Македонски Shqip English

М-р. Меритон Арслани

Политичкото влијание преку изборот и разрешувањето на судиите и јавните обвинители како начин на загрозување на принципот на владеење на правото

Вовед

Начелото на поделба на власта има суштинско значење за организирање на власта во една демократска држава. Со поделбата на власта се стреми кон реализација на начелото на владеење на правото, а тоа се смета дека е возможно бидејќи ниеден актер или група нема доволна моќ за доминација. Така, поделбата на власта е еден од основните постулати врз кои е поставена и функционира правната држава (Арнаудовски 2009, 75).

Со поделба на власта се прави обид кон обезбедување на самостојност и независност во работата на органите на власта наспроти фактот дека сите власти, како извршната, законодавната, така и судската власт се во постојана кооперација и односите помеѓу нив се нужни и неизбежни.

Во рамките на постоењето на правниот систем на демократската држава секогаш се настојува кон избор на професионални кадри кои правилно и законски ќе ја вршат својата должност и нема да ги искористуваат нивните овластувања кон исполнување на политички интереси на политичките групи. На тој начин би се обезбедило подобра и посигурна заштита на човековите слободи и права во рамките на државните органи. Но, секако дека политичките структури, особено како дел од власта, постојано вршат притисоции и ја злоупотребуваат нивната позиција за да влијаат на работата на правосудството. Има повеќе начини на злоупотреба на моќта на политичките структури за нарушување на самостојноста и независноста на органите на правосудството. Еден од начините за вршење на влијание во работата на правосудството е токму преку членовите на надлежните органи за избор и разрешување на судии и јавни обвинители, а кои се избрани, односно доаѓаат од политичките предлози на извршната и законодавната власт. 

 

1.Важноста на самостојноста и независноста на правосудството

Независноста во работата на органите на праводуството е многу важен елемент за градење на добар и функционален правен систем во државата. Корумпирани, зависни и уплашени одлучувачи не можат да делат правда (раздаваат правда)...(Orth 2003, 86).

Во рамките на правниот систем на Република Македонија се предвидени неколку механизми и демократски реформи со цел да се постигне повисоко ниво на самостојност и непристрасност во работата на органите на правосудството, како во делот на кадровската опременост за избор на квалитетен и професионален кадар, со донесување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија во 2006 година, основањето на Советот на јавните обвинители по донесување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, системот на избор на судии и јавни обвинители преку Академијата на судии и јавни обвинители (ситемот на градење на кариера), така и во однос на финансирањето и економската независност на судиите и јавните обвинители во рамките на државниот буџет.

Како органи на правосудството, од едната страна јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган, а од друга страна судовите се самостојни и независни државни органи, во кои се забранува секакво политичко организирање и дејствување. За самостојност на овие државни органи пред се треба да се обезбедат услови каде во тие институции јавните обвинители и судиите своите функции ќе ги вршат врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори кои се ратификувани во согласност со Уставот. Тие треба објективно, законито и непристрасно да дејствуваат, со почитување на слободите и правата на човекот и граѓанинот. За постигнување на високо ниво на професионалност и самостојност на работата на правосудните органи влијаат многу фактори. Прво, судиите и јавните обвинители треба самостојно, професионално, независно и законито да ја вршат функцијата, без да подлежат на било каков притисок или закана. Тоа значи дека јавните обвинители самостојно ја вршат нивната работа и судиите судат самостојно и независно од секакви политички или други импликации. Второ, тие треба да бидат самостојни и независни и во однос на начинот на обезбедување на финансиски средства за самостојно вршење на работата. Имено, судовите и јавните обвинителства мора да имаат соодветни и сигурни средства за финансирање во рамките на единствениот државен буџет. И трето, високо квалитетно судство и јавно обвинителство бара и воспоставување на модел кој преку правни норми и решенија ќе нуди заштита и успешно функционирање на овие инситуции. Дополнително, за обезбедување на самостојност и независност во работата, судиите треба да бидат избрани со траен мандат, а постапката за нивната одговорност при вршење на работата да се води пред институција која е независна од законодавната и извршната власт (Ристова 2012, 41). Истото важи и за јавните обвинители. Без обезбедување на услови за трајно вршење на дејноста, и почуствување на сигурноста во преземените дејствија не може да се зборува за независност и непристрасност на работата на овие органи.        

Меѓутоа, самостојното судство само по себе не е доволно за обезбедување на владеење на правото. Затоа, Chavez смета дека во прилог кон тоа судовите треба да се ефикасни, достапни, добро финансирани и кадровски добро опремени, тие мора да бидат и независни од сите актери кои прават обид да ја монополизираат власта (Chavez 2008, 65). Бидејќи, пред се, судската независност бара непристрасност и политичка ограниченост (Fiss 1993, 56).

Самостојноста и независноста во работата на овие органи е многу важна компонента и предуслов за постигнување на ниво на професионално дејствување и заштита на слободите и правата на граѓаните. Тоа од причина што целта на воспоставување на јавното обвинителство и судовите е токму обезбедувањето на заштита на човековите слободи и права од секоја повреда која може да дојде со злоупотреба на моќта и овластувањата. Од друга страна, треба да се има предвид дека само судството кое е независно од притисок, поттик и манипулирање може да ги контролира и истражува злоупотребите на моќта (Chavez 2008, 65).

 

2.Изборот и разрешувањето во правосудството од политичка призма

Во демократските држави секогаш постои тенденција на извршната власт да ја задржи својата превласт и да врши влијание во изборот, оценувањето и разрешувањето на судиите и јавните обвинители.

Покрај направените чекори во насока на подобрувањето на положбата на судиите и јавните обвинители, сè уште наоѓаме на голем број предизвици и пречки за постигнување на висококвалитетна работа. Една од реформите која ги отвори вратите за избор на високостручен и независен кадар беше токму основањето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители како самостојни и независни органи кои меѓудругото се надлежни за изборот, одговорноста и разрешувањето на судиите и јавните обвинители.

Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и истовремено треба да оневозможува политичко влијание во судството. Тој треба да е надвор од секакво политичко организирање и неговите членови не смеат да остваруваат никаква партиска активност. Секаква политичка идеологија и политички интерес се исклучуваат од работата на овој орган. Исто така, тој теоретски претставува и метод на гаранција за судската независност од другите државни органи. Некои автори пак, сметаат дека советот треба да биде независен орган кој се појавува како гарант на независноста на судијата (Арнаудовски 2009, 81).

Во корист на обезбедување на самостојност и независност во работата, а и со почитување на ставот на Венецијанската комисија (Академија за судии и јавни обвинители 2014, 305), Советот има плуралистички состав, каде што мнозинството од членовите се од редот на судиите, а другите членови доаѓаат од редот на обвинителите, адвокатите, професорите по право и други истакнати правници. Меѓутоа, во неговиот состав не изостануваат и кадри кои се директно или индиректно поврзани со политички структури во државата. Имено, во Советот по функција член е Министерот за правда, а тројца членови се избираат од Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и двајца членови на Советот се предлагаат од Претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Присуството на Министерот за правда кој е дел од извршната власт, како и членовите кои се избрани од Собранието на Република Македонија и членовите кои се избрани од Собранието по предлог на Претседателот на Република Македонија до чии избор може да дојде поради политичките препораки или поврзаноста со одредени политички групи, претставува закана за нарушување на самостојноста и независноста на Советот како орган. А токму независниот совет кој има решавачко влијание врз одлуките за назначување и кариера на судиите претставува соодветен метод за гарантирање на независноста на судството, препорачува Венецијанската комисија (Академија за судии и јавни обвинители 2014, 305).

Со основање на Советот на јавните обвинители на Република Македонија со Законот за Совет на јавните обвинители од 2007 година (ЗСЈО) се направи голем чекор за отстранување на политичкото влијание врз работата на Јавното Обвинителство, бидејќи пред тоа јавните обвинители беа именувани од страна на Собранието на Република Македонија. Со стапување на сила на ЗСЈО, Советот на јавните обвинители исто како Судскиот Совет согласно препораката на Венецијанската комисијата (Академија за судии и јавни обвинители 2014, 343-352), почна да работи во мешан состан, со што членовите доаѓаат од редот на јавните обвинители од сите нивоа, адвокати, професори по право и други истакнати правници. Иако од една страна тие се неопходни и симбол на односите на правосудството со другите државни органи, сепак, од друга гледна точка, во делот на 11-те членови кои ги брои Советот, членувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија кој директно се избира од страна на Собранието на Република Македонија по предлог од Владата и претходно мислење од Советот на јавните обвинители, и членувањето на четворицата членови кои ги избира Собранието на Република Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, претставуваат закана за објективноста и самостојноста во работата на Советот на јавните обвинители од страна на политичките структури. Имено, тие претставуваат извори на задоволување на политичките апетити на политичките партии, особено на тие од извршната власт, кои при избор и разрешувања на јавни обвинители, да можат да се изберат "послушни кадри" кои би се ставиле во положба на заштита на интересите на тие политички структури, или пак повикување на одговорност или разрешување на обвинителите кои се "непослушни и бунтовни" против нив.  

 

3.Феноменот "истакнат правник"

Како што веќе се спомна во составот на Судскиот совет на Република Македонија, како и во составот на Советот на јавни обвинители постојат членови кои директно се избрани од Собранието на Република Македонија, а некои од нив и по предлог на Претседателот на државата. На овој начин законодавната, а особено извршната власт, вршат контрола над работата на органите кои се надлежни за избор, оценување и разрешување на судиите и јавните обвинители.

Политичките структури како дел од законодавната и извршната власт при изборот на членовите како во Советот на јавните обвинители, така и на членовите во Судскиот совет, умеат да ги злоупотребуваат нивните овластувања. Тоа може очигледно да се утврди од податоците за членовите на советите. Во Судскиот совет од податоците кои може да се забележат на веб-страницата (Судски совет на РМ, Судски портал на Република Македонија н.д.), се гледа дека од 5-те членови кои ги избира Собранието на Република Македонија, само тројца од нив имаат искуство во правосудни органи и доаѓаат од редот на адвокати и судии, додека двајца од нив се со работно искуство во административни работи, како во државна, така и во локалната администрација. Нивното искуство е далеку од нужното за да вршат избор, а ниту пак да утврдат одговорност со оценување на стручноста во работата на судиите.

Ситуацијата во Советот на јавните обвинители е уште позагрижлива, каде што иако податоците на веб страната на Советот се крајно ограничени во однос на членовите и нивната биографија (www.sjorm.gov.mk н.д.), од истражувањето и податоците кои авторот ги обезбедил за потребите на овој труд може да се види дека членовите на Советот на јавните обвинители кои се избрани од Собранието на Република Македонија се претежно со работно искуство во административни работи и со искуство како стручни соработници и раководители на сектори во општинска и државна администрација. Од двата сегашни членови на Советот на јавните обвинители (сè уште не е извршен избор на уште двајца членови на Советот кои ги избира Собранието, по престанок на работниот однос на двајца од членовите), ниеден од нив нема искуство во правосудни работи, односно двајцата сегашни членови имаат само искуство во административни работи.

Сите овие членови на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители зачудувачко се избрани како истакнати правници во струката, односно се избрани со исполнување на законскиот услов "истакнат правник". Затоа, тука веднаш се поставува прашањето: Колку може да се смета како истакнат правник, правник кој во својата кариера нема поминато ниеден ден во органите на правосудството?!

Сметам дека во составот на членовите на Советот на јавните обвинители и Судскиот совет недостасуваат членови од академската заедница, односно членови кои се со докажани резултати и доаѓаат од редот на универзитетските професори по право. Исто така, сметам дека во составот на советите во однос на изборот на членовите од страна на Собранието на Република Македонија се врши злоупотреба на овластувањата од страна на политичките структури кои го имаат мнозинството во Собранието и се дел од извршната власт, бидејќи под чадорот на поимот "истакнат правник" избираат членови на советите, лица кои не се на ниво за да одлучат за судбината на судиите и јавните обвинители. Имено, правници кои немаат работно искуство во правосудните органи може само да му наштетат на работата на судиите и јавните обвинители, сè со цел постигнување на различни лични или политички интереси на политичките партии, а особено правници со искуство само во административни органи. Поимот “истакнат правник” е многу широк и треба да се постават конкретни и јасни критериуми за негово дефинирање.

Поради тоа, од покажаните досегашни резултати на работата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, меѓу последните реформски промени во правосудството се предлага и членовите на советите да подлежат на дисциплинска одговорност за нивната работа исто како и судиите и јавните обвинители (24 Вести 2017).     

 

Резиме

Како што изборот на членови на Судскиот совет, така и изборот на членовите на Советот на јавните обвинители не претставува транспарентен процес кон граѓаните и голем број на јавни информации не и се објавуваат на јавноста. Напротив, податоците за членовите на советите и нивната работа треба да бидат достапни за граѓаните.

Во однос на изборот на судии и јавни обвинители од членовите на советите треба да се има во предвид дека нивната компетентност и професионалност во работата го определуваат квалитетот на функционирање на правото. Заради тоа, политичките актери, особено оние кои се дел од извршната власт и го определуваат и поставуваат политичкиот и правниот концепт на организација на државните интитуции, треба да бидат внимателни и да не ги злоупотребат нивните овластувањата за на чело на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да избираат недоволно стручни и професионални кадри за ниски политички интереси и цели. Имено, треба да престане злоупотребата на поимот "истакнат правник", а политичките партии во нивната политичка свест и дејствување мора да запамтат дека самостојноста и независноста на органите на правосудството претставува составен елемент на правната држава.

На крај, секако дека обидот за се поголемо влијание во работата на органите на правосудството поради остварување на политички интереси од страна на извршната власт нема да престане, затоа, и борбата за самостојност, непристрасност и професионалност на работата на судиите и јавните обвинители не треба да престане.

 

Библиографија

24 Вести. 9 Јули 2017. http://24vesti.com.mk/potrebni-se-zakonski-izmeni-i-za-chlenovite-na-sudskiot-sovet-i-sovetot-na-javni-obviniteli (пристапено на Септември 12, 2017).

Chavez, Rebecca Bill. “The Rule of Law and Courts in Democratizing Regimes.” Во The Oxford Handbook of Law and Politics, од Keith E. Whittington, R. Daniel Kelemen и Gregory A. Caldeira, 63-80. New York: Oxford University Press, 2008.

Fiss, Owen M. “The right degree of independence.” Во Transition to Democracy in Latin America: The Role of the Judiciary, од Irwin P. Stotzky, 55-72. Boulder, Colo.: Westview Press, 1993.

Orth, V. John. Due Process of Law, A Brief History. Lawrence, Kansas: University Press of Kansas, 2003.

www.sjorm.gov.mk. н.д. http://www.sjorm.gov.mk/SovetNaJavniteObviniteli.aspx (пристапено на Август 26, 2017).

Академија за судии и јавни обвинители. Мислењата (13-16) на Советодавниот совет на европските судии при Советот на Европа со референтни документи и пракса на Европскиот суд за човекови права: меѓународни документи за независно и ефикасно судство. Скопје: ОБСЕ, 2014.

Арнаудовски, Љупчо. “Независноста на судството не е привилегија на судиите туку право на граѓаните.” Реформата на институциите и нејзиното значење на развојот на Република Македонија. Скопје: Македонската академија на науките и уметностите, 2009. 73-87.

Ристова, Милка. Одговорност на судиите во Република Македонија. Скопје: 2-ри Август-Штип, 2012.

Судски совет на РМ, Судски портал на Република Македонија. н.д. http://www.vsrm.mk/wps/portal/ssrm/sud/za-sudski-sovet/clenovi/!ut/p/z1/hY6xDoIwGISfxYHR9gdKrW5dgKgJExG7GCC1kFBKSrXx7cXRRMNtl_u-5LDAFRZj_exV7Xoz1sPSr4LeaEYIsBOcs7BgwMuipPs8jfKU4MsaIJYZ_oTD4os15IhF32jkW40AsTBO4ojRhESE7Wj4ecjHJmYKCyvv0kqLHnY53jk3zYcAAvDeI2W (пристапено на Септември 12, 2017).