Македонски Shqip English

Проф. д-р Каролина Ристова – Астеруд

Зa литературата, правото и „очовечувањето“ на светот на правните апстракции

Правник без познавања од историјата или литературата е механички работник, обичен ѕидар, само доколку има такви познавања може себеси да се смета за архитект на правото.

(Сер Валтер Скот, шкотски книжевник и правник)

1.Правото и литературата (Law and Literature) како правно-филозофски правец. Во рамки на современата правна филозофија, „правото и литературата“ е релативно нова школа, која доживува нагласен подем во 1980-те и 1990-те години, почетно со делото The Legal Imagination на професорот Џејмс Бојд Вајт од 1973 година.[1] Тој прв и ударно го поставува прашањето: „Што ако на правните текстови гледаме како на литература?“ Главната теза му e дека она што е заеднички именител на светот на правото и светот на литературата е јазичната комуникација како дискурсивна заедница во даден културен контекст. Следствено, литературата „поблиску ги поврзува правниците и правото со  пошироката општествена заедница од која и самите се дел.“[2]

Ваквиот пристап на гледање на правото, правните професии и, воопшто, на правниот свет, почетно се развива во англосаксонската правна филозофија, што се должи на три главни фактори: прво, во англосаксонската правна традиција, стилот на пишување судски одлуки, особено на оние од прецедентен карактер, е карактеристично понаративен и со поголема креативна слобода во изразувањето во расудувањето од страна на судиите; второ, пресудувачката улога на лаичката порота во судењата нужно им наметнува на засегнатите правни професии, пред се, во обвинителствата и адвокатурата, да развиваат реторички вештини преку кои комплексниот, вообичаено апстрактен свет на (правните) факти, правните норми и правните вредности во даден правен случај да го направат поразбирлив и поблизок до групата лаици која одлучува, неретко за таа цел користејќи се со нарации позајмени од прозата и поезијата; трето, англосаксонскиот концепт на владеење на правото (Rule of Law), во која природното право како „исправно право“ има централна улога во толкување на позитивно-правните норми - формалната педантност во примена на правните норми не е задоволувачко разбирање за владеење на правото, туку сe очекува правото и владеење на правото, по својата содржина, во толкувањето и примената, да одговараат на разбирањата и очекувањата во општеството за владеење на моралноста, правдата и здравиот разум, а таквите концепти, нагласено се изразени, генерациски пренесувани и „социјализирани“ токму и преку делата на книжевноста.

Во секој случај, независно дали е во рамки на своето извориште во англосаксонската правна филозофија, или како веќе влијателен правец и во правните традиции на континентално-европското право, па и пошироко, правецот на правото и литературата се повеќе обезбедува влијание за своето главно тврдење и залагање: познавањата на „големите книжевни дела“ е од огромна корист за припадниците на сите правни професии, пред се, за потребите на изучување на етичката природа на правото, подобро запознавање со „хуманитетот на правото,“ односно реалноста на неговата човечка димензија, подобро разбирање на комплексноста на човечката природа, како и за развој на правната херменевтика, имено, за толкување на правните текстови, повторно, во функција на „очовечување“ на апстрактните индивидуи и колективитети од апстрактниот свет на правните норми, и нивно „оживување“ во светот на  (правната) реалност.  

2.Три школи на правото и литературата. Тргнувајќи од почетните заеднички постулати, правото и литературата се разгранува во три основни школи:

2.1 Правото во литературата (Law in Literature). Овој правец, именуван и како литерарна јуриспруденција, е првенствено фокусиран на анализата како правото, правните прашања и правничките професии се прикажуваат во „големите дела на литературата,“ (Шекспир, Достоевски, Кафка, Дикенс, Балзак, Бронте, Ками, итн.). Се смета дека еден таков увид им помага на правниците подобро да ги разберат, деконструираат, па и да ги разрешуваат дилемите во врска со мачните и гранични прашања на правото, на пример, за деликтноста, вината, одмаздата, индивидуалната и општестената патологија, дали да се казни и каква казна за одредени поведенија, концептот на „поетската правда,“ милоста и слично. Книжевните дела им помагаат на правнциите подобро да ја разберат „анатомијата“ на моралните вредности на општеството и индивидуата, и етичките дилеми, а уште повеќе, нивната изразеност, препознавање и конкретизација низ правните вредности и правните добра кои треба да се штитат, евентуалната нивна меѓусебна конкурентност -  процес нималку лесен кога големото небо на правни апстракции треба да го вкалупи големото море од познати и непознати факти на конкретна (правна) реалност. Уште поважно, книжевната писменост им помага на правнциите да ги развијат правничките вештини на „контекстуализација“ и „сочувство,“ на пример, за подобро разбирање на процесот на виктимизација ( и кај сторителите и кај жртвите на деликтите), подобро разбирање на комплексната природа на човекот и меѓучовечките односи, емоциите  и мотивите кои ги движат, во сета нивна материјалност и нематеријалност, во сета нивна фасцинантна  „физика и метафизика“, а следствено на тоа, и нивно пресретнување со сиот арсенал на правната логика (анализа, синтеза, генерализација, специјализација, аналогии, силогизми, итн.), особено клучна во правните равенки со повеќе фактички и правно-фактички непознати. Севкупно, амбицијата на правото во литературата, всушност се сведува на тоа на припадниците на правните професии да им обезбеди развивање на  внатрешна кочница и контрарамнотежа во однос на вообичаената “професионална деформација“ и ноторна (правничка!) тенденција кон преголема рационализација, премногу апстрактност, премногу формализам, неретко „механичка,“ или „механизирана,“ па дури и „кафканијанска„ примена на правото. Најпосле, но не помалку важно, книжевната писменост ги заземјува правниците да не ја буквализираат, глорифицираат и фетишизираат правната максима „Fiat justitia, et pereat mundus!” („Да биде правда, макар пропаднал светот“). Правото и правдата ја губат смислата ако навистина го запалат или пропаднат светот, а правната победа знае да биде и пирова за победниците. Не смее да се заборава дека за луѓето, освен правото и правдата, животно и животворно се важни и други, често конкурентни, општествени и правни вредности, како сочувување на животот и здравјето, љубовта, слогата и взаемната почит со најблиските, чувството на радост, потрагата по среќа, давањето и примањето милост, простувањето, личниот и општествен мир и сигурност.

2.2 Правото како литература (Law as Literature). Оваа школа, позната како   толкувачка јуриспруденција, навлегува во теренот на правната херменевтика, поточно, на теренот на нејзината методологија. Се инсистира дека во анализата и толкувањето на правните текстови може и треба да се применуваат и теоријата и методите на литерарната критика и толкување. Впрочем, како што нагласува еден од преставниците на оваа школа, професорот Роберт Ковер, „правото не е ништо друго туку уште една приказна што треба да се протолкува,“[3] или, како што нагласува еден друг преставник, професорот Чарлс Р. Лоренс Трети, „судењата и судските расправи се раскажување приказна во строго формализирана форма.„[4] Клучните теми на толкувачката јуриспруденција се истите вообичаени теми за правната херменевтика во областа на јавното право, пред се, во уставното и казненото: дали правните текстови и зборови секогаш имаат детерминирани, објективно дадени значења и толкување;  дали треба да го бараме значењето што го придавал  авторот на текстот (автентично/оригинално/текстуално/граматичко/статичко толкување), и дали тоа е и треба да биде пресудно; обратно, дали „правните читател(к)и,“ најчесто судиј(к)ите, но и другите применувач(к)и на правните норми, имаат слобода на толкување, и, ако ја имаат, до каде оди таа слобода?. Најзначајни преставници на овој „новелистички пристап“, особено во однос на судиското расудување и пишувањето пресуди се:  Р. Дворкин (Ronald Dworkin), Стенли Фиш (Stanley Fish) и Овен Фис (Owen Fiss). За илустрација, во рамки на својот познат концепт на „конструктивно толкување,“ Р. Дворкин, меѓу другото,  го застапува и следново гледиште: „Судиј(к)ата е автор(к)а во ланец на автор(к)и кои пишуваат „новела“ (пресуда/прецедент), а секој од автор(к)ите е автор(к)а на едно поглавје од новелата, последователно надоврзувајќи се на претходните, при што секој/а од нив е ограничен/а од претходно напишаното, но притоа има значајна слобода во однос на своето поглавје. Но, во целината, секој/а од автор(к)ите има обврска да го направи (правниот) текст „најдобар што може да биде„  (“to make the law best it can be”).[5]

2.3 Правото низ литературата (Law through Literature) или т.н  наративна јуриспруденција предлага вообичаениот деперсонализиран и објективизиран стил на правно пишување и правен говор да се дополнуваат, комбинираат, дури и заменуваат, каде соодветно, со изразување „ како во литературата.“  На пример, се сугерира почесто  користење цитати од книжевни дела во судиските мислења и пресуди, а во научните трудови и учебниците од областа на правото се почесто да се користат прикази на реални  или фиктивни правни случаи, анегдоти, алегории и метафори, за да се даде „човечки глас“ и „персонализирано искуство“ зад  „стерилниот“ свет на правните доктрини и правила, се во фунција на хуманизација, индивидуализација, контекстуализација, соживување и сочувство за правната проблематика со која се соочуваат луѓето. Ваквиот пристап има најмногу приврзаници во рамки на критичките правни студии, критичките расни студии и феминистичката јуриспруденција. Но, истата е присутна и во едно од највлијателните и најцитираните дела на правната филозофија, имено, Law’s Empire  на Р. Дворкин, особено изразена преку идеалниот тип на судија, судијата Херкул, а кој Дворкин го има конструирано врз основа на низа реални судии со кои има работено во својата правничка кариера, имено, врз основа на нивните судиски квалитети за кои тој бил убеден дека се клучни за врвно судиско правораздавање. Во однос на правната настава и учебникарство, најпознат пример на примена на наративна јуриспруденција е  познатиот „Случај на затрупаните спелеолози“ (The Case of Speluncean Explorers)  на Лон Фулер (Lon Fuller), фиктивен случај на судење за убиство пред врховен суд на фиктивна држава и во фиктивна година во далечната иднина , инаку конструиран врз основа на  низа реални случаи на “крајните граници“ на правото, а со цел на студент(к)ите по право да им се приближи, во сета своја неверојатна комплексност, онтолошкото прашање „што е правото?“, како и како различните правно-филозофски гледишта за онтолошката и аксиолошката природа на правото може на исти факти на случајот да доведат до различен одговор, па дури и до различна, сепак, правно издржана, разрешница (пресуда) во случајот.

3.Критика на правото и литературата. Има низа доктринарни критички осврти на правото и литературата како правно-филозофски правец, но истите може да се сумираат низ главните поенти на еден од најгласните критичари, Ричард Познер. Според него, постојат сериозни „институционални разлики“ и „разлики во целта“ меѓу правото и литературата. Доброто книжевно дело е добро, меѓу другото, токму затоа што е подложно на слободни и различни субјективни доживувања и толкувања, но ако тој и таков пристап се префрли на теренот на легислативната дејност и правораздавањето, тогаш резултатот неизбежно е „лошо право,“ бидејќи правото мора да „пресекува“ и да „раздава“ воедначена примена, предвидливост, конечност, извесност и сигурност во општествени односи и статуси на луѓето. Исто така, за разлика од литературата, каде читателите не се (об)врзани да ги знаат мотивите и намерите на автор(к)ите на делото, во светот на правото, особено во земји засновани на изборно и демократско уредување, судиите се обврзани да ја знаат и почитуваат намерата на (избраните!) легислативни власти, како и политиката содржана во правните правила.[6]  

4.Листата на Вигмор за правото во литературата (Wigmore’s List of Legal Novels): Еден од основоположниците на правото и литературата, професорот Џон Хенри Вигмор (John Henry Wigmore), во 1930-те години ја составува и објавува својата првична листа на „правни новели,“ воедно класифицирана на четири основни подрачја, а која се ажурира на редовна основа. Се користи како најреферентна за книжевната писменост на (идните) припадници на правните професии, и вообичаеново наставата на правните факултети, особено во засебните предмети за правото и литературата. Листата опфаќа стотици дела, но овде ќе наведеме само мал дел, за илустративни цели:

а). книжевни дела во кои се опишани кривични истраги, судења, често и со успешни прикази на вкрстено испрашување (Оливер Твист –Ч. Дикенс, Злосторство и казна/Браќата Карамазови – Достоевски, Процес-Кафка, Отело– Шекспир, Грофот Монте Кристо – А.Дима );

б.) книжевни дела во кои се портретираат правниците, судиите адвокатите, неретко како централни фигури ( Книгата на Даниел – Докторов, To Kill a Mocking Bird – Ли Харпер, Хамлет – Шекспир);

в.) книжевни дела во кои се разработуваат одредени области од правото, правни процедури, процесот на покренување обвинение, казнувањето (Грофот Монте Кристо – А.Дима , The Scarlett Letter- Натаниел Ховторн, Les Miserables – Виктор Иго, Кралот Лир - Шекспир );

г.) книжевни дела во кои во неправен контекст, односот меѓу правото, правдата и индивидуата станува централна тема ( Бунтовник – А.Ками, Les Miserables – Виктор Иго, Грофот Монте Кристо – А.Дима ).

5. Забавна статистика за правото низ литературата од 2015 година: Најцитирани автор(к)и во судските мислења и пресуди на судиите во Врховниот суд на САД

 

 

 

 

[1]  James Boyd White, The Legal Imagination: Studies in the Nature of Legal Thought and Expression (Boston: Little, Brown, and Co., 1973). 

[2] Id., стр. 2.

[3] Robert Cover, Justice Accused (New Haven: Yale University Press, 1975), стр.7.

[4] Charles R. Lawrence, III, The Word and the River: Pedagogy as Scholarship as Struggle, 65 Cal. L. Rev (1992), стр. 2231,2278.

[5] R.Dworkin, A Matter of Principle (Cambride, Mass: Harvard University Press, 1985), стр. 158.   

[6] Richard A. Posner, Law and Literature: A Misunderstood Relation (Cambridge, Mass: Harvard University Press, 1988), 209-268.