Македонски Shqip English

Донче Бошковски

Кон целосна забрана на телесното казнување на децата во рамки на домот

Телесното казнување на децата честопати е нечовечко и понижувачко и прави ненадоместлива штета на нивниот физички интегритет, демонстрира непочитување на нивното човечко достоинство и ја поткопува нивната самодоверба.[1] 

Вовед – состојбата во Република Македонија

 Телесното казнување на децата, во било која форма, без разлика дали се спроведува од страна на институција како коректив на однесувањето на детето, во рамките на образовниот систем, или пак од страна на родителите или другите членови на семејството и домот, е неприфатливо и спротивно на барањата на меѓународното право за човекови права.

Сепак, имајќи ги во предвид традиционалните вредност кои доминираат во нашето општество и еволуцијата на ставовите и погледите во однос на детскиот развој, воопшто не е погрешно доколку се заклучи дека лесното телесно казнување (дисциплинирање) на детето во форма на шлаканица, скубање за коса, потчукнување и слично во најголемиот дел од семејствата во Република Македонија се смета за сосема нормално, дозволиво, па дури и некои од родителите го претпочитаат и го користат како првенствен модел на корекција на детското поведение.

Иако делумно традиционалните пристапи и религиозните убедувања може да се препишат и со истите да се објасни телесното казнување на децата од страна на нивните родители како мерка на дисциплина и воспитување, денес во светот најголемиот дел од анализите и истажувањата ја оспоруваат ова теза и долговековната претпоставка дека казнувањето преку шлаканици и слични методи е во добар и корисен метод, па дури и неопходен, со цел да се подобри поведението на децата.[2] И покрај развојот на научната свест за последиците кои ги предизвикува телесното казнување врз детето како и еволуцијата во областа на човековите права, телесното казнување на децата од страна на нивните родител во голем број на држави, меѓу кои и САД, Австралија и Велика Британија, е законски дозволиво и општествено прифатливо како форма или мерка за дисциплинирање и воспитување на децата.

Првата детска амбасада „Меѓаши“ од Скопје во текот на 2009 година спроведе истражување за перцепцијата на децата за нивните права, дискриминацијата и насилството. Дури 41,6% од децата вклучени во анкетата одговориле дека некој во рамките на семејството физички ги удрил. Според истражувањето спроведено од страна на Здружението за еманципација, солидарност и еднавкост на жените во Македонија (ЕСЕ) секоја петта жена жртва известила дека во нејзиното семејство децата се директни жртви на насилството, а од друга страна големиот процент (11,5%) на жените кои одбиле да одговорат, може да се толкува како индикатор дека бројот на децата директни жртви на семејно насилство е уште поголем во реалноста.[3] Навистина, ваквите бројки се загрижувачки гледано од два аспекти: првенствено тука е патријархалниот начин на живот, стравот да се пријави физичкото насилство и можните последици од општествената осуда, срамот за поширокото семејство и нарушувањето на угледот.

За мене, уште посериозен е вториот момент - фактот што во овој момент сме сведоци на една голема медиумска кампања за едукација и информирање на жртвите на семејното насилство за потребата од пријавување на истото и помошта што може да им биде укажана во рамките на системот или од страна на специјализираните невладини организации. Иако резултатите добиени во рамките на истржувањето спроведено од Првата детска амбасада „Меѓаши“, како и други сродни истражувања и анализи, укажуваат на големиот процент на деца кои или се директни жртви на семејно насилство и/или подложат на физичко и телесно казнување во рамките на семејството, оваа кампања исклучиво се фокусира на жените како потенцијална целна група, со што во самиот нејзин старт се испушти можноста за еден сеопфатен пристап и пружање на соодветна информација за заштита на оние на кои им е најпотребна – децата жртви на телесно казнување и повредување.

Обврските на државата кои произлегуваат од Конвенцијата за заштита на правата на детето

Конвенцијата за заштита на правата на детето на неколку места ја потенцира потребата од заштита на детското достоинство и дигнитет. Членот 37(а) од Конвенцијата го гарантира правото на детето да не биде предмет на сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување. Со овој член истовремено се заштитува и достоинството на детето, како и неговиот физички и психички интегритет. Понатаму, членот 16 му го гарантира правото на детето да не биде подведено на незаконски напади на неговата чест и углед како и правото на заштита против таквите напади. И детето кое е лишено од слобода по било кој основ, мора да биде третирано на начин на кој ќе се почитува неговото достоинство.

Членот 28(2) од конвенцијата, повикувајќи се на детското достоинство, бара од државите да осигураат дека дисциплината во рамките на образовните институции се спроведува со целосно почитување на овој принцип, меѓутоа од друга страна, зборувајќи за дисциплината, не прави директна корелација и не поставува таква обврска и кога станува збор за домот и родителите. Како дополнување, членот 19 од конвенцијата, иако не се повикува на заштита на детскиот дигнитет и достоинство, бара од државите потписнички да го заштитат детето од било какви форми на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби што би можеле да настанат додека за истото се грижат родителите, старателот или други на кои им е доверена родителската грижа. Токму преку една симбиоза и корелација, на сите овие членови и обврските што истите ги поставуваат на страната на државите, се добива јасна слика дека телесното казнување на детето во рамките на домот е забрането согласно конвенцијата, а истата позиција честопати е повторена и од страна на Комитетот за заштита на правата на детето.[4]

Иако забраната за телесно казнување во рамките на домот, таму каде децата и најчесто се удирани, е на сила само во едем многу мал број на земји, сепак препораките и коментарите кои произлегуваат од страна на комитетот континуирано ја зголемуваат свеста меѓу државите и го забрзуваат процесот на реформи на законодавствата ширум светот. Па така, во општиот коментар бр.8, Комитетот при ОН за заштита на правата на детото го дефинира телесното или физичко казнување како казнување при кое се користи физичка сила со цел нанесување одреден полесен степен на болка или вознемиреност кај детето. Во најголемиот број на случаи телесното казнување се остварува преку удирање (шлаканици, шамари и плеснување на детето), со рака или со одредено помагало (дрвено стапче, ремен, чевел и т.н.). Согласно ставот на Комитетот, телесното казнување секогаш е понижувачко за детето кое е подложено на ваков третман во рамките на домот.[5]

Почитувањето на дигнитетот и интегритетот на личноста не е нешто што за прв пат е воспоставено со Конвенцијата за заштита на правата на детето. Напротив, уште во 1966 година, двата пакта на ОН (Пактот за граѓански и политички права и Пактот за економски, социјални и културни права) како обврска кон државите го поставија и почитувањето на достоинството и физичкиот интегритет на човекот и укинување на секоја форма на физичко насилство и казнување и друг вид на нечовечно и деградирачко постапување.[6] Конвенцијата за правата на детето само ја надградува оваа обврска со дополнителното барање, имајќи ја во предвид личноста и потребата од дополнителна заштита на децата, за целосно укинување дури и на најлесните форми на физичко казнување на детето во рамките на домот.

Укинување и забрана на било какво телесно казнување на децата

Во следните 29 земји телесното казнување на децата е целосно укинато:[7]

Кенија (2010)

Тунис (2010)

Полска (2010)

Лихтенштајн (2008)

Луксембург (2008)

Молдавија (2008)

Коста Рика (2008)

Шпанија (2007)

Венецуела (2007)

Уругвај (2007)

Португалија (2007)

Нов Зеланд (2007)

Холандија (2007)

Грција (2006)

Унгарија (2005)

Романија (2004)

Украина (2004)

Исланд (2003)

Германија (2000)

Израел (2000)

Бугарија (2000)

Хрватска (1999)

Латвија (1998)

Данска (1997)

Кипар (1994)

Австрија (1989)

Норвешка (1987)

Финска (1983)

Шведска (1979)

Поголемиот дел од овие земји се од Европа, а меѓу нив Шведска била првата која уште во 1979 година целосно го забранила телесното казнување на децата, било да станува збор за институционално, во рамките на образовниот систем или во домот. Согласно шведскиот Закон за семејството децата имаат право на грижа, безбедност и развој во рамките на семејството, кон истите мора да се постапува со почитување на нивната личност и интегритет и не смеат да бидат подложени на телесно казнување или друга форма на деградирачки третман.

Целта на забраната на секој вид на телесно казнување секако не е кривично гонење и казнување на поголем број на родители кои преку користењето на вакви мерки ги воспитуваат своите деца, туку да се задоволат човековите права, правата на детето, со тоа што им се овозможува подеднаква заштита на нивниот физички интегритет и човечко достоинство. Крајната цел би била да се промени јавното мислење за телесното казнување на децата и да се воспостават јасни рамки за дозволивите методи на секој родител при подигањето, грижата и воспитувањето на своето дете. Целта, барем во Шведска, преку повеќегодишно применување на оваа забрана, се покажала како оправдана и довела до одредени промени и корекции во односот на родителите кон своите деца и намалување.[8]

Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) - развојот на ставовите во однос на телесното казнување на децата во домашни услови

Советот на Европа, преку своето Парламентарно Собрание, во 2004 година повика за целосна забрана за казнувањето на децата во Европа.[9] Собранието смета дека секој вид на телесно казнување на децата претставува повреда на нивните фундаментални права на човеково достоинство и физички интегритет. Затоа, со препораката, собранието побара од Комитетот на министри, во соработка со државите членки, да воспостават стратегии, вклучувајќи и техничка помош, со цел остварување на оваа забрана како врвен приоритет. Комитетот на министри во 2006 година побара од државите членки да ја признаат улогата која семејството и родителите ја имаат при воспитувањето на децата и да преземат мерки и воспостават услови за т.н. позитивно родителство (позитивно воспитување на децата) кое би се водело исклучиво согласно најдобриот интерес на детето, како и да преземат соодветни законски, административни, финансиски и други мерки во насока на остварувањето на овие принципи.[10]

За прв позначаен предмет кој најавил поместување на ставовите на Европскиот суд за човекови права во насока на забрана на телесното казнување на децата во рамките на домот се смета предметот на А. против Обединетото Кралство, кој се однесува на телесно казнување на десетгодишно момче од страна на неговиот очув.[11] Апликантите (момчето поддржано од неговиот биолошки татко) се пожалиле до ЕСЧП дека во конкретниот случај има повреда на правото на заштита од тортура, нечовечки или понижувачки третман (загарнтирано со членот 3 од ЕКЧП). Тие тврделе дека Владата е обврзана согласно членот 1 од ЕКЧП да им осигура на сите во рамките на својата јурисдикција уживање на правата од Конвенцијата, вклучително и правото од членот 3 ЕКЧП. Тие понатаму тврделе дека детето е дискриминирано во споредба со возрасните лица бидејќи не добива иста заштита против физичкото насилство. Тужбата која ја покренале во рамки на домашниот систем немала успех врз основа на тврдењето дека казната била „разумно дисциплинирање“ – нешто што англиското законодавство го признава како дозволиво и законито. Судот во Стразбур заземал став дека постапувањето со апликантот од страна на неговиот очув било доволно остро и грубо за да влезе во рамките на заштитата под членот 3 од ЕКЧП. Уште повеќе, судот сметал дека државата треба да се смета за одговорна согласно Конвенцијата, бидејќи не им овозможува еднаква заштита на децата, споредено со возрасните, од вакви и слични форми на нечовечко постапување и малтретирање. Англиското право, согласно кое товарот на докажување е на страната на тужителот кој треба да потврди дека казнувањето на детето излегло надвор од рамките на т.н. разумно казнување, не обезбедува подеднаква заштита на апликантот со останатите и затоа е во спротивност со барањата на членот 3 ЕКЧП.

 Постои ли усогласенот на македонското законодавство со меѓународните стандарди?

Домашната законска рамка не го употребува изрично терминот телесно казнување на децата, напротив во нашите законски одредби се зборува за семејното насилство и преку таа форма на казнено-правно дејствување се настојува да се опфати и овој феномен.

Со Законот за заштита на децата[12] се забрануваат, меѓудругото, психичкото или физичко насилство и малтретирање, казнување или друго нечовечко постапување, сите видови на експлоатација, комерцијално искористување и злоупотреба на децата со кои се кршат основните човекови слободи и права и правата на детето. Сепак, Народниот правобранител со право забележал дека оваа законска одредба[13] не е докрај разработена, односно не е дефинирано што би претставувало физичко, а што психичко малтретирање.[14] Уште помалку оваа општа законска одредба ги утврдува областите на кои се однесува забраната, поточно не е експлицитно наведено дека забраната се однесува и на односите помеѓу родителите и децата во рамките на домот и семејството.

Нашиот законодавец насилството во рамките на домот подетално го уредил со Закон за семејството, поточно измените на законот од 2004 и 2008 година. Со членот 33-а од овој закон се забранува секаков вид на насилство во бракот и семејството.[15] Членот 90, во ставот 2, понатаму дава објаснување што се подразбира под термините злоупотреба или грубо занемарување на родителските должности, па меѓудругото тука влагуваа и физичкото или емоционалното насилство над детето.[16] Членот 94-б, внесен во законот во 2008 година, а како измена на претходно направената интервенција во законот од 2004 година, ја поставува дефиницијата на семејното насилство како секое малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема, меѓудругите, брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство.[17]

Наспроти вака поставената законска рамка, ставот на меѓународните ескперти и тела е во насока дека во Репулика Македонија телесното казнување на децата во рамките на домот не е забрането. Па така, според некои ставови, членот 9 од Законот за заштита на децата забранува физичко насилство и малтретирање, казнување или друго нечовечко постапување, меѓутоа овие термини не се дефинирани и законот не се толкува во насока на забрана на телесно казнување на децата од страна на родителите.[18] Глобалната иницијатива за забрана на телесното казнување на децата не смета дека измените на членот 9 од Законот за заштита на децата од 2009 година може да се интерпретираат во насока на целосна забрана. Дури и измените на Законот за семејство од 2008 година не донесоа промена на овој став – истите не се толкуваат како забрана на секој вид на телесно казнување на децата при нивното воспитување и растење.[19]

Според последните заклучни согледувања и препораки на Комитетот за заштита на правата на детето од јуни 2010 година, а во врска со разгледувањето на вториот периодичен извештај поднесен од страна на Република Македонија, во согласност со обврските на државата за поднесување извештаи за имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето во национални рамки, во нашата земја телесното казнување на децата во рамките на домот не е забрането со закон. Па така, додека Комитетот ја нотира и потврдува забраната за телесно казнување на децата во образовниот систем и во рамките на казнено-правниот систем во Македонија, искажува сериозна загриженост во однос на тоа дека постоечкото законодавство не се толкува во насока на забрана на телесното казнување во домашни услови, како и за високиот број на случаи на физичко казнување и агресија во рамките на семејствата.[20] Затоа Комитетот и препорачува на нашата држава целосно да го забрани телесното казнување на децата, вклучително и во домовите, да спроведе анализа над постоечкото законодавство со цел идентификување на правните празнини и со должно внимание да ги проследи ставовите на Комитетот изнесени во општиот коментар бр.8 кој се однесува на истата тема.[21]

Ваквиот став на Комитетот не е изолиран случај, напротив истиот став и заклучок се провлекува и во извештаи и наоѓања изготвени од други релевантни меѓународни тела. Комитетот за заштита од тортура на ОН во своите последни заклучни согледувања по поднесен извештај од страна на Република Македонија, поздравувајќи ги измените од 2004 година и воведувњето на ново кривично дело – семејно насилство - искажал загриженост бидејќи телесното казнување на децата не е експлицитно како такво забрането и сеуште се смета за прифатливо при воспитувањето на децата. Затоа, овој Комитет и препорачал на државата серизно да ги земе во предвид препораките на Генералниот секретар на ОН од неговата студија која ја обработува темата насилство над децата, и соодветно да усвојат законски одредби за целосна забрана на телесното казнување и истите да бидат применливи во праксата, како и поддржани од соодветни кампањи за јакнење на јавната свест и соодветни образовни мерки и активности.[22] Сепак треба да се има предвид и фактот дека оваа препорака е донесена во мај 2008 година, 2 месеци пред усвојувањето на псоледните измени на Законот за семејство со кои подетално и попрецизно се уредија одредбите кои го регулираат семејното насилство.

Не би била сликата целосна доколку не се спомнат и заклучоците од нашиот универзален периодичен преглед, механизам во рацете на Советот за човекови права при ОН. Овој процес е единствен и оригинален, кој настојува преку преглед на целокупното досие за почитување на човековите права на една земја, да извлече релевантни заклучоци и даде соодветни препораки за целосно исполнување на обврските кои произлегуваат од меѓународното право за човекови права, а со цел унапредување на ситуацијата со човековите права во таа земја. Па така, препораката бр.23, предложена од претсавниците на Австрија и Аргентина, како членки на Советот, бара од Република Македонија да усвои и имплементира законодавство кое го забранува телесното казнување во било кои услови и прилики, како и да усвои соодветни мерки, усогласени со меѓународните стандарди, со цел забрана на телесното казнување на децата во сите области.[23] Во одговорот на Владата на Република Македонија се даваат дополнителни информации и објаснувања по некои од препораките, не вклучувајќи ја тука и погоре спомнатата препорака бр.23. Некои од препораките кои не се коментирани во одговорот се во целост прифатливи за Владата.[24] Затоа, дали можеме да дојдеме до заклучок дека и препораката бр.23, на која Владата не даде свое мислење, информација или коментар, е во целост прифатлива и државата се согласува со заклучокот дека во нашата земја телесното казнување на децата не е законски регулирано во сите области? Ако е така, тогаш сите понатамошни дилеми по однос на ова прашање се чисти и јасни - државата во септември 2009 година презела обврска да пристапи кон соодветни законски измени со кои експлицитно ке се забрани телесното казнување на децата во рамките на домот.

Постои целосна спротивставеност на овој став на меѓународните тела и организации, кои експлицитно и јасно укажуваат на непостоењето на законска забрана на телесното казнување на децата во домашни услови во Република Македонија со неодамнешната компаративна анализа за усогласеноста на домашното законодавство со обврските кои произлегуваат од Конвенцијата за правата на детето, спроведена од еминентни професори по барање на Министерството за правда, а поддржана од УНИЦЕФ. Во вториот текст, авторите се повикуваат на домашната легислатива во доменот на дефинирањето и заштитата од семејното насилство и применувајќи ги листите за евалуација изготвени од УНИЦЕФ, само констатираат дека во Република Македонија законодавството ги заштитува децата од било која форма на телесно казнување во домашни услови.[25] Иако авторите со свои коментар се осврнале на телесното казнување на децата во рамките на образовниот систем, истото не го сториле и во делот за телесното казнување во рамките на домот. Можеби би било појасно доколку се даде едно посеопфатно образложение за овој став, имајќи ги во предвид заклучоците и препораките до кои дошле меѓународните тела и експерти, а кои заземаат едно целосно спротивно стојалиште. Уште поинтересно е и тоа што публикацијата е поддржана од страна на УНИЦЕФ, и иако истата не секогаш ги одразува политиките и ставовите на УНИЦЕФ, логички се наметнува прашањето дали можеби станува збор за две различни стојалишта или некоординираност на ставовите и/или поддршката за определени ставови внатре во самиот систем на ОН (на УНИЦЕФ и другите тела/мехинизми за заштита на човековите права во ОН). Сепак, одговорот на ова прашање не е тема на разгледување на овој текст и истото останува да биде одговорено од релевантните структури.

Телесното казнување како дисциплинирање или телесно повредување на детето (семејно насилство)?

Комитетот за заштита на правата на детето, во својот општ коментар бр.8 подетално го дава опсегот на дефиницијата, во кој влегува секое телесно казнување на децата, па дури и она од полесен вид (потчукнување, удирање шлаканица, плескање), со кое се предизвикува одреден степен на болка или неудобност кај детето.[26] Човековите права бараат елиминација на сите видови на физички казни, колку и тие да се благи, како и на сите други сурови или деградирачки постапувања.

Сепак, мал е бројот на државите каде експлицитно се забранува телесното казнување на децата во рамките на домот. Голем број на држави, особено од англо-саксонското правно подрачје, дозволуваат разумно телесно казнување на децата од страна на родителите доколку истото е со цел нивно дисциплинирање и воспитување. Праксата во оние држави каде телесното казнување во домашни услови не е забрането е таква што, доколку некој конкретен предмет влезе во судска постапка, судот е тој кој ќе утврди дали во конкретниот случај станувало збор за т.н. разумно телесно казнување на детето или пак родителот излегол од границите на разумното и сериозно го повредил детското достоинство и физички интегритет. Судот, при донесувањето на својата оцена ќе се води од неколку клучни фактори, како што е возраста на детето, неговото однесување во сферата на домот, како детето одговара на другите методи на негово санкционирање (методи кои го исклучуваат телесното казнување), суровоста на казната и сл.

Деталниот преглед на нашето домашно законодавство ни дава јасна слика дека од една страна нашиот законодавец не познава „разумно казнување и/или диспилинирање“ на детето со што би се оправдало телесното казнување во рамките на семејството, а од друга страна телесно повредување користиме различна терминологија од онаа на која не упатуваат меѓународните стандарди и обврските по конвенциите. Додека во нашиот Закон за семејството каде подетално се зборува за насилството во рамките на домот (семејно насилство) и истото се дефинира на начин во чиј опсег влегуваат и односите помеѓу родителите и детето, односно на детето што би предизвикало чувство на страв, загрозување или несигурност, нашиот Кривичен Законик под семејно насилство подазбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите или децата и тн.[27] 

Двете дефиниции јасно и недвосмислено укажуваат на нанесувањето телесна повреда на детето, а од друга страна барањата за забрана на телесното казнување во рамките на домот се поврзуваат со било каква, па дури и полесна, форма на телесно казнување на детето (шлаканица, скубење за коса). И тука наидуваме на првото прашање кое практичарите треба подетално да го анализираат – дали телесното казнување е опфатено со опсегот на дефиницијата за семејното насилство во делот на телесното повредување (или телесна повреда согласно чл.130 од КЗ) или пак станува збор за пошироко поставен концепт каде нанесувањето телесна повреда не е правило и не настанува во секој конкретен и поединечен случај на телесно казнување на децата од страна на родителите.

Самиот одговор на ова прашање понатаму ќе ги постави насоките за делување, поточно дали ќе бидат потребни законски измени со цел целосно почитување на детскиот интегритет и дигнитет и задоволување на обврските по конвенциите, или пак, доколку се дојде до заклучок дека постоечките законски одредби јасно и недвосмислено го вклучуваат и телесното казнување на децата во рамките на домот во листата на забранети и недозволиви поведенија, тогаш следниот чекор секако би бил спроведување на една поширока јавна кампања со цел запознавање на македонските родители и деца и подигнување на свеста дека само позитивното и ненасилно воспитување на децата е продуктивно, а со цел промена на долгорочното традиционално прифаќање на насилното дисциплинирање на децата.


Заклучок и препораки

Семејното насилство може, но не секогаш се манифестира преку телесно казнување. Или поинаку кажано, не секое телесно казнување доведува до телесно повредување онака како што истото е дефинирано согласно одредбите во Законот за семејство и Кривичниот законик во делот за семејното насилство. Полесните форми на телесно казнување (потчукнување, скубување, удирање шлаканица) не секогаш нанесуваат телесна повреда, со што истите не влегуваат во опсегот на дефинициите на семејното насилство, онака како што се воспоставени во домашното законодавство.

Обврските кои државата ги презела со ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето и најдобриот интерес на детето, бараат истата да преземе законски мерки со цел целосна забрана на телесното казнување на детето, вклучително и во домашни услови. Забраната на физичкото казнување бара воспоставување на правна рамка која јасно го забранува физичкото казнување и ги заштитува децата од сите видови напад, меѓу другото и во семејството. 

Сите држави, па и Република Македонија, имаат закони што забрануваат суровост кон децата или нивна злоупотреба, но тие не се интерпретираат како да го забрануваат секој вид физичко казнување во секоја средина. Сите држави во Европа ја имаат ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на детето, а во некои Конвенцијата сочинува дел од националниот закон, но повторно, ова не е адекватно на барањата за обезбедување забрана.[28] 

 Затоа препорачливо е државата да ги спроведе следните неопходни чекори:

  • детална анализа на домашното законодавство со цел расчистување на дилемата која моментално постои и давање на одговор на прашањето – дали телесното казнување на детето во домот е забрането или се потребни дополнителни законски измени во таа насока?[29]
  • спроведување на политика на поддршка на позитивно ненасилно воспитување на децата (т.н. позитивно родителство) согласно Препораката Rec(2006)19 на Советот на Европа, и
  • спроведување на кампањи за подигање на свеста кај јавноста, професионалците кои работат со деца и самите деца за ненасилно воспитување и дисциплинирање на децата без употреба на телесно казнување


[1] Thomas Hammarberg, Council of Europe Commissioner for Human Rights; “Europe is moving towards a total ban of domestic violence against children”, 21/01/2008

[2] Elizabeth T. Gershoff; More harm than good: A summary of scientific research on the intended and unintended effects of corporal punishment on children (Law and Contemporary Problems, Volume 73/No.2, spring 2010); pg.33

[3] Здружението за еманципација, солидарност и еднавкост на жените во Македонија (ЕСЕ): Студија „Живот во сенка“, стр.12

[4] Michael D.A. Freeman; Upholding the dignity and best interests of children: International law

and the corporal punishment of children (Law and Contemporary Problems, Volume 73/No.2, spring 2010); pg.216

[5] UN Docs, CRC/C/GC/8, The right of the child to protection from corporal punishment and other cruel or degrading forms of punishment (arts. 19; 28, para. 2; and 37, inter alia), 2 March 2007, pg.4

[6] UN Docs, CRC/C/GC/8, The right of the child to protection from corporal punishment and other cruel or degrading forms of punishment (arts. 19; 28, para. 2; and 37, inter alia), 2 March 2007, pg.5

[7] листата е превземена од http://www.endcorporalpunishment.org/pages/frame.html.

[8] Newell Peter: Ending corporal punishment of children (ed. Deirdre Fottrell, Revisiting Children's Rights: 10 Years of the UN Convention on the Rights of the Child, Nijhoff, 2000), сумиран преглед на текстот

[9] CoE Parliamentary Assembly, Recommendation 1666 (2004)

[10] CoE Committee of Ministers, Recommendation Rec(2006)19

[11] A. против Обединетото Кралство (апликација бр. 25599/94), пресуда на ЕСЧП од 23 септември 1998 година 

[12] Закон за заштита на децата, "Службен весник на Република Македонија" бр. 98/2000, член 9

[13] забелешката на Народниот правобранител се однесува на членот 9 од законот пред измените од 2009 година да стапат во сила.

[14] Извештај на Народниот правобранител на РМ за имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето и протоколите кон конвенцијата за периодот 2000-2005, стр.20

[15] Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, "Службен весник на Република Македонија" бр.38/2004, член 5

[16] Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, "Службен весник на Република Македонија" бр.38/2004, член 14

[17] Закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, "Службен весник на Република Македонија" бр. 84/2008, член 6

[18] Peter Newell, Briefing for the Human Rights Committee Pre-sessional working group, July 2007, pg.3; http://www2.ohchr.org/english/bodies/hrc/docs/ngos/Globa_linitiative_Lybia.pdf

[19] http://www.endcorporalpunishment.org/pages/progress/reports/macedonia.html#Prevalence

[20] UN Docs, CRC/C/MKD/CO/2,11 June 2010, para.40

[21] UN Docs, CRC/C/MKD/CO/2,11 June 2010, para.41

[22] UN Docs, CAT/C/MKD/CO/2, 21 May 2008, para.21

[23] UN Docs; A/HRC/12/15, 5 June 2009, Report of the Working Group on the Universal Periodic Review, Conclusion and Recommendation no.23

[24] UN Docs; A/HRC/12/15/Add.1, 16 September 2009: Addendum -Views on conclusions and/or recommendations, voluntary commitments and replies presented by the State under review, para.1

[25] Comparative review оf legislation in the Republic of Macedonia and the Convention on the Rights of the Child; Ministry of Justice (supported by UNICEF), May 2010, pg.170

[26] UN Docs; CRC/C/GC/82, General Comment No.8, March 2007, para.11

[27] Закон за изменување и дополнување на Кривичниот Законик, „Службен весник на РМ“ бр.19/2004, чл. 75

[28] Совет на Европа, Забрана за физичкото казнување на децата – Прашања и одговори, 2007, стр.20

[29] Советот на Европа во мај 2008 година издаде прирачник на тема Насоки за европските парламенти за правна реформа за укинување на физичкото казнување на децата, кој е преведен на македонски јазик и може успешно да се искористи при надминувањето на оваа дилема и натамошните чекори кои би следеле откако ќе се одговори на ова клучно прашање.