Македонски Shqip English

М-р Петар Јорданоски

Правата и погодностите на осудените лица во казнено – поправните установи во Република Македонија од аспект на праксата на ЕСЧП и извештаите на релевантните организации

Во Република Македонија, Законот за извршување на санкциите (ЗИС) ја пропишува целта на извршувањето на казната затвор. Според член 37 од ЗИС, целта на извршувањето на казната затвор е оспосособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот во согласност со закон. Заради постигнување на целта на извршувањето на казната затвор кај осудените лица да се развие чувството на одговорност и да се поттикнуваат да го прифатат и активно да учествуваат во третманот за време на извршувањето на казната, мотивиран и насочен кон превоспитување и развивање на позитивните карактерни особини и способности што го забрзува успешното враќање во општеството. Лицата кон кои се извршуваат санкциите се постапува човечно, со почитување на човековата личност и достоинство, зачувување на нивното телесно и душевно здравје, водејќи притоа сметка за остварување на целите на одделни санкции. Во таа насока, исклучително значајно е практикување на правата и погодностите на осудените лица во казнено – поправните установи и затворите.

 

Права на осудените лица

 

Осудените лица во рамките на казнено – поправните установи ги уживаат следниве права:

 

  • Право на работа - за разлика од поголемиот број на европски држави работата на осудените лица е нивно право, а не обврска. Осуденото лице доколку сака може да работи и тоа во согласност на неговите психички и физички способности. Работните обврски се извршуваат во рамките на установата, додека осудените лица со третман на отворено одделение можат да работат и надвор од установата. Осудените лица со третман на полуотворено одделение можат да работат повремено и под надзор во правни лица и други институции доколку се обезбедени услови за извршување на казната затвор определени со ЗИС и доколку се обезбедени минимално технички услови за работа.

Значителен проблем е што во голем дел од КПД и затворите стопанските единици се запуштени во изминативе десетина година и дури и да сакаат да работат, голем дел од осудените лица во Република Македонија не можат да го остварат тоа свое право[1]. Во речите сите европски затворски системи, осудените лица кои се психофизички способни имаат обврска или да бидат работно ангажирани или да се образуваат.  Одбивањето на оваа обврска води кон губење на сите поволности, па и изрекување на дисциплински мерки, вклучително и мерката самица.  

 

  • Право на образование - Образованието е еден од најважните третмани кој се применува кон осудените лица и има голем придонес во нивната ресоцијализација. Во зависност од способностите и можностите на осудените лица, како и условите со кои располага затворот, им се овозможува да посетуваат настава по основно односно средно образование. Образованието на осудените лица може да се организира во самата установа. На осудените лица кои ќе го завршат соодветниот вид и степен на образование им се издава свидетелство, од кое не смее да се види дека образованието и воспитанието е стекнато во казнено - поправна установа. На осуденото лице може да му се одобри вонредно школување на негов трошок во сите видови на образовни установи на слобода, ако со тоа не се нарушува куќниот ред и работата на установата. Извештаите на Народниот правобранител[2], на КПТ и на други релеватни организации, укажуваат на сериозни недостатоци во проблемот на стекнување на образование во македонскиот затворски систем. Со години не е обезбеден редовен образовен процес во казнено - поправните установи, ниту е соодветно екипиран Секторот за превоспитување што негативно влијае на ефикасноста на процесот на ресоцијализација и социјална адаптација на осудените и притворените лица.

 

  • Право на здравствена заштита – Секое осудено лице има право на здравствена заштита кое по правило се остварува во установата, но доколку потребите на здравствената заштита на осуденото лице налагаат истото да се лечи надвор, установата е должна тоа да му го овозможи. Во затворските установи се вработува лекар заради остварување на здравственото право што го имаат осудените лица, а времето поминато на лечење се засметува во времето поминато на издржување на казната затвор.

За жал, во македонскиот затворски систем воопшто не се остварува ова основно човеково право. Предизвиците со кои се соочува здравствената заштита во затворите се огромни, вклучувајќи го очајниот недостаток на кадар, несоодветната проверка на новопристигнати лица во затвор, која има последици по превенцијата од малтретирањето и јавното здравје, несоодветната стоматолошка и психијатриска нега и лоша практика на третман со медикаменти. Кадарот на тимот за здравствена заштита во затворот Идризово се состои од двајца доктори (општ лекар и психијатар) и две медицински сестри за популација од повеќе од 1.800 затвореници. Кадарот на тимот за здравствена заштита во Затворот Скопје се состои од еден лекар и една медицинска сестра за 198 притвореници и 117 осудени лица. Во Затворот Штип, имаше еден општ лекар и еден болничар на 359 затвореници, што е сосема несоодветно[3]. Тимот за здравствена заштита, во голем број на затвори, а пред сè во КПД Идризово е поддржан од страна на затвореници “асистенти“, кои во суштина извршуваат должности на медицинска сестра/брат, како што се одржување на регистрите на здравствената заштита, распределување на лекови, и постојано “на повик“ за да пружат грижа на други затвореници кога нема присутен член на тимот за здравствена заштита, особено во одлучувањето за тоа дали да се јават на Службата за брза помош во Скопје. Истовремено, има значителен пораст на бројот на смртни случаи во затвори и за голем дел од нив има силни индиции дека се резултат на несоодветната, односно отсуството на здравствена заштита во затворите.  

Во бројни случаи, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), констатирал повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права заради отсуство или неадекватна здравствена заштита[4]. Така, во случајот Kudla против Полска, е наведено дека Државата мора да гарантира дека лицето е задржано во услови кои се компатибилни со почитувањето на неговото човечко достоинство, дека начинот и методот на извршување на мерката не го подложуваат на мака или јад со таков интензитет што го надминува неизбежното ниво на страдање кое што е нераскинливо кај притворот и дека, имајќи ги предвид барањата од затворот, неговото здравје и добросостојба се адекватно обезбедени. Во случаите Zarzycki против Полска и Dyneku против Албанија, судот се осврнува на потребата од темелна индивидуална проценка на здравствена состојба на осудените лица, а особено лицата со тешко нарушување на здравствената состојба[5], психичко нарушување и зависници од дрога[6].

 

  • Право на осудените лица на комуницирање и контакти со надворешниот свет - Осудените лица имаат право да се допишуваат. Осуденото лице има право без ограничување да се допишува со разни установи, со својот бранител, органите на власт и со меѓународни организации за заштита на човековите права. На осуденото лице може да му се дозволи телефонски разговор. Телефонските разговори се реализираат преку телефонска говорница, а трошоците паѓаат на товар на осуденото лице. Осудените лица имаат право на посета од членовите на нивното потесно семејство. Осуденото лице има право, по негово барање да го посети бранител или полномошник што го застапува во неговите правни или други работи. Како проблем се идентификува што телефонските говорници во речиси сите затвори се нефункционални, што на некој начин води кон едно од најчестите коруптивни дејства во сите затвори во РМ - шверцување на мобилни телефони.

 

  • Право на склучување брак - Осудените лица имаат право на одржување на приватниот живот , затоа законодавецот пропишал можност на осудените лица да склучуваат брак.

 

  • Право на задоволување на верските потреби на осудените лица - во рамките на можностите на установата.

 

  • Право на слободни активности, спорт и рекреација на осудените лица - Во установите мора да се обезбедуваат услови за организирање и развој на спортот, рекреацијата и другите слободни активности, од значење за одржување на телесното и душевното здравје на осудените лица. Програмата за спортски активности, рекреација, стекнување и задоволување на културно-уметнички и други потреби на осудените лица, се уредува како составен дел на третманот и оспособувањето на осуденото лице. Исто така, осудените лица може да користат книги и дневен печат, а исто треба да им се овозможи користење и на другите средства за јавно информирање. На осудените лица мора да им се обезбеди надвор од затворените простории да поминат најмалку 2 часа дневно[7].

Според КПТ на СЕ, незадоволителната ситуација во македонските затвори е дополнително влошена со отсуството на значајни активности (работа, спорт, рекреација и можност за едукација). Во случајот Муршиќ против Хрватска, Големиот судски совет утврдил дека пренатрупаноста во затворот (личен простор помеѓу 3 и 4 метри квадратни) надополнета со отсуство на слободни активности, спорт и рекреација на осудените лица (време поминато надвор од ќелијата), е повреда на членот 3 од ЕКЧП.

 

Погодности на осудени лица

 

За доброто поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувство на одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, на осудените лица можат да им се дадат одделни погодности, како што се:

  • Обезбедување на присуство во случај смрт на член на семејството, друг близок роднина или во случај на друга несреќа во семејството;
  • Престој со брачен или вонбрачен другар во посебна просторија без надзор;
  • Допишување со лица надвор од кругот на потесното семејство;
  • Проширување на кругот на лицата кои можат да ги посетат;
  • Зголемен број на посети;
  • Зголемен број на пратки;

како и поволности на осудени лица кои казната не ја издржуваат во затвореното одделение на установата:

  • Продолжени посети или посети без надзор во просториите на Установата;
  • Посети надвор од просториите на Установата;
  • Слободен излез од Установата до 7(седум) часа;
  • Отсуство до 15 (петнаесет) дена во текот на годината, со тоа што отсуството во текот на месецот не може да биде подолго од 3(три) дена;

 

Погодноста се дава врз основа на предлог за кој се произнесува воспитувачот, инструкторот или службата за обезбедување. Изготвениот предлог се доставува до комисијата за погодности која дава свое мислење. Предлогот се доставува до Директорот на установата кој одлучува по предлогот за што донесува решение. Предлог за користење на определена погодност можат да дадат службените лица кои непосредно контактираат, работат и учествуваат во ресоцијализацијата на осуденото лице и го следат неговото поведение во текот на издржувањето на казната. Комисијата за погодности ја формира Директорот на установата со решение. Комисијата е составена од претседател, членови и нивни заменици и тоа по најмалку еден член од секторот за ресоцијализација, секторот за обезбедување и стопанско - инструкторскиот сектор. За погодностите кои се користат надвор од установата се донесува решение кое му служи како исправа на осуденото лице за време на отсуството. Времето поминато на отсуство или одмор надвор од установата се смета за издржана казна. Осудените лица на кои им е изречена дисциплинска мерка упатување во самица, не можат да користат погодности пред истекот на три месеци од денот на изрекување на дисциплинската мерка.

 

Во македонските затвори постои развиен систем на погодности, кој мотивирачки делува на поведението на осудените лица, меѓутоа не постои стандардизиран критериум за времето кога осуденото лице за прв ќе се стекне со можноста да ја користи погодноста, што би можело да се смета за препоставка за ендмемски распростанетата корупција во истиот.

 

Заклучок

 

Анализите на домашните и меѓународните институции во делот на затворскиот систем укажуваат на загрижувачка стапка на пораст на повратници во казнено-поправни установи во РМ, што укажува на степенот на ефикасност на системот на извршување на санкциите и дали ја остварува неговата основна цел - ресоцијализација и социјална адаптација.

 

Сериозен проблем во македонскиот правен систем во однос на остварување на правата и поволностите на осудените лица е еднемската корупција во истиот.  Во затворите во РМ, а пред сè во КПД Идризово, секој аспект од затворањето е на продажба, од добивањето место во пристојна ќелија, до домашно отсуство, до лекарства, до мобилни телефони и дроги[8]. Секое крило има затвореник “главен во крилото“ во улога на посредник со затворските службеници за сите трансакции и вообичаено истото лице имаше подобри услови за живеење[9]. Инвестирањето во имотот на затворите нема само по себе да резултира до подобрен третман на затворениците и до подобри работни услови за вработените, доколку не постои сеопфатна реформа за создавање на модерен затворски систем.

 

Потребно е да се воспостави силна стратегија која ќе ги минимализира можностите за корупција, на пример преку редуцирање на пренаселеноста и подобрување на животните услови, па затворениците да не мораат да купуваат место во подобра ќелија; овозможување пристап на сите затвореници до јавни телефонски говорници по разумни цени, со цел да останат во контакт со надворешниот свет; обрнување внимание на бројноста, условите за работа и професионализмот (едукација, обука и надзор) на затворските службеници и воспитувачите како приоритет. Исто така, неопходно е зајакнување на услугите за здравствена заштита[10]. Отсуството на итна реакција од страна на државата покрај што претставува јасна повреда на базичните права на осудените лица, може да води и до “лавина” од случаи кои би биле иницирани пред ЕСЧП, и кои речиси сигурно Република Македонија би ги изгубила.  

 

[1] Извештај од посета на КПТ на СЕ во декември 2016 г., https://rm.coe.int/pdf/1680763066

[2] Види повеќе, Посебен извештај за условите за извршување на воспитно-поправна мерка упатување во ВПД и степен на остварување на правата на децата, Скопје мај 2016 г. http://ombudsman.mk/upload/Istrazuvanja/2016/Informacija%20VPD%20Tetovo-Ohrid-mk.pdf

[3] Извештај од посета на КПТ на СЕ во декември 2016 г., https://rm.coe.int/pdf/1680763066

 

[4] Подетално види: Ilhan v Turkey (GC), June 2000; Sabran v Moldova , October 2005

[5] Види: Khudobin v Russia, October 2006; Xiros v Greece, September 2010

[6] Види: McGlinchey and others  v the United Kingdom

[7] Види: Mandic and Jovic v Slovenia, October 2010

[8] Извештај од посета на КПТ на СЕ во декември 2016 г., https://rm.coe.int/pdf/1680763066

[9] Во последниот извештај на КПТ на СЕ е наведено биле примени детални наводи за начинот на кој за секаков вид привилегии биле вршени плаќања помеѓу роднини на затвореници и затворски службеници. Затвореници изјавиле дека плаќале до 2 000 (две илјади) евра за да бидат преместени во ќелија од простории за колективно сместување осудени лица и наводно 400 евра за домашно отсуство. Во затворот биле присутни мобилни телефони, при што смарт телефони чинеа 300 евра, плус дневно плаќање во мал износ на затворските службеници, за да гледаат во друга насока. Навистина, фактот што скоро сите “јавни“ телефони на картичка не работеле за време на посетата придонело за развој на бизнисот со мобилни телефони. Мобилните телефони јавно се користеле.

[10] Извештај од посета на КПТ на СЕ во декември 2016 г., https://rm.coe.int/pdf/1680763066