Македонски Shqip English

Теодор Богоевски

Правата на лицата со попречености во Република Македонија- Со поминат рок или сè уште употребливи?

Не може да зборуваме за закон за заштита и унапредување на правата на лицата со инвалидитет, кога првата пречка се среќава во највисокиот закон на правната пирамида – Уставот. Така член 35 вели: „Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот“. И член 36: „Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон“.

Во двата члена се користи називот „инвалидни“ и „инвалиди“, што сам по себе е дискриминирачки и гради лоша слика за лицата со инвалидитет. Ќе се запрашаме зошто? Затоа што invalid е спротивно од valid т.е. спротивно од валидно е невалидно. Често зборот „валидно“ се користи кај прехранбените производи и со тоа се означува нивниот рок на важење. По истекот на рокот прозиводите стануваат инвалидни т.е неупотребливи и невалидни. Можеби суптилно, но таквиот назив ја гради токму таа слика за лицата со инвалидитет да се доживуваат како неупотребливи и тоа е недопустливо да биде пишано во Уставот кој се залага за човековите права на сите граѓани подеднакво. Разликата помеѓу лице со инвалидитет и инвалидно лице е тоа што лице со инвалидитет укажува на тоа дека тоа лице има поединечни невалидности, но сепак во целина е валидно и таа валидност треба да се искористи максимално за нивен придонес во секојдневните и општествените работи. А како да се постигне тоа кога Уставот директно не ја пронаоѓа таа валидност и ги категоризира како невалидни уште на самиот почеток. Секој донесен закон понатаму за унапредување на нивните права е контрадикторен користејќи го тој израз. За разлика од кај нас, во САД со донесување на  Americans with Disabilities Act of 1990, се отстранува употребата на називите инвалид, хендикепиран, па дури и називот disabled се менува со people with disabilities.

 Со оглед дека законите се носат со цел за подобрување на општеството во целина и унапредување на квалитетот на животот на поединците, многу е важно што тие предизвикуваат и придонесуваат во реалноста. Па така, спуштајќи се по правната хиерархија норми кои не смеат да останат незабележани се:

Право на додаток за мобилност

“Правото на додаток за мобилност се обезбедува за лице со 100% телесен инвалидитет кое самостојно користи инвалидска количка со навршени 26 години и лице со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кое користи инвалидска количка со придружник, поради создавање на услови за изедначување на нивните можности за вклучување во секојдневниот живот во заедницата на овие лица.

Месечниот износ на додатокот изнесува 7.000 денари, усогласен со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Право на додаток за слепило може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.Правото на додаток за мобилност не може да оствари лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина, согласно со закон.

Правото на додаток за мобилност се остварува од денот на поднесување на барањето, врз основа на конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје).

Во постапка по жалба против решението на центарот одлучуваат тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен”.

Пред сè, по кој основ се одлучува дека социјализацијата треба да почне од 26 години и дали тоа всушност укажува дека животот пред тоа треба да се води изолирано од општеството. Како би личела социјализацијата на човек кој 26 години бил изолиран од социјалниот живот? Тоа укажува на непромисленоста при носењето на вакви норми. Апсурдно е нормите да се од советодавен карактер, иако овде мотивот е социјализација, не ги гледаме обврзувачките механизми за нејзина реализација. Ова право на мобилност пред сè треба да е без старосна граница, и да е обврзано со образование, работа, па макар и прошетка во парк. Овој закон наместо да мотивира, учествува во создавање на паразити кои се помируваат со својата ситуација и немаат никаков придонес во градењето на сопствената иднина.

Апсурдноста и недостигот од правна логика може да се забележи и во: Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала. Член 28 од овој Правилник гласи:

„Осигуреното лице има право само на една собна инвалидска количка на рачен погон. По исклучок од став 1 на овој член осигуреното лице кое е во работен однос, или врши дејност врз основа на која е осигурено, како и на децата кои се на редовно школување до 18, односно 26 годишна возраст, покрај собна инвалидска количка има право и на теренска инвалидска количка на рачен погон. По исклучок од став 2 на овој член, на осигуреното лице наместо теренска инвалидска количка на рачен погон може да му се одобри инвалидска количка на електромоторен погон ако поради функционалниот статус на рацете и нозете не може активно да покренува количка на рачен погон, ако Лекарската комисија на Фондот оцени дека е способно сигурно и самостојно да ја управува”.

Замислете, за да се стекне право на инвалидска количка на електромоторен погон, со која на лицето со инвалидитет би му се овозможило самостојно да се движи, тоа лице мора да е редовен студент, или да е вклучен во работен однос. А, за истите да ги оствари пред сè треба да е во можност да стигне до таму, за што и му е потребна инвалидска количка на електромоторен погон во прв план.

Вакви примери може да сретнеме многу, во секој сегмент од нашиот правен систем, но за реална промена потребна ни е поголема граѓанска свест. Има многу механизми за подигнување на свеста кај граѓаните, преку различни кампањи, проекти, трибини и сл., но најмоќниот инструмент за ширење на свесноста кај нас се политичарите, како и власта пред сè. Затоа, неопходно е лицата со инвалидитет да бидат директно вклучени во централната и локалната власт. Идејата е присуството на лицето со инвалидитет да ја крене свесноста кај колегите управители од централната и локалната власт. При секојдневна комуникација, колегите ќе ги научат потребите на лицето со инвалидитет и со поголемо разбирање би се носеле идните одлуки за унапредување на правата на овие лица. Лицето со инвалидитет ќе може со тоа директно да влијае во одлучувањата што го засегаат него и се од негов интерес, не само како лице со инвалидитет, туку и како граѓанин пред сè. Ова не е ни малку лесна задача, со оглед на тоа дека во изминативе пет години од 72, само 8 лица завршиле високо образование. Ова бара една темелна реформа, која треба да биде сеопфатна. Од обрзувачки механизми за изнесување на лицата со инвалидитет во социјалниот живот, до овозможување на инфраструктурни и социјални услови за нивна секојдневна интеграција во општеството.

Последната анализа укажува дека во Македонија живеат 15% лица со инвалидитет, лица кои влечат пари од буџетот еднонасочно. Затоа од огромна важност е нивната валидност да биде максимално искористена, со што би се зголемила нивната самостојност и би придонеле како во буџетот, така и во квалитетот на сите сегменти во општеството. За да биде тоа остварливо, треба да се почне од самиот Устав, кој се залага не само за човечкиот живот, туку и за квалитетот на човечкиот живот. Тоа е првото домино кое треба да се турне за реформите да тргнат по правилен и правичен тек.