Македонски Shqip English

M-р Марија Јолевска

Заштита на правата на ЛГБТИ-лицата во Република Македонија

Правата на ЛГБТИ-лицата се заштитени во рамките на постојното меѓународно право за човекови права, но честопати има потреба од воведување специфични мерки со цел да им се овозможи на лезбeјките, геј-лицата, бисексуалците, трансродовите и на интерсексуалните лица(ЛГБТИ) целосно да уживаат во своите права. Лицата од ЛГБТИ-заедницата ги имаат истите права како и сите други луѓе, за нив не се измислени нови права и тие треба да ги уживаат сите човекови права што постојат.[i]

Република Македонија и покрај континуитетот во ратификација на меѓународните договoри и хармонизацiја на законодавството со Европските стандарди, во голема мерка отстапува во заштитата на човековите права, посебно за ЛГБТИ лицата.

Според ИЛГА – Индекс на европската мапа на виножитото за 2016 година – која ги отсликува националните правни политики за човековите права на лицата на ЛГБТИ во Европа, Македонија е повторно со најнискиот процент во однос на останатите поранешни републики на Југославија.[ii]

Голем дел од домашнoто законодавство доведува до повреда на основните права на ЛГБТИ-лицата. Земено во предвид дека сексуалната ориентација во законите се споменува многу ретко, а родовиот идентитет не се споменува, најголемиот товар по однос на имплементацијата паѓа на институциите и се базира на нивното толкување.

Со цел да се добие сеопфатна слика, анализата ќе биде поделена на неколку поглавја анализирајќи го националното законодавство на Република Македонија од аспект на дискриминација на ЛГБТИ заедницата со соодветно изведени заклучоци и препораки.

Проблеми со кои се соочуваат ЛГБТИ лицата и можни правни решенија

Закон за семејство

Во Република Македонија се дискутира за правата на хомосексуалните двојки, вклучувајќи ги и оние за брак, особено во изборниот период или кога треба да се дефокусира јавноста, со цел создавање на  “морална паника” и “вештачка конфузија”.

Со намера да се поттикне омраза кај публиката се сервира темата за брак на истополовите двојки, а останатите прашања на заштита на ЛГБТИ лицата, намерно се ставаат во сенка.

Согласно член 15 од Законот за семејство[iii], како услов за склучување на бракот е лицата да бидат од различен пол, и со ова директно се дискриминираат истополовите двојки. Истиот услов се однесува и на вонбрачната заедница, како заедница на живот помеѓу маж и жена, којашто се изедначува со брачната заедница доколку вонбрачната заедница трае најмалку една година.

Бидејќи за решавање на ова прашање потребен е поширок политички и јавен консензус, прв чекор што би требало да се преземе е признавање на вонбрачната заедница помеѓу истополови лица и остварување на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траење на заедницата.

Законот за спречување и заштита од дискриминација

Сексуалната ориентција и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација се изоставени од Законот за спречување и заштита од дискриминација.[iv]

Во член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, таксативно се наведени основите за заштита од дискриминација, меѓу кои се и “припадност на маргинализирана група”, како и “која било друга основа”. И, оттука, на законодавецот му се остава простор за слободно толкување.

Со цел решавање на овој проблем потребно е изменување и дополнување на членот 3 со “сексуалната ориентација” и “родовиот идентитет” како основи за заштита од дискриминација

Кривичен законик

Во член 319 од Кривичниот законик[v], кој се однесува на “Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа”, исто како посебни основи не се предвидуваат “сексуалната ориентација” и “родовиот идентитет”.

Покрај законските измени на Кривичниот законик, во кој ќе бидат предвидени “сексуалната ориентација” и “родовиот идентитет” како посебни основи за заштита, потребна е поширока општествена акција за подигање на свеста за сериозноста на “кривичните дела од омраза”.

Признавање на промена на полот

Човековите права на трансродовите лица во Македонија долго време се игнорирани и запоставени, и истите се соочуваат со сериозни проблеми, кои се специфични само за нив.

Со Законот за лично име[vi], во Република Македонија се дозволува промена на личното име и презиме, меѓутоа тоа не важи и за промена на полот.

Лицата кои го промениле полот наидуваат на правно административни проблеми, за тоа кој во државата е надлежен за промена на лични документи за идентификација

За остварување на автентичен живот, како и нормално фукнционирање во секојдневниот живот, потребно е трансродовите лица да имаат пристап до лични документи за идентификација.

За таа цел, потребно е да се донесе “Закон за промена на полот”, како правна рамка заснована на меѓународните стандарди, во која системски и прецизно ќе бидат дефинирани, заштитени и признаени правата на трансродовите лица. 

Позитивна законска регулатива во однос на ЛГБТИ заедницата

    Закони кои во своите антидискриминациски одредби ја вклучуваат сексуалната ориентација како основа за дискриминација се следните:

  • Член 16 од Законот за јавно здравје[vii]
  • Член 5 од Законот за заштита на правата на пациентите[viii]
  • Член 108 од Законот за високо образование[ix]
  • Член 53 од Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги[x]

За случаите на говор на омраза на радио и телевизија, секој може да поднесе претставка до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочувајќи ја програмата, конкретниот медиум, датумот и периодот на емитување на програмата.[xi]

  • Член 9 од Законот за волонтерство[xii]

Препораки

Од страна на државните органи да се изработи сеопфатна и детална стратегија со акционен план за заштита на правата на ЛГБТИ лицата.

Да се изменат и дополнат законските одредби во однос на правата на ЛГБТИ лицата и соодветна нивна имплементација.

Државните органи, заедно со невладиниот сектор да преземат активности за подигање на свеста за подобрување на состојбата на ЛГБТИ лицата.

Да се организира кампања за сексуалното здравје во средните училиша, преку која ќе се зборува и за сексулноста на ЛГБТИ лицата.

Да се спроведе кампања за зголемување на свеста за негативните последици од говорот на омраза и делата од омраза, насочени кон ЛГБТИ лицата.

 

[i]http://eeas.europa.eu/archives/delegations/the_former_yugoslav_republic_of_macedonia/documents/more_info/publications/lgbti_guide_mk.pdf

[ii] http://www.ilga-europe.org/sites/default/files/Attachments/side_brainbow_europe_index_may_2016_small.pdf

[iii] Законот за семејство (“Службен весник” на Република Македонија бр.80/92, бр.9/96, бр.38/04, бр.33/06, бр.84/08, бр.67/10, бр.156/10, бр.39/12, бр.44/12, бр.38/14, бр.115/14, бр.104/15, бр.150/15 )

[iv] Законот за спречување и заштита од дискриминација.(„Службен весник на Република Македонија“ бр.127/10)

[v] Во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија”бр.37/96, бр.80/99, бр.4/02, бр. 43/03, бр. 19/04, бр.81/05, бр. 60/06, бр.73/06, бр.7/08,бр.139/08, бр.114/09, бр.51/11, бр.135/11, бр.185/11, бр.142/12, бр.166/12, бр.55/13, бр.82/13, бр.14/14, бр.27/14, бр.28/14, бр.115/14, бр.132/14, бр.160/14, бр.199/14, бр.196/15, бр.226/15 бр.97/17)

[vi] Закон за лично име (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/94, бр.66/07, бр.103/08, 51/11)

[vii] Закон за јавно за јавно здравје (“Службен весник на Република Македонија бр.22/10”)

[viii] Закон за заштита на правата на пациентите (“Службен весник на Република Македонија“бр. 82/08)

[ix] Закон за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/08; 103/08; 26/09; 83/09; 99/09; 115/10; 17/11; 51/11; 123/12; 15/13; 24/13; 41/14; 116/14; 130/14; 10/15; 20/15; 98/15; 145/15; 154/15 и 30/16)

[x] Закон за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.184/13, 13/14, 44/14, 101/14 и 132/14, 142/16 и 132/17)

[xi] http://www.govornaomraza.mk/page/index/3

[xii] Закон за волонтерство (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/07)