Македонски Shqip English

Вера Коцо

Ѓраѓанско - Правната заштита на правата од индустриска сопственост

Слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво е гарантирана со Уставот на Република Македонија како највисок акт на државата, како и правата што произлегуваат од научното , уметничкото , или друг вид на творештво . Ваквата гаранција е поттик за творечката мисла на човековиот ум , а воедно и сигурност за носителите на тие права од правен и економски аспект во остварувањето , прометот и нивната заштита .

Правата од индустриската сопственост се права од интелектуални творби и економски врски од областа на индустријата , трговијата и земјоделството, а тоа се : патентот , индустрискиот дизајн , трговската марка , ознаката на потеклото и географската ознака, децидно наведени во Законот за индустриска сопственост (чл.2ст.1). Со наведениот закон е уредено стекнувањето , остварувањето и заштитата на овие права .

Од граѓанско правен аспект во заштитата на правата од индустриската сопственост има значајна улога и Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи кој закон го нормира правото на заштита покрај имотните права и на личните права на секое правно и физичко лице ( чл. 9-а ст.1 ) . Со наведениот закон за прв пат се потенцира личниот карактер на овие права како продукт на интелектуалниот труд ,со вклучување на интелектуалното творештво под поимот лични права (чл.9-а ст.2 ). Ваквиот третман на овие права беше неминовност во законската регулатива и правниот поредок во нашата држава , која што имаше обврска за усогласување на своето законодавство со европските стандарди во поглед на заштитата на правата од индустриската сопственост ( ТРИПС договорот, Директивите на ЕУ ) . Ваквиот приод ја олесни нивната заштита преоѓајќи од еден индиректен пристап на третман на овие права со останатите права од стварно правен и личен карактер во нивно конкретно вбројување под поимот на лични права . Ова значи исчекор во поефективната заштита на правата од индустриската сопственост и исполнување на високите меѓународни стандарди .

Заштитата на овие права во основа е регулирана со Законот за индустриската сопственост кој што во изминатиов период сметано од 1993 год, кога за прв пат е донесен, претрпе бројни измени и усогласувања со меѓународните стандарди во поглед на заштитата на овие права , особено по зачленувањето на Р . Македонија во Светската трговска организација во 2003 год. па се до донесување на новиот Закон за индустриската сопственост во февруари месец 2009 година .Покрај предметот на заштита за секое право од индустриската сопственост ,овој закон ги определува и субјектите кои можат да бидат носители на овие права. Тоа се домашните правни и физички лица но и странските правни и физички лица кои ги уживаат истите права ако тоа произлегува од меѓународните договори и конвенции или од примена на начелото на реципроцитет .Овие субјекти како носители на правата од индустриската сопственост имаат морални и исклучива права утврдени со наведениот закон , кој што ја предвидува и нивната заштита од управно правен аспект како и од граѓанско правен аспект .

Управно правната заштита се остварува пред Државниот завод за индустриска сопственост со донесување на решение во управна постапка, кое решение е конечно и против истото може да се поведе управен спор со поднесување на тужба до Управниот суд на Р. Македонија .

Граѓанско правната заштита на правата, Законот за индустриска сопственост ја дефинира како судска заштита и се остварува со поднесување на тужба пред судот кој е надлежен за решавање на споровите за заштита на правата од индустриската сопственост, а тоа е Основниот суд со проширена надлежност согласно Законот за судовите . Самата заштита ги опфаќа како признаените права така и пријавените права во согласност со законот .

Судската заштита на овие права според предметот на заштитата и тужбено барање содржано во петитумот на самата тужба се остварува преку четири видови тужби .

ТУЖБА ЗА ЗАШТИТА НА ПОВРЕДЕНОТО ПРАВО

Во случај на повреда на стекнатото право од индустриската сопственост истото се заштитува со поднесување на тужба пред надлежниотсуд.                                                                                                                                                       Активно легитимирани лица за поднесување на тужба за заштита на               повреденото право се :

  • подносителот на пријавата за заштита на правото
  • носителот на правото
  • стекнувачот на исклучителна лиценца, во обем во кој го стекнал правото на користење врз основа на правна работа или закон
  • овластениот корисник на географската ознака или ознаката на потеклото на производот и
  • овластениот корисник на колективна и сертификатна трговска марка .

Во однос на правото за поднесување на оваа тужба превидена е солидарност на носителите на правото , така што секој од носителите на повреденото право може да побара заштита како да е единствен носител на истото .Солидарноста на странките постои и во поглед на исполнување на барањето па доколку е исполнето на еден од носителите престанува обврската спрема сите носители на правото. Додека во тек на судска постапка , носителите на правото се сметаат за единствени сопарничари .

Кои дејствија можат да се сметаат како повреда на овие права е определено во самиот Закон за индустриска сопственост а тоа е : секое неовластено користење , располагање , ограничување , имитирање , асоцијација , вознемирување на правата и слични дејствија кои што се во спротивност со погоре наведениот закон . Во однос на имитирањето како повреда , за репер се зема вниманието на просечниот купувач на стоки односно услуги кој може да ја согледа разликата само ако посебно внимава односно ако кај трговската марка се работи за превод или транскрипција , односно транслитерација .

Рокот за поднесување на оваа тужба е три години од денот кога тужителот дознал за повредата и за сторителот, како субјективен рок и пет години сметано од денот на сторената повреда како објективен рок.

За да се избегнат нејасните тужбени барања кои беа евидентни во изминатиов период во постапките пред судовите , законот ја определува и содржината на тужбените барања . Со оваа тужба првенствено може да се бара утврдување на повредата , престанување на повредата како и забрана за натамошни исти и слични повреди , дури и во случај на сериозна закана за повреда на правата .Со тужбата може да се бара и престанок на тие дејствија и забрана за повреда на правото . Заштитата на правото преку поднесување на тужба со вакво барање може да се протега и пошироко против лицата кои во извршувањето на својата стопанска дејност даваат услуги на субјектите кои ги повредуваат правата , или постои сериозна закана од повреда .

Со тужбата за повреда на правата може да се бара и надоместок на штета што настанала со повредата ,сторена со намера или од невнимание , при што одговорноста на штетникот ќе се цени според општите правила за надомест на штета содржани во Законот за облигациони односи ( чл. 299 ст.1 од ЗИС ) Од оваа законска одредба произлегува правото на надоместок на штета што настанала со повредата , но без разграничување на материјалната од нематеријалната штета . Според ЗОО штетата е дефинирана како намалување на нечиј имот – обична штета ( damnum emergens ) и спречување на негово зголемување – испуштена корист ( lucrume cessans) како и повреда на личните права . Вбројувањето на интелектуалното творештво под поимот лични права обезбедува право на надомест на штета при нивна повреда како за останатите лични права .Од ова произлегува дека со повредата на овие права може да биде предизвикана како материјална така и нематеријална штета . Во чл. 188 од Законот за изменување и дополнување на ЗОО е предвидено дека во случај на повреда на личните права оштетениот може да бара објавување на пресудата на трошок на штетникот , односно исправката , повлекување на изјавата со која е сторена повредата или нешто друго со што се остварува целта која се постигнува со надоместокот. Вакво нематеријално надоместување на нематеријалната штета како морална сатисфакција за оштетениот е предвидено и во одредбите на ЗИС . Тужителот може да побара објавување на правосилната пресуда со која дури и делумно е уважено тужбеното барање , во средствата за јавно информирање на трошок на тужениот. Во границите на тужбеното барање судот одлучува во кое средство за јавно информирање ќе ја објави пресудата и дали ќе се објави цела или само дел .Во случај на објавување на дел од пресудата , се објавува диспозитивот и оној дел кој укажува на видот на повредата. Огромното значењето на овие права во брзиот промет на стоки и услуги како и честите повреди , даваат можност за разгледување и на институтот материјално надоместување на нематеријалната штета доколку таква биде предизвикана со повредата на овие права на физичките и правните лица преку досудување на справедлив паричен надоместок во смисла на чл. 189 од ЗОО. Висината на справедливиот паричен надоместок е во зависност од тежината на повредата и околностите на конкретниот случај , општествените прилики , значењето на повреденото добро и одразот на самата повреда во средината .

Понатаму според ЗИС може да се бара и вообичаен надоместок кој со оглед на околностите би можел да се бара во договорот за лиценца доколку таков би бил склучен.

Покрај барањето за надомест на штета и вообичаен надоместок може да се бара и враќање на стекнатата корист од лицето што ја стекнало без правен основ или надоместок на таа корист во согласност со општите правила за стекнување без основ предвидени во ЗОО .

Сите погоре наведени барања меѓусебно не се исклучуваат а во случај на нивна кумулација во тужбеното барање , случајот ќе се разреши според општите правила содржани во ЗОО .

Во тужбата за повреда на правата може да се постави и барање за одземање и уништување на производите кои се создадени или ставени во промет со повредата на правото како и средствата употребени за нивно производство .По правило ваквата мерка се одредува на товар на тужениот , освен при постоење на посебни причини кои тоа не го оправдуваат . Во секој случај одредувањето на оваа мерка мора да биде во сооднос со степенот на повредата .

Интересно е прашањето за алтернативните мерки предвидени во ЗИС , кои му даваат можност на тужениот да побара определување и исплата на паричен надоместок на тужителот како оштетена страна , наместо мерката за повлекување и конечно отстранување на производите од комерцијалните канали или исплата на парично побарување на оштетениот .Определувањето на алтернативната мерка го има предвид економскиот ефект што би се постигнал со истата .При тоа секако има влијание ненамерното и не без невнимание дејствување на тужениот но и фактот дека со извршувањето на друга мерка тој би претрпел несразмерна штета , при што е релевантна согласноста на оштетениот со висината на паричниот надоместок определен како алтернативна мерка .

Во овој вид на тужба може да се постави и барање за доставување на податоци за потеклото и за дистрибуциските канали на движење на стоките и услугите со кои е сторена повредата и тоа како спрема лицето кое е тужено во постапката така и спрема лицата кои при извршувањето на стопанската дејност поседуваат стоки или даваат услуги ,за кои постои сомневање дека со нив се повредува правото но и спрема лицата кои се наведени како учесници во производството или дистрибуцијата на стоки или услуги .Самото барање на податоци може да се однесува на податоци за имиња и адреси на произведувачите , дистрибутерите и добавувачите на стоки односно даватели на услуги па дури и за продавачите на големо и мало за кои е стоката наменета , за количеството на стоката и остварените цени . Причините за одбивање на давање на податоци се идентични со причините за одбивање на сведочење според одредбите на Законот за парнична постапка . Во случај на неоправдано одбивање на давање на податоци лицето одговара за надомест на штета согласно ЗОО .

Со тужбата за повреда на правото тужителот може да побара и граѓанска казана, доколку тужениот дејствувал со намера или крајна небрежност, а која се состои во исплата на вообичаениот надоместок зголемен до 200% , независно од износот на претрпената имотна штета од повредата . За правилно одмерување на висината на оваа казана се битни сите околности на случајот ,а посебно степенот на вина на тужениот износот на вообичаениот надоместок и превентивната цел на казната . Ако пак имотната штета е поголема од казната , носителот на правото има право на разликата до целосно обештетување .

ТУЖБА ЗА ОГЛАСУВАЊЕ НОСИТЕЛ НА ПАТЕНТ ОДНОСНО ИНДУСТРИСКИ ДИЗАЈН

Граѓанско правната заштита на правото на патент односно индустриски дизајн познава и тужба за огласување на носител на овие права од индустриската сопственост .

Активно легитимирани лица за поднесување на оваа тужба се : пронајдувачот , односно авторот и неговиот наследник или правен следбеник .

Со оваа тужба можат погоре наведените лица да бараат од надлежниот суд да бидат огласени за носители на правото и тоа за сето време на траењето на патентот односно индустрискиот дизајн во случај овие права да се издадени на лице кое не е пронајдувач , односно автор , негов наследник или друг правен следбеник .

 

ТУЖБА ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА ПРОНАЈДУВАЧОТ ОДНОСНО АВТОРОТ

Покрај погоре наведената тужба пронајдувачот на патент односно авторот на индустриски дизајн може да се заштитува и со поднесување на тужба пред надлежниот суд со која ќе бара да биде наведен во пријавата и во сите исправи во врска со правото . Ваквото право на заштита со поднесување на тужба за признавање не се гаси со смртта на пронајдувачот односно авторот туку преминува на наследниците . Рокот за поднесување на оваа тужба започнува од денот на поднесувањето на пријавата како и за сето време на траењето на овие права .

 

ТУЖБА ЗА ОСПОРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ТРГОВСКА МАРКА

Правото на трговска марка може да се оспори со поднесување на тужба за утврдување дека знакот што го употребува едно физичко или правно лице во прометот за одбележување на своите стоки , односно услуги е идентичен или сличен со трговската марка што ја употребува друго физичко или правно лице за одбележување на своите стоки или услуги од ист или сличен вид . При тоа треба да се утврди дека тој знак бил добро познат во смисла на член 6 од Париската конвенција како обележје на стоките односно услугите на тужителот уште пред тужениот да поднесе пријава за трговска марка . Со оваа тужба тужителот може да побара и негово огласување за носител на трговската марка .

Ваквото тужбено барање ќе биде неосновано ако тужениот како носител на трговската марка докаже дека уште пред поднесување на пријавата го употребувал спорниот знак за ист или сличен вид стоки односно услуги и тоа временски исто колку тужителот или подолго од него .

Правото на поднесување на оваа тужба временски е ограничено со истекот на пет години сметано од денот на уписот на трговската марка во регистарот на трговски марки .

Законот предвидува и друг случај за оспорување на правото на трговска марка . Имено кога лицето во време на поднесување на пријава за признавање на правото има фирма , односно назив идентичен со трговската марка на друго лице може да ја оспори таа трговска марка за ист или сличен вид стоки , односно услуги , освен ако носителот на правото бил совесен и во моментот на поднесувањето на пријавата имал иста фирма ,односно назив.

Со добивање на правосилна судска одлука со која е уважено тужбеното барање во постапките за оспорување на правата, тужителот се стекнува со право да бара запишување на соодветното право во соодветен регистар во Државниот заводот за индустриска сопственост, како носител на правото , за што му се издава и соодветна исправа.

Правото на запишување во соодветен регистар како носител на правото може да се реализира во рок од 90 дена од денот на доставувањето на правосилната одлука и доколку лицето кое се стекнало со правото не поднесе барање за запишување ,запишаното право ќе биде избришано од соодветниот регистар .

Важењето на правата на трети лица стекнати од поранешниот носител на правата спрема новиот носител на правата продолжува , под услов да биле запишани во соодветен регистар или уредно пријавени за запишување , но пред да започне спорот .

ПРИВРЕМЕНИ МЕРКИ

На предлог од тужителот можат да се определат и привремени мерки заради обезбедување на тужбеното барање .При тоа тужителот треба да достави докази од кои произлегува веројатност за повреда на неговото право или дека истото ќе биде повредено. Со привремената мерка може да се забранат сите дејства на повреда и нивно продолжување , да се запленат , исклучат од промет и сочуваат примероци , средства , опрема и документи во врска со нив ,или нешто слично .

Покрај привремената мерка може да биде определена и гаранција во случај на опасност од настанување на ненадоместлива штета за тужителот , со одземање на движен и недвижен имот во сопственост на тужениот или забрана за располагање со средствата на неговите сметки .

Заради постигнување поголем ефект во заштитата на овие права , привремената мерка може да биде изречена и без известување на можниот сторител на повредата , особено ако постои опасност од настанување на ненадоместлива штета или е неопходно заради особено тешките околности на повредата .

Во оние случаи кога е изречена привремена мерка без известување на можниот сторител , решението за привремената мерка ќе му се достави на истиот веднаш по нејзиното спроведување

Во самото решение се определува и траењето на мерката . Определената привремена мерка по предлог на предлагачот пред поднесување на тужба , мора да биде оправдана со поднесување на тужба од негова страна во рок не подолг од 20 дена од денот на доставувањето на решението .

 

МЕРКИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОКАЗИ

Мерките за обезбедување на докази можат да се изречат во случаи кога е повредено правото или постои оправдано сомневање за повреда ,а на предлог на носителот на правото . Овие мерки се одредуваат особено кога има потреба од изработка на детален опис на стоката за која постои веројатност дека повредила одредено право или е потребно одземање на таква стока и ли пак одземање на материјали и средства употребени за изработка и дистрибуција на таква стока .

Како што можат да се изречат привремени мерки во постапка без известување на спротивната страна ( in audiatur et altera pars ), под одредени услови така можат да се изречат и мерки за обезбедување на докази .

Овие мерки се изрекуваат на предлог на лицето на кое му е повредено правото или постои оправдано сомневање за повреда а кое ќе достави докази во поглед на веројатноста дека доказите за повредата можат да бидат уништени без можност да се обезбедат или постои опасност од настанување на ненадоместлива штета. Одлуките за изрекување на вакви мерки се доставуваат на спротивната страна веднаш по нивното донесување . Траењето на мерката и обврската на предлагачот за поднесување тужба е идентично како кај привремените мерки .

 

ДРУГИ АСПЕКТИ ВО ЗАШТИТАТА НА ПРАВАТА ОД ИНДУСТРИСКАТА СОПСТВЕНОСТ

Имајќи ја предвид природата на правата од индустриската сопственост , нивното значење како за носителите на правата така и за севкупниот економски ефект како материјален одраз на овие права во едно организирано општество, неминовно се наметнува прашањето за нивната брза и ефективна заштита . Со промената на домашната легислатива и прифаќање на високите меѓународни стандарди во поглед на заштитата на правата, се постигна поголема безбедност во протокот на овие права а воедно се намалува ризикот од нивно повредување . Во оваа смисла значаен е аспектот на итност во постапките на заштита на правата кој е посебно нагласен во ЗИС .       Постапката по тужба за повреда на правата , оспорување на правата привремените мерки и мерките за обезбедување е итна . Кога се работи за постапка за повреда на правото од пријавен патент индустриски дизајн , трговска марка и користење на географска ознака или ознака на потеклото на производот , предвиден е прекин на истата до донесување на решение за признавање на соодветното право во Заводот, што на некој начин влијае на итноста на постапката , но е потреба од аспект на правилна заштита на носителот на правото . Со тужбата која се однесува на повреда на правото на патент тужителот е должен да достави соодветен писмен доказ ,а тоа е доказ за потполно испитување со оглед на карактерот на ова право , во определен рок од судот , што повлекува отфрлање на тужбата доколку доказот не биде поднесен во определениот рок .

Аспектот на ефективност во постапката кога се работи за прибавување на докази кои се наоѓаат кај спротивната страна или се под нејзина контрола е обезбеден преку повикување на таа страна да го достави доказот во определен рок . Одрекувањето на странката дека доказот се наоѓа кај неа , може да биде проверено од страна на судот преку изведување на докази во таа смисла . Во однос на правото за одбивање на поднесување на некој доказ се применува правото за одбивање на сведочење според одредбите на Законот за парнична постапка . На крајот судиското убедување има решавачка улога во однос на значењето на фактот за одбивање на странката за доставување на некој доказ .

Раздвижувањето на правно нормативен план во заштитата на овие права секако ќе наметне нови согледувања во заштитата на истите , со цел за доближување кон светските токови и стандарди , а со тоа и нов предизвик во практиката на судовите кои имаат законска обврска за ефикасно и навремено разрешување на споровите во врска со правата од индустриската сопственост.