Македонски Shqip English

Вања Михајловa

Слободниот пристап до информации - гаранција за добро владеење и заштита на правата и слободата на граѓаните

Слободниот пристап до информации  претставува  едно  од круцијалните  човекови права, кое има силен импакт врз развојот на отворено и демократско општество и за одговорност на власта пред граѓаните. Преку овој моќен инструмент на демократски развиените општества, граѓаните можат да имаат увид како се трошат нивните пари, дали институциите се придржуват кон законите и дали функционерите  и јавните службеници ја злоупотребиле службената положба и овластување на штета на граѓаните. Слободниот пристап до информации од јавен карактер им овозможува  на граѓаните да  влијаат врз донесување и спроведување на политиките кои се од нивен интерес, врз зголемување на транспарентноста и отчетноста на власта и да барат да се почитуват и заштитуват нивните права и слободи.

Мегународни документи-Правото на пристап до информации е содржано и гарантирано во голем број меѓународни  документи, што укажува за неговото круцијално значење. Во оваа прилика ке бидат споменети дел од нив. Универзалната декларација за човековите права на Организацијата на Обединетите Нации (ООН), беше првата меѓународна артикулација за правата и слободите на граѓаните и претставува основен извор на инспирација на националите и меѓународни напори за унапредување и заштита на човековите права и слободи и има огромно морално, политичко и правно влијание во светот. Во член 19 од Декларацијата се предвидува дека секое лице има право на слобода на изразување, што опфаќа слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови, во било која форма или било кон начин.

Конвенцијата на ООН за пристап до информации, за јавно учество во донесувањето одлуки и за пристап до правдата во врска со работите што се однесуват на заштитата на животната средина (од 1998г.), ги задолжува државите  да  ги стават на располагање на јавноста информациите  во врска со заштитата на животната средина во рамките на домашната регулатива вклучувајќи и добивање на копија од таквите инфорамaции. Конвенцијата бара од државите да објавуват информации за состојбата  и квалитетот  на животната средина, да прават анализи и објавуват факти битни за формирање политики за заштита на животната средина и за тоа редовно да ја  информират јавноста. Советот на Европа усвои повеќе документи за заштита на човековите права, меѓу кои и за правото на слободен пристап до информации како што се: Конвенцијата за заштита на човековите права и за основните слободи и Протоколите кон Конвенцијата 1, 4, 6 и 7, Декларацијата за  слободата на изразување и на информирање од 1982 година, Конвенцијата за заштита на лицата по однос на автоматското процесуирање на  личните  податоци и други документи. Советот на Европа усвои и Препорака за  слободен пристап до службените информации (од 2002г.),според која пристапот до инфорамции претставува фундаментално право и ефикасна гаранција за воведување и за имплементација на посебна регулатива од страна на државите. Со овој документ се утврдува дека правото на пристап до информации може да биде ограничено, меѓутоа ограничувањата треба да бидат прецизно утврдени во законот, да бидат пропорционални и да се однесуват на: заштита на безбедноста, на превенција, истрага и покренување на обвинение за криминални активности, на заштита на приватноста, на комерцијалните и други економски интереси и сл. Во овој контекст се и Препораката  на Советот на министри  при Советот на Европа за  пристап до информациите(Р(81)19, Препорака на Комитетот на министри 1037(1986) за заштита на податоците и за слободен пристап до информации и други документи.

-Домашно законодавство- Како обврска што произлегува од меѓународните документи, Република Македонија донесе Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година (“ Сл. весник на РМ“ бр.13/06)  

 и измените и дополнувањата беа објавени во “Сл. Весник на РМ“, 86/08 и 6/10).

Со Законот поконкретно се наведуват имателите на податоци, се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации и им се  овозможува на физичките и правните лица да го остварат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Имателот на информаци е должен веднаш да одговори на барањето за информации, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето. Ако имателот на  информации го одбие барањето на информација, барателот има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото на пристап до информации ( која согласно законот е независен орган ), во рок од 15 дена од добивањето на решението од имателот. Ако Комисијата не донесе решение по жалбата против првостепеното решение, ниту по седум дена по повтореното барање, барателот има право да поведе  управен спор.

Законот за слободен пристап до информации предвидува исклучоци кога  имателите на информација можат да одбијат барање за пристап до информација и тоа во следните случаи:

-  кога се работи за информација која врз основа на закон претставува  класифицирана информација со соодветен степен на тајност;

 

- личен податок  чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;

 

- информација за архивското работење која е утврдена како доверлива;

 

-информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;

 

-информација стекната или составена заради истрага, кривична, прекршочна постапка, управна или граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;

 

-информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата;

 

- информација од документ што е во постапка на подготвување и се уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината, како и во други случаи  поконкретно утврдени во Законот..

Законот предвидува и санкции  кои се движат од 1000-2000 евра во денарска противвредност за имателите  на информации кои  го прекршиле Законот.

Несоодветна имплементација-Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и после 11 години од неговото донесување  не успеа да биде ефикасен механизам што ќе обезбеди проток на релевантни и точни информации. Недоследната примена на овој закон е проследена со затвореност на институциите и ограничената транспарентност, што го  лимитира  протокот на информации, поради што барателите на информации се соочуват со сериозни проблеми.

 

 Практичната примена на Законот покажа бројни слабости, од недоволно познавање на правата кои се содржани во Законот, на постапката за добивање на  бараните информации, неопределување на лице за давање на бараните информации и сл. Особен проблем при имплементацијата на Законот е долгата и комплицирана постапка за добивање на информација, особено што во најголем број на случаи  бараните информации се давани  на  крајниот рок определен во Законот (30 дена) или во овој рок барателот се  известува дека органот до кој е упатено барањето не е надлежен да ја даде бараната информација, иако согласно Законот истиот е должен по службен пат да го препрати барањето до надлежниот орган. Ваквиот однос придонесува за неефикасност во остварување на ова право,  особено ако се земе во предвид и рокот за обжалување на одлуката со кое барањето е одбиено како и рокот за  решавање по жалбата.Со овој проблем особено се соочуват медиумите. За барателите на слободен пристап до информации, особен проблем претставува што органите за голем број на податоци и документи одговарат дека се од доверлив карактер  поради што не можат да  ја  дадат бараната информација, без да понудат цврсти факти за тоа. Ова претставува грубо кршење на правото на слободен пристап до информации, преку злоупотреба на  законските ограничувања кои се исклучок,  а имателот  на информацијата самоволно  одлучува кој податок  е од  доверлив карактер.

   

 На слабости во примената на Законот за слободен пристап до информации посочува и ЕК во Извештајот за 2016 година, според која  имплементацијата на Законот останува неефикасна и дека политичките партии сеуште се исклучени од листата на иматели на информации. Се нотира дека  продолжува загриженоста за прекумерно класифицирање на документи како доверливи од страна на владата со што се  прекршува правото до пристап до документи  и дека опаѓа обемот и квалитетот на  јавно објавените документи од пооделни државни органи. Комисијата која одлучува по жалбите продолжува да има неефикасен капацитет за да  ја  мониторира усогласеноста  на барањата за слободен пристап до информации, заради проактивно откривање на  информациите. ЕК забележува и дека жалбената постапка е комплексна и долга и укажува на потребата од воведување на санкции, за да се охрабри поефикасното спроведување на легислативата.

Невладините организации и медиумите- се клучен фактор за  контрола врз  власта користејќи го овој моќен инструмент, преку кој ќе влијаат врз отчетноста и одговорноста на  институциите. Колкава е нивната моќ може да се илустира преку  активностите на  невладината организација  за човекови права од Шпанија  Access Info Europe, основана во 2006 година, чија основна определба е промоција и заштита на правото на пристап до информации.

Оваа организација поднесува бројни барања за информации до властите во Шпанија, но и до европските институции за прашања битни за граѓаните, посебно за трошењето на парите на даночните обврзници и мерките кои се преземат за спречување на корупцијата и злоупотреба на службената положба. Неодамна оваа организација беше актуелна кога  преку слободен пристап до информации побара од ЕК редовно да ја известува јавноста колку изнесуват трошоците за патувања на 28-те комесари, во вршењето на  нивната функција. Незадоволна од  спороста од добивање на информациите и незадоволителниот одговор од потпредседателот на ЕК “дека не е од особена важност во детали да бидат објавувани овие податоци во електронска форма бидејќи трошоците за нивното објавување би биле диспропорционални“ Access Info Europe возврати дека “вистинските трошоци не се оние  кои се однесуват на објавување на информациите, но оние кои се однесуват на кредибилитетот и довербата во Европската комисија кога одбива редовно да ги објавува основните информации за трошењето на парите на даночните обврзници“. Во оваа постапка, Европскиот Омбдусман ги прифатил жалбите по однос на  повредите при постапување на надлежните европски институции по овие барања.

Заради  доследна примена на Законот,  се  препорачува:

-Измена на Законот , што би опфатило  скратување на рокот за одговор на барањата за пристап до информации од сегашните 30 дена на 15  работни дена (на членот 21, став 1).Ова особено, ако се земе во предвид дека во најголем број од земјите од ЕУ, но и земјите од регионот  овој рок е 15 дена, а во некои земји дури и помал , а заради ефикасност во примената на ова право;

-Потребна е поголема транспарентност на институциите, што подразбира објавување  ( без да бидат побарани) на сите инфорамации кои произлегуват од надлежноста  и работата на  имателот на информациите;

-Потребно е  проширување на надлежноста на Комисијата за заштита на правото на пристап до информации,но и нејзина поголема транспарентност и видливост тргнувајќи од фактот што овој орган е  многу малку познат во јавноста;

- Потребно е зајакнување на санкциите  поради недоследно почитување на  Законот, со што ке се овозможи ефикасно  остварување на  ова право.

-----------------------------------------------------------------------------------------------

 

 

Koристена литература:

-Универзалната декларација за човековите права на ООН(2,5)

https://www.un.org/en/universal_declaration_human_rights

-Конвенцијата на ООН за пристап до информации, за јавно учество во донесувањето  одлуки и за пристап до правдата, во врска со работите што се однесуват на заштитата на животната средина,(3-5)

https://www.unece.org/filedmin/DAM/env/pp/documents

-Препорака на Советот на Европа за слободен пристап до службените информации(1,2), https://www. coe.legislationline.org

-Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Сл весник на РМ“ 13/ 06, 86/08 и 6/10),

- Извештај на ЕК за 2016 год. за напредокот на Македонија за приклучување кон ЕУ (12) https://ec_europa_eu/.../2016/2016109_report_the_former_ yugoslav_ republic_ of macedonia

-Access info Europe-https://www.access-infor.org.