Македонски Shqip English

Вања Михајлова

Влијанието на корупцијата врз човековите права

Негативното влијание на корупцијата врз развојот и човековите права повеќе никој не го става под знак прашање. Корупцијата го нарушува економскиот раст, ги намалува социјалните услуги и ги закочува инвестициите во инфраструктурата, институционалните и социјалните услуги. Светска банка дава правна формулација на двете најголеми форми на корупција: државната и административна корупција. Под државна корупција се дефинират ативностите на поединци, групи или фирми во приватниот и јавниот сектор, кои влијаат врз формулирањето на законите, другите акти и владините политики со цел да се усвојат несоодветни и нетранспарентни закони и други прописи.Административната корупција се однесува на намерно нарушување на имплементацијата на прописите со цел да се обезбедат привилегии и добивки на владини функционери, јавни службеници и други актери надвор од оваа сфера. Корупцијата исто така може да се дефинира како ситна (базирана на потребата) и крупна (базирана на алчноста).Како мала или ситна коруција се дефинира незаконското однесување на јавните службеници кои сметат дека се недоволно платени за својот труд и имаат потреба од дополнителни приходи со цел да обезбедат егзистенција за своето семејство. Крупната корупција ги вклучува високите државни службеници или функционери кои одлучуват за склучување на крупни договори, а барањето поткуп е поради алчност, а не заради потреба.Не постојат дилеми дека на крајот, сиромашните лица се најмногу погодени од корупцијата бидејќи не можат да си дозволат да дадат поткуп на јавните службеници, а доколку се одлучат да ги поткупат, тоа во значителна мерка ќе влијае врз нивниот и онака скромен домашен буџет кој би го користеле за задоволување на основните потреби.>

Според заклучоците на документите од самитот во Сеул, високиот степен на корупција може да се дефинира како криминал против хуманоста, бидејќи според многумина тоа спаѓа во категоријата –тортура, геноцид или друг вид на криминал против хуманоста кој го деградира човечкото достоинство. Корупцијата се дефинира како неморална, неправедна и спротивна на идеалите за хуманост утврдени во Универзалната декларација за човекови права и определбата дека сите луѓе имаат основно право да живеат во општество ослободено од корупција. Корупцијата ја загушува критиката кон власта, кон правдата и со тоа повредата на човековите права останува неказнета, а демократијата загушена. Корупцијата е присутна во сите области и претставува сериозна пречка за остварување на основните човекови права, но доколку корупцијата е присутна во судството, тоа претставува уште поголем проблем, бидејќи судскиот сектор треба да биде чувар на човековите права.Според поранешниот генерален секретар на ООН, Кофи Анан:”корупцијата ги повредува сиромашните диспропорционално преку пренасочување на средствата наменети за развој, ја нарушува способноста на властите да обезбедат основни услуги, нееднаква исхрана и неправда и ги обесхрабрува странските инвестиции и помош”. >

Мегународни стандарди за правото на развој и социјална и правна сигурност >

Обединетите нации уште во 1986 година, правото на развој го дефинираа како едно од клучните права според кое секое човечко битие и сите лица имаат право да учествуват, придонесуват и да го уживат економскиот, социјалниот, културниот и политичкиот развој во кој сите права и фундаментални слободи можат целосно да се остваруват. Наспроти ова, истражувањето на УНДП во1997 година, покажа дека корупцијата има огромно негативно влијание особено врз сиромашното население бидејќи го нарушува изборот во однос на богатството и моќта и ја намалува стабилноста на државата да обезбеди социјална сигурност на граѓаните.Корупцијата ги погодува диспропорционално сиромашните граѓани поради нивната немоќ да направат нешто за промена на статус кво и неможноста да платат поткуп што создава нееднаквост на граѓаните. Корупцијата влијае врз правото на развој како незаменливо право кое треба да го уживат сите граѓани, вклучувајќи ги и сиромашните слоеви.Од овие причини, во 2004 година, ООН се согласија дека човековите права мора да бидат клучни во сите нејзини програми и при тоа како главни точки ги дефинираа следните:>

  • Сите програми за развој и соработка, политиките и техничката помош треба и понатаму да ги реализират човековите права како што се утврдени во Универзалната декларација за човекови права и другите меѓународни инструменти за човекови права;>
  • Стандардите за човекови права кои се содржани, како и принципите кои произлегуват од меѓународните документи и другите инструменти за човекови права за развој треба да бидат составен дел од програмирањето на соработката и развојот во сите сектори и во сите фази од тој процес;>

Владеење на правото- Корупцијата подеднакво ги погодува граѓанските и политичките права, како и економските, социјалните и културните права.Во институционална форма корупцијата креира мас виктимизација која резултира со закана по владеење на правото.Оттука, меѓународните стандарди барат од домашните институции да ги заштитат правата на граѓаните, тргнувајќи од фактот што повредата на човековите права е моќно средство за повреда и на многу други права, поради што проблемот на корупцијата се посочува како почетна точка на повреда на правата на граѓаните во разни области. Кога проблемот со корупцијата се одразува врз човековите права, од судската власт се бара да ги заштити овие права преку инсистирање за транспарентен и одговорен систем на владеење ослободен од корупција, но и да помогне во мониторингот врз остварувањето и повредата на човековите права од страна на институциите, НВО секторот или медиумите.Корупцијата во судството и органите на прогонот ги урива основните принципи за сузбивање на криминалните активности против општеството во целина и посебно против дискриминираните групи. Корупцијата во судството го прави неефикасно владеењето на правото и правичното судење. Ако давањето поткуп претставува предуслов за правда, тоа ги пресекува виталните конфликтни механизми.Поради ова, од круцијално значење е сузбивањето на корупцијата во судството како гаранција за заштита на правата на граѓаните преку санкционирање на оние кои ги кршат и преку фер судење и еднаква правда за секој граѓанин без дискриминација по било кој основ.>

Мегународни документи

На меѓународен план се донесени бројни документи со кои се гарантират основните човекови права, нивно промовирање и заштита од корупција. Меѓу најзначајните се следните: >

  • Универзалната декларација за човековите права беше усвоена од Генералното Собрание на ООН на 10 декември 1948 година.Согласно со овој документ, секое лице има право на социјална сигурност која треба да биде обезбедена преку националните заложби и меѓународната соработка, на економски, социјални и културни права, право на работа, на слободен избор на вработување, за праведни и поволни услови за работа и заштита против невработеност. >
  • Европската конвенција за заштита на човековте права и основни слободи со Протоколите, е донесена во 1950 година од Советот на Европа.Овој документ покрај другото гарантира право на слобода и правично судење, право на глас, слобода на мисла и изразување, на здружување, право на имот, а се забранува дискриминација во уживањето на правата и слободите, нечовечко или понижувачко постапување и сл. >
    • Конвенцијата на ООН против корупцијата ( Мерида конвенција)>

Конвенцијата е усвоена од страна на Генералното Собрание на ООН со резолуција на 31 октомври 2003 година на Конференцијата одржана во Мерида-Мексико. Конвенцијата ја ратификува повеќе од 100 земји кои имаат обврска да ги гарантират основните човекови права, бидејки таа претставува компрехензивен документ кој предвидува универзални стандарди неопходни за почитување на овие права, иако тие експлицитно не се наведени.Преамбулата на Конвенцијата упатува на загриженост за сериозноста на проблемот и заканите од корупција за стабилноста на општеството, за поткопување на институциите и вредностите на демократијата, етичките вредности и правдата и загрозување на одржлив развој и владеење на правото. При ова, под владеење на правото се дефинира формална независност и непристрасност на судството, закони кои се јавно достапни, забрана законите да се применуват само за посебни лица или групи, забрана за ретроактивна примена на законите и одредби за судска контрола на владините политики и активности.Оттука може да се заклучи дека Конвенцијата започнува со признавањето на економските и социјалните права, како и граѓанските и политичките права кои треба да се промовират и заштитат.Конвенцијата исто така содржи и низа обврски на властите со цел спречување и сузбивање на корупцијата, а во насока на заштита на човековите права. Иако најголем дел од обврските сосема природно се однесуват на државните органи, постојат бројни примери кога обврските се однесуват и за субјектите кои дават поткуп со цел да остварат некое право и за службените лица кои примат поткуп.>

По однос на човековите права, во делот 3, Криминализација> и извршување на одлуките, во членот 15-поткуп на домашните службени лица, се воспоставува обврска според која ветување, понуда или давање поткуп се смета за кривично дело, како и примањето на поткуп, а во членот 16 се криминализира и давањето на поткуп на странски службени лица и службени лица на меѓународните организации, како и барањето или прифаќање на поткуп при што се бара од државите да ги криминализират и ваквите активности. Тргување со влијание(член 18) го криминализира секое ветување, нудење или давање на несоодветни бенефиции на службено лице и барање или прифаќање од службеното лице на ваквите бенефиции.Во членот 5, во делот за превентивни анти-корупциски политики и практики, се посочува на принципите на владеење на правото.Не постои владеење на правото без заштита на човековите права.Владеење на правото упатува дека сите граѓани треба да уживат еднакви права и еднаква заштита пред законот. Преамбулата, исто така, укажува на фер однесување, одговорност и еднаквост пред законот. Според тоа, иако Конвенцијата директно не посочува како корупцијата влијае врз човековите права, постојат јасни врски меѓу човековите права и корупцијата.Конвенцијата посебно укажува на одговорност од сите субјекти.Така, од државите се бара да ја сузбиват корупцијата, од судството да ги санкционират коруптивните практики, од службените лица и функционерите да не прифаќат поткуп, а од граѓаните и правните лица да се воздржат од давање на поткуп. За остварувањето на ова цел државните органи треба активно да соработуват со групи и поединци надвор од јавниот сектор, како што е граѓанскиот сектор и други организации, со цел борбата против корупцијата да биде ефикасна.>

Знаењето и свесноста креират моќ Во членот 6-анти-корупциски тела за превенција на корупцијата, се укажува на зголемување и пренесување на знаењето за превенција на корупцијата. Во членот 10- јавно информирање, се бара јавноста да се стекне со знаење за организацијата, функционирањето и донесувањето одлуки од јавната администрација и правните акти кои се однесуват на јавноста.Членот 6 упатува на обврската на земјите да осигурат ефикасен пристап до информациите од јавен карактер-како еден од клучните принципи за владеење на правото, транспарентност и одговорност на јавната администрација.При ова, Конвенцијата упатува и на дефинирање на програми за едукација, почнувајќи од училиштата и Универзитетот кој треба да им обезбеди пристап до информации на студентите и на пошироката јавност. Посебен респект се дава на промовирање и заштита на слободата на барање, добивање, публикување и пренесување на информации кои се однесуват на корупција. Таков пристап до информации ќе придонесе до зголемување на свеста на граѓаните за остварување на своите права против корупцијата.По однос на анти-корупциките политики и практики, се бара од земјите да развијат, имплементират и одржуват анти-корупцики политики кои промовират учество на јавноста, вклучувајќи и подигнување на свеста за штетните последици од корупцијата врз човековите права.

Не-дискриминацијата е експицитно наведена во Конвенцијата кога се посочува на добро владеење и учество на јавноста при донесување на одлуки.

Пристапот до правда е исто така уреден во Конвенцијата.Така, во членот 11 се посочува на”мерки поврзани со судството и обвинителството” и превенција на корупцијата во овој сектор, вклучувајќи и правила за однесување при вршење на судската функција. Во членот 25 се укажува на опструкција на правдата, а користењето на физичка сила, закана и присилба заради добивање на погрешно сведочење се дефинира како кривично дело или вмешување во постапката.Корупцијата го регулира прашањето на корупцијата и во приватниот сектор. Така во членот 21 се посочува на поткупот во приватниот сектор, при што како кривично дело се дефинира: ветување, нудење или давање директно или индиректно на поткуп и барање директно или индиректно на поткуп.Конвенцијата воспоставува и соодветни ограничувања за одреден временски период за професионалните активности на поранешните вработени во јавниот сектор, или за вработување на јавни службеници во приватниот сектор после нивното напуштање на функцијата или пензионирање.

  • Директиви на Европска унија за координација на процедурите за јавни набавки на стоки, услуги и извршување на работи 2004/17/ЕЗ и 2004/18/ЕЗ со кои се регулират основните принципи како што се: принцип на еднаков третман, недискриминација, конкуренција, принцип на пропорционалност транспарентност и одговорност имаат за цел спречување на корупцијата во оваа област која се цени дека е најранлива на коруптивни практики.Земјите членки на Унијата како и земјите аспиранти за приклучување кон ЕУ се должни принципите и стандардите од овие Директиви да ги операционализират во своето законодавство и доследно применат во процесот на јавни набавки.>
  • Принципи на Светска банка за спречување на корупцијата>

Со цел да спречи злоупотреба на средствата на име заем или помош кои им ги доделува на земјите,Светска банка усвои посебни принципи и насоки за спречување на корупција или измама при користење на овие средства. Така, договорите склучени со Светска банка за заем или помош, содржат одредби според кои доколку банката утврди корупција и злоупотреба на овие средства ќе го прекине договорот. Во своите акти, Банката има предвидено и строги санкции, вклучувајќи и престанок на работниот однос на нејзини вработени за кои ќе се утврди дека биле вклучени во корупција при доделувањето или извршување на договор финансиран преку заем или кредит.>

Почнувајќи од 1996 година, Светска банка има усвоено насоки за јавни набавки и консултантски услуги според кои Банката ќе ги санкционира фирмите и поединците за кои ќе се утврди дека биле вклучени во финансиски измами и корупција поврзани со јавни набавки на стоки и услуги, при изборот на консултанти, или за извршување на одредени договори.>

Во 2006 година, Светска банка усвои серија на реформи кои резултираа со утврдување на принципи и насоки за заемопримачите со цел спречување на корупција и за режим на санкции кои ќе осигурат усогласеност со највисоките етички стандарди во сите аспекти, при финансирањето на проекти од нејзина страна..Како коруптивни практики се дефинирани: нудење, давање, примање или барање поткуп директно или индиректно, во било која вредност, со цел несоодветно да се влијае врз акциите на другата страна.Режимот на санкции е термин кој се користи да ги опише аранжманите со кои банката може да ги санкционира одредени службени лица вклучени во финансиски измами, корупција, изнуда, закана или опструкција при реализацијата на проектите финансирани од средства на банката.>

При усвојувањето на овие принципи, Светска банка тргна од реализацијата на нејзината основна цел-намалување на сиромаштијата и поттикнување на развојот што ќе им помогне на милиони луѓе ширум светот да ги остварат основните права загарантирани со бројни меѓународни документи, како што се: изградба на училишта, патишта, болници, инфраструктурни проекти, снабдување со вода или за заштита на околината. Доколку средствата наменети за овие цели поради корупција наместо за целта за која се доделени, се злоупотребуват на штета на граѓаните, банката ќе ги санкционира ваквите појави. Бројни се примерите кога Банката го раскинала договорот со земјата на која и бил доделен заемот или со консултантската фирма ангажирана во проектот, но и во случаите кога е утврдено дека биле прекршени основните принципи на јавни набавки за склучување на договор на штета на другите понудувачи, со примена уцена, принуда или присилба да се откажат од договорот. Така, од 1999 година наваму повеќе од 330 фирми и поединци се санкционирани од Банката поради инволвираност во финансиски измами и корупција при извршувањето на проекти финансирани со неа.>

Економски последици од корупцијата врз човековите права-не постои дилема дека корупцијата може директно да ги погодува правата на макро и микро план.Така на микро план, граѓаните плаќат поткуп за добивање на разни услуги од администарцијата како што се: за запишување на нивните деца во училиште или факултет што го повредува загарантираното право на образование, за добивање на одредена здравствена услуга или одредена социјална помош, на разни дозволи, лиценци, одобренија или уверенија и сл. иако сите овие права им се гарантирани.Во сите овие случаи, корупцијата ги погодува повеќе сиромашните граѓани поради нивната немоќ кон воспоставените бирократски бариери и поради недостаток на информации и знаење, како и силната зависност од давателите на услуги, што генерално резултира со спречување на сиромашното население да го подигне својот глас против ваквите нелегални активности.На макро план, инвеститорите ќе се воздржат да инвестират во развојни проекти во земја во која постои државна и административна корупција. Дополнително кон ова, меѓународните донатори нема да доделуват грантови во земја со високо ниво на корупција која ги повредува човековите права и правото на развој на сиромашното население во таа земја, со што тие ќе станат уште посиромашни.>

Нормативно регулирање на човековите права има клучна улога. Првенствено, Уставот на секоја земја промовира заштита на човековите права и ги гарантира фундаменталните права на сите граѓани. Владите исто така потпишуват меѓународни спогодби, а врз база на обврските кои произлегуват од нив земјите усвојуват закони. Сите овие уставни одредби, спогодби, закони и други прописи мора универзално да ги заштитат човековите права особено правата на лицата со посебни потреби.>

 

Состојбата во Македонија>

Уставот на РМ (во членот 8) како темелни вредности покрај другите ги дефинира: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеење на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Со членот 16 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации, правото за заштита на изворот на информацијата во средставата за јавно информирање. Во рамките на темелните човекови права, согласно Уставот (член 32) спаѓат и правото на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Исто така, Уставот гарантира дека на секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според членот 34, на граѓаните им се гарантира правото на социјална сигурност и социјално осигурување и дека државата се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, правото на образование, кое треба да биде достапно на секого под еднакви услови(член 44). Со Уставот (член 50) на граѓаните им се гарантира и судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, како и правото на граѓаните да бидат запознати со човековите права и основни слободи и активно да придонесуват, поединечно или заедно со другите за нивно унапредување и заштита.>

Во бројни закони кои се донесени во земјата се дефинирани правата на граѓаните и нивната заштита, што подразбира дека од институционална гледна точка обврските согласно меѓународните документи формално правно се остварени. Во оваа прилика ќе биде даден краток осврт само на некои кои се суштински кога се работи за превенција и санкционирање на корупцијата поради заштита на правата на граѓаните.>

Кривичниот законик на РМ- во членот 2, предвидува дека заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и применувањето на кривично-правната принуда кога е во таа мера и кога е тоа нужно за спречување на општествено штетни дејствија,претставуват основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции.Кривичниот законик во членовите 357, 358, 359 ги криминализира и санкционира одредени коруптивни активности. Така, службено лице кое ќе побара или ќе прими подарок или друга корист, или ќе прими ветување за подарок или друга корист за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејство што не би требало да го изврши или да не изврши службено дејство што би морало да го изврши ќе се казни со казна затвор. Казна е предвидена и за давањето на поткуп, како и за противзаконито посредување, но и за други слични противправни дејствија кои имаат цел преку злоупотреба на службената должност службените лица да се стекнат со подарок или друга корист. Со Кривичниот законик, исто така, се санкционира и кршењето на основните права на граѓаните како што се: спречување на избори или гласање(член158), повреда на избирачкото право (159), повреда на слободата на определување на избирачите (член 160), злоупотреба на избирачкото право (член 161), поткуп при избори и гласање (член 162), повреда на тајноста на гласањето(член 163), како и други незаконски дејствија со кои се повредуват основните права на граѓаните. >

Според Законот за спречување на корупцијата-(член 17), давањето или ветувањето подарок, или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори или гласање на референдум, за да гласа или не гласа, или да гласа за определен кандидат или за одредена одлука, се смета за поткуп при избори и гласање.Законот ( во член 42) забранува именован или избран функционер, службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал да ја искористи својата положба вршејќи влијание врз друго лице во државен орган, јавно претпријатие или друго правно лице, за тоа да донесе или не донесе определена одлука, да стори нешто, да пропушти или да трпи, заради остварување корист или нанесување штета на друг”.>

Според член 43, став 2) од Законот, граѓанин или правно лице што е незадоволно од одлуката донесена врз основа на дискреционо овластување и кое смета дека таа одлука е донесена поради корумпираност, може да поднесе претставка пред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Комисијата е должна да ја разгледа претставката и во рок од 30 дена од нејзиниот прием да го извести физичкото или правното лице за постапувањето по претставката. Според истиот закон (член 46) правните акти што се резултат на корупција се ништовни.Секое лице кое има правен интерес може да бара нивно поништување, со поднесување доказ на правосилна судска пресуда со која е утврдено постоењето на корупција.Лицето што е оштетено со акт на корупција може да бара надоместок на штета(вистинска штета и изгубена добивка) според принципите на солидарна одговорнотст од сторителот на делото, квалификувано како дело на корупција со правосилна судска пресуда, како и од органот или јавното претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал, во кое тоа лице ја вршело својата функција или должност во времето на извршувањето на делото.Ваквите одредби од домашната легислатива кои се однесуват за почитување на човековите права се обврска преземена од мегународните документи- посебно Конвенцијата на ООН за борба против корупцијата.>

Законот за јавни набавки(“Сл. весник на РМ” бр.136/2007, 130/2008 и бр.97/2010) кој ги операционализира Директивите на ЕУ, има за цел успешно функционирање на системот на јавни набавки и доследна примена на клучните принципи меѓу кои: одговорноста, конкуренцијата на субјектите, еднаков третман на сите понудувачи и недискриминација, транспарентност и интегритет на процесот на доделување на јавни набавки како и рационално и ефикасно искористување на буџетските сретства. Кривичниот законик во член 275-в, за кривично дело-Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство предвидува казна затвор до најмалку 5 години за свесна повреда на прописите за постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка и стекнување на значителна имотна корист за себе или за друг.>

И покрај ваквата јасна регулатива во насока на превенција и санкционирање на корупцијата, практичната имплементација е недоволно ефикасна и спротивна на барањето за доброто владеење. Оценките за неефикасна и нетранспарентна јавна администрација, високиот степен на корумпираност и кршењето на правата на граѓаните се потврдени и со последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата кон приклучување кон Унијата.Така, се истакнува дека “ корупцијата останува да преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем”, а дека” политичката обврска на највисоко ниво за мониторинг на имплементација на анти-корупциските политики останува слаба и “дека не постои конпрехензивен пристап за развивање на специфични анти-корупциски стратегии за ранливите области во јавниот сектор”. Напроти уставната гаранција дека работните места треба да бидат достапни на секој граѓанин кој ги исполнува пропишаните услови, при вработувањето во јавната администрација присутни се бројни слабости, меѓу кои и непочитување на пропишаните процедури и критериуми утврдени во Законот за државни службеници.Вработувањето и унапредувањето наместо да се базира на мерит систем, што подразбира стручност, компетентност и искуство главно се базира на партиската и етничката припадност, што резултира работните места да бидат достапни само на определена категорија на граѓани. Со трансформирањето на вработувањето од определен период на неопределено време се повредуват пропишаните процедури и конкуренцијата, а со тоа и правата и можностите на граѓаните за вработување под еднакви услови. Сериозна загриженост внесува отсуството на било каква одговорност за кршењето на правата на граѓаните и игнорирањето на законските процедури и критериуми во оваа област.>

Трансапрентноста при трошењето на парите на граѓаните според наодите и констатациите на контролните органи е на ниско ниво.Интерните контролни механизми за контролата врз буџетските сретства се многу слаби, поради што бројни се случаите на ненаменско и нерационално трошење на народните пари, нивна дислокација за други утврдени владини приоритети наместо за задоволување на основните потреби на граѓаните.>

Слободниот пристап до јавни информации (како еден од клучните начини за контрола на јавноста врз работата на државните органи) за тоа како се трошат буџетските средства е оневозможен поради отсуство на достапност на содржината на јавните договори.Оттука многу договори склучени помеѓу државните органи со поединци или правни лица изразени и во повеќе милиони евра остануват тајна за граѓаните.>

Мониторингот врз јавните набавки извршен од НВО сектор покажа големи слабости и непочитување на пропишаните процедури за јавни набавки, на принципот на еднаков третман на сите субјекти и недискриминација на понудувачите, конкуренција, транспарентост и одговорност. Слабостите во овој сектор се констатирани и во Извештајот на ЕК, при што се посочува дека во одделни случаи “работите биле веќе започнати дури и завршени пред да се распише оглас за јавна набавка”, со што се не им е овозможено на секој заинтересиран субјект под еднакви услови да учествува во постапката и склучи договор. И покрај детектираните сериозни нерегуларности кај јавните набавки од Државниот завод за ревизија, ваквите случаи кај кои постои сериозно сомневање за корупција не се процесуирани од страна на судските органи.>

Оттука, наспроти јасните определби во легислативата почнувајќи од највисокиот акт-Уставот на РМ со која се гарантират основните човекови права и слободи, во практиката поради високиот степен на корупција и ненаменско и нерационално користење на народните пари, дислокацијата на средствата за други намени, граѓаните се помалку можат да ги уживат овие права. Се почести се бариерите за остварување на основните права на здравствена заштита меѓу кои обезбедување на неопходните лекови и пристап до современа и функционална медицинска опрема, на правото на образование кое вклучува и обезбедување на основни стандардни услови во училиштата, градинките и сместување на студентски домови со почитување на утврдените критериуми, на остварување на социјална заштита под услови утврдени со закон и без дискриминација на граѓаните, заштита на правото на сопственост, ефикасно и непристрасно судство кое ќе гарантира еднаква правда, безбедност, слобода на мислење и изразување, ефикасни услуги од јавната администарција.>

Корупцијата е прифатена како сретство да се заврши одредена работа или добие услуга од јавната администрација. Генерализираната корупција претставува блокада за остварување на основните права на граѓаните во секоја област и функционирање на демократијата, која подразбира доверба не само во моментот на изборот на власта но и за време на траење на мандатот. Потребна е вистинска политичка воља за ефикасно сузбивање на корупцијата и заштитата на основните права на граѓаните.