Македонски Shqip English

М-р Симон Попевски

Малолетниците жртви на кривични дела како маргинализирана категорија во нашето општество

Денес неспорно е дека криминалитетот е основен проблем на современото општество и најтешка загрозба на квалитетот на човечкиот живот. Посебен предизвик на неговата превенција и репресија е заштитата на малолетниците - жртви на кривични дела. Современите услови на живеење, напредокот на науката и техниката, политичките и општествени промени на сосема нов начин ја одредуваат положбата на младата генерација, па со самото тоа во законодавствата на современите држави на сосема нов начин е определена положбата на малолетниците. Така е и во нашето законодавство. Нова правно-институционална рамка на спречувањето на малолетничката деликвенција и заштитата на малолетниците - жртви на кривични дела во нашето законодавство е поставена со усвојувањето на Законот за малолетничка правда од 2007 година (сега Закон за правда на децата), со која малолетниците се извлечени од материјалноправниот и процесноправниот третман на возрасните сторители на кривични дела. Во содржинска смисла, покрај уважувањето на специфичните потреби и можности за спречување на престапништвото на децата, како и нивната казнено-правна заштита, новиот систем на малолетничка правда е втемелен врз најновиот развој на меѓународните стандарди за правата на малолетниците.

 

            Уште една општа напомена на самиот почеток се однесува на општата тенденција на современите кривични законодавства, според која во веќе традиционалното општо настојување кон подобрување на положбата на децата, модерните кривични законодавства сѐ повеќе ја прошируваат зоната на инкриминација, зголемувајќи го и диференцирајќи го системот на кривични дела на штета на малолетниците. Кон ова би додал дека настојувањето за подобрувањето на положбата на малолетниците - жртви е забележителен тренд и на современото кривично право во целина и еден од столбовите врз кои се потпира казнено-правната реформа. Би потенцирал дека казнено-правната заштита не е единствен правен начин за заштита на малолетниците - жртви на кривични дела и прекршоци. Според принципот на постепеност и природата на заштитата, приоритет во однос на интервенцијата според оваа категорија на жртви имаат семејно-правните и социјално-заштитните мерки. На ова се надоврзува уште едно барање, кога е ова прашање, оваа област на заштита, поврзано со нужноста на испреплетување и надополнување на правните и стручни стандарди.

 

            Како адвокат кој секојдневно во нашето законодавство се среќава со случаи каде што жртва на кривично дело е малолетно лице, сметам дека секогаш треба да се има предвид, дека казнено-правната заштита на малолетниците - жртви се смета за ultima ratio во сферата на правната интервенција во однос на оваа категорија на лица, па согласно тоа кон оваа категорија на лица институциите треба да постапуваат со посебно внимание како ранлива категорија на лица, која што сѐ уште нема оформен статус во самото општество.

 

            Законот за малолетничка правда (сега Закон за правата на децата) кој следеше на неколкугодишна подготовка, означи заокружување на еден проектен процес за кодификација на малолетничкото законодавство и создавање на единствено малолетничко законодавство кое ќе се раководи од потребата за успешна, пред се, превентивна активност на сите надлежни субјекти во вкупната грижа за заштита, воспитување, превоспитување и за правилен развој на една специфична категорија млади луѓе - малолетниците. Една од најзначајните новини на ЗМП (сега Закон за правата на децата) секако се одредбите на петтиот дел од Законот кои што се однесуваат на посебната заштита на малолетниците - жртви на кривични дела. Овој дел е посветен на малолетниците кои се оштетени со кривичното дело како и за малолетниците кои може да се јават како сведоци за определено кривично дело за кое тие имаат битни информации. Одредбите од овој дел на Законот, што се од материјална и процесно-правна природа, содржат значајни решенија во прилог на подобрувањето на положбата на малолетникот -жртва. Така, овој Закон, во постапката што се води за кривични дела во кои малолетникот се јавува како жртва, пропишува дека судовите, јавните обвинители и службените лица на Министерството за внатрешни работи можат да постапуваат само доколку поседуваат соодветно образование, посебни знаења и искуство од областа на правата за детето и за кривично-правната заштита на малолетниците.[1] Сите органи кои постапуваат со малолетниците - жртви се должни да преземат мерки за помош и заштита, како и да постапуваат на начин со кој ќе се избегнат можните штетни последици за личноста на малолетникот и неговиот развој. На овој начин, за прв пат во еден законски акт, се воспоставува обврска на надлежните органи да водат сметка за оваа димензија на постапување кога се во прашање жртвите на кривичните дела, она што недостасува во законодавството, а уште повеќе во практиката, кога се во прашање полнолетни жртви на кривични дела. Нагласена е итноста на постапката во која малолетникот се јавува како жртва, при што Законот не го операционализира ова начело, односно не ги прецизира роковите во кои ваквите постапки би требало да се завршат, при што ова прашање се остава на судската пракса. Пропишано е и задолжително присуство на ополномоштениот бранител (дали од страна на родителите на малолетникот или од лицето кое треба да се грижи за малолетникот, или пак од страна на судот по службена должност), кое треба да биде избрано од редот на адвокатите кои се здобиле со посебни стручни знаења од областа на правата на детето и малолетничката правда, во текот на целата постапка. Согласно наведениот Закон, детето - жртва на кривично дело, ги има следниве права во текот на постапката: со него да се постапува со почитување на неговото достоинство, да биде заштитено од секаков вид на дискриминација, да биде известено за своите права на јазик разбирлив и соодветен на неговата возраст, како и почитувањето на правото на приватност, детето, односно родителите или родителот, односно старателите или старателот да учествуваат во кривичната постапка како оштетен со приклучување кон кривичниот прогон или за остварување на имотноправното барање за штета, право на посебна заштита од секундарна виктимизација или ревиктимизација и право на психолошка и друга стручна помош и поддршка од страна на органи, установи и организации за помош на децата жртви на кривични дела.[2] Законот пропишува и посебни мерки на процесна заштита на децата - жртви при давањето исказ и испитувањето во сите фази на постапката. Овие мерки судот ги применува во случај кога детето има потреба од посебна грижа и заштита или кога детето е жртва на трговија со луѓе, насилство или сексуална злоупотреба, како и на кривични дела против човечноста и меѓународното право или други тешки дела сторени кон деца за кои со закон е утврдена казна затвор над четири години. Како посебни мерки законот ги пропишува: користењето на екрани за заштита на жртвата и сведокот од погледот на обвинетиот, прикривање на идентитетот или на изгледот, давање исказ преку видеоконференција, отстранување на тогите и капите, исклучување на јавноста, видео и аудио запис на исказот кој ќе се користи како доказ, видео и аудио запис од распитот кој ќе се користи како доказ, земање исказ преку посредство на стручно лице, употреба на посебни технички средства за комуникација и заштита на приватноста на детето и неговото семејство.

 

Општата слика за агресивниот криминалитет денес во еден мошне широк обем ја дополнуваат сексуалните деликти (delicta carnis). Различните појавни облици на сексуална деликвенција (силување, полова злоупотреба на малолетници, педофилија, детска порнографија итн.), со својата бруталност предизвикуваат, често повеќе во споредба со другите дела на насилство, бурна реакција на јавноста и постојано враќање кон ретрибутивниот арсенал на казнетото дело. Доаѓа до промена на социјалните ставови кон сферата на половите односи: ако за заостанатите земји биле и останале карактеристични сексуалните табуи и различните стандарди за заштита на лица од машки и од женски пол, за развиените земји е карактеристична тенденција на половата рамноправност, слободата на половото определување и односите на засилена заштита на малолетниците. Со развивањето на техниката и технологијата и нејзиното злоупотребување во областа на сексуалните односи (пр. со педофилија, порнографија итн.), како и со создавањето или откривањето на нови/стари облици на сексуални девијации (пр. семејното насилство) кај кои како жртва се јавува најранливата и најзаштитена категорија на лица - малолетниците, се наметна потребата од нивно инкриминирање и од заострување на казнетата политика во однос на постоечките дела. Дел од кривичните дела кои ги сочинуваат т.н. сексуални деликти, се карактеризираат со постоењето на елементи на насилство и се дел од агресивниот криминалитет. Без овие дела не може да се добие комплетна претстава за т.н. деликти на насилство во коишто несомнено припаѓаат. Ова се однесува не само на силувањето, туку и на разни други појавни облици на сексуалните деликти (пр. сексуални насилства врз малолетници и др.). Според анализата на МВР, во нашата земја профилот на сторител на сексуални злоупотреби е маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен кој припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, нејчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од неговото социјално опкружување. Со цел превенција и гонење за делата кои се однесуваат на сексуалната злоупотреба на децата, неопходно е да се прибираат податоци, но и да се обезбедува заштита на личните податоци во врска со идентитетот и генетскиот профил на лицата осудени за делата утврдени со Конвенцијата за правата на детето. Во имплементација на овие одредби од Конвенцијата, со Законот за малолетничка правда на Република Македонија е предвидено дека за примена на мерките на помош и заштита од страна на центарот или судот интерна евиденција води центарот, а податоците на сите центри се доставуваат до регистарот за примена на мерките што го води Министерството за труд и социјална политика. По наполнување на 18 години на малолетникот, податоците од регистарот се бришат. Овој регистар веќе е воспоставен и во него се внесуваат потребните податоци за малолетникот - жртва. Во јануари 2012 година се донесе Законот за посебен регистар на лица осудени за кривични дела на сексуална злоупотреба на малолетници и педофилија. Целта на Законот и неговата примена е обезбедување заштита на децата од сексуална злоупотреба и подофилија преку достапност на информации за лицата кои живеат во нивната околина, а кои се осудени за кривични дела поврзани со сексуалната злоупотреба на малолетни лица и педофилија (www.stop-pedofilija.org.mk).Согласно наведениот закон се води посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, преку кој се овозможува пристап до одредени информации за сите осуденици за овие кривични дела, каде што се објавени името и презимето на сторителот, датумот на раѓање, адресата на живеење, кривичното дело за кое е осудено како и неговата фотографија. Кривичноправната заштита на децата - жртви на сексуална злоупотреба е опфатена со Кривичниот законик и со Законот за кривична постапка[3]. Прописите кои ја уредуваат постапката на идентификација, откривање, гонење, собирање докази и нивно утврдување пред судот, како и изрекувањето санкции, се содржани во Законот за кривична постапка и во Законот за малолетничка правда. Казнено-правниот систем треба да обезбеди доследно спроведување на Законот за кривична постапка кој дозволува разговори преку видео врска. За ова ќе биде потребно обезбедување посебна просторија во судовите, соодветна опрема и обука за нејзино користење, што досега сè уште не е обезбедено.

Малолетниците - жртви на кривично дело, треба да бидат под капата на една  посебната процесно-правна заштита на лица кон кои општеството и самите институци во него ќе се грижат за доволно да ги инволвираат во самото општество, да им пружат заштита, да ги вклучат во процесот на социјализација, за тие да не се чувствуваат како маргинализирана категорија.

Сметам дека положбата на малолетниците - жртви на кривични дела во нашето општество со донесување на Законот за правата на децата е подигната на едно високо ниво, во согласност со Конвенцијата за правата на детето, кој доколку институциите го почитуваат и постапуваат согласно него, кај нас малолетникот - жртва на кривично дело никогаш нема да биде маргинализирана категорија.

 

[1] Ibid., член 137 од ЗМП

[2] Ibid., член 145, став 1 од Закон за правата на децата

[3] Законот е објавен во “Службен Весник ”на РМ бр. 15, од 7.03.2005 година.