Македонски Shqip English

Тематскa анализа за влијанието на законската рамка и јавните политики врз почитувањето на човековите права и слободи

ПРАВОТО НА ПОСВОЈУВАЊЕ НАСПРОТИ ПРАВАТА НА ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА

naassom-azevedo-180913.jpg (211 KB)

Вера Коцо

Пензиониран судија на Врховниот суд на РМ

и член на УО на Институтот за човекови права 

 

Посвојувањето (adoptio) како можност за добивање на деца во една семејна заедница билo познатo уште во Римското право. Таткото на фамилијата (pater familias) можел да одлучи во неговото семејство да бидат вклучени и лица родени надвор од семејството и да бидат ставени под негова заштита по пат на посвојување. Во почетокот, со цел за валидност на посвојувањето се водел привиден спор пред магистрат со цел да се добие одлука дека детето припаѓа на посвоителот (pater adoptans). Подоцна, адопцијата била вршена со рескрипт на императорот или била потврдувана пред надлежен орган. Уште во тој период на општествен развој постоело потполно посвојување (adoptio plena) и непотполно посвојување (adoptio minus plena). Кај потполното посвојување се прекинувале сите врски со биолошкото семејство за разлика од непотполното посвојување кое допуштало егзистенција на претходните семејни врски.

Институтот посвојување во текот на вековниот општествен развој еволуирал како од аспект на неговото правно регулирање во соодветна законска рамка која што ги третира семејните односи, така и од аспект на вреднување на правата на посвоените лица и нивната заштита сè во зависност од видот и степенот на развој на општествениот систем.

Во нашата држава институтот посвојување е регулиран во Законот за семејство (во понатамошниот текст ЗС), во посебен дел, насловен „Посвојување“, за разлика од регулативата во поранешната држава, кога постоеше посебен Закон за посвојување. Имајќи предвид дека семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување како што определува чл. 2 ст. 2 од Законот за семејство, логично е третирањето на посвојувањето како посебен дел од семејните односи во тој закон.

Посвојувањето на дете може да создаде такви односи какви што настануваат со раѓање на дете во едно семејство, таканаречено потполно посвојување или да создаде само односи какви што постојат меѓу родители и деца познато како непотполно посвојување. Одлуката за тоа каков однос ќе создаде некое посвојување е во зависност од волјата на лицето посвоител, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател, но и од волјата на детето доколку  е постаро од дванаесет години (чл. 95 од Законот за семејство).

За да настане правно валиден однос на посвојување потребно е да се исполнети одредени услови пропишани со Законот за семејство, дел посвојување. При тоа, законот ја исклучува можноста за посвојување помеѓу сродници во права линија, а ниту може да се посвојуваат меѓусебно брат или сестра.

Условите кои го овозможуваат правото на посвојување согласно одредбите на ЗС главно можат да бидат категоризирани според:

  1. Возраста на посвоителот и на посвоеникот;
  2. Деловната способност на посвоителот и неговите лични својства за успешно вршење на родителските права;
  3. Државјанството на посвоителот;

Законот за семејство во однос на возраста на посвоеното лице го има  прифатено стандардот на малолетност што значи дека само лице до 18 години старост може да биде посвоено.

Во однос на возраста на посвоителот е прифатена старосна граница до 45 години, иако постои исклучок од ова правило кога може да се јави како посвоител и лице постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде повеќе од 45 години. Овој услов е предвиден и за брачните другари кои ќе се јават како посвоители, при што е потребно еден од нив да не ја надминува горната старосна граница. Сепак, ЗС предвидува исклучок од предвидената старосна граница во случај кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето при што може да дојде до посвојување на детето, без оглед на утврдените старосни граници (чл. 100б). Ваков исклучок е возможен и во поглед на старосната граница за посвоителот во случај кога се посвојува брат или сестра на веќе посвоено дете (чл. 100в).

Имајќи предвид дека посвојувањето треба да овозможи солидни и сигурни услови за живот на детето кои што се обврска на посвоителот, претходно се врши процена на неговата личност од страна на стручен тим на Центарот за социјална работа во поглед на неговата можност да се справи со родителскиот предизвик. Според тоа, не може да биде посвоител лице:

  • на кое му е одземено или ограничено родителското право или му е изречена казна затвор за сторено кривично дело, во траење од над шест месеци;
  • на кое му е одземена или ограничена деловната способност;
  • за кое постои основано сомнение дека положбата посвоител ќе ја злоупотреби на штета на посвоеникот;
  • дека е душевно болно или со пречки во интелектуалниот развој или пак боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот;
  • со физичка попреченост од таков степен што оправдано остава сомнение во можноста да се грижи за детето;
  • ако е зависник од дрога, алкохол или други психотропни супстанци;
  • кое има тешко хронично заболување или боледува од неизлечлива заразна болест.

 

Посвоител по правило може да биде само државјанин на Република Македонија, но и во однос на овој услов предвиден е исклучок кога како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин. Во таков случај потребно е да се прибават извадоци од законот кој што го регулира посвојувањето во земјата на посвоителот како и други информации и докази потребни за да може да се утврди постоење на најмалку еднакви услови, а, секако, и подобри доколку е тоа можно, за живот и развој на детето кое што се посвојува. За посвојување на дете од странски државјанин потребна е согласност од страна на Комисијата надлежна за посвојување (во понатамошниот текст: Комисија), формирана при Министерството за труд и социјална политика. При давањето на согласност за посвојување од странски државјанин, Комисијата е лимитирана со почитување на приоритет на посвојување во домицилната земја, па само ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија може да биде дадена согласност за посвојување од странски државјанин.

Во согласност со одредбите за посвојување содржани во ЗС, посвојувањето се засновува пред Комисијата за посвојување која е составена од 15 члена. Таа работи во состав од 5 члена кои се избираат на денот на одржувањето на секоја седница по електронски пат од сите членови на Комисијата.

Самата постапка  за посвојување на дете може да се каже дека поминува низ три главни фази и тоа:

  • Упис во регистарот на можни посвоители, како и на можни посвоеници;
  • Вршење на избор на посвоител по електронски пат и сместување на детето во семејството на посвоителот;
  • Засновање на посвојувањето.

Потенцијалниот посвоител поднесува барање до Комисијата за посвојување заедно со определени други документи, согласно одредбите за посвојување, со цел за обезбедување право на упис во регистарот на можни посвоители. По извршената проверка на потребните документи, Комисијата формира предмет и доставува копија од целокупниот предмет до Центарот за социјална работа надлежен според местото на живеење на подносителот на барањето во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето. Центарот за социјална работа по добивањето на предметот врши процена на подобноста на можните посвоители и нивните причини за посвојување преку нивно континуирано следење во период од четири месеци и врз основа на наодот и мислењето на стручниот тим изготвува предлог за упис во регистарот на можни посвоители. Во рок од 10 дена по завршената работа, Центарот за социјална работа е должен целокупната документација да ја достави до Комисијата која пак во наредните 30 дена од приемот, доколку се исполнети предвидените законски услови, донесува одлука и врши упис во регистарот на можни посвоители. Комисијата својата одлука за упис во регистарот на можни посвоители ја доставува до Центарот за социјална работа кој во рок од три дена по приемот врши архивирање на податоците за посвоителот во Програмата за избор на најсоодветен посвоител по електронски пат. Покрај евиденцијата на можни посвоители постои и евиденција на можни посвоеници. Центарот за социјална работа кој ги следи малолетните лица без родители и родителска грижа доставува предлог до Комисијата со цел да се изврши упис на дете во регистарот на можни посвоеници по добиена согласност за посвојување заедно со наод и мислење на стручниот тим и поединечни наоди и мислења на стручните работници за потенцијалниот посвоеник. По добивањето на предлогот, Комисијата извештајот за здравствената состојба на детето го доставува до Комисијата за оцена на здравствената состојба на децата без родители и родителска грижа која што се формира со одлука на Министерот за труд и социјална политика, а на предлог на Министерот за здравство. Таа е должна во рок од 10 дена да достави наод и мислење по однос на здравствената состојба на детето. По добивањето на извештајот Комисијата за посвојување е должна во  рок од 15 дена да изврши упис во регистарот на можни посвоеници, а потоа Центарот за социјална работа врши архивирање на податоците за детето во Програмата за процена на малолетните лица без родители и родителска грижа кои се можни посвоеници.

Со стекнувањето на статус на можен посвоител односно посвоеник, во суштина завршува првата фаза од постапката за посвојување. Центарот за социјална работа продолжува со следење на можните посвоители и еднаш годишно доставува наод и мислење на стручен тим и поединечни мислења на стручни работници до Комисијата во поглед на нивната подобност и мотивите за посвојувањето. Кога ќе се внесат податоци за можен посвоеник во програмата, тогаш Комисијата на првата наредна седница пристапува кон избор на најсоодветен посвоител. Со изборот на посвоител започнува втората фаза од постапката за посвојување.

Самиот избор на најсоодветен посвоител се врши по електронски пат од првите три можни посвоители од листата на програмата и за тоа се известува Центарот за социјална работа кој е старател на детето. Во зависност од местото на живеење на избраниот посвоител, Комисијата ќе побара старателството за одредено дете да го врши Центарот за социјални работи од каде што е избраниот посвоител. Изборот на најсоодветен посвоител е во зависност од критериумите детерминирани во ЗС (чл. 100а ст. 5), а тоа се:

  • здравствената состојба;
  • психосоцијалниот статус;
  • материјалните услови;
  • станбените услови;
  • времето на чекање;
  • степенот на образование;
  • брачен статус;
  • државјанство;

 

Сите погоренаведени критериуми носат одреден број на бодови согласно Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат, кои ги пропишува министерот за труд и социјална политика. Според бројот на добиените бодови се прави ранг листата на можни посвоители од која се врши електронскиот избор од првите три можни посвоители. Ваквиот начин на избор го наметнува прашањето за објективност на самата постапка и допушта место за разни сомненија во регуларноста на изборот или во можноста за правилно одредување на најсоодветен посвоител. Поради тоа се доведува во прашање ефикасното обезбедување на  најдобриот интерес за детето посвоеник чиј интерес треба да биде водилка во целокупниот процес на посвојување. 

По извршениот избор Комисијата донесува решение за сместување на детето во семејството на посвоителите и веднаш го доставува до надлежниот центар за социјална работа кој што е должен континуирано да го следи сместувањето на детето и секој месец да доставува извештај до Комисијата.

По истекот на периодот на сместување (кој што во зависност од посвоителот и возраста на детето кое се посвојува изнесува од еден до шест месеци) Центарот за социјална работа во рок од 5 дена изготвува извештај и дава мислење за посвојување на детето од конкретен посвоител и го доставува до Комисијата заради засновување на посвојувањето. Доколку Комисијата оцени дека предлогот е во интерес на детето има обврска во рок од 30 дена да го оконча процесот на посвојувањето со донесување на решение со кое се  засновува посвојувањето. Ова е третата фаза од постапката за посвојување која завршува со реализација на правото за посвојување преку засновање на посвоителскиот однос согласно законските одредби.

Самиот чин на засновување на посвојувањето се одвива во присуство на посвоителот, неговиот брачен другар, родителите, односно старателот на посвоеникот, како и на самиот посвоеник доколку е постар од 12 години, без присуство на јавност.

Присуството на сите лица битни субјекти во овој процес е важно и потребно поради давањето на согласноста за самото посвојување како и за видот на посвојувањето. Посвојувањето се одвива пред службено лице на Комисијата кое што претходно го утврдува идентитетот на сите потребни чинители во настанувањето на посвоителскиот однос и ги запознава со правата и должностите што произлегуваат од него. Потоа ќе побара изјави за согласност за посвојување од лицата кои се должни да дадат таква изјава или ќе ги прочита нивните порано дадени изјави.

Имајќи предвид дека посвојувањето може да се заснова најрано по навршување на три месечна возраст на детето, значи дека родителите или родителот кој што сам го врши родителското право, согласноста за посвојување на детето може да ја дадат и претходно пред Центарот за социјална работа без да го определат посвоителот. Во ваков случај согласноста за посвојување пред Комисијата ја дава старателот на малолетното дете. Согласноста за посвојување на дете без родители може да ја дадат и сродниците во права линија кои се грижат за него или неговиот старател. Во секој случај, пред давањето на изјавата за согласност за посвојување Центарот за социјална работа е должен тоа лице да го запознае со сите последици од давањето на изјавата за посвојување. Согласноста за посвојување може да се повлече сè до моментот на донесување на решение за сместување на детето во семејството на посвоителите поради спроведување на постапката за посвојување.

Содржината на изјавата за согласност детето да биде посвоено без да се определи посвоителот, покрај личните податоци за родителот или старателот, содржи и податоци за личното име, дата и место на раѓање на детето, дали тоа е родено во брак или потекнува од вонбрачна врска, како и видот на посвојувањето и причините поради кои е дадена согласноста за посвојување на детето.

При спроведување на чинот на посвојување се составува записник и се донесува решение во зависност од видот на посвојувањето, односно решение за потполно или непотполно посвојување (чл. 110 ст. 1, 2 и 3 од ЗС).

Во записникот и во решението за потполно посвојување покрај податоци за видот на посвојувањето се внесуваат и податоци за спогодбата за личното име на посвоеникот и за неговото место на раѓање.

Кај потполното посвојување настануваат односи какви што настануваат со раѓање на детето. Во таков случај, меѓу посвоителот и неговото семејство и посвоеникот и неговото потомство се создаваат права и должности кои постојат меѓу крвни сродници и престануваат взаемните права и должности меѓу посвоеното дете и неговото биолошко семејство.

Во решението за непотполно посвојување, како и во записникот, исто така се внесуваат податоци за видот на извршеното посвојување, за спогодбата за презимето на посвоеникот и за неговите наследни права кон посвоителот. Ваквиот вид на посвојување создава односи какви што постојат меѓу родители и деца. Така, наследните права кај непотполното посвојување меѓу посвоителот и посвоеникот и неговото потомство се взаемни. Меѓутоа, овие права на посвоеникот кон посвоителот можат да се ограничат или сосема да се исклучат ако во моментот на посвојување посвоителот има свои родени деца.

Имајќи предвид дека целта на потполното посвојување е создавање на односи какви што постојат меѓу крвни сродници кои што настануваат со раѓање, логична е законската определба за неможност за раскинување на овој вид посвојување. Меѓутоа останува отворено прашањето за потребата од престанување на овој однос и заштитата на најдобриот интерес на малолетниот посвоеник доколку подоцна се јават оправдани причини кои би биле од влијание на тој посвоителски однос.

За разлика од потполното посвојување кај непотполното посвојување можно е престанување на посвојувањето по спогодба меѓу посвоителот и посвоеникот согласно законските одредби кои што важат за посвојувањето. Во ваков случај интересите на малолетниот посвоеник ги штити Центарот за социјална работа кој што е должен да испита дали престанувањето на непотполното посвојување е во согласност со најдобриот интерес на посвоеникот.

Постапката за раскинување на овој вид на посвојување може да започне и по претставка на физичко или правно лице упатена  до Центарот за социјална работа. При тоа Центарот за социјална работа треба да ја испита потребата од престанок на конкретното посвојување во согласност со најдобриот интерес на посвоеникот и да поднесе предлог до Комисијата која што е надлежна да утврди дали постојат оправдани причини за престанување на конкретното посвојување. По престанување на непотполното посвојување повторно настануваат взаемни односи меѓу посвоеникот и неговото поранешно семејство. Меѓутоа, по оцена на Центарот за социјална работа доколку се работи за малолетен посвоеник може посвоителот да биде задолжен да го издржува сè до неговото полнолетство, како што може да утврди обврска на полнолетниот посвоеник за издржување на посвоителот кој што не е способен за стопанисување и нема средства за живот. Кај овој вид на посвојување законот предвидува и можност за преминување на непотполното посвојување во потполно посвојување сè до полнолетството на посвоеното дете, односно до наполнување на осумнаесетгодишна возраст.

Правосилното решение за престанок или за промена на непотполното посвојување во потполно, се доставува до надлежен матичар со цел да се изврши упис во матичната книга на родени.

Од овој осврт на правото на посвојување и правата кои произлегуваат од него, како во однос на посвоителите, така и во однос на посвоените деца, може да се согледаат одредени слабости во постапката на посвојување која што е дел од семејното право во законската регулатива на семејните односи во  Република Македонија.

Создавањето на посвоителскиот однос првенствено зависи од волјата на субјектите во тој однос, поточно од волјата на посвоителот за посвојување на дете и од волјата на родителите или родителот на детето да го дадат своето дете на посвојување, односно од волјата на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од дванаесет години. Ова значи дека малолетниот посвоеник под наведената старосна граница нема влијание на создавањето на овој однос поради објективниот недостаток на психофизичка зрелост во тој период од животот на најголем дел од децата, па поради тоа нив ги застапува старател. Иако секогаш треба да се имаат во предвид индивидуалните капацитети на детето кога се проценува неговата способност за самостојно донесување на одлуки и разбирање за сите работи поврзани со конкретен случај и што претставува негов најдобар интерес, тоа не е возможно пред наполнување на дванаесетгодишна возраст, поради сегашната законска регулатива.

Во ЗС нема општа одредба за обврска да се земе во предвид ставот и мислењето на детето кога е во прашање неговиот интерес, иако во чл. 103 ст. 1 од делот за посвојување, како посебна одредба, е одредено неговото право да го изрази својот став во врска со прашањето за неговото посвојување доколку е на возраст над пропишаната старосна граница од 12 години.

Децата како посебни субјекти и носители на права во една општествена заедница, заедно со останатите субјекти возрасните членови на заедницата, ги уживаат сите права и заштитата на истите кои произлегува од бројни документи и прописи во однос на генералната заштита на човековите права и слободи, како што се : Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, но исто така, децата уживаат и посебна заштита на своите права, согласно Конвенцијата за правата на детето.

Од наведениот  меѓународен документ за правата на детето произлегува обврската на сите држави кои го ратификувале да го имаат предвид примарното значење на интересите на детето во сите активности кои се однесуваат на него, без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, административните органи или законодавни тела (чл. 3 ст. 1 од КПД).

Со цел во овој правен однос да се заштитат интересите на малолетните деца како посебна категорија на правни субјекти, во ЗС во делот кој што се однесува на посвојувањето е прифатен меѓународниот стандард кој што обезбедува посебна заштита во согласност со најдобриот интерес на малолетникот. Меѓутоа, овој однос, онака како што правно е регулиран во законските одредби за посвојување содржани во ЗС, продуцира конфликт на правата на посвоителите, наспроти правата на посвоените деца.

Уште при донесувањето на решението за сместување на детето во семејството на посвоителите при потполното посвојување се воочува судирот на правото на родителите да се сочува семејниот интегритет и сигурноста на воспоставените семејни односи под велот на тајната за посвојувањето на детето и правото на детето да го знае своето биолошко потекло. Имено, во погоренаведеното решение за сместување на детето (чл. 104и ст. 2 од ЗС) е определено дека се внесуваат датумот на раѓање на детето и податоци од кои не може да се открие идентитетот на родителите на детето.

Ваквата законска определба претставува директно кршење на правата на детето кои се нормирани во чл. 7 ст. 1 од Конвенцијата за правата на детето (КПД). Во наведената одредба од КПД е определено дека детето се регистрира веднаш по раѓањето и со раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и доколку е тоа можно, право да знае кои му се родителите и право на нивна грижа.

Секако дека е можно детето да знае кои му се родителите доколку од страна на нашата држава која ја има ратификувано оваа Конвенција биле преземени мерки или би се презеле мерки за имплементација на овој меѓународен стандард во домашната законска регулатива кој што секако е од интерес за посвоеното дете.

Гледано од аспект на заштита на интересот на детето, домашната законска регулатива е уште поригорозна кога во чл. 123а од ЗС определува дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Со прогласувањето на податоците за посвојување за службена тајна веќе се затвораат вратите за добивање на било какви информации од страна на државните органи и службите кои што се вклучени во процесот на посвојување.

Посвојувањето како правен институт со кој што по правен пат се создава родителски однос според одредбите за посвојување во нашиот Закон за семејство се овозможува посвоеното дете да биде повторно запишано во матичната книга на родените врз основа на решението за потполно посвојување во кое што како родители на детето се запишуваат посвоителите, а личното име на посвоеникот и местото на раѓање се запишуваат согласно спогодбата на посвоителите. По извршениот нов упис во матичната книга на родените, матичарот е должен да ја извести матичната служба заради бришење на стариот упис (чл. 112 ст. 2 од ЗС). Иако повторниот упис на детето во книгите на матичната евиденција е легално извршен врз основа на решение донесено од надлежен државен орган, сепак го нарушува првичниот идентитет на детето кој што го добило со раѓањето. Дали во ваков случај се работи само за нарушување на правото на идентитет на малолетното дете или за целосно одземање на дел од неговиот идентитет поради бришењето на стариот упис, е прашање со кое ќе се занимава стручната јавност доколку биде покренато прашањето за усогласување на овие законски решенија со меѓународните стандарди.

Прашањето за прекинувањето на семејните врски по пат на посвојување е многу сериозно и отвора други прашања поврзани со понатамошниот живот и здравје на детето. Пресекувањето на биолошките корени на строго формален начин без оставање на можност за дознавање на фактот дека некое дете е посвоено и кои се неговите биолошки родители може да доведе до разни трауми по откривањето на тој факт кај една личност, особено ако е во адолесцентна фаза на недовршен психофизички развој. Секако дека не треба да се заборави ниту многу значајното прашање поврзано со навремено спречување на врски меѓу крвни сродници и создавање на забранети сродства  или превенција од разни наследни болести кои можат да изродат сериозни проблеми кај посвоеникот од психолошки, морално етички и здравствени аспекти.

Сите овие прашања наметнуваат потреба од еден аналитички и стручен приод од страна на стручни лица од повеќе области со цел соодветно законско разрешување, како во однос на најподобниот период од животот на посвоеното дете за негово информирање во врска со посвојувањето, така и во однос на најсоодветниот начин и можност за задоволување на неговиот интерес за најсуштествените факти поврзани со чинот на посвојувањето, односно факти од значење за идентификација на неговото биолошко потекло.

Правото на детето да знае кои се неговите биолошки родители како еден од  елементите на неговиот идентитет е многу значајно прашање, како од правен, така и од психолошки и социолошки аспект.

Во некои земји од нашето соседство, како во Република Хрватска, ова право е обезбедено со обврската на посвоителот во одредена возраст на детето (по навршени седум години живот) да го запознае со фактот на посвојувањето. Доколку се работи за посвојување на дете над пропишаната возраст од седум години, тогаш обврската на посвоителот за известување на детето настанува веднаш. Хрватскиот закон обезбедува и право на посвоеникот на увид во списите на посвојувањето и евиденцијата во матичните книги со полнолетството на посвоеникот, но допушта и пристап во тие списи на малолетен посвоеник ако Центарот за социјални работи утврди дека таквиот увид во списите на посвојувањето е во негов интерес.

Во Република Србија, во Законот за семејство, во делот за правата на децата нормирано е правото на детето да знае кои се неговите родители и таквото право може да биде ограничено само со закон. Исто така, предвиден е пристап до податоците за сопственото биолошко потекло. Поточно, детето без оглед на возраста има право на заштита на својот идентитет, а со наполнување на петнаесет години, доколку е способно за расудување, може да изврши увид во матичната евиденција.

Во законот на Република Црна Гора е предвидено дека детето има право да знае кои му се родителите, а таквото право може да биде ограничено само со закон. Според тоа, дете кое навршило петнаесет години живот и кое е способно за расудување може да изврши увид во матичната книга на родени и друга документација која се однесува на неговото потекло. Во тој закон е нормирано правото на детето да знае дека е посвоено, како и обврската на посвоителите да го известат детето за тој факт до неговата седумгодишна возраст, односно веднаш, ако се работи за посвојување на дете над пропишаната возраст. Законот, исто така, предвидува обврска за посвоителите да го известат органот за старателство во поглед на исполнувањето на нивната обврска за запознавање на детето со фактот на посвојувањето. Идентитетот сфатен како збир на индивидуални права кои служат за  разликување на единките едни од други ги вклучува во поимот и правото на име, правото на грижа и државјанството, покрај правото да знае кои му се родителите и правото на нивна грижа (чл. 7ст. 1 од КПД). Правото на идентитет истовремено обврзува на зачувување на идентитетот и семејните врски, како и на соодветна помош и заштита во случај кога детето е незаконски лишено од некои или од сите елементи на својот идентитет (чл. 8 од КПД).

Што се однесува до правото на почитување на приватниот и семејниот живот на секој човек што произлегува од одредбата на чл. 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, никогаш не може да биде третирано како апсолутно право бидејќи согласно ст. 2 од истиот член, се предвидени граници во остварувањето и заштитата на ова право покрај другите и поради заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите. Ова значи обврска на државите да обезбедат баланс на конкурентските интереси во остварувањето на ова право. Сепак бројни се аргументите кои одат во прилог на правото на детето да го знае своето биолошко потекло пред интересите на правните родители кои го посвоиле или пак, пред интересите на другите чинители во тој процес.

Во наведената смисла оди и праксата на Европскиот суд за човекови права за што сведочи неодамнешниот случај (Манде против Франција) во кој е заземен став дека детето има право да знае кои се неговите биолошки родители, но и дека без да бара информации за тоа, во негов најдобар интерес е да го знае своето биолошко потекло, поради што ваквото право продуцира обврска за обезбедување на такви информации.

Во насока на правото да се знаат биолошките родители се и правните становишта на Европскиот суд за човекови права изразени во две поранешни нивни одлуки (Одиевр против Франција) од 2003 година и (Годели против Италија) од 2013 година. Имено, судот донел различни одлуки во овие два случаи, одбивајќи го барањето на апликантката за повреда на чл. 8 од Европската конвенција за човекови права во првиот случај, за разлика од вториот случај каде наоѓа повреда на наведената одредба од Конвенцијата, што резултирало со прифаќање на апликацијата. Судот ги имал предвид интересите на сите засегнати страни во случајот, како интересот на детето да го знае своето биолошко потекло, така и интересот на биолошката мајка за анонимниот пород и напуштањето на детето, па наоѓа дека во првиот случај државата со измена на   легислативата во 2002 година овозможила пристап до идентификациони информации за семејната историја на апликантката која можела да ја користи таа можност, поради што наоѓа дека нема повреда на чл. 8 од Конвенцијата. Додека во вториот случај, судот смета дека токму поради неможноста на оваа апликантка да добие информации за идентитетот на нејзината биолошка мајка, претставува повреда на чл. 8 од Конвенцијата за човекови права.

Актуелните размислувања во повеќе правни системи во однос на спротивставените интереси меѓу правата на правните родители и правото на детето да го знае своето биолошко потекло се движат во прилог на правото на детето давајќи му приоритет на најдобриот интерес на детето пред интересите на посвоителите, па и пред правата на биолошките родители. Кога посвоителскиот однос ќе биде сфатен правилно и реално како дел од животот на луѓето, без стигматизирање на учесниците во тој процес, сите проблеми кои го пратат посвојувањето ќе добијат позитивна разрешница.

Во овој однос има повеќе засегнати страни. Покрај посвоителите и посвоените деца, присутен е и интересот на биолошките родители кои дале согласност за посвојување уште пред реализација на посвојувањето од разни причини (морални, економски, социјални и други), а потоа изгубиле секаков траг за судбината на своето дете. Истовремено, браќата и сестрите како најблиски сродници на овие деца, исто така, имаат личен интерес да знаат за посвоеното дете кое што е нивен најблизок сродник.

Во оваа насока, значајни се активностите во нашата држава на дел од граѓанските организации и засегнатите страни од посвоителскиот однос преку поднесување на бројни иницијативи за измена на законската регулатива која што ги ограничува правата на посвоените деца во поглед на можноста да знаат кои се нивните биолошки родители, така и за можноста за пристап до идентификациони факти за нивната семејна историја и потекло.

Законските одредби кои го уредуваат начинот и постапката за посвојување, во изминатиов период имаат претрпено измени во однос на намалување на времетраењето на престојот на децата во установите или семејствата, како и скратување на роковите за постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување, со цел заштита на најдобриот интерес на децата и побрз процес на посвојување. Меѓутоа, при таа измена не е направен суштински приод кон поквалитетна заштита на интересот на посвоените деца за добивање на информации за нивното биолошкото потекло или овозможување начин за пристап до такви информации.

Република Македонија во однос на разрешувањето на бројните проблеми кои го следат процесот на посвојување, компаративно гледано со законската регулатива на соседните земји, но и со европското законодавство, има неодминлива обврска да пристапи кон усогласување на постојната  законска регулатива за посвојувањето со меѓународните стандарди содржани во бројни меѓународни документи. Ова уште повеќе, што нивната ратификација согласно Уставот на Република Македонија (чл. 118) ги прави дел од внатрешниот правен поредок и со тоа предизвикува обврска на државата за усогласување на домашната легислатива со меѓународните стандарди содржани во тие документи.