Македонски Shqip English

Саше Димовски

Евангелие по Прибе

Или, да не чекаме друг да ни нацрта што не ни чини, да се фатиме сами итно за работа

 

Новото доаѓање на германскиот експерт Рајнхард Прибе, кој по домашната задача што ни ја зададе во 2015 година, не треба да се гледа како можност повторно да добиеме нов извештај по кој ќе дискутираме и само ќе го споменуваме, туку тоа да биде сериозен тест дека во Македонија има луѓе со капацитет кои можат да ги спроведат реформите кои Прибе сега ќе ни ги „нацрта“ со точни временски рокови.

Од констатираното во 2015 година, екипата на Прибе ќе забележи дека речиси ништо не е остварена, ниту на законодавен план, ниту во делот на човечки и кадровски потенцијал во одредени институции, кои се споменати дека треба и мора да бидат гарант за независноста на судиите и судството на пример или да бидат силна контрола над безбедносните служби.

Првиот дел од посетата на тимот на Прибе помина со протоколарни средби во неколку министерства и во Врховниот суд, за да продолжи и во јули со средби и разговори.

Документот што би се очекувал од германскиот експерт има за цел „да ни нацрта, како и со која динамика треба да почнеме да ја пишуваме домашната задача поставена во 2015 година, за која две и пол години подоцна не сме мрднале од мртва точка“.

Со неколку дневен или месечен престој во Македонија, групата експерти околу Прибе точно и прецизно, хируршки ги детектираа сите слабости во судството, во делот на корупцијата, изборниот систем и неквалитетот на одредени институции така како што се поставени, кои не можат да обезбедат гаранции за независност и непристрасност, како и свест за потребата од демократска контрола.

Зарем во Македонија нема барем неколку луѓе, приближно умни како Прибе и неговата екипа, што можат да ги детектираат сите слабости и кои ќе направат акционен план и со турбо брзина да предложат решенија кои можат да гарантираат владеење на правото и демократијата во земјава како и да се направи обид да се зголеми довербата во институциите преку нивна засилена контрола, но и преку поставување на луѓе со кредибилитет кои ќе ги водат тие институции?

Јас верувам дека има, само прашњето е до кој степен постои политичка волја за таква реализација!

Додека го чекаме новиот извештај на Прибе, очекувано и со јасни кратки рокови, на кратко ќе се обидам да нафрлам некои од работите кои треба да ги направи Владата и останатите институции, во Македонија, но не затоа што ги детектирала екипата на Прибе, туку заради нас, ако сакаме да се приклучиме на ЕУ агендата низ малку пошироко отворената врата на Унијата во овој период и гледањето благонаклоно кон новата Влада, која себеси се нарекува „реформска“.

Така, приоритетите за земјава би биле:

-Владата мора итно и неопходно да назначи НАЦИОНАЛЕН КОРДИНАТОР, кој ќе добие своја канцеларија и тим и ќе биде директно одговорен за спроведување на реформите од поглавјата 23 и 24.

Националниот координатор треба да биде чадорот кој ќе ги обединува и пред кого ќе одговараат сите институции што ќе имаат активности за имплементирање на обврските од планот за реформи. Националниот координатор секоја седмица ќе реферира пред Владата за постигнатото, за планираното, за киксовите и несработеното на поединци и институции.

-Бидејќи евроинтеграциите во моментов ги води министер лекар по професија, министерството за правда го води правник, чиј претходен стаж бил во Инспекторатот за шумарство, надворешните работи правник, реално би било, сите активности да ги координира силна личност со интегритет, човек кој нема да произлезе од шаховското поле на политичките лидери.

-По предлог на Националниот координатор Владата задолжително мора да разрешува и да именува први луѓе на институциите кои ќе потфрлат во спроведување на реформите од разни причини, незнаење, нестручност, аљкавост или одбивање да се придржуваат кон рокови. Овој пат, навистина не смее планот на Прибе да остане само на хартија. Не заради Прибе и контролите што треба да се очекуваат од ЕУ во надгледување на спроведување на процестот, туку заради нас самите.

- Судскиот совет е првиот чекор кон кој треба да се стреми промената на патот кон ЕУ агендата. Владата треба да го преиспита моделот на Судски совет и да предложи решенија до Собранието, со сериозна анализа дали да остане принципот на предлагање како до сега, а најважната работа е дали да биде ад-хок решение од судии кои ќе бидат полупрофесионалци, ќе судат во своите судови, а ќе доаѓат на седници, додека другите работи ќе ги врши стручна служба.

Другите прашања кои мора да се разјаснат во старт е да се намали мандатот од 6 на 4 години за судиите членови во Судскиот совет, без право на повторен избор и да се предвиди можност, судиите кои го гласале да иницираат постапка за разрешување (отповикување) на судијата член на Судскиот совет во законски утврдена процедура со потребен број на гласови, од најмалку 1/3 од судиите кои гласале за неговиот избор.

Сега има членови во Судскиот совет кои добија втор мандат и кои 12 години се надвор од судниците. Верува ли некој дека тие судии, еден ден, по 12 години на ваква функција кога ќе се вратат во судовите ќе знаат да судат како претходно. Ако имаме добри судии, не треба да ги трошиме со поставување на административни функции кои ќе траат со децении. Посебно сега, кога Македонија нема кадри за судии во Основните судови.

-Советот за утврдување на факти треба веднаш да се укине, а надлежноста да се врати во Судскиот совет, каде што ќе се формира Комисија, како помошно тело, што ќе ја оценува работата на судиите. Во неа, секао треба да има луѓе со кредибилитет, а не само пензионери како што е сегашното решение. Кога сме кај укинувањето, иста судбина треба да имаат и Комисијата за лустрација, како и Комисијата за воедначување на казнената политика чиј претседтел е сегашниот европски судија Јован Илиевски. Нивниот извештај за 2016 година покажува дека повеќе од половината судови во Македонија не им доставувале пресуди кои оваа Комисија требало да ги оценува дали се одмерени според законот за висина на казните.Законот пак, треба исто така да се укине, бидејќи целосно и директно ја девалвира и загрозува судската независност при одредување на санкцијата. Правораздавањето не може да биде математика, каде што казните ќе се мерат според табели. Тешко дека ќе се најдат два идентични случаи, со исти околности на кои би можело да се примени иста метода. Друго е прашањето на воедначување на казните, за кои треба Врховниот суд максимално да се ангажира, според дадената законска надлежност.

-Советот на јавни обвинители исто така треба да добие нов лик, нов деловник за работа во кој веднаш мора да пишува дека седниците МОРА да им бидат јавни за да се обезбеди минимум транспарентност во нивната работа. До тогаш, сегашните „сончогледи“ како што ги нарекува Петар Аневски, Претседател на советот своите колеги, треба да го разрешат и да изберат нов претседтел, свесни дека нема право да седи на оваа функција, бидејќи е избран спротивно на законот. И, на изборите што треба да ги спроведат за обвинители во Скопје, во организиран криминал, во Вишото или Републичкото обвинителство да се избегне непотизмот и да се вработуваат обвинители со кариера. За да не се чудиме после зошто обвинителството го преспало 27 април, не ги разбудиле „бомбите“ или ланската поплава во која загинаа повеќе луѓе.

-Академијата за судии е посебна приказна. Таму итно треба да се смени законот, да се избере нов Управен одбор кој ќе ја разреши директорката која директорува без мандат и ќе го укине законот кој беше донесен преку ноќ за примање на еден воз курсисти обвинители, со кои претходната власт сакаше да го наполни обвинителството. Тоа што фалсификувале уверенија за познавање на јазик е само шлаг на приказната. Потоа, сериозно треба да се размисли за укинување на Академијата, а во меѓувреме, да се овозможи избор на судии во основните судови со стаж од најмалку 10 години на правни работи и без Академија, бидејќи академци кандидати за судии нема, а во судовите низ Македонија нема судии. Недозволиво е со таква институција да нема продукција на кадри, кои според закон се единствени кандидати за судии на Основните судови, а никој да не сноси одговорност за тоа. Судскиот совет со делегирања кои ги прави против волјата на судиите од еден во друг суд, е исто така кршење на законот и граѓаните на Струмица или Кочани, не смеат да трпат само затоа што во Берово или Делчево нема судии.

-Треба да се направи итна анализа за бројот на судии во Македонија, да се види потребата за бројот на судови, со предлог на укинување на неколку судови и нивно префрлање како одделенија. На пример Крушево, Кратово, Виница, Ресен, Неготино и други судови се зрели да бидат одделенија на судовите во Прилеп, Куманово, Битола, Кочани, Велес. Во нив, сега има по еден до двајца избрани судии, а до најмалку тројца, како услов да функционираат како суд се делегираат судии од други судови. Итно треба да се преиспита и законското решение и толкувањето дека „претседателите кои доаѓаат од друг суд, а не се избрани за судии на тој суд не можат да судат, туку само ќе го администрираат судот“. Па така, во судовите во Виница и Берово на пример во кои има по двајца судии, третиот е претседтел бидејќи доаѓа од друг суд и тој не суди?! Таква ситуација донеодамна имавме и во судовите во Радовиш и Тетово, а сега тоа се случува и со Основниот суд Скопје 1.  

-Потребно е итно разрешување на Антикорупциската комисија и избор на квалитетни кадри, кои нема да излезат од барабанот на политичките лидери што ја сочинуваат владејачката коалиција, туку ќе бидат правници и екомномисти што ќе имаат јасна цел на кратки рокови да го прочешлаат имотот на сите избрани и именувани функционери, почнувајќи од судството, завршувајќи со Владата и Собранието и сите функционери во ешалоните на власта. Безмилосно и бескомпромисно, антикорупциската треба да покренува постапки за секој што нема да докаже потекло на имот, ќе иницира негово разрешување и кривична одговорност, а Катастарот и УЈП ќе бидат 24 часовен сервис на Антикорупциска кои ќе овозможат јавноста да знае кој суди и кој обвинува во земјава, дали тоа се чесни судии и обвинители или многу поголеми криминалци од тие кои седнуваат пред нив на обвинителна клупа.

Делот на судството, затворите, Народниот правобранител, контролата на УБК се исто така теми за кои не треба да ни каже Прибе, туку и таму, во тие полиња да се работи брзо и ефикасно..

Широчината на Владата за исполнување на зацртаните реформи не значи само желба, туку и поставување на луѓе кои ги разбираат проблемите во соодветните области. Ако гледаме по распоредот на министрите, не може да се заклучи дека некој се секирал дали министерот ја познава областа или сега ќе треба формирање еден куп работни групи кои ќе ја туркаат реформата.

Секако, намерно за крај го оставив прашањето за генераен реизбор на судиите. Тоа не е возможно но контрола над работата на судиите од стручно и независно тело и проверка на потеклото на имотот може да дадат добри резултати на краток рок. Само на тој начин може да се зборува за доверба во судството, тема, за која години нанзад перцепцијата на јавноста е на најнизок степен.

За судбината на СЈО не вреди да се дискутира, тоа не смее да се спои кон ОЈО, туку да продолжи со работа ако навистина сакаме ЕУ агенда, а пред тоа обвинителство и пред судот сите да се еднакви. Единствено, потребно е посебно одделение што ќе ги суди предметите на СЈО, но да не бидат судии од Скопје 1, туку делегирани од повеќе судови во Македонија, во кои, за среќа, се уште има квалитетни судии.

Затоа, треба веднаш да се почне со работа. И тоа, не од утре, туку од вчера.Прибе само може да ни нацрта, но нема да ни ја сработи домашната работа. Таа ќе мора сами да ја направиме. И повторно, не заради Прибе, заради ЕУ, НАТО или САД, туку за нас.