Македонски Shqip English

ДАЛИ ПРОЦЕСОТ НА ЛУСТРАЦИЈА Е ЗАВРШЕН?

Лустрацијата во Македонија претставуваше долготраен и тежок процес. Институтот за човекови права од октомври 2015 до септември 2016 успешно го реализираше проектот „Зајакнување на човековите права во процесот на лустрација“, поддржан од Холандската амбасада во Скопје.

Процесот на лустрација отвори голем број на дилеми и незадоволства во македонското општество. ИЧП како граѓанска организација за човекови права е посебно загрижена поради повредите на основните човекови права кои во овој процес беа евидентни.

Според мислењето на Венецијанската комисија која се изјасни дека "Применетите лустрациски мерки за дела сторени по крајот на тоталитарниот режим можат да бидат оправдани во светлината на исклучителни историски и политички услови, а не во земја со долгорочна рамка на демократски институции, поради тоа што демократскиот уставен поредок треба да се брани директно преку спроведување на владеењето на правото и заштитата на човековите права. Политичките, идеолошки и партиски причини не треба да се користат како основа за лустрациски мерки поради самото тоа што стигматизацијата и дискриминацијата на политичките противници не претставуваат прифатливи средства за политичка борба во една држава водена од владеењето на правото".

По „Извештајот на Прибе“1, во кој особено беше истакната загриженоста околу независноста на Комисијата за верификација на факти и потребата од адресирање на негативностите што произлегуваат од Законот за укинување на Законот за лустрација, следеше брза реакција во Собранието за донесување нов закон со кој ќе се укине Законот за лустрација и ќе се ограничи работењето на комисијата. На 1 септември 2015 година стапи во сила Законот за престанување на важењето на Законот за определување услов за ограничување вршење јавна функција, од 2012 година. Согласно Законот, Комисијата за лустрација има право во период од две години да ги заврши сите тековни постапки по кое било донесено решение, но нема право да покренува нови постапки. Се запираат постапките за лустрација кои се во тек, а за кои Комисијата сè уште не донела решение. Тоа значи дека во септември 2017 година работата на комисијата целосно ќе запре.

 

 

Институтот за човекови права повторно на почетокот на 2017 година поднесе Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Управниот суд и Вишиот управен суд за бројот на активни предмети и донесени одлуки и до Комисијата за верификација на факти.

Управниот суд одговори дека во периодот од 21.9.2016 год. до 1.2.2017 год. примил 4 предмети по тужби против решенијата на Комисијата за верификација на фактите и по сите предмети донесени се одлуки.

Од Вишиот управен суд добивме одговор дека од 21.9.2015 год. до 1.2.2017 год. се примени вкупно 30 предмети, од кои 22 се примени по жалби против одлуки на Управниот суд кој одлучувал по тужби против решенија на Комисијата за верификација на фактите и по сите 22 предмети се донесени одлуки, додека 8 предмети се однесуваат на донесување на одлуки по тужби за повторување на постапката, а одлучено е по 2 предмета. Заклучно со 1.2.2017 активни се 6 предмети.

Комисијата за верификација на фактите заклучно со 1.9.2015 год. има 39 активни предмети и 5 жалби против решенија на Комисијата. Од 14.9.2009 до 1.9.2015 има примено 74 барања за пристап до информации собрани за него/неа или нивни роднини (трети лица).

Институтот за човекови права препорачува да се направи ревизија на лустрацискиот процес, да се отстранат несаканите последици и да се детектира одговорност кај лицата и органите кои ги предизвикале несаканите последици. Дополнително, да се рехабилитираат жртвите од неправилниот и злоупотребен процес на лустрација и да им се даде можност да остварат надомест за сторената неправда и штета.



1 Република Македонија: Препораки на група искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015/ The former Yugoslav Republic of Macedonia: Recommendations of the Senior Experts' Group on systemic Rule of Law issues relating to the communications interception revealed in Spring 2015.