Македонски Shqip English

Доц. д-р Марјан Габеров

Конвенцијата за правата на детето и семејното насилство

Конвенцијата за правата на детето е донесена од страна на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации во 1989 година, а истата стапила во сила една година подоцна во 1990 година.

По својата правна природа и по своите карактеристики конвенцијата претставува базичен документ од меѓународно правна природа кој ја гарантира заштитата на децата во универзални рамки. Неколку основни принципи и постулати се прокламирани и се истакнуваат во нормативниот дел на конвенцијата, како што се забраната за дискриминација на децата по било кој основ, правото на живот на децата како нивно основно човеково право, остварувањето на најдобрите можни интереси на детето, развојот на децата, како и почитувањето на нивните ставови. Одредбите од оваа конвенција директно не се однесуваат на проблематиката на семејното насилство, но сепак истата на еден индиректен, посреден начин има значајна улога за влијанието на семејното насилство врз децата, како жртви на истото( Hammarberg, 134). Со помош на оваа конвенција во светски и глобални рамки се дефинираат принципи и норми за децата кои имаат универзален карактер и се применливи во рамките на сите општества(Пирковска – Змијанац, 21). Како што истакнува Draskic, Конвенцијата за правото на детето треба да обезбеди за оваа ранлива категорија на лица, мир, човеково достоинство, висок степен на толеранција, остварување на слободата без никакви ограничувања, висок степен на почитување на принципот на рамноправност, како и солидарност со останатите членови во рамките на општеството(Draskic, 60-64).

            Конвенцијата за правата на детето содржи сет на права преку кои се обезбедува минимум заштита и минимум стандарди за правилен развој на децата, кои треба да бидат обезбедени од страна на државите. Оваа заштита на децата треба да биде обезбедена во рамките на здравствениот систем, во рамките на образованието на децата, во правните односи, како и во рамките на социјалните услуги за децата.

Конвенцијата за правата на детето од 1989 година на Обединетите Нации структурално е составена од преамбула, која го претставува воведниот дел на конвенцијата и вкупно 54 членови во кои се предвидуваат сите права за децата, преку кои се очекува да се оствари максимална заштита на оваа ранлива категорија на лица во универзални рамки. Според Ортаковски правата кои што се предвидени во рамките на Конвенцијата од аспект на околностите на кои се однесуваат може да се категоризираат во пет посебни групи. Првата група, се однесува на права на децата кои се од економски карактер или  економските права на децата, втората група ги покриваат правата на децата кои се однесуваат на социјалата и културта, или социјалните и културните права на децата, третата група го опфаќа сетот на граѓански и политички права на децата, четвртата група ги опфаќа правта на децата кои влегуваат во делокругот на малолетничкото судство и петтата или последна група на права на децата се нивните хуманитарни права(Ортаковски, 12-13).

Во конвенцијата во членот 1 се дава дефинирање на поимот на дете, така според нормативниот текст на конвенцијата за дете се смета секое човечко суштество кое не навршило 18 години од својот живот. Од ова генерално правило дека под поимот на деца се опфатени сите лица кои немаат навршено 18 годишна возраст, постои исклучок кој предвидува можност врз основа на законските прописи полнолетството да се стекне порано, како што е примерот за еманципирање на способноста на малолетникот за склучување на брак, по претходно дадена согласност од родителите и мислење од здравствена установа.

Членот 2 од Конвенцијата за правата на детето се однесува на забраната на дискриминација при примената и обезбедувањето на сите права кои се предвидени во рамките на конвенцијата, без разлика на расата, полот, бојата на кожата, јазикот, вероисповедта, политичкото убедување, националното потекло, социјалното потекло, етничкото потекло, имотната состојба, неспособноста на детето, раѓањето или некој друг статус или околност на детето, или на негов родител или старател.

Овој член по својата суштина ја нагласува потребата од активна обврска на државата за превенција на децата од дејствија на дискриминација, како и потребата од воспоставување на мерки кои вклучуваат ревидирање на законската регулатива во насока на подобрување на состојбите, стратешко планирање, постојано следење и мониторирање на процесите, зголемување на свесноста на граѓaните за значењето на заштитата и остварувањето на правата на децата, подобрување на системот на образование, пропагандни кампањи во насока на остварување на најдобрите можни интереси на детето, како и оценување на преземените мерки и активности (Давитковски и др, 21).

Во насока на остварувањето на најдобрите можни интереси на децата и нивната максимална заштита и почитување на нивните права е и членот 3 од Конвенцијата за правата на детето според кој овој најдобар интерес на децата претставува императив за сите чинители во општеството, без разлика дали се работи за социјални власти, јавни власти, приватни институции, административни тела или законодавни тела.

Од посебно значење за феноменот на семејното насилство во рамките на Конвенцијата за правата на детето е членот 16 од истата. Согласно овој член експлицитно се наведува дека ниедно дете нема да биде изложено на самоволно или незаконито мешање во неговата приватност, семејството, домот, преписката, како и фактот дека истото нема да биде изложено на незаконити напади на штета по неговата чест и углед.

Членот 16 од Конвенцијата за правата на детето може да се доведе во контекст со членот 19 од истата конвенција, според кој државите потписнички се обврзуваат да ги преземат сите законодавни, административни, социјални, како и образовни мерки во насока на остварување на заштита на детето од сите облици на ментално, физичко и сексуално насилство. Секој од овие посебни видови на насилство врз детето може да резултира со негово повредување, со злоупотреба на детето, негово занемарување, немарен однос кон детето, дејствија што значат малтретирање на детето, постојана експлоатација на детето и негово искористување и тоа во време кога за детето се грижат неговите родители, старатели или било кое друго лице на кое што му е доверено детето на чување и воспитување. Во истиот член се потенцира и потребата мерките за заштита на детето, неопходно да ги вклучат во себе и програмите за социјална безбедност на децата, како и обезбедување на поддршка на децата во целокупниот систем на остварување на заштита на оваа категорија на лица.

Во насока на потполно остварување на овој член во Република Македонија, неопходно е постојаните законски прописи доследно да се применуваат, како и да се врши постојано следење на состојбите за подобрување на законските решенија во предметната област, да се изработи сеопфатна студија за насилство врз децата во државата, со посебен акцент на сексуалното насилство, да се подигне свеста кај сите лица во општеството за значењето на правилниот развој на децата и др.

Следен член од Конвенцијата за правата на детето кој на посреден начин се однесува на семејното насилство е членот 32 од истата. Во рамките на овој член се забранува секаков вид на економска експлоатација на децата, која што може да наштети на самиот развој на детето, на неговото образование, на неговото здравје и сл. Во оваа смисла државите членки се обврзани да преземат бројни мерки и активности во насока на остварување на ова право на децата, пред се законски да ја утврдат минималната возраст за вработување на детето и негово стапување во работниот процес, работното време да го прилагодат на потrебите и спецификите на детето кое што ги извршува работните обврски, како и тоа да се воспостават соодветни механизми за ефикасно применување на овој член.

Членот 34 од Конвенцијата за правата на детето се осврнува на заштитата на децата од сексуалното насилство, воопшто, вклучително и од сексуалното насилство во рамките на семејството. Во оваа насока членот 34 од конвенцијата се поставува заштитнички кон децата и нивна заштита од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање. Како и остварувањето на останатите права од оваа конвенција, и правото предвидено во рамките на членот 34 бара определени активности од страна на државата, како што се, спречувањето на сите активности и дејствија што значат учество на децата во актите на проституција, забраната за искористување на децата за порнографски цели, како и забраната за било која принуда на детето за негово учество во некоја недозволена активност.

Во насока на заштита на детето од актите на насилство, како и од актите на насилство во семејството е и членот 37 од Конвенцијата за првата на детето, според кој сите држави членки и потписнички на конвенцијата се обврзуваат дека ќе обезбедат услови во кои ниту едно дете нема да биде подложено на мачење или на некој друг вид на нехуман третман, или негово казнување.

Основниот текст на Конвенцијата за правата на детето вклучува и два Факултативни протоколи кон истата, и тоа, Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за учество на децата во вооружените судири усвоен од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации во 2000 година, кој се применува од 2002 година, како и Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за продажбата на деца, детската проституција и детската порнографија, усвоен од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации во 2000 година, кој се применува од 2002 година.

Од наш непосреден интерес е токму Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за продажбата на децата, детската проституција и детската порнографија, кој се усвојува како резултат на зголемениот промет на децата, за целите на нивна продажба, нивно искористување за детска проституција, како и злоупотреби во порнографски цели. Семејството како една општествена група е детектирано како едно од можните сторители на овие забранети дејствија, преку што доаѓа до сторување на насилство врз сопствените деца, и до потполно нарушување на физичкиот и моралниот интегритет на децата.

 

 

Користена литература

  • Hammarberg, Thomas. 2011. Human rights in Europe: no grounds for complacency. Strasbourg: The Council of Europe Publishing.
  • Пирковска – Змијанац, Гордана. 1999. Улогата на НВО и Македонската национална коалиција за заштита на правата на детето во имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето. Скопје: Здружение за заштита на правата на детето.
  • Draskic, Marija. Jugoslavija i Konvencija Ujedinjenih Nacija o pravama deteta. Beograd: Beogradski centar za ljudska prava.
  • Ортаковски, Владимир. Правата на детето според меѓународната регулатива, посебно во Конвенцијата за правата на детето. Скопје: Здружение за заштита на правата на детето.
  • Давитковски, Борче, Бужаровска, Гордана, Калајџиев, Гордан, Мицковиќ, Дејан, Груевска – Дракулевски, Александра. 2010. Компаративен преглед на законодавството во Република Македонија и Конвенцијата за правата на детето. Скопје: Министерство за правда на Република Македонија.