Македонски Shqip English

M-р Мартин Сопронов

Човекови права и слободи на маргинализирани групи на лица – ЛГБТИ-заедница и правото на цивилно партнерство-пакт

Дискриминацијата врз основа на националност, сексуална припадност, етничка група, пол, социјално потекло, политичко убедување, материјална состојба, возраст или некои физички, психолошки или интелектуални попречености отсекогаш биле присутни во човековото општество. Факт е дека некои заедници, во зависност од степенот на образование, морален, културен, социјален, економски и политички развој, поинаку се однесуваат со луѓето кои се различни од мнозинството. Индикаторот за постигнатиот степен на слобода и развиеното, цивилизирано, демократско општество не се рефлектира во позицијата на мнозинството, туку во степенот на правата што малцинските групи или маргинализираните лица ги остваруваат во тоа општество. На маргините на општествените настани, овие луѓе обично одат низ фази на обезвреднетост, обесправеност, игнорирање, нетолеранција, но исто така и поддршка и интеграција, до целосно општествено почитување.[1]

Фокусот на оваа статија ќе биде ставен на дискриминацијата врз основа на сексуалната припадност како и заштитата на правата и слободите на оваа маргинализирана група особено на правото за цивилно парнерство-пакт во светло на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Во тој контекст најпрво ќе биде предочена состојбата на оваа група на лица во Република Македонија врз основа на изештаи и анализи на меѓународни институции и невладини организации, како и за позитивната обврска на државата да ги штити нивните права и слободи согласно Конвенцијата. Последователно, ќе биде презентиран случај пред ЕСЧП каде е утврдена повреда на членот 14 (забрана на дискриминација) од Конвенцијата земено заедно со членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот). Ваквиот приказ треба на читателот да му даде јасна насока за тендециите на ЕСЧП и развојот на заштитата на човековите права. За на крајот да се направи увид на тоа што досега е постигнато и дали позитивното право на државата е усогласено со тенденциите на ЕСЧП, изразени преку праксата на Судот и следствено, да се извлечат препораки.

Состојбата во Република Македонија

Хомофобијата и трансфобијата и по повеќе од 25 години независност на Република Македонија сè уште се силно присутни во речиси сите сегменти од секојдневниот живот. Домашните и меѓународните извештаи за состојбата со правата на ЛГБТИ-лицата, без исклучок, ја посочуваат положбата на заедницата како една од најлошите во Европа. Отсуството на политичка волја, отворената хомофобија од високи претставници на институциите и нефункционалноста на правниот систем, се јавуваат како главни пречки за остварување на принципот на еднаквост на сите граѓани. Пример за тоа се извештаите за напредокот на Република Македонија кон Европската унија[2], каде што државата е постојано критикувана за општите слабости во спроведувањето на стандардите за човекови права, што влијаат на најранливите и на најмаргинализираните групи во општеството, како што е ЛГБТИ-заедницата. Дополнително, извештаите на оргнизацијата ИЛГА Европа, која се бори за правата на ЛГБТИ-луѓето и објавува список на 49 земји според нивното почитување на човековите права на оваа заедница, постојано ја сместуваат Македонија на дното. Сè уште опстојуваат системските проблеми што институциите и позитивното право не успеваат да ги надминат, ги надминуваат пребавно или ги продлабочуваат. Основните проблеми се состојат во непрецизноста или во дискриминаторската содржина на правните прописи, недоволната стручност и обученост на претставниците на институциите и непостоењето на ефикасна правна заштита. Во Република Македонија, Уставниот суд, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните при Собранието на Република Македонија, Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација и судовите се државни механизми за заштита на човекови права што имаат јасен мандат за справување со дискриминацијата воопшто, но во пракса, структурите за човекови права не преземаат речиси никакви мерки во однос на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Позитивните закони доведуваат до континуирано повредување на правата и на слободите на ЛГБТИ-лицата во Република Македонија и не нудат никаква заштита на заедницата. Легислативата не ги вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како посебни основи за заштита и со тоа припадниците на заедницата остануваат ранливи и подложни на поинаков третман од хетеросексуалците.[3]

На почетокот од 2015 година, Владата ја продолжи кампањата за уставни измени за дефинирање на бракот, регистрираното партнерство и вонбрачната заедница. На 20.1.2015 година, Собранието го утврди предлогот на амандман XXXIII со 72 гласа „за“ и 4 гласа „против“. Сепак, утврдувањето на ваквиот амандман предизвика сериозни домашни и меѓународни реакции. „Amnesty International“ предупреди дека гласањето во Собранието „претставува уште еден прилог кон дискриминацијата, насилството и нетолеранцијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во Македонија“. „Amnesty International“ потсети дека „истополовите партнерства не може да се регистрираат во рамките на постојната македонска легислатива“ и побара од властите „да ги повлечат дискриминирачките закони и да гарантираат дека луѓето што живеат во истополови партнерства можат да ги уживаат човековите права без дискриминација“[4]. На 20.1.2015 година, додека Собранието расправаше за исклучувачката дефиниција на бракот (амандман XXXIII), Националната Мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ) организираше јавен протест на кој посочи на реалните проблеми ‒ насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ-заедницата и молкот на институциите. Сепак, собраниската седница на која требаше да бидат изгласани уставните амандмани сѐ уште се води како незавршена, поради тоа што предлагачот на уставните измени (Владата) во меѓувреме го изгуби потребното двотретинско мнозинство. Така, неколкумесечната кампања за уставни измени главно се сведе на медиумска кампања за уставна „одбрана на бракот“, во која ЛГБТИ-заедницата беше негативно медиумски претставувана како главна закана за бракот, а во некои медиумски настапи дури и како закана за опстанокот на човештвото.

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација, што беше донесен во 2010 година, сексуалната ориентација не беше вклучена како посебна основа за заштита од дискриминација. Родовиот идетитет, пак, како посебна основа за дискриминација не беше ниту земен предвид при изготвувањето на законот. Според член 3 на Законот за спречување и заштита од дискриминација, основите за дискриминација се таксативно наброени и меѓу нив не се наоѓа забраната за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет. Иако припадноста на маргинализирана група постои како основа за забрана на дискриминација, толкувањето и подведувањето на случаите под оваа група е целосно во рацете на судиите[5]. Пратеничката Лилјана Поповска во 2015 поднесе „Предлог на закон за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација“, со цел да се додадат зборовите „сексуална ориентација и родов идентитет“ во чл. 3, каде што се наброени основите за дискриминација[6]. Предлагачот побара сексуалната ориентација и родовиот идентитет да бидат внесени како посебни заштитени дискриминаторски основи, согласно Лисабонскиот договор и Повелбата за темелни човекови права и слободи на Европската унија, за да се постигне целосно усогласување на македонското антидискриминациско законодавство со европското. На 25.8.2015 година, Владата на Република Македонија поднесува мислење до Собранието со предлог да не го донесе законот. Во образложението, Владата тврди дека „институциите што ќе го применуваат Законот (Комисијата за заштита од дискриминација или судовите) им овозможуваат правна заштита и на лицата со нехетеросексуална ориентација, токму поради тоа што се зема предвид отвореноста на списокот дискриминаторски основи“. Притоа, премиерот Никола Груевски, кој е потпишан на мислењето, поднесува список закони (сите донесени во периодот на неговото владеење) во кои сексуалната ориентација се јавува како основа за дискриминација. Во текот на собраниската постапка, и Комисијата за труд и социјална политика и Законодавно правната комисија донесуваат едногласни „констатации“ да не се донесе законот, без никакво образложение. Во отсуство на опозицијата и во експресна постапка, со 60 гласови „за“ (помалку од половината пратеници),Собранието донесува заклучок дека „Предлогот на законот за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација поднесен од пратеникот Лилјана Поповска не е прифатлив и не може да се даде на натамошно, односно на второ читање“.[7]

Обврските кои произлегуваат од Европската конвенција за човекови права и почитуванње на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во однос на правото за цивилно партнерство.

                Европската конвенцијата за човекови права ја потенцира потребата секоја држава потписничка да ги штити правата на маргинализираните групи – ЛГБТИ-заедницата,  меѓу кои и правото на цивилно партнерство и недискриминација во однос на хетеросексулците. Во тој контекст, членот 8 од Конвенцијата го штити право на почитување на приватниот и семејниот живот. Според него секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество[8]. Дополнително членот 14 ја забранува дискриминација по било кој основ, имено уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус[9]. Овие два члена се исклучително важни за заштитата на правата на ЛГБТИ-заедницата во светло на правото на цивилно партнерство-пакт и негова заштита.

Преку Судската пракса на Европскиот суд за човекови права се остварува ефективна заштита на правото на цивилно партнерство, бидејќи и се наметнува обврската на државата за извршување на одлуките на Судот, која произлегува од членот 46 од Конвенцијата. Имено извршувањето на одлуките на Судот се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите како правична отштета и усвојување и преземање на поединечни и општи мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од неа, како и на причините што довеле до поднесување на жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди[10]. Оттука, сметам дека преку покренувањето на жалби пред Судот, во однос на заштита на горенаведеното право, може да дојде до промена на позитивното право во релевантната држава. Од тие прични ќе биде изнесен предмет пред ЕСЧП со цел да се видат резмислувањата, тенденциите и развојот на заштитата на човековите права.

Случај: Vallianatos and Others v. Greece (по жалба бр. 29381/09 и 32684/09, пресуда од 07.11.2013)

Факти на случајот:

Првата жалба била поднесена од двајца грчки државјани, а втората од шест грчки државјани и здружение чии цели вклучуваат обезбедување психолошка и морална поддршка на геј-луѓето и лезбејките. На 26 ноември 2008 година Законот бр. 3719/2008, со наслов "Реформите во врска со семејството, децата и општеството", стапил во сила. Таа реформа вовела официјална форма на партнерство за невенчани двојки наречени "граѓански пакт", кој бил ограничен само на двојки од различен пол, притоа исклучувајќи ги двојките од ист пол.

Пред ЕСЧП, потпирајќи се на член 14 (забрана за дискриминација), земен заедно со членот 8 (правото на почитување на приватниот и семејниот живот), жалителите се жалеле на фактот дека цивилниот пакт бил дизајниран само за парови со различен пол, со тоа било прекршено правото на приватниот и семејниот живот и претставувало неоправдана дискриминација меѓу двојките од различен пол и двојките од ист пол.

Одлука на судот:

Судот забележал дека жалбата на жалителите не се однесувала на општа обврска на грчката држава да обезбеди форма на законско признавање во домашното право за истополовите врски. Жалителите се жалеле дека Законот бр. 3719/2008 предвидува цивилни партнерства само за двојки со различен пол, со што автоматски се исклучуваат двојките од ист пол од неговиот опсег. Тие ја критикувале грчката држава за воведување дистинкција која според нив, ги дискриминирала.

Судот повторил дека истополовите двојки биле исто толку способни како и двојки од различен пол, да влезат во стабилни врски. Оттука, тој сметал дека жалителите биле во слична ситуација со двојки од различен пол со оглед на нивната потреба за законско признавање и заштита на нивните односи.

Осврнувајќи се на принципите утврдени во судска пракса, Судот нагласил дека целта на заштитата на семејството во традиционална смисла била прилично апстрактна и дека можеле да бидат употребени широк спектар на конкретни мерки. Бидејќи Конвенцијата е жив инструмент што треба да се толкува во денешни услови, државата според член 8 морала да ги земе предвид случувањата во општеството и фактот дека не постои само еден начин или едно решение кога станува збор за семејниот или приватниот живот. Поради тоа, државата требала да покаже дека било неопходно во остварувањето на легитимните цели на кои се повикувала,  признавањето на двојките кои живеат заедно, а не се во брак и можноста засегнатите лица да го регистрираат својот однос во пофлексибилна законска рамка од она што се предвидува со брак, спречувањето на двојките од ист пол да влезат во цивилни партнерства.

Судот дури и да тргнел од претпоставката дека намерата на законодавецот била да се зајакне правната заштита на децата родени надвор од бракот и индиректно да се зајакне институцијата брак, останал фактот дека цивилните партнерства претставуваа форма на граѓанско партнерство кое ги исклучило двојките од ист пол, додека им било дозволено на двојките од различен, без разлика дали имале или немале деца, да регулираат бројни аспекти на нивниот однос.

Судот не бил убеден во тоа дека постигнувањето на целите на цивилниот пакт преку законодавството претпоставувало исклучување на двојки од ист пол, од својот делокруг.  Законодавното тело можело да вклучи некои одредби кои конкретно се однесуваат на децата родени надвор од бракот, а во исто време тие да се прошират на истополови парови и општата можност за влез во граѓански пакт. Судот понатаму забележал дека поради наведената причина Националната комисија за човекови права сметала дека нацрт-законот е дискриминаторски и дека Научниот совет на парламентот усвоил слична позиција.

И на крајот, Судот нотирал дека според грчкиот закон, паровите од различен пол, за разлика од двојките од ист пол, би можеле да имаат законски признаен однос дури и пред донесувањето на Законот бр. 3719/2008, без разлика дали целосно врз основа на институцијата брак или во поограничена форма според одредбите на Граѓанскиот законик кој се занимава де факто со партнерства. Како резултат на тоа, двојките од ист пол имале особен интерес да влезат во опсегот на граѓански пакт, бидејќи тоа би им била единствена основа во грчкиот закон, за нивниот однос да биде законски признаен.

Покрај тоа, Судот забележал дека немало консензус по ова прашање меѓу земјите-членки на Советот на Европа, но дека во тој моментот постоел тренд кон воведување форми на законско признавање на истополовите двојки. Од 19-те држави кои одобриле некоја форма на регистрирано партнерство, освен бракот, Литванија и Грција биле единствените што ја резервирале исклучиво на двојки од различен пол. Последователно, со два исклучоци, земјите-членки на Советот на Европа, кога одлучиле да донесат законодавство за воведување на нов систем на регистрирано партнерство како алтернатива на бракот, секогаш ги вклучиле истополовите двојки во својот делокруг.

Судот сметал дека Владата не понудила убедливи и издржани аргументи кои би можеле да го оправдаат исклучувањето на двојките од ист пол, од опфатот на Законот бр. 3719/2008. Оттука, сметал дека има повреда на членот 14, заедно со член 8.[11]

 

Усогласеност на позитивното право на РМ со тенденциите на ЕСЧП во однос на ЛГБТИ-Заедницата

                Република Македонија ја декриминализираше хомосексуалноста во 1996 година, што значи дека оттогаш луѓето се слободни да имаат хомосексуални врски. Возраста на зрелост за согласност за сексуални односи во Македонија е еднаква и за хомосексуалните и за хетеросексуалните односи. Во Кривичниот законик не постојат одредби што поради зборовите што ги содржат или опсегот што го имаат, би можеле на дискриминаторски начин да бидат употребени во однос на сексуалната ориентација или родовиот идентитет[12]. Сепак, согласно член 15 од Законот за семејство, брак можат да склучат две лица од различен пол[13], што значи дека истополовите двојки се дискриминирани со Законот за семејство во однос на двојкитe со партнери од различен пол. Согласно важечките прописи, истополовите двојки не се препознаени од страна на државата, ниту, пак, имаат какви било права. Во Законот за семејство се утврдени правата и обврските само на невенчаните хетеросексуални парови, а блиските и личните односи се дефинирани како односи меѓу лица од различен пол кои се или биле во врска, но не живеат во вонбрачна заедница. Оттука произлегува дека властите немаат преземено никакви чекори за решавање на секојдневните проблеми на истополовите парови. Тие сè уште се отворено дискриминирани кога се во прашање имотните права, а не се преземени ниту мерки за заштита од дискриминација врз  основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет во однос на родителските права, посвојувањето и старателството врз дете. За да се надмине оваа дискриминација, промените во Законот за семејство мораат да гарантираат еднаквост помеѓу истополовите двојки и двојките со партнери од различен пол, како во брачната, така и во вонбрачната заедница. На овој начин ќе се овозможи заштита на ЛГБТИ-лицата во однос на имотните права и ќе се отвори простор за работа на полето на недискриминаторското постапување во однос на родителските права, посвојувањето и старателството врз деца[14].

Препораки

Од предходно наведеното се наметуваат следните препораки:

  • Промена на Законот за семејство на тој начин што ќе се гарантира еднаквост помеѓу истополовите двојки и двојките со партнери од различен пол, како во брачната, така и во вонбрачната заедница.
  • Подготвување на измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација, особено во делот на пристапот до правда на жртвите од дискриминација, независност на Комисијата за заштита од дискриминација и вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација.

 

[1] Centar za pravnu pomoć ženama; “Pravni vodič za marginalizirane i ranjive grupe”, oktobra 2009. godine; str.4

[2] Извештај на Европската комисја за Република Македонија за 2015 година, http://www.sobranie.mk/content/%D0%9D%D0%A1%D0%95%D0%98/PR2015_All_CK_FF_MK_16.11.2015.pdf

[3] Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија; Aнализа на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата; стр.8

[4]  Amnesty International; „Macedonia: Same-sex marriage ban will entrench discrimination“;https://www.amnesty.org/en/latest/news/2015/01/macedonia-same-sex-marriage-ban-will-entrench-discrimination/

[5] Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија; Aнализа на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата; стр.13

[6] Закон за спречување и заштита од дискриминација, „Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010,  Член 3.

[7] Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници; „Годишен извештај за 2015“ година, стр. 51 и 52.

[8] Европска конвенција за заштита на човековите права; Член 8, стр. 10

[9] Ibid; Член 14, стр. 13

[10] Ibid; Член 46, стр. 26

[11] Vallianatos and Others v. Greece; (Applications nos. 29381/09 and 32684/09); Judgement Strasbourg 7 November 2013; http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-128294

[12] Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија; Aнализа на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата; стр.15

[13] Закон за семејство; „Службен весник на Република Македонија“ бр.153 од 20.10.2014 година; Член 15.

[14] Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија; Aнализа на законската рамка во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата; стр.15