Македонски Shqip English

Махмут Јусуфи

За загаденоста на животната средина и нејзиниот третман во конвенцијата за заштита на човековите права

„Човекот чини такви дела на кои и Господ му се диви али и такви злодела од кои и ѓаволот се срами.” - Патријарх Павле

Пред да се одлучам за тематската анализа на човековите права и слободи, моите дилеми околу обработувањето на потребниот сегмент од оваа област беа насочени во правец на елаборација на општите позиции кои се имплементирани во Конвенцијата за човекови права и слободи преку компарација на состојбите на истите во земјите од западна европа, источна европа и посебно состојбата во Балканот.

Една објавена вест на некој домашен телевизиски канал ми ја промени првичната тематска идеја за да размислам за состојбите кои ме заинтригира од веста.

За некого можеби објавеното, во терминот вести, било од ефемерно значењее и незабележително поминал како ништо значајно (во секој случај во овие времиња кога нашиот граѓанин е исполитизиран само во сегментот на власта и владеењето и дека сето негово внимание се фокусира во /внатре/политичката ситуација), но за мене веста беше трогателна и веднаш си помислив дека сепак има луѓе кои сакаат да допринесат за сензибилирање на јавноста за некои состојби кои се многу важни како за денешното време а посебно за иднините наши генерации.

За што беше зборот во објавената информација.

Во одреден регион на Република Македонија статистичките показатели за морталитетот покажувале еноромен пораст на умирачки на луѓе од малигни заболувања.

Претпоставките, на новинарот во однос на порастот на ваквите тешки заболувања беа само нивинарски обработени, без да има научни испитувања за тоа, меѓутоа заеднички именител на сето тоа беше дека постои изразит дебаланс во животната средина во подрачјето и дека еколошката загаденост може да биде како причина за порастот на смртноста на луѓето од тешките заболувања.

Загриженоста на новинарот за состојбите околу животните услови на луѓето преку оценка на животната средина како проблем на човекот го протолкував и како иниција за афирмација на состојбите преку детекција на положбата пошироко а посебно во контекст на човековите права.

Застанав за момент и длабоко во мене се роди идејата да се фокусирам во однос на еколошките вредности како човеково право за живот во здрава средина уште повеќе кога и во моето место каде што живеам (Тетово), иако нема званични статистички податоци за бројот на умирачките од малигни заболувања, состојбите треба да бидат загрижувачки (???!!!).

Зошто ?

Илјадници тони на разни отпадни материјали (вклучувајќи го и медцинскиот) беа и сеуште дел од нив се исфрлени на отворена локација во непосредна близина од градот (100 метри до урбанизираната населба изградена во најплодното место на Полог именуван од старите граѓани како „Табашница„ ). 

Точно е, тетовчаните не смееја да ги отвараат прозорците за проветрување поради лошата реа која доаѓаше од дивата депонија (случајот медумски беше покрепен) која траеше подолго време така што тетовчаните својот револт и загриженост за состојбата мораа да го изразат и преку манифестации за елиминирање на депонијата како извор на евидентното загадување на почвата, воздухот а посебно на подземните води со кои Полошката рамнина е богата.

Сето ова , по мое мислење преставува лајт мотив за овој мој скромен труд за да се пристапи кон анализирање на состојбите.

Западниот свет, после втората светска војна започна со екстремен економски развој и „заборави„ дека човекот не живее сам во оваа земјина топка, дека има и други живи суштества како фауна и флора кои се дел од природата кои живеат во една идеална воспоставена рамнотежа и дека воздухот и водата се неопходни за сите.

Енормниот развој на индустриското производство допринесе да се отворат нови видици во контекст на ефектите кои таквиот развој ги произведува како њус продукти, ефекти на загаденост на почвата, водените ресурси и атмосферта, зголемување на температурата, односно еколшки промени кои можеби на прв поглед не биле воочливи но сега истите преставуваат закана за нормалниот цивилизациски развој.

Воочувајќи ја настанатата ситуација, загриженоста за иднината ги освести умните и сите тие кои размислуваат дека таквиот развој, покрај благосостојбата, ги има и предизвиците како ризиците кои доколку не се ставаат под контрола би довеле до катастрофални последици за самиот човек.

Во секој случај, еколошките проблеми денес не се локални, регионални или континентални туку преставуват светски проблем и сите држави започнаа да посветуваат најсериозно внимание за решавање на настанатата ситуација која може да доведе до катаклизма доколку не се превземаат радикални дејствија за ублажување на состојбите.

Сигурен сум дека читателот на овие редови има сознанија за сериозноста на ситуацијата без разлика да ли живее во урбана или рурална средина и дека ќе се согласи дека за еколошките проблеми во Република Македонија не се посветува најсериозно внимание иако состојбите се загрижувачки.

Од каде да се почне.

Најпрво моето внимание го посочив кон состојбите во Конвенцијата за човекови права заедно со сите протоколи за да откријам дека меѓу кодифицираните права нема посебности за животната средина.

Уште повеќе бев заинтригиран за прашањето на еколошките вредности и параметри и консултирав литература во правец на човековите права како цивилизациска потреба во релација со екологијата – животната средина.

Што е животна средина? Едно обично прашање на кое може да се дадат разни одговори, а јас си размислувам дека прашањето е многу значајно и комплексно.

Животната околина како современ феномен може да се елаборира од многу аспекти како филозофски, етички, социолошки, политички религиски и др. За неа особено внимание е посветено од страна на многу истакнати научници, филозофи, политичари, социолози, свештени лица, преку елаборирање на состојбите на денешниот свет во контекст на екологијата и нивната загриженост за иднината, со научни показатаели за состојбите во мондијални размери. Нивните заклучоци не влеваат надежи за подобрување, туку напротив на мислење се дека светот оди кон една еколошка катаклизма.

Исто така, сиот научен свет е согласен дека загаденоста на земјата, морето и воздухот се алармантни, дека императивно треба се превземаат активни мерки за стопирање на понатамошното загадување и санација на веќе екстремно влошената состојба.

Не се ретки мислителите кои истакнуваат дека глобализацијата (како економска капитална платформа) функционира и има тенденција на „развој„ во светски размери преку мултинационалните компании и енормниот капитал кои тие го поседуваат и бараат секакви начини за мултипликација на нивниот капитал и покрај фактот дека таквиот пристап во себе има и посебни ризици за кои иако се свесни прикажуваат дека навидум се терцијални и небитни а сите други субјекти се однесуваат опортуна дозволувајќи на таквите големи корпорации да ги опустошат нивните земји.

Јас како правник верувам дека идните генерации посебно нивните внуци на кои ќе им се остави во наследство „капитал„ - една катастрофална контаминирана животна средина, многу научници и политичари постсмртно ќе бидат осудени на најстрашни казни, со обвинение дека ја имаат убиено природата заради добивање на екстра профити.

Во светски размери еколошката свест е пробудена со Декларацијата на човековата средина на Обединетите нации од 1972 во Стокхолм за да продолжи во меѓународно ниво да се донесат и други заеднички важни протоколи и други договори кои за жал сеуште се во бледи изданија.

Сметано од тогаш и политиката започнува активно да се вклучува во функција на артикулација на потребата за зачувување на природата преку инкорпорирање на екологијата во политичките програми како програмски определби за чиста животна средина на сиот жив свет.

Модерната демократија, потребите за екологијата ги потенцира и пропагира преку наменски организирани политички странки кои се карактерични со популарни имиња со префиксот „зелени„ партии кои немаат во нивните програми национални примеси туку се наднационални со еколошки програмски позиции и примеси. Овие политички движења пртежно се лоцирани во Европскиот континент и истите делуваат политички за да се зачува животната средина како единствена опција на нормален развој на човекот.

Нивниот допринос е присатен е ефектуиран во легислативите на европските земји и пошироко преку актуализирање на проблематиката со екологијата како во законодавството така и во медиумите како поширока едукација на населението за зачувување на животната средина чии ефекти во западноевропските земји се видливи во секој чекор.

Освен политичкото организирање, во многу развиени и други земји еколошката свест доаѓа до израз и преку невладините организации кои тежнеат да се зачува природниот баланс преку активно учество во самите места каде се појавуваат дегенеративните процеси на загадувањето. Тие невладини организации се многу активни во сензизибилирањето на јавноста преку објаснување на веќе многу тешката положба на планот на загаденоста обвинувајќи при тоа немилосрдната капиталистичка логика која нема никакви обзири дека во трката за профит ја уништува рамнотежата која како таква е неопходна за животниот циклус на суштествата.

Меѓу најпознатите асоцијации во овој сегмент е мултинационалната „грин пис„ (од 1971) која невладина организација секаде алармира за сите проекти кои во себе содржат примеси на загадување на земјата, водата и воздухот преку активни (агресивни) демостративни методи (медиумски поткрепени) така да многу проекти на мултинационалните и други профитабилни компании, кои би допринеле кон уште поголемо загадување на животната средина, се прекинати што во секој случај преставува огромен нивен допринос. Активности достојни на почит како борци за чиста животна средина.

Еколошките проблеми фактички не се национални и за нивна елиминиција не е доволно да само некоја држава да посветува внимание преку стриктните законски прописи кои не дозволуваат било каккви да се капитални вложувања доколку со нив се задира во еколошката средина.

Сетете се само на Чернобил и поставете си прашање : „Дали само државата во која се случи таа еко катастрофа имаше последици од неа?” Убеден сум дека и вашиот одговор едно големо НЕ, затоа што целиот поширок регион (од диаметрално спротивни политички системи на општествено уредување) ги осети последиците од нуклеарното зрачење а можно е да сеуште последиците се присутни.

 

Животната средина како човекво фундаментално право.

Во секој случај човековите права и слободи имаат широк дискурс на вредности, сегментирани како посебни права утврдени во Конвенцијата за човекови права и слободи кои како основни слободи на човекот (вклучувајќи ги и политичките права) се права кои се кодифицирани, но тоа не значи дека тие се статични туку се повеќе и повеќе се појавува потребата тие права да се прошируваат и како такви да се инкорпорираат во веќе меѓународно признатите, односно лепезата на личните права и да дојдат до израз како симбиоза со колективни права посебно ако тие права се од универзално значение како што впрочем е и правото на здрава животна средина.

Состојбите на човековите права и слободи, значи ,треба да се доградуваат и треба да дојдат до израз нови позиции како права на човекот преку правна стандардизација на човековите права и слободи според предизвиканите ризици на кои се изложува „модерниот„ човек.

Според поделбата на чешкиот правен стручњак за човекови права Карел Васек истите тој ги дели на три групи.

Првата група (генерација) на човековите права тој ги класифицира како основни слободи, основни човекови права, и политичките слободи.

Во втората група ги има класифицирано економските, социјалните и културните права .

Додека во третата група на прво место го има ставено правото на здрава средина за да потоа ги потенцирана правото за развој, правото за мир и правото на уживање од наследството на заедничките цивилизациски вредности.

Познавателите на третата генерација на човековите права се согласни дека еколошките права на човекот од третата генерација започнуваат да се инкорпорираат во Устави како општо признати права и модалитети за заштита на правата од третата генерација здрава чиста средина.

Република Македонија како земја која ги има сите предиспозиции за да остане релативно незагадена средина доколку се ангажира за реална примена на уставните постулати и законската регулатива која произлегува од истите.

 

Како е регулирано прашањето во Уставот на Република Македонија

Уставот на република Македонија во овој сегмент има јасна нормативна позиција преку артикулација на правото за животна средина започнувајќи преку позиционирање со општа норма уште во темелните вредности каде децидно е апострофирано дека “уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата„ преставува темелна вредност на Уставниот поредок.

Оваа Уставна позиција е доволен показател дека животната средина и природата како општи добра се од суштествено значение за човекот како поединец и како организирано општество .

Во делот на Уставот во однос на слободите и правата поточно во чл. 43 експлицитно се позиционираат следните три сегменти во однос на животната средина и природата:

Секој човек има право на здрава животна средина.

Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.

Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. 

Доколку внимателно и аналитички се пристапува кон овие вредности на Уставот, може да се сегментираат три димензии кои во себе содржат посебни сублимати во функција на уживање на основните потреби на човекот и на сиот друг животен свет за одржување на животот во нормални вредности.

Како прво, Уставот на секој човек му го овозможува право да (ко)хабитира во здрава животна средина која ќе му овозможи да има минимални неопходни услови за нормално живеење во природна и хуманизирана средина.

Второ, Уставот го задолжува секого (се мисли на сите субјекти во правен смисол) човекот како поединец, институциите на системот и правните лица на организираното општество, да си обезбедуваат услови за остварување на здрава животна средина, кое нешто пренесено на обичен јазик, секој кој што сака да има нормален развој е должен да ја чува својата средина најпрвин почнувајќи преку својот дом како микроклима потоа средината во која си работи и живее како макро средина.

Наведените субјекти задолжително треба да посветуваат внимание за сите свои активности како не би дошло до нарушување на основните параметри на средината за нормална живеачка како на луѓето така и на флората и фауната со која е окружена.

Операционализацијата на овој сегмент е според Уставот е поделен во две позиции (а) унапредувањето и (б) штитењето на животната средина и природата.

Унапредувањето на животната средина е тесно врзано со темелната Уставна вредност - хуманизацијата на просторот како општа позиција а тоа значи елиминирање на сите активни дејствија кои допринесуваат за дебаланс на стандардните позиции воспоставени како природни еко вредности.

Пренесено во јазикот на екологијата тоа значи зачување на здравата средина за живеење и нејзиното унапредување во хумани димензии во сите сегменти на организараното општество за кое нешто треба да се грижи држвата преку своите стратешки програми во таа насока.

Втората Уставна позиција е штитењето на животната средина.

Животна средина преставува комплексен екосистем во хоризонтала и вертикална димензија, која е воспоставена од страна на Створителот.

Хоризонтално во смисол на флората и фауната која постои во одредената геофраска средина и вертикално во односно на атмосферата - биосферата како еко средина.

Штитењето на таквата средина според Уставот е задолжителна категорија и преставува императив за сите субјекти вклучувајќи ја и дражвата.

Сумирано, Уставот на Република во себе има икорпорирано дел од третата генерација на човековите права и слободи што преставува афирмативна уставна вредност и воедно основ за законска операционализација на овие вредности преку позитивната законска регулатива.

Очигледно дека Уставот на Република Македонија ги авансира човековите права и слободи од третата генерација со посебни обележија како фундаментални позиции кои јасно го изразуваат дека Државата Република Македонија има изразита еколошка предиспозиција за заштита на општите добра за добробит на неговата популација а преку тоа обезбедување на едно основно право – правото на живот во здрава природна околина на нејзинте граѓани.

Оваа уставна позиција генерално и активно се вклучува во заштита на самиот човек, потоа на животниот и растителниот свет на воздухот, со друг збор се залага да се зачува воспоставениот екосистем кој е присатен во Р. Македонија, како заедничко добро за животниот циклус створен од страна на Створителот на овој свет.

Воедно оваа Уставна состојба е рефлектирана во позитивната законска регулатива (Закон за животна средина) во улога на заштита на природата и животната средина меѓутоа фактичката состојба е нешто друго, реално е присутна една фактичка состојба која загрижува и покажува тенденција на прогрес во однос на загаденоста (дај Боже да не сум во право).

Верувам дека институциите на државата ги следат и ги детектираат сите можни варијанти како да се избегне понатамошното загадување на почвата и воздухот на Република Македонија, и посебно како да се елиминираат состојбите околу загаденоста кои како такви се присутни и евидентни.

До сега беа вложени напори и преку законски решенија да се елиминираат некои девијантни појави околу загаденоста, на пример законското решение за забрана на најлонските кесички од поливинил хлорид како најмасовно присутен отпадок во сите средини, но за жал од таквото решение добивки придобија само големите маркети кои сега истите ги наплатуваат, за разлика од порано кога се даваа гратис како рекламни елементи.

Еколошката моментална ситуација која обичниот човек ја има пред очи во секојдневието е страотна.

За жал имајќи ги најубавите и најчисти извори на вода за пијање, во нашите трпези конзумираме вода во пластични шишиња и допринесуваме да уште повеќе нашата најблиска околина биде загадена со поливинил хлорид (масовните пишувани и електронски медиуми почесто ја експлотираат оваа тема преку заплашувачки слики на присуство на пластичните амбалажи во нашите реки);

Имајќи ги најубавите шумски предели молчаливо дозволуваме да истите без било каква да е контрола бидат опустошени и тоа претежно за огрев;

Имајќи ги најплодните земјоделски земјишта дозволуваме десктруктивна урбанизација, преку која не само што плодните земјишни површини ги опустошуваме со бетон и железни конструкции, туку овозможуваме загадување на чистите предели преку емисија на разни отпадни отровни материи како во тлото така и во воздухот,

Имајќи ги нашите традиционални чисти семејни фондови, одгледуваме земјоделски култури со модифицирани семенски култури;

Дозволуваме употреба на недозволени пестициди и други непроверени супстанци за сузбивање на болести кај флората а со тоа микро елемнтарните потребни елементи на почвата ги уништуваме (за да потоа тоа се рефлектира со патолошки промени кои доаѓаат до израз многу подоцна);

Дозволуваме да се употребуваат вештачки ѓубрива без проверка на нивните својства и квалитети, кои навидум допринесуваат во квантитетот на земјоделските култури, а фактички ја трујат земјата.

Сетоа ова укажува дека човекот допринесува кон пореметување на рамнотежата воспоставена во природата кои нешта доколку не се контролираат од самата држава (во овој случај Владата) неприметно со време ќе се ориентираме кон нештата од кои тешко може да се вратиме назад.

Доколку овие трендови и понатака остануваат како што се сега и не ќе бидат најсерозно сфатени како закани за иднината, Република Македонија во скалата на загаденоста да ќе се соочи со огромни еколошки проблеми.

Дали овие состојби нема да ја иницираат еколошката свест конечно кај сите нас најпрво како организирано општество, а потоа и како секој поединец !!??

Конечно пред да биде касно, треба да се пробудува здравиот разум кај секој од нас за наше добро и за доброто на нашите идни генерации.

Како може да се фокусира проблемот ?

Организираното општество каде што владеат систематизирани вредности за животната средина (читај западно европска еколошка логика) за еколошките проблеми реагира научно. Најпрвин преку анимирање и фиксирање на позициите преку научна методологија за да потоа се реагира преку законска регулатива која во практиката се применува ригорозно (само за илустрација ако Европа беше синоним на индустријализацијата со огромни базени на фабрчки построења со огромни оџаци, денес тоа е реткост. Фабричките оџаци се музејски експонати, во нивните реки (порано многу загадени) почнаа да се ловат риби, никој не смее да посече ниту гранка од дрво во својот дом а камо ли дрво).

 

Како заклучок,

Еколошките проблеми во Република Македонија се присутни, занемерени и поред постоењето на наменскиот закон за животната средина.

За животната средина не се посветува доволно внимание како од институциите на системот, од масовните медиуми како и од страна на самите граѓани.

Едукацијата за заштита на човековата средина треба да започне од предучилишна возраст па се до средните училишта како школски предмет и да постопи за секое училиште чколски ден за чистење на средината.

Државата Република Македонија - Владата на на РМ треба под итно да ги согледа состојбите и да превземе активни мерки за спроведување на законската регулатива.

Ако во поглавјето на овој труд го цитирав многу значајната мисла на Патријахот Павле која во себе има толку тежина за тој што размислува , ќе завршам со мислата на Оскар Исажо кој вели „Треба да ја љубиш земјата пред да биде касно„.

Верувам дека со апострофирањето на многу значајните мисли на споменатите умни луѓе во почетокот и крајот на овој труд се е кажано.

Овој мој труд со сите свои недостатоци сакам да е во функција на размислување од страна ни сите кои ја сакаат оваа наша убава земја и заеднички да ја анимираме политиката да е во нејзина заштита.