Македонски Shqip English

д-р Драгана Кипријановска

Лицата со душевни пречки и членот 3 од ЕКЧП - краток осврт врз јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права

Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) не содржи посебна листа на права кои важат исклучиво за лицата со душевни пречки, туку ги третира во корпусот одредби и правни гаранции предвидени за поширокиот круг на лица. Иако најобемен дел од стразбуршкото право претставуваат случаите во кои Судот одлучувал за повредите на чл. 5 од Конвенцијата, којашто е и единствената одредба во која експлицитно се споменуваат лицата со душевни пречки (или според употребената терминологија - „рersons of unsound mind“/ „лица со болен ум“), не помалку значајни се и оние во кои Судот расправал за повредата на правата на овие лица во однос на чл. 3 од Конвенцијата во кој е содржана забрана за тортура.                                        

Треба веднаш да се појасни дека за разлика од чл. 5 кој го покрива самото лишување од слобода (присилно сместување во психијатриска установа), условите во кои тоа се врши може да претставуваат предмет на испитување во смисла на чл. 3 од Конвенцијата. Во таа смисла, споменатава одредба може да аплицира во оние случаи кога душевно болното лице се жали на акти на злоставување, несовесно постапување и сместување во крајно нехигиенски услови и отсуство на хумана и безбедна животна средина.

Овде како основна платформа во изградувањето на критериумите на конвенциските тела послужи случајот Ireland v. United Kingdom[1]. Во наведениов случај, Судот истакнал дека „лекувањето може да добие форма на нечовечно постапување во оние случаи кога ќе достигне толкав степен на сериозност што води кон значително физичко или ментално страдање ... Понижувачкото постапување пак, претпоставува изложување на лицето на понижување, снижување на неговата вредност како хумано битие и вклучува постоење на минимално ниво на сериозност“[2]. Секој од овие облици (мачење, нечовечно или деградирачко постапување) зависи од низа околности на конкретниот случај: природата и контекстот во кој се врши лекувањето, начинот и методите на третман, неговото времетраење, физичкото и психичкото дејство на третманот, а понекогаш и од полот на жртвата, нејзината старосна возраст и здравствената состојба[3].                             Во случајот Kudla v. Poland[4] Судот дополнително нагласил дека „нехуманото и понижувачкото постапување треба да надминат едно вообичаено ниво на страдање и понижување што произлегува од определено законито постапување или казнување...“. Оттука, при поставување на дистинкцијата помеѓу одделните облици: мачење, нечовечно и деградирачко постапување, впечатокот е дека Судот првенствено се држи до интензитетот на нанесеното страдање, степенот на неговата сериозност и суровост, но и целната насоченост на преземените дејствија. Додека мачењето како најсериозна форма скоро и да не е разгледувано во контекст на постапувањето со лицата со нарушено душевно здравје, поновата пракса на Судот упатува на евентуалните идни промени во постојната категоризација на облиците опфатени со членот 3[5]. Конвенцијата имено, се карактеризира како „жив инструмент“ и треба да се толкува во светлината на современите состојби и услови и сѐ повисоките стандарди во сферата на заштитата на човековите слободи и права, кои пак, налагаат поголема стабилност и постојаност при изведувањето на оцената за постоење повреда на темелните вредности во едно демократско општество.             

Случајот Herczegfalvy v. Austria[6] се вбројува меѓу поважните што ја конституираат јудикатурата на судот во контекст на оваа проблематика. Во случајов, апликантот кој страдал од душевна болест бил присилно хранет и принудуван да прима високи дози на седативи, а постоеле и периоди од подолго времетраење во кои бил чуван во изолација и бил врзуван за безбедносен кревет. Г-дин Herczegfalvy се жалел на прекумерена употреба на сила која траела неоправдано долго време и довела до влошување на неговата здравствена состојба. Националните власти, пак, тврделе дека ваквите облици на постапување претставувале нужен одговор на однесувањето на пациентот поради тоа што тој одбивал да соработува во надминувањето на проблемот, т.е. да прима терапија која му била неопходна со оглед на состојбата на неговото психо-физичко здравје. Кон тоа дополнително влијаело и агресивното поведение, употребата на закани и акти на насилство кон болничкиот персонал.                                                                             

Расправајќи за ова прашање, Судот одлучил дека не постои повреда на чл. 3 од Конвенцијата нагласувајќи дека примената на ваквите мерки може да се смета за терапевтски оправдана. Според мислењето на Судот, надлежните медицински лица се тие кои треба да одлучат за употребата на одредени методи на лекување, водејќи притоа, сметка за важечките правила на медицинската наука. Примената на сила ќе се смета за оправдана само тогаш кога таа се покажала како неопходна заради заштита и зачувување на физичкото и менталното здравје на пациентот кој не е способен самиот да формира одлука. Облиците на третман што го задоволуваат критериумот на терапевтска нужност, според Судот, не можат да се сметаат за нечовечно или понижувачко постапување.                                                                                   И покрај резервираната позиција да заземе дефинитивен став, ЕСЧП утврдил дека доказите презентирани во случајов не биле доволни за да ги отфрлат аргументите на националните власти засновани врз погоре споменатото барање (терапевтска неопходност)[7].                                                                                                                                  

Во случајот B. v. the United Kingdom апликантот кој бил сместен во болницата Broadmoor се жалел на неадекватните просторни и хигиенски услови, повреда на приватноста и отсуство на било какви терапевтски облици и комуникација со лекар.                     На почетокот, Европската комисија зазела афирмативен став по однос на неговите тврдења, посочувајќи на незадоволителните услови во болницата на кои било укажано во повеќе наврати од страна на службените тела. Подоцна Комисијата го отфрлила ваквиот став изнесувајќи дека „наводите на жалителот во поглед на условите на лишување од слобода секогаш треба да се разгледуваат во корелација со оние што се врзани за процесот на лекување и само во нивното заедничко единство тие можат да претставуваат предмет на испитување во контекст на чл. 3 од Конвенцијата“.                  

Оттука, Комисијата не ги уважила барањата на апликантот сметајќи дека постоењето на само една од наведениве основи не може да го оправда степенот на сериозност којшто се бара во случаите на нечовечно и понижувачко постапување (отсуство на т.н. кумулативен ефект).                                                                                                                                          

И во Aerts v. Belgium[8] Судот одлучил дека нема повреда на чл. 3 од ЕКЧП. И покрај тоа што апликантот бил сместен во психијатриски оддел на затворот, Судот нашол дека животните услови во установата не го задоволувале потребниот степен на сериозност по однос на менталното здравје на пациентот за да би можеле да се разгледуваат во смисла на чл. 3 од Конвенцијата. Во случајот на г-дин Aerts не постоеле доволно убедливи докази врз основа на кои би можело да се заклучи дека жалителот бил изложен на таков облик на лекување што го исполнува неопходниот квантум за да се окарактеризира како нехумано или понижувачко постапување.                                                                                                

Постојат пак, од друга страна и такви случаи во кои Судот зазел прилично ригиден став, истакнувајќи дека за нехумано постапување може да се работи и тогаш кога болниот на барање на стручни медицински лица, бил чуван во изолација.                                         

Така, во случајот A. v. United Kingdom пациентот се жалел на повреда на чл. 3 од Конвенцијата, наведувајќи дека за време на престојот во болницата бил изложен на нехуман и деградирачки третман и упатување во самица во траење од 38 дена, а поради наводна вмешаност во подметнување пожар на еден од болничките оддели. За време на неговиот престој во болницата, речиси и да не постоеле никакви услови за вклученост во одредени активности и комуницирање со други лица од установата, не му било овозможено да поседува предмети за лична употреба, за лична хигиена, слабо осветлување и вентилација, итн. Случајов во основа, претставува своевидно отстапување од начелниот став на конвенциските тела кои со голема резерва гледаат на барањата поднесени по повод повреда на правата на лицата со душевни пречки во смисла на чл. 3 од Конвенцијата. Оваа перцепција донекаде се промени со случаите од поновата пракса на Судот, меѓу кои како особено релевантни се издвојуваат Keenan v. United Kingdom[9], Dybeku v. Albania[10] и Wedler v. Poland.[11]

Првиот е случај во кој апликантот, г-динот Keenan кој страдал од душевна болест извршил самоубиство откако му била изречена дисциплинска казна упатување во самица во траење од седум дена и продолжување на затворската казна за дополнителни 28 дена поради напад врз двајца затворски службеници. Судот нашол дека дисциплинската казна (што инаку, била изречена само 9 дена пред отпустот од установата), со оглед на состојбата во која се наоѓал апликантот и достапните сознанија дека се работи за суицидно загрозено лице, како и отсуството на надзор и психијатриска нега можат да се сметаат за околности што упатуваат на постоење сериозна повреда на обврската за укажување медицинска помош на душевно болните лица. Земајќи го предвид фактот дека е во прашање една особено ранлива категорија на лица, вклучително и обврската на националните власти да обезбедат адекватна заштита на здравјето на лицата лишени од слобода, Судот нашол дека изречената дисциплинска казна претставувала закана за психо-физичката состојба на затвореникот и негативно влијаела врз неговата личност[12].                            

Во случајов, Европскиот суд констатирал повреда на чл. 3 од Конвенцијата и дополнително укажал на позитивната обврска на државите во случаите во кои се работи за лица лишени од слобода со суицидни идеи. Според мислењето на Судот, „нужно е, во вакви околности, да се утврди дали надлежните власти знаеле, односно биле должни да знаат дека во даден момент постоела реална и непосредна опасност зa животот на одредено лице; ако се утврди дека е тоа случај, ќе се работи за повреда тогаш кога тие пропуштиле да ги преземат сите потребни мерки во границите на нивните овластувања што според едно разумно ниво на проценка, се сметаат за неопходни за да се избегне таквата опасност. Затворските служби се должни да постапуваат на начин што е во согласност со правата и слободите на затворените лица. Во однос на тоа - дали примената на одредени и особено сериозни мерки се покажува како неопходна и дали таа ќе се смета за разумна, претставува прашање што се решава in concreto, во зависност од околностите на секој поединечен случај“.                                                                                                                                              

Во случајот на г-дин Dybeku конвенциските тела зазеле став дека одредени категории на лица лишени од слобода, со оглед на потребите на нивното здравје, налагаат тие да бидат сместени во посебни просторни услови, различни од оние што ги нуди затворската установа, како и да им се обезбедат соодветни терапевтски погодности. Тука, пред сѐ, спаѓаат лицата со душевни пречки, оние кои страдаат од тешки облици на физички хендикеп, лицата во поодмината старосна возраст, вклучително и нарко-зависниците кога тие се наоѓаат во состојба на апстиненцијална криза.                                    Во случајов, Судот оценил дека подложувањето на болниот под општиот затворски режим се покажало како крајно несоодветно во смисла на посебните потреби на апликантот.                                                                                           И Wedler v. Poland е случај во кој Судот застанал на ставот дека „во случаите кога здравствената состојба на болниот кој е сместен во пенитенцијарна установа се карактеризира со таков клинички тек за кој не постои достапна медицинска нега и кога тоа може да се оправда со интересите на јавната безбедност, душевно болниот затвореник треба да се пушти на слобода ...“.                                                            

Во однос на случаите против Република Македонија во кои Судот нашол повреда на чл. 3 од Конвенцијата[13], заслужува да се спомене случајот Илиевска против Македонија[14].

Се работи за релативно понов случај што доби завршница во мај 2015 година и во него Судот утврди повреда (исклучиво) на материјалниот аспект на чл. 3 поради тоа што апликантката била врзана со лисици на рацете од страна на двајца полициски службеници при нејзиниот трансфер до психијатриската болница во Скопје, коешто однесување не било пропорционално со оглед на нејзината здравствена состојба. Ваквото постапување Судот го категоризирал како деградирачко и спротивно на стандардите врз кои се заснова членот 3 од Конвенцијата. Оваа констатација произлегла од самиот факт дека во конкретниот случај не било јасно докажано постоењето на други помалку ригидни мерки на претпазливост што можеле да се применат со цел да се намали можноста од самоказнување на апликантката, без притоа, да биде загрозена нејзината автономија.

 

[1] Ireland v. the United Kingdom, Application no. 5310/71, Judgment 18 January 1978.    

[2] Стандардот на Судот востановен во случајот Ireland v. the United Kingdom бил применет и во случајот Tomasi v. France, Application no. 12850/87, Judgment 27 August 1992. Поинаков став, од друга страна, Судот зазел во Kudla v. Poland, Application no. 30210/96, Judgment 26 October 2000.

[3] Tyrer v. the United Kingdom, Application no. 5856/72, Judgment 15 March 1978; Costello-Roberts v. the United Kingdom, Application no. 13134/87, Judgment 25 March 1993, подетално в. Gostin, О.L. and Gable, L., The Human Rights of Persons with Mental Disabilities: A Global Perspective on the Application of Human Rights Principles to Mental Health, Georgetown Law Faculty Publications 63 (2004): 80.

[4] Kudla v. Poland, Application no. 30210/96, Judgment 26 October 2000.

[5] Ваков став е заземен во случајот Selmouni v. France, Application no. 25803/94. Judgment 28 July 1999 (2000).

[6] Herczegfalvy v. Austria, Application no. 10533/83, Judgment 24 September 1992.

[7]Herczegfalvy v. Austria, пар. 82 и 83.

[8] Aerts v. Belgium, Application no. 61/1997/845/1051, Judgment 30 July 1998.

[9] Keenan v. the United Kingdom, Application no. 27229/95, Judgment 3 April 2001.

[10] Dybeku v. Albania, Application no. 41153/06, Judgment 18 December 2007.

[11] Wedler v. Poland, Application no. 44115/98, Judgment 16 January 2007.

[12] Keenan v. the United Kingdom, пар. 110.

[13] Во десет од вкупно единаесет предмети против Република Македонија што се однесуваат на чл. 3 од Конвенцијата, Судот утврдил повреда на процедуралната претпоставка за спроведување ефективна, темелна, брза и ажурна истрага која ќе овозможи идентификација и казнување на лицата одговорни за акти на мачење и малтретирање, односно злоставување. Од нив, три случаи се однесувале на непостоењето делотворна истрага во наводите за полициска бруталност кон лица од ромска националност (така, Sulejmanov v. Macedonia, Application no. 69875/01, Judgment 24 April 2008; Jasar v. Macedonia, Application no. 69908/01, Judgment 15 February 2007; Dzeladinov and Others v. Macedonia, Application no. 13252/02, Judgment 10 July 2008).

[14] Ilievska v. Macedonia, Application no. 20136/11, Judgment 7 August 2015.