Македонски Shqip English

Ранко Максимовски

Заштита на правата на доверителите во стечајна постапка

1. Во процесот на   прометот на стоки и услуги субјектите влегуваат во различни должничко-доверителски односи. Притоа, постојат повеќе начела според кои учесниците во прометот треба да се придржуваат, како што се: автономија на волја, рамноправност, односно еднаквост и слобода на однесување, совесност и чесност во засновање и остварување на правата и обврските во создадените односи, забрана на злоупотреба на правото, забрана на искористување на монополска положба, еднакви вредности на давањата и други.

При исполнување на обврските од заснованите облигациони односи општо правило е дека доверителот во обврзан однос е овластен да бара од должникот исполнување на обврската, а должникот е должен да ја исполни совесно во сето како што таа гласи.

Од ова правило произлегува дека побарувањето претставува право на доверителот заштитено со облигационото право должникот да му изврши определена престација, односно да го исполни долгот, на пример: да ја плати примената стока или извршената услуга.

Меѓутоа, ако се случи должникот да не ги исполнува пристигнатите обврски и се покаже дека е инсолвентен тоа да го чини, на доверителот му е дадена можност да ги штити и остварува своите права во определена законска процедура со иницијални акти. На доверителот му е дадена законско право према инсолвентниот должник да покренува и постапка за стечај.

Неспособноста за плаќање доверителот ја докажува со потврда издадена од Централниот регистар на РМ, кој е должен без одлагање на барателот да му издаде таква потврда, член 5.

Инсолвентноста за плаќање се смета дека настапила ако од должникот во рок од 45 дена од било која негова сметка не е исплатен износот што требало да се плати врз основа важечки инструменти за плаќање.

Стечајната постапка по својата правна природа, на определен начин претставува заштита и остварување на правата на доверителите, према инсолвентниот должник, кој не ги платил паричните обврски во предвидениот рок. Целта на стечајната постапка е да се намират колективно доверителите преку впаричување на должниковиот имот во стечајна маза, а може и преку   планот за реализацијата да му се овозможи на должникот управување или располагање со целиот или делот од неговиот имот во законска рамка.

2. Во правниот систем на Република Македонија стечајот е регулиран со Законот за стечај од 2006 година ( Службен весник на РМ бр.34/06 ), а кој е усогласен со новите Директивите на ЕУ и Препораките на Светска банка за правилата на стечајот, како и Прирачникот за стечај според правилата на УНЦИТРАЛ.

По својата содржина и начинот на кој се спроведува стечајната постапка Законот за стечај кореспондира со основите на економско-социјалниот, општествениот и правниот систем во државата. Содржани се правила за правната заштита на сопственоста и слобода на пазарот, рамноправност на доверителите и нивното рангирање при намирувањето, ограничување правата на должникот и органите што ја спроведуваат постапката.

Под поимот „стечаен доверител“, според законот се подразбира физичко и правно лице кое на било која основа има побарување спрема стечајниот должник, а кое настанало пред отпочнување на стечајната постапка.

Ако побарувањето спрема должникот настанало по било која основа по отварање на стечајната постапка доверителите имаат статус на доверител на стечајна маса, член 2 точка 10.

Рангирање на стечајни доверители 

3. Побарувањата на стечајните доверители се рангирани, односно категоризирани во повисоки и пониски исплати редови. Прифатен е принципот дека доверителите од понискиот исплатен ред можат да се намируваат дури откако целосно ќе бидат намирени побарувањата на доверителите од претходниот (повисок) исплатен ред. На овој начин е извршено објективизирано намирување на стечајните доверители кон кое треба да се придржува стечајниот управник, односно стечајниот судија. Во Законот е усвоен принцип на паритет (pari passu) според кој побарувањата на доверителите од исти исплатни редови се третираат и намируваат пропорционално сразмерно големината на нивното побарување од имотот кој е дел од стечајната маса која служи за распределба на доверителите од нивниот ред.

Во побарувања од повисок исплатен ред спаѓаат нето плати, придонеси од плати за пензиско и инвалидско осигурување и надоместоци за периодот од последните три месеци пред отварање на стечајната постапка, обештетување за повредите при работа кои што работникот ги претрпел кај должникот, како и за професионалните заболувања и неисплатени надоместоци на платите за времетраење на неискористен годишен одмор за тековната календарска година.

Побарувања од пониски исплатни редови, член 118, се наброени по редоследот: камати на побарувањата на стечајни доверители што пристигнале на денот на отварање на стечајна постапка; трошоци што за некои доверители ќе настанат со нивно учество во постапката; парични казни за кривично дело или прекршок; побарувањата за бесплатна чинидба на должникот; други побарувања, како што се заеми, надоместоци на содружници на с или акционери.

Со денот на отварање на стечајната постапка, пристигнуваат непристигнати побарувања. Ова законско решение содржи разбирлива законска последица која резултира од отварање на стечајот, а самиот тој факт има влијание и кон прекинување на застарување на побарувања спрема стечајниот должник со пријавување на побарувањето.

Правниот статус на доверителите во стечајот е во зависност од содржината и правната природа на нивните побарувања, како и од односот на тие побарувања спрема стечајната маса.

Побарувањата кои се појавуваат и пријавуваат во стечајот може да се поделат на неколку категории доверители и тоа:

а) необезбедени стечајни доверители;

б) разлaчни доверители;

в) излачни доверители;

г) доверители на стечајна маса.

Наведените категории на доверители во стечајот имаат различен статус по однос карактерот, обемот и начинот на намирување на побарувањата.

Необезбедени побарувања 

4. Под поимот „необезбедени стечајни доверители“ треба да се третираат оние физички и правни лица кои по било која основа имаат побарување спрема стечајниот должник, а кое настанало пред отпочнување на стечајната постапка. Тие се лични доверители на должникот, а побарувањата се од имотно правна природа. Во оваа категорија доверители, ќе припаѓаат и разлачните доверители, кои иако маат договор за засновано заложно право, ако тоа не е запишано во јавна книга (катастар), самото постоење на договорот за залог има дејство само како облигационен однос меѓу страните.

Намирување на доверителите се врши со план за распределба на срествата што го составува стечајниот управник, а кој содржи вкупен износ на побарувања, износот на средства достапни за распределба на стечајна маса, списокот на побарувања и процентот на намирувања. Ваков план како предлог, се доставува до членовите на одборот на доверители за одобрување.

Откако ќе се усвои планот се врши понатаму авансна распределба до конечно завршување на стечајот.

Разлачни доверители

5. Право на одвоено намирување од предмети и права имаат разлачните доверители. Битен законски услов за разлачното право е заложното право врз предметот или правото да е запишано во јавна книга, како што е катастарот за недвижности, централниот регистар за хартии од вредност или други соодветни регистри и слично, член 128. Со заложното право се изедначени и правата на намирување од акции, удели, други хартии од вредност и други финансиски калатерали.

Доверителите чии побарувања се обезбедени со правото на залог имаат право на одвоено намирување на побарување (разлачно право) во висина на вредноста на залогот постигната со продажбата, со тоа што доверителот не може да наплати повеќе одошто изнесува неговото побарување.

Доверителот со право на одвоено намирување, кој целосно не се намирил со продажба на имотот на кој има воспоставено право на одвоено намирување, е должен во рок од 15 дена од денот на извршената продажба да го извести стечајниот управник, а кој е должен да го внесе доверителот во планот за распределба од остатокот за ненаплатеното побарување. Последица од ненавремено известување повлекува неземање предвид при натамошна распределба.

Меѓутоа, разлачните доверители со право на одвоено намирување можат да продолжат да ги остваруваат своите права како и другитге стечајни доверители само под условот ако се откажат да го остварат своето побарување преку одвоено намирување или ако не успеат одвоено да се намират од стечајна маса.

Со погоре наведените права се изедначени и доверителите на кои должникот поради обезбедување на нивните побарувања им предал некој подвижен предмет или пренос некое право, потоа доверители кои имаат право на здржување на некој предмет бидејќи нешто употребиле во корист на тој предмет, во мерка во која нивното побарување по таа основа сеуште не ја преминува постојната корист. Во оваа категорија спаѓаат и доверители кои право на здржување (ретенција) имаат по закон, потоа врз предмети на кои овластено лице во државата има обезбедување за плаќање царина или данок утврдено во закон.

 

Излачни доверители

6. Во одредбите на членот 125 од Законот е дадена дефиниција што се подразбира под поимот излачно право, а излачен доверител е лице кое врз основа на свое стварно или лично право може да докаже дека некој предмет не спаѓа во стечајна маса. Овој доверител не се смета за стечаен доверител. Неговото право за издвојување на предметот ќе се утврдува според правилата што важат за остварување на тие права надвор од стечајот.

Стекнување право на сопственост на ствари е уредено во Законот за сопственост и други стварни права (Службен весник на РМ бр. 18/01, 92/08) додека задржување право на сопственост при продажбата и слично е во Законот за облигационите односи (Службен весник на РМ бр.18/01, 4/02,84/08).

Со цел да успее во разлачното право, доверителот мора да докаже дека е сопственик со валидна исправа издадена од овластен орган. За сопственост на недвижност е упис во јавна книга-катастарот, регистар на бродови и воздухоплови, а за моторни возила сообраќајна дозвола и слично.

Излачно право на издвојување имаат и титуларите на удели во трговските друштва, хартии од вредност и други финансиски калатерали, освен акциите.

Продавачите на стока имаат право да им се врати ако не е платена куповната цена, што на друго место е исплатена на должникот пред денот на отварање стечајна постапка, а сеуште да не пристигнала на одредишно место, односно на тој ден да не ја презел. Тоа е така наречено „право на пребарување“, односно истражување факти да се докаже правото.

Секако, во ваква ситуација се наоѓа и продавачот кој треба да има валидни исправи со кои ќе докаже дека стоката на должникот е испратена и примена од него или во негово име од друго лице, а цената не е платена. Ако тие факти не се докажат доверителите не може да ги остваруваат своите права, односно да ја повратат стоката.

Исто така кога не се работи за договор за продажба, туку само за чување на стока на определено место кај должн икот, оставителот има излачно право и ќе се третира како излачен доверител, а се под услов да се утврдат фактите.

Вршителот на работи кај договорот за дело има право на задржување на предметите кои ги поправил или направил до исплаќање надоместок. Ако се отвори стечај над должникот, доверителот стекнува разлачно право во висина на побарувањето на име надоместок за поправката или трудот, а не и за останатите побарувања.

Согласно правилата на стечајното право излачно право на издвојување може да стане само на предмети, а не и за парични побарувања по основ паричен депозит вложен кај стечајниот должник.

Доверители на стечајна маса

7. Во текот на спроведување на стечајна постапка учествуваат повеќе лица и тие на определен начин придонесуваат тоа да заврши успешно. Со такви активности се создаваат обврски на стечајната маса. Според Законот, доверители на стечајна маса се физички и правни лица кои по било која основа имаат побарување спрема стечајниот должник, а кое нестанало после отварање на стечајната постапка.

Според утврдената методологија во законот, член 133 и 134, е определен редоследот како се намируваат обврските настанати во текот на стечајот. Од стечајна маса прво се намируваат трошоците настанати во текот на стечајот и други обврски на стечајна маса. Во трошоци на стечајот спаѓаат судските трошоци, награда и трошоци на привремениот стечаен управник, стечајниот управник и членовите на одборот на доверители.

Другите обврски на стечајна маса се намируваат сразмерно нивната големина откако ќе се исплатат побарувањата на новите доверители-кредитори кои стекнале својство на доверители по отварање на стечајот. Обично тоа се случува ако стечајниот управник оцени дека е најдобро во интерес на доверителите да продолжи деловното работење на стечајниот должник со што ќе се отстранат штетните последици што може да настанат. Со одобрение на стечајниот судија може да се земе необезбеден кредит или долг, како трошок на стечајна маса.

Во други обврски на стечајна маса спаѓаат и обврските сторени од стечајниот управнк со управувањето и впаричување и продажба на стечајна маса и поделбата на средствата. Тука влегуваат побарувања на адвокати за дадени услуги во текот на шест месеци пред отварање на стечајот, а во врска заштита и остварување правата на стечајниот должник.

Доверители на стечајна маса се и обврските према вработените кај должникот по отварање на стечајот.

Заклучок

8.Од изложеното може да се заклучи дека во правниот систем во доволна мера се заштитени правата на доверителите доколку должникот од било која причина не е во можност да ги исполнува своите пристигнати обврски.

Во стечајна постапка е обезбедено правото на доверителите према стечајниот должник да можат да ги наплатат своите побарувања со впаричување на стечајната маса. Доверителите, според содржината на побарувањето, се категоризирани и е постигната соодветна рамноправност и приоритет. Законски е овозможено во стечајот да се продолжи деловниот потфат на должникот преку планот за реорганизацја, а кој го одобруваат стечајните доверители и стечајниот судија, а со цел да се подобри намирување на утврдените обврски од стечајната маса.