Македонски Shqip English

Проф.д-р Мерсел Биљали

Владеењето на правото и интегрирањето во меѓународни организации

 

Во практиката и теоријата концептот на владеење на правото значи систем на политичка власт заснован на почитување на уставот, законите и другите прописи, како од страна на граѓаните, така и од државните органи, институциите и носителите на јавните функции. Но, исто така и сите процедури мора да бидат засновани на закон или друг правен акт, така што во широка смисла тоа значи принцип на уставност и законитост.[1]

Во современата доктрина поимите правна држава и владеењето на правото се сметат за синоними, со тоа што поимот правна држава се користел во континенталното право, а поимот владеење на правото во англосаксонското право.[2] Но, сепак, бројни современи автори прават разлика меѓу овие поими, особено во однос на демократскиот капацитет на институциите на државата да функционираат врз правото.

Многу автори сметат дека и покрај општите промени, сепак како клучни функции на уставите на демократските држави остануваат: ограничување на моќноста; промоција и заштита на човековите права и основни слободи; градење и зајакнување на демократските институции; реализација на уставниот принцип на владеењето на правото итн.[3]

 

Меѓународни организации и владеење на правото

Организација на Обединетите Нации (ООН) и владеење на правото

Начелото на владеењето на правото на национално и меѓународно ниво како универзална вредност беше за првпат расправано во Генералното собрание на Обединетите нации на 24 септември 2012 како тематска сесија на ниво на шефови на држави и влади. Тука беше усвоена и Декларација за владеењето на правото, од сите 193 земји-членки, која опфаќа владеење на правото на национално и меѓународно ниво.

Дефиницијата на владеењето на правото, според ООН првенствено подразбира почитување на човековите права и слободи. Но, за системот на ОН, владеењето на правото е принцип каде што сите лица, приватни субјекти, институции и други јавни субјекти, вклучувајќи ја и самата држава, подеднакво се подложни на јавно прогласуваното право. Без владеење на правото, човековите права не можат да постојат, но и без човековите права владеењето на правото е технички без вредност и ориентација. Законите треба да се применуваат од страна на независното судство согласно меѓународните правила и стандарди за човекови права.

 

Европска унија (ЕУ) - владеење на правото

Во однос на ЕУ, од Римскиот договор до Лисабонскиот договор, се трагало за начин на ефективна реализација на правото од страна на постојната демократска заедница, која сега е многу повеќе еколошки освестена. На патот долг повеќе од 60 години европска интеграција, се движело етапно, и тоа од владеењето на правото како симболика до изградување на суштински начела на владеење на правото засновано врз конституционализација и соодветни институции во ЕУ.

Формално, од основачките договори на ЕУ, се смета дека Договорот од Мастрихт прв го конституционализирал владеењето на правото. А Договорот од Амстердам, во членот 6 став 1 пропишува: "Унијата е заснована врз начелата на слободата, демократијата, почитување на човековите права и основни слободи и владеење на правото, начела кои се заеднички за сите земји-членки ... " Реално, со овој договор, почитувањето на начелото на владеењето на правото станува важен предуслов за државите кои аспирираат полноправно членство во ЕУ.

Лисабонскиот договор (чл.2) пропишува: "Унијата се засновува врз вредностите за почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги и правата на припадниците на националните малцинства. Овие вредности се заеднички за сите земјите-членки како општество каде што доминира плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу жените и мажите". Се забранува секоја дискриминација со примена на начелото на супсидијарност, пропорционалност, еднаквост пред законот, итн.[4]

Оттука, можеме да кажеме дека ЕУ се базира врз неделиви универзални вредности на човековото достоинство, слободата, еднаквоста и солидарноста, каде што посебно место заземаат начелата на демократија и владеење на правото. Таквите начела го сместуваат поединецот во центарот на неговото внимание со утврдувањето на статусот на граѓанин на Унијата и создавањето на областа на слободата, безбедноста и правдата.

Имено, „заедничките“ европски начела се промовирани во вредност. Додека правните начела имаат нивна структура, бидејќи настануваат од индивидуална пракса, тоа не е случај со вредностите. Затоа, некои теоретичари се на мислење дека ова би можело да го ослаби концептот на владеење на правото, што треба да остане основно начело на правното обликување на институциите и дејствувањето на ЕУ. Сепак, може да се заклучи дека концептот на владеење на правото било како начело или вредност, претставува систем кој првенствено е насочен кон заштита на правата на граѓаните од арбитрарност и злоупотреба од страна на јавните власти.[5]

Судот на правдата на ЕУ во пресудата „Les Verts“ за првпат експлицитно кажал дека тогашната Европската заедница претставува заедница базирана на владеењето на правото.[6] Во оваа пресуда особено се нагласува дека, ниту земјите-членки ниту институциите на ЕЗ не можат да ја избегнат проверката на усогласувањето со правните регулативи и постапки донесени согласно тогашниот  Договор за Европска Заедница. Тоа значи дека ЕЗ е заедница на држави членки заснована врз право и правосудна контрола.

Во ваква заедница, правосудната заштита и контрола подразбира можност на проверка на сите акти на државите-членки и на институциите на ЕУ со цел да се обезбеди согласност со Договорот за основните права како своевидно над-право на ЕУ. Меѓутоа, самата пресуда не понуди целосна правна дефиниција за тоа зошто владеењето на правото подоцна беше предмет на различни толкувања во кругот на правни и политички теоретичари.[7]

Владеењето на правото и во рамки на ЕУ има два неразделни аспекти - формално (процедурално) и содржински (материјално). Ова се предвидува и во одлуките на Судот на правдата на Европската унија и на Европскиот суд за човекови права, кои фактички сè повеќе стануваат дел од уставното уредување. Тоа подразбира дека институциите на ЕУ се предмет на супервизорска усогласеност на нивните акти не само со Договорот, туку и со општите правни начела кои ги опфаќаат и основните права.[8]

Од практиката на Судот на правдата на ЕУ, практиката на органите на ЕУ и на актите на Европскиот Совет, може да се каже дека владеењето на правото се појавуваат како изворни вредности и начела кои се составен дел на acquis, кои важат како општи правни начела што произлегуваат од уставните традиции заеднички за државите-членки. Меѓу тие начела се: начелото на законитост, начелото на правна сигурност, начелототo на независност и непристрасност на судовите, начелото на фер судење, забрана на дискриминација, еднаквост пред законот, итн.

Лакенската декларација за иднината на Европа[9] од 2001 година, започнува со констатација дека Европската унија се наоѓа на раскрсница без преседан во својата историја. Таква историја, сметаат авторите е своевиднa „приказна за успех“, но важно е да се даде одговор на најмалку три прашања:

  1. Демократски предизвик во рамките на Унијата;
  2. Новата улога на Европа во глобализираниот свет;
  3. Очекувањата на европските граѓани за донесување одлуки и спроведување на политиките на Европската унија.

Начелата на добро управување се: Отвореност (транспарентност) на институциите; Учество на граѓаните во одлучувањето; Одговорност на сите носители на овластувања; Ефикасност на носителите на овластување; Политика на усогласеност (кохерентност).

Примената на овие начела ги засилува и двете други важни начела: начелото на супсидијарност и начелото на пропорционалност. Начелото на супсидијарност и начело на блискост – тоа значи дека одлуките треба да ги донесе власт што е најблиску до населението. Додека начелото на пропорционалност значи  дека дејствувањата и процедурите на која и да е област на власта не смее да оди подалеку од она што е неопходно за да се исполни целта.

Советот на Европа - владењето на правото

Во преамбулата на Статутот на Советот на Европа е напишано дека: „Владите на европските држави кои се водени од вистинскиот дух на политичките идеали и традицијата на почитување на слободата и владеењето на правото, како заедничко наследство...“  Во чл. 3 се вели дека секој член на Советот на Европа мора да го прифати принципот на владеење на правото..."

Определбите на Советот на Европа, односно „Аcquis Council of Europe[10] првенствено се однесуваат на заштитата на човекови права, повеќепартискиот парламент, демократија и владеењето на правото. Gustav Redbruch - т.н. Redbruchova формула од 1946 година, вели дека правната норма која не е во согласност со барањата на правдата до степен што не може да се толерира или кога правната норма е очигледно дизајнирана намерно да ја негира еднаквоста што е суштината на правдата, таквата правна норма мора да се укине во полза на начелото на правдата.[11]

Венецијанската комисија (2011) ги утврдила „неопходните елементи на владеењето на правото“ и тоа не само формалните елементи, туку и тие суштински за кои може да се најде консензус, а тие се: 1.Законитоста, вклучувајќи транспарентна, одговорна и демократска процедура за донесување закони; 2. Правна сигурност; 3. Забрана на арбитрарност; 4. Пристап до правда пред независни и непристрасни судови, вклучувајќи ги и управните акти; 5. Почитување на човековите права; 6. Забрана за дискриминација и еднаквост пред законот.[12]

Во последно време, бројни автори сè повеќе ги спомнуваат и: 1.Достапноста на правото, што значи дека правото мора да биде разбирливо, квалитетно, јасно и предвидливо; 2. Укинување на дискреционото право; 3. Обезбедување на средства за решавање на спорови без големи трошоци.

 

ЕУ - Република Македонија и начелото владеење на правото

Начелото на владеење на правото во Република Македонија е поврзано со два важни паралелни процеси – 1. Приближување на законодавството на Република Македонија кон правото на Европската унија; и 2. Усогласувањето на домашното законодавство со законодавството на Европската унија.[13]

Приоритетни области за приближување на законодавството кон правото на ЕУ првенствено се политиката на конкуренција и државната помош, интелектуалната и индустриска сопственост, заштитата на личните податоци, јавните набавки и областите на инфраструктурата на квалитетот (стандардизација, метрологија, акредитација и оценка на сообразност).

Во текот на приближувањето на законодавството кон ЕУ, фокусот е ориентиран кон начелото на владеењето на правото. Во тој контекст треба да се елиминираат сите можни пречки и опструкции кои често се резултат на недостаток на волја и култура за добро владеење.[14]

Во однос на владеењето на правото и интегрирањето на Република Македонија во ЕУ, важно прашање е и капацитетот на постојната уставно-правна рамка за зачленување како полноправна членка на државата во ЕУ. Вистина е дека примарноста на договорите за ЕУ, како меѓународни договори, е обезбедена со постојните одредби од Уставот. Но, потребно е да се вгради и одредба со која дел од правниот поредок ќе претставува секундарно право. Тоа го направиле повеќе држави во нивните устави. Исто така, потребно е да се обезбеди правна рамка за правото на глас на граѓани на ЕУ кои имаат живеалиште во Република Македонија, потоа прашањето на екстрадицијата на своите државјани по барање на некоја држава членка на ЕУ итн.

Сигурно дека трансферот на дел од законодавната власт врз институциите на Унијата ќе ја ослаби улогата на Собранието, но и ќе ја зголеми кога станува збор за директиви што доаѓаат од ЕУ, во случај на прифаќање на уставната одредба со која ќе му се овозможи на Собранието да го искаже својот став. Потребни се измени и во насока на загарантирано учество на Собранието во одобрување или согласност со позициите што ги предлага Владата, а се поврзани со партиципирањето во креирањето на политиката на ниво на ЕУ.

 

 

 

[1] Во Каталогот на Фулер за суштинските карактеристики на владеењето на правото се наведува: правото да биде општо достапно за секого, да не дејствува ретроактивно, да биде разбирливо, конзистентно и стабилно,

за да може да се спроведе и следи.

[2] Види, Moller Ј., Skaaning С.Е., “Systematizing Thin and Thick Conceptions of the Rule of Law”, Justice System Journal, Vol. 33, Issue 2, 2012

[3] Smerdel B. Ustavno uređenje europske Hrvatske, Narodne novine d. d., Zagreb, 2013., str. 8.

[4] Види основачки договори; Повелба за основните права на ЕУ; различни документи на Комисијата, Советот и Парламентот за тие пресуди на Европскиот суд.

[5] Roos R. S. “The Rule of Law as a Requirement for Accession to the European Union”, p. 3. Dostupno na: http://www.kas.de/ rspsoe/en/publications/12154/ (1. rujna 2015.).

[6] Види: Case 294/83 Les Verts v. Parliament [1986] ECR 1339, para. 23

[7] Wennerström Е.О, “The Rule of Law and the European Union”, Uppsala, 2007, 61–76.

[8] Case C-50/00 P, Unión de Pequeños Agricultores [2002] ECR I-06677, para 38 i 39; Joined Cases C-402/05P i C-415/05 P, Kadi, [2008], ECR I-06351, para 316. Kada je riječ o Sudu za ljudska prava vidi: ECtHR Stafford v United Kingdom, 28 May 2001, para 63.¸ Vidi: Case C-50/00 P, Union de los Pequeños Agricultores v. Council of the European Union, 2002 E.C.R. I-06677, para 38.

[9] Smerdel B, Ustavno uređenje europske Hrvatske, Narodne novine d. d., Zagreb, 2013., str. 224.

[10] Види, Lauc Z, Acquis Vijeća Europe i hrvatska lokalna samouprava, Ustavne promjene Republike Hrvatske i Europska unija, Sveučilište u Splitu, Pravni fakultet, 2010., str. 74.–98.

[11] Omejec Ј, Konvencija za zaštitu ljudskih prava i temeljnih sloboda u praksi Europskog suda za ljudska prava, Strasbourški acquis, Novi informator, Zagreb, 2013., str. 1087.

[12] Report on the Rule of Law, European Commission for Democracy through Law (Venice Commission) 86th plenary session (Venice, 25–26 March 2011), Study 512/2009, CDL-AD(2011)003rev. Strasbourg, 4 April 2011.

[13] Види, Гоцевски Т, Бакрески О, Славески С, „Политичкиот и економскиот систем и одбраната на Р.М.“, Филозофски факултет Скопје, 2005 година.

[14] Петрушевска Т, „Меѓународно правни аспекти на спогодбата за стабилизирање и придружување на Р.М. со Европската заедница и со државите членки на ЕУ“, Скопје, 2008 година 118.