Македонски Shqip English

Проф. д-р Страшко Стојановски

Говорот на омраза на интернет и социјалните мрежи

Говорот на омраза ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло. Кога се зборува за видот и карактерот на говорот на омраза на интернет, можеме да лоцираме неколку категории. Притоа, може да се зборува за говор на омраза втемелен на религиска основа, етно-национална (националистички) основа, расна основа, политичка припадност, сексуална ориентација, професионална ориентација, но и нов вид на говор на омраза кој се јавува во однос на бегалците од блискиот и средниот исток, кој се темели на економски, расни, национални и други претпоставки.

 

Говор на омраза на религиска основа

Во Република Македонија, како мултиконфесионална држава долго време во историјата е присутен говорот на омраза на религиска основа. Притоа, според типот на содржината јасно се забележува дека истата едновремено упатува на повеќе основи. Во прв ред, заедно со религиската припадност најчесто добива и расна или национална конотација.

Многу често на фудбалските натпревари се поставуваат содржини кои подоцна предизвикуваат говор на омраза на интернет. Со самото пренесување на ваквите информации на медиумите се поттикнува говор на омраза, кој многу често потоа се пренесува низ социјалните мрежи и истите се експлоатираат за политички цели. Покрај ова, конкретни настани, како што беа инцидентите на Кале, исто така предизвикуваат говор на омраза базиран на религиска основа. Ова е дотолку изразено, бидејќи конкретниот инцидент се однесува на иницијатива за градење на религиски објект.

 

Говор на омраза на етно-национална (националистичка) и расна основа

Ваквиот тип на говор на омраза е раширен не само во Република Македонија, туку и во поширокиот регион на Балканот. Причините треба да се бараат во зајакнувањето на Балканските национализми, кои го интензивираа своето присуство со распадот на еднопартиските системи во 90-те години од 20 век и многу често добиваат и силна политичка конотација. Покрај експлицитните изјави, говорот на омраза на националистичка основа многу често е пропратен со постови во кои се промовираат големодржавните идеи, преку мапи, или пак се нагрдуваат националните симболи на противничкиот етнос или национална група. Мораме да нагласиме, дека покрај визуелниот ефект на сликите, многу често, особено на you tube можат да се најдат и аудио компилации со борбена содржина, документарни филмови, снимки од воени дејствија, воени паради, како и традиционална музика со националистичка или родољубива содржина, што силно влијае за појава и ширење на говорот на омраза на национална основа. Исто така, симболичката војна претставена преку културни и особено спортски настани, многу често се користи за ширење на говор на омраза и подгревање на национализмот. Иако во случајот на Република Македонија, ваквиот говор на омраза во најголем број од случаите е помеѓу македонската и албанската етничка заедница, се среќаваат и изјави кои се насочени против Српската, Бугарската, Грчката и други држави и националности. Мора да се спомене дека силни рефлексии имаат настаните кога се натпреваруваат некои од соседните земји. Притоа, силно влијание имаат скандирањата и манипулирањето со националните симболи на стадионите кои слободно се пренесуваат на you tube. Како класичен пример го наведуваме фудбалскиот натпревар помеѓу Србија и Албанија, кога во Србија со дрон беше спуштено знаме со „Голема Албанија“. На you tube не постојат никакви ограничувања на содржините во кои се слушаат навивачки песни насочени против другата етничка група. Така, на пример, можат да се сретнат содржини каде навивачката група „Комити“ извикува: „За шиптари гасна комора!“ или „Мртов шиптар, добар шиптар!“.  Омаловажувањето на македонската националност преку навивачки песни кои се присутни на натпреварите на албанските клубови во Република Македонија се исто така честа пракса. Како пример ја даваме навивачката група „Балисти“, чии содржини се исто така лесно достапни на you tube. Во овој сегмент постои поклопување со религиската основа која во многу случаи се поистоветува со националноста, како на пример со навивачките скандирања „Уби каура!“ или графити од типот „Смрт за каури!“.

Во делот на расната основа за говор на омраза, особено подложна е ромската етничка група, за која преку креирање на стереотипи се создаваат предуслови за дехуманизација на истата, односно за градење на слика на расно инфериорна група, што многу често е една од главните причини за насилство и омаловажување. Често може да се сретнат содржини или твитови насочени кон припадниците на ромската етничка група кои содржат елементи на говор на омраза иако нивна цел е хумор. Ваквите содржини најчесто се однесуваат за крадење, нехигена, лажење и слично. Во овој контекст, исто така постојат сајтови кои систематски и организирано пласираат содржини со расна конотација, а истите предизвикуваат говор на омраза. Така, можат да се сретнат страници на кои можете да прочитате вицови за „црнци“ или „цигани“.

 

Говор на омраза врз основа на политичката припадност

Говорот на омраза на политичка основа е многу чест, но многу е тешко да се екстрахира од личните дискредитации и објективните критики упатени на сметка на политичките партии и нивните претставници. Овој вид на говор на омраза е силно присутен на порталите на кои се пласираат дневни информации, вести, анализи и слично. Исто така, и при овој тип на говор на омраза многу често се среќаваат преклопувања со верската, етничката и расната основа. Многу често, дисквалификациите, дискредитациите и навредите упатени кон политичките лидери се проектираат врз целиот политички субјект, како и врз неговите членови или симпатизери. Кампањите кои генерираат ваков тип на говор на омраза многу пати се систематски организирани, а се со цел да се промовираат сопствените цели и да се дискредитира политичкиот противник. Особено во услови на интензивна политичка мобилизација (избори, пописи и сл.) политичкиот говор на омраза може да ескалира со насилство. Во Република Македонија постојат многу примери на говор на омраза на политичка основа. Во овој контекст, би сакале да ја наведеме поделбата на т.н. „предавници“ и „патриоти“, која создава јаз не само меѓу членовите на политичките партии, туку и помеѓу поширокото граѓанство на Република Македонија. Ваквите навреди многу често се упатени кон официјални државни функционери и носители на политички функции, како и на лидерите на политичките партии, но истите понатаму се проектираат и врз партиските членства и симпатизерите. Конечната цел е дехуманизација и омаловажување, што е карактеристика и за сите претходно спомнати видови на говор на омраза. Синтагмата „Соросоиди“, која масовно се користи дури и во мас медиумите исто така упатува на говор на омраза. На интернет порталите, како и на личните профили на корисниците, се забележува и дистрибуција на обработени фотографии на кои се врши дисторзија на личните карактеристики на политичките лидери, која има за цел нивна дискредитација и дехуманизација, а поради политичката идентификација, истата понатаму се проектира и врз нивните поддржувачи,  при што се предизвикува говор на омраза од пошироки размери. Исто така, многу често се користат илустрации, кои треба да ги симболизираат членовите на политичката партија симболички претставени во ликот на нивниот лидер. Иако индивидуалната навреда не претставува говор на омраза, поради поистоветувањето и проекцијата, ваквите илустрации упатуваат на колективитет (политичка партија), а со тоа и може да се класификуваат како говор на омраза.

 

Говор на омраза во однос на професионалната ориентација

Кога се зборува за професионалната ориентација, би сакале да споменеме две професии во однос на кои постои пролиферација на говор на омраза на интернет. Постојат примери за говор на омраза насочен кон полицијата. Многу често ваквиот тип на говор на омраза се сведува на споделување на фотографии со навредлива содржина во однос на полициските службеници, но можат да се сретнат и коментари во насока на нивна дехуманизација, што понатаму може да креира предуслови за појава на насилство. Како и кај политичкиот говор на омраза тешко е да се направи разлика помеѓу говор на омраза и упатени критики. Што се однесува на говорот на омраза насочен кон новинарската професија, најчесто се загрозува професионалниот интегритет на одредени новинарски куќи, или истиот се проектира преку лични дискредитации на одредени новинари. Јасно е изразена силната поларизација на политичка основа помеѓу т.н. провладини и опозициски медиуми, а говорот на омраза подеднакво е упатуван кон двете страни. Во овој сегмент, исто така, мораме да го споменеме и невладиниот сектор, кој многу често може да биде подложен говор на омраза.

 

Говор на омраза врз основа на сексуалната ориентација

Најексплицитниот извор на говор на омраза на социјалните мрежи е во однос на ЛГБТ заедницата на Република Македонија. Треба да се нагласи дека во однос на генерирањето на ваков тип на говор на омраза, постојат повеќе фактори, истиот многу често е предизвикан од групи или поединци, кои врз различна основа (раса, етничка припадност, религија и сл.) дури и биле предмет на говор на омраза. Се добива впечаток дека нивото на филтрирање на ваквиот вид на говор на омраза е најмало, што зборува за ниската општествена свест, но и малото ангажирање од институциите, порталите, форумите и сл., кои неретко директно, или индиректно истиот го премолчуваат, па дури и стимулираат.

 

Говор на омраза кон мигрантските заедници

Иако карактеристичен за западноевропските земји, во кои со децении наназад се присутни мигрантски заедници, со последната бегалска криза и во Република Македонија се интензивира присуството на ваков тип на говор на омраза. Се очекува во иднина во државата, ваквиот вид на говор на омраза насочен кон бегалците или мигранти од блискиот и средниот исток, да добие во интензитет.

 

Правна регулација

Меѓународната регулација можеме да ја темелиме на Конвенцијата за Сајберкриминал, донесена во 2001 година, врз чија основа во 2003 година се донесува посебен Протокол. Според Протоколот говорот на омраза на интернет подразбира расистички и ксенофобични мотивирани закани и навреди преку компјутерскиот систем, но исто така и негирање одобрување, или оправдување на геноцид и злосторства против човештвото.

Во нормативните акти на Република Македонија говорот на омраза е регулиран во членовите 417, 294-г, 179 и 319 од Кривичниот Законик, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Во овој контекст, покрај редовната судска заштита треба да ја споменеме и улогата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Исто така, постои и интерна саморегулација дефинирана од интернет страниците или платформите кои најчесто се користат.

 

Перцепција за говорот на омраза

Подолу изнесените перцепции се добиени од истражување спроведено во 2015 година на Правниот факултет, при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а објавено во заедничка публикација со Мисијата на ОБСЕ во Скопје под наслов „Влијание на стереотипите и етничката дистанза за појава на дискриминација, говор на омраза и криминалот од омраза“ во 2016 година. На прашањето - Колку е честа секоја од наведените форми на говор на омраза?, испитаниците требаше да го определат нивото на постоење на говор на омраза во општеството мотивиран од етничката припадност, полот, сексуалната ориентација, возраста, религијата или уверувањето, попреченоста (ментална и телесна попреченост) и политичката припадност. Притоа, беа понудени повеќе алтернативни одговори (не постои, многу ретка, прилично ретка, прилично честа и многу честа) кои ја пресликуваат скалата од број 1 до 5, каде бројот 1 е најниско ниво на постоење на говор на омраза врз соодветната основа, а бројот 5 е највискоко ниво на постоење на говор на омраза. Во табелата се продуцира индекс, кој е резултат на аритметичката средина од добиените одговори, каде повисокиот индекс означува поголема согласност за постоење на говор на омраза мотивиран од соодветната основа.

 

Говор на омраза

 

Основа

 

Вкупно

Пол

Етничка припадност

Религиска припадност

Машки

Женски

Македонска

Албанска

Православна

Исламска

Етничка припадност

3,59

3,70

3,48

3,55

3,70

3,53

3,63

Пол

2,71

2,67

2,75

2,72

2,71

2,73

2,65

Сексуална ориентација

3,61

3,60

3,59

3,89

2,51

3,87

2,68

Возраст

2,52

2,57

2,47

2,48

2,64

2,45

2,69

Религија или уверување

3,39

3,42

3,36

3,39

3,31

3,38

3,31

Попреченост

3,08

2,86

3,30

3,17

2,74

3,19

2,71

Политичка припадност

3,98

3,78

4,18

4,02

3,88

3,98

3,83

 

Од резултатите може да се забележи дека според перцепциите на испитаниците, политичката припадност претставува најзначајна основа за појава на говор на омраза, а потоа следува присуството на говор на омраза врз основа на сексуалната ориентација, етничката и религиската припадност. Понискиот индекс на препознавање на говор на омраза врз основа на пол или возраст може да се толкува и во насока на ниска сензибилизација на општеството во насока на лоцирање на истите, што е резултат на силната традиционализација, етноцентричност, но и политизација на македонското општество.

 

 

Заклучоци и препораки

Кога се работи за говорот на омраза на социјалните мрежи, може да се забележи дека истиот е присутен во сите облици и може да влијае за креирање на предуслови за појава на криминал од омраза. Отсуството на регулација, или недоволната имплементација на истата, придонесува говорот на омраза да се користи особено во услови на интензивна политичка мобилизација, но и во секојдневната комуникација на корисниците на ваквите мрежи. Од основите, на социјалните мрежи присутни се говорот на омраза врз основа на религиската и етничката припадност, говор на омраза на политичка основа, понатаму, врз основа на сексуалната ориентација, но и втемелен на професионалната ориентација и насочен кон мигрантските заедници. Традиционалниот говор на омраза, најчесто е синтетизиран и има повеќе основи во исто време. Во најексплицитна форма се јавува говорот на омраза врз основа на сексуалната ориентација, а како нова форма на говор на омраза е оној кој е насочен кон мигрантите, кои последните години првенствено транзитираат низ Република Македонија. Отсуството на регулација, во најостра форма го манифестира говорот на омраза на you tube, додека на facebook и twitter, како и на форумите, постои одреден степен на внатрешна саморегулација и тенденција на намалување на истиот.

 

Оттука може да се генерираат следните препораки:

  • Да се зголеми мониторингот на социјалните мрежи и преку укажувања и кампањи да се делува за намалување на говорот на омраза;
  • Да се стимулира саморегулацијата, преку обуки за информирање на корисниците на социјалните мрежи, каде може да пријават говор на омраза;
  • Потребна е нормативна регулација на социјалните мрежи, со забелешка, да се внимава да не дојде до ограничување на слободата на говор;
  • Меѓународна соработка за превенција на говорот на омраза, особено на платформите, како што е you tube, со цел да се намали присуството на говорот на омраза;
  • Подигање на севкупната општествена свест по ова прашање, особено кај помладите категории на население, кои најчесто се јавуваат како креатори на говор на омраза, но истовремено врз различни основи (расна, етничка, религиска, политичка итн.) и се предмет на говор на омраза.