Македонски Shqip English

M-р Сибел Амет

Пристапот до човековите права на Ромите бездржавјани во Македонија

Бездржавјанството (statelessness), во правна смисла на зборот, претставува состојба кога едно лице не е државјанин на ниту една држава (de jure бездржавјанство)[1] или состојба кога државјанството на едно лице не е ефективно (de facto бездржавјанство)[2]. Недостатокот на врска помеѓу една држава и индивидуа еволуира во комплексен и мултидимензионален проблем, од причина што „припаѓањето“ на една држава преку државјанството, останува клучен фактор за една индивидуа да ужива одредени права, вклучувајќи ги и правата да може легално да влезе и напушти една држава, да има претстојувалиште и можност за вработување, да има пристап до образование, здравство и социјално осигурување, односно да ги користи сите можности за достоинствен живот.

Поради тоа се поставува прашањето – дали оние индивидуи кои што немаат никаква припадност/врска со која било држава, всушност ги уживаат овие права? Одговорот се чини едноставен, а тоа е дека човековите права би немале никаква вредност доколку истите би биле права кои можат да ги уживаат само државјаните, односно да бидат достапни само за оние лица кои имаат правна врска со некоја држава.

Бројката на лицата без државјанство расте рапидно секоја година, а Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во 2008 година процени дека бројката на лица без државјанство низ целиот свет изнесува околу 12 милиони. [3]

Во Република Македонија најпогодени од овој феномен се Ромите како малцинска етничка заедница. Во голем дел бездржавјанството на дел од ромското население во Македонија е поврзано со распаѓањето на СФРЈ. Тогашниот закон за државјанство на Република Македонија од 1992 година[4] предвидуваше дека државјаните на СФРЈ стануваат по автоматизам државјани на новооформената држава. Оние кои законски претстојуваа на територијата на Македонија во време на распаѓањето можеа да се стекнат со државјанство преку натурализација во рок од 1 година. Многумина го пропуштија релативно краткиот рок предвиден во законот, а како резултат на тоа овие лица станаа странци во државата во која што се родени и живеат. Бројката на Ромите кои останаа без државјанство е загрижувачка, особено кога ќе се земат предвид проблемите со кои се соочуваат овие лица секојдневно. Имено, недостатокот на лични документи за идентификација како проблем неминовно поврзан со бездржавјанството натаму создава огромни пречки. На Ромите бездржавјани им се недостижни најбазични права како на пример образование, здравствена заштита и пристапот до пазарот на труд, а многу често се исклучени од услуги ограничени само за државјаните на Македонија, како што се бесплатно образование, јавно здравство и програми за социјална заштита. Бројката на деца Роми бездржавјани расте бидејќи нивните родители не поседуваат документи за идентификација и со тоа се спречени да ги впишат своите деца во матичните книги на родени. Иако домашната легислатива стипулира дека основното и средното образование се задолжителни, односно дека секое дете има право на основно и средно образование вклучувајќи ги и децата без државјанство, во пракса на децата Роми бездржавјани најчесто им е попречена можноста да се стекнат со сведителства, односно да матурираат поради тоа што изводите од матичната книга за родени се задолжителни за завршните испити и добивањето дипломи и сведителства.[5]

Пречките во уживањето на базичните права со кои што се соочуваат Ромите бездржавјани упатуваат на проблемот колку всушност човековите права им се достапни на овие лица. Имено, теоретски поставено, државјанството само по себе не смее да биде предуслов за една индивидуа да ужива во своите човекови права. Дотолку повеќе, фактичкото постоење на бездржавјанството, треба да претставува поттик за меѓународните механизми да пружат поголема заштита кон овие лица.

Со усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права во 1948 година, беше замислен нов светски поредок со зачетокот на меѓународното право за правата на човекот, што ги обврзува државите да ги промовираат и заштитат човековите права за сите индивидуи, без оглед на тоа каде се наоѓаат и дали имаат, односно немаат државјанство. Човековите права опфатени со Декларацијата се инхерентни за секое човеково битие со фактот на неговото раѓање како такво. Човековото достоинство е етаблирано како фундаментална вредност во Универзалната декларација. Имено, во самата преамбула на Декларацијата е предвидено дека „признавањето на вроденото достоинство и еднаквите и неоттуѓиви права на сите членови на човековото семејство е темел на слободата, правдата и мирот во светот“[6]. Човековото достоинство е сржта на човековиот идентитет и во недостаток на истото, правните механизми за заштита на човековите права не би имале тежина. Дотолку повеќе, човековото достоинство е темелникот на секое човеково право заштитено од меѓународното право за правата на човекот и е неопходно да биде испочитувано и заштитено, дури и кога едно човеково право е ограничено.

Во меѓународното право концептот за бездржавјанството е опфатен во две меѓународни конвенции на Обединетите нации – Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство од 1954 година[7] и Конвенцијата за намалување на бројот на лицата без државјанство од 1961 година[8]. Иако конвенциите не покажаа голем успех во обемот на нивното ратификување од страна на државите, а воедно и во делот на заштита, сепак имаат одредени аспекти кои нудат процедурални решенија и обврски за државите потписнички. Меѓутоa, и покрај овие конвенции, меѓународното право за правата на човекот мора да биде признаено како извор на фундаменталните права на лицата без државјанство низ целиот свет. Бездржавјанството како прашање се чини за сложено, најмногу поради фактот што најчесто е разгледуван низ призмата на Конвенциите кои се однесуваат на бездржавјанството и како засебно прекршување на право на државјанство, различен од  прекршувањето на човековите права и човековото достоинство. Поради тоа што најчесто проблемот со бездржавјанството се гледа како проблем за пристап до државјанство – како концепт регулиран со националното право на секоја држава, на овие лица не им е овозможена соодветна и континуирана заштита преку заштитните механизми на меѓународното право за правата на човекот. Бездржавјанството е неоходно да се разгледува како проблем под фундаменталните човекови права и загрозување на човековото достоинство, а со тоа да биде ставено под опсегот на суштинските конвенции и декларации на меѓународното право.

Судирот помеѓу универзалноста на човековите права и суверенитетот на државите се смета како главна причина за недостатокот на политичка волја за адресирање на овој проблем.

Бездржавјанството само по себе не смее да ја отежнува можноста на секоја индивидуа да ужива човекови права. Иако меѓународното право се трансформираше на начин што и овозможи на индивидуата да се јави како субјект на меѓународното право, сепак фактичкото уживање на човековите права во голем обем зависи примарно од државите. Поради тоа е неопходно дискрусот за бездржавјанството да се осврне на ова прашање како прашање во контекст на човековите права, а не како прашање во контекст на државјанството како институт кој потпаѓа под јурисдикција на суверените држави. Универзалноста на човековите права наспроти суверенитетот на државите е судир кој што е особено видлив кај лицата без државјанство, поради што долго време овие лица беа надвор од фокусот на релевантните актери во меѓународното право и неминовно придонесе до ескалација на овој проблем.

 

Во контекстот на Република Македонија, имајќи ја предвид ноторната дискриминација со која што се соочуваат Ромите во нашето општество, во форма на нивна сегрегација, расно профилирање и полициска бруталност, дополнително загрижувачки е товарот на оние Роми кои воедно се и бездржавјани кои искусуваат дополнителни отежнувачки околности во пристапот до заштита на нивните права. Следствено, неопходноста да се надмине концептот на „правото да се има право“, односно концептот дека државјанството на една индивидуа е тоа што овозможува пристап до основни права следствени на човековото достоинство, произлегува од тоа што во пракса овој концепт се покажа како штетен во однос на човековото достоинство, најистакнато преку голготата со која што се соочуваат Ромите бездржавјани во Република Македонија.

 

[1] United Nations (1954). Convention relating to the status of stateless persons. New York, Article 1(1).

[2] Masey, H. (2010). UNHCR and De Facto Statelessness - Refugee Research Network. [online] Refugee Research Network. Available at: http://refugeeresearch.net/rrn_node/unhcr-and-de-facto-statelessness

[3] http://www.unhcr.org. (2009). 2008 Global Trends: Refugees, Asylum-seekers, Returnees, Internally Displaced and Stateless Persons. [online] Available at: http://www.unhcr.org/statistics/country/4a375c426/2008-global-trends-refugees-asylum-seekers-returnees-internally-displaced.html.

[4] ЗАКОН ЗА ДРЖАВЈАНСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА “Сл. весник на Р Македонија“ бр. 67/92 од 03.11.1992 год.

[5] This is our home" Stateless minorities and their search for citizenship. (2017). [online] UNHCR, Division of International Protection, p.27. Available at: http://www.unhcr.org/ibelong/wp-content/uploads/UNHCR_EN2_2017IBELONG_Report_ePub.pdf

[6] United Nations (1948). Universal Declaration of Human Rights. Paris: United Nations, Preamble.

[7] United Nations (1954). Convention relating to the status of stateless persons. New York

[8] United Nations (1961). Convention on the Reduction of Statelessness. New York: United Nations.