqip English

М-р Ѓултен Мустафова

За дискриминацијата, накратко

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, кое има за цел да го спречи или ограничи  признавањето, уживањето или остварувањето на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со другите.

 

Ако ја разгледаме малку историјата и појавата на дискриминацијата низ неа, можеби може да се каже дека првата дискриминација ги погодила жените. Како што можеби веќе знаеме, жените не биле рамноправни и за жал сè уште не се. Во античките времиња жените се сметале само како обични алатки или слуги. Тие немаа никакви права или мислења. Нивна главна задача била да ги воспитуваат децата, да готват и да чистат, што не се ни сметало за придонес во семејството. Жените беа изедначени во 20 век во повеќето земји. Сепак, сè уште има некои земји каде што ова не се случило.


Друга античка дискриминација со која се среќаваме е ропството. Многу од раните цивилизации се темелеле на работата на робовите, како Вавилон, Египет, Античка Грција или Антички Рим. По почетокот на средниот век ова исчезна од Европа. Сепак, на други места, продолжи да живее. Само во 1853 година во САД тие ја прогласија слободата на робовите - главно Афроамериканци.
Посебен вид дискриминација постои во Индија. Нивното општество (главно) се базира на "системот на касти". Ова е систем кој е поделен на касти во кои можете да се родите само. На дното на пирамидата се поставени "недопирливите ". Тие се во основа робови и сè уште постојат во денешно време.

Многу трагичен и близок случај е нацизмот (или националниот социјализам) и дискриминацијата на Евреите и Ромите. Ова главно беше идеологијата на Германија помеѓу 1933-1945 (но започна во Национал-социјалистичката германска работничка партија, НСДАП), предводена од Адолф Хитлер. Еден од главните елементи на нацизмот е тоа што им овозможи на своите следбеници да се мислат себеси супериорни за разлика од другите раси.

 

Генерално, може да се потврди дека дискриминацијата на глобално ниво се групира и е застапена врз неколку основи: како раса, етничка, верска, сексуална ориентација и род.

 

Во Република Македонија најзастапена е етничката дискриминација. Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација годишно примаат најмногу претставки за извршена дискриминација врз основа на етничка застапеност.

 

Етничката дискриминација во Република Македонија е застапена во сите области и се среќава често во секојдневието. Најмногу по овој основ се таргетирани Ромите и лицата со попреченост, кои се среќааваат со дискриминација при вработување, дискриминација при добивање на здравствени услуги, дсикриминација при и во образование и многу други области, едноставно на овие две групи им се ограничени основните човекови слободи и права во секојдневното живеење и движење.

 

Имено, во 2001 година како една од најголемите афирмативни мерки за постигнување на еднаквост на етничките заедници во Република Македонија во областа на вработување, беше потпишан Охридскиот рамковен договор, кој меѓудругото предвидува и соодветна процентуална застапеност на етничките заедници според пописот на население. Со овој договор се даде можност да се намали нееднаквото третирање на помалите етнички заедници, односно да се намали незастапеноста на припадниците на помалите етнички заедници која е направена во минатото и да се овозможи пристап и влез во државната администрација. Тоа претставува позитивен чекор напред кон постигнување на еднаквост во јавната администрација не само во однос на бројот на вработени лица, туку и во однос на работната позиција и степенот на одлучување во процесот на донесување и креирање на политики.

 

Друга афирмативна мерка која беше воведена од страна на државата се квотите при запишување во средното и високото образование за припадниците на етничките заедници, со цел постигнување на еднаков пристап до високото образование. Најнова афирмативна мерка во областа на образованието е и стипендиите кои се доделуваат за средношколци и студенти Роми од националниот буџет на годишно ниво.

 

Афирмативни мерки се активности на надлежните органи кои се насочени кон спречување и заштита од дискриминација, односно намалување или елиминирање на фактичката нееднаквост којашто настанала како резултат на претходна дискриминација. Афирмативните мерки се предвидени и уредени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

 

Со донесување на првиот Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2010 година, Република Македонија ја заокржи законската рамка во однос на заштитата на човековите права. Во оваа законска норма  се  предвидува заштита од дискриминација по неколку основи и во повеќе области. Исто така, во рамки на основите предвидена е и отворена листа на основи уредена како други дискриминаторски основи уредени со закон и меѓународен договор.

 

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација уредена е и правната заштита, односно постапување во случај на дискриминација која е предвидена преку  работата на Комисијата за заштита од дискриминација и постапката за заштита од дискриминација. Во последниот дел од законот се уредува постапката пред суд и се предвидуваат прекршочни глоби.

 

На постоечкиот закон потребни се одредени измени со цел да се постигне подобра и поефикасна заштита од дискриминација согласно меѓународните стандарди.

 

Дискриминацијата е термин за која ќе биде потребно уште многу време за елиминирање на фактичката нееднаквост со која секојдневно се соочуваме. Менувањето на размислувањата и отстранувањето на стереотипите и предрасудите на една цела група на народ е нешто што не се случува преку ноќ. Потребно е да се изготви план за излез од секојдневното дискриминаторско општество во кое живееме, за што се потребни поголеми мерки, освен кампањи и обуки. Потребно е зголемување и подобрување на нивото на живеење на луѓето, подобрување на работните услови и воспоставување на стандарди при работењето со цел овозможување на еднаков пристап за сите.

 

Дискриминацијата е состојба во која секој од нас може се најде во одреден период во живототот и затоа почитувањето на недискриминација е исклучително важно, интегрирање на соодветни морални вредности кај децата уште од најрана возраст, постојано укажување на фактот дека сите сме еднакви.